ЗАКОНОТ ЗА ШАРА ВО СОБРАНИЕ: ШТО СОДРЖИ ПРОЕКТОТ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК?

0
176

Автор: БИРС

 

Предлог-законот за прогласување на Шар Планина за Национален парк веќе го помина првото читање во матичната собраниска комисија. Имајќи предвид дека сите членови на комисијата гласаа за овој проект, без оглед на партиската припадност, се очекува наскоро да биде одобрен.

„Со задоволство сакам да ја информирам јавноста дека Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк, го помина првото читање во матичната комисија во Парламентот со голема едногласна поддршка од пратениците со 10 гласа за и без гласови против. Се надевам дека собраниската расправа ќе продолжи да тече конструктивно со цел што поскоро донесување на Законот”, вели министерот за Животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Насер Нуредини.

Naser Nuredini

ШТО ПРЕДВИДУВА ЗАКОНОТ?

Предлогот е подготвуван подолго време од МPСПП. Таму се наведува дека „земајќи ги предвид специфичните природни убавини, богатиот и ендемичен растителен и животински свет, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики и пејзажните и пределните вредности, Шар Планина ги исполнува критериумите да биде прогласена за заштитено подрачје од II категорија – Национален парк“.

Овој предлог беше усвоен од Владата на Република Северна Македонија на четириесет и деветтата седница, одржана на 5 мај 2020 година, кога го задолжи МЖСПП да го изготви конечниот акт за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје за национален парк.

Основна цел на ова законско решение, според предлогот, е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, заради обезбедување на заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.

Законот, чие донесување се предлага, повлекува обврска за обезбедување средства за негово спроведување од буџетот на Република Северна Македонија.

Член  1 од предлогот вели: „Шар Планина се прогласува за Национален парк заради заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес“.

Член  4 одредува дека со прогласувањето на Националниот парк Шар Планина се овозможува зачувување на  автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности; спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите или промени на основните карактеристики и обележја на Националниот парк Шар Планина; создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа, а се обезбедува нивната научно-истражувачка, културна, воспитно-образовна, туристичко-рекреативна и друга намена.

 

ГРАНИЦИТЕ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК

Убавините на Шара ќе се заштитат од државата

Паркот предвидува три зони: зона за строга заштита,  зона за активно управување и зона за одржливо користење. Во предлогот е предвиден  и заштитен појас, кој ќе ја одбележи вкупната површина на  Националниот парк Шар Планина во износ од  62 705 хектари.

Во зоната за активно управување дозволено е спроведување на економски активности кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштита на Националниот парк Шар Планина, како екотуризам и традиционално екстензивно земјоделство, согласно Планот за управување со Националниот парк  Шар Планина.

Зоната за одржливо користење  претставува дел од заштитеното подрачје кој не поседува високи вредности за заштитата, во кој се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште.

Границата на зоната за одржливо користење започнува на најјужната точка на Националниот парк и во континуитет ја следи границата на зоната за активно управување сè до заштитниот појас на ски центарот Попова Шапка.

Член 14 предвидува непосредната заштита на Националниот парк Шар Планина од страна на чуварска служба, формирана од Јавната установа Национален  парк Шар Планина согласно членот 108 од Законот за заштита на природата.

 

СОРАБОТКА СО АЛБАНИЈА И КОСОВО

Еден од повеќето средби со граѓани на БИРС во рамките на караванот за подигнување на свеста кај локалното население. Место: Камењане

Според предлогот, со прогласувањето на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата национален парк ќе се овозможи унапредување на заштитата, зачувувањето и одржливото користење на природните вредности и зголемување на површината на заштитени подрачја на национално ниво (за околу 2,1 % ), односно од сегашните 8,9% на 11%.

„Тоа ќе придонесе кон унапредување на имплементација на Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD) и другите конвенции за заштита на природата (Bern, CITES, Bonn, Raмsar и др.), прогрес во исполнување на целите и акциите од Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновиднос со Акциски План за период (2018-2023), прогрес во имплементација на ЕУ директивите за живеалишта и птици, унапредување на прекугранична соработка во областа на заштита на природата со Косово и Албанија, развој на екотуризмот и локалната економија и др.“, се вели во предлогот.

Се нагласува фактот дека, меѓу другото, голем дел од раститителните и животинските видови присутни на Шар Планина се  заштитени со меѓународни дговори за заштита на биодиверзитет и ЕУ директиви за живеалишта и птици.

Во геолошката градба на Шар Планина се вели дека „доминираат палеозојски метаморфни карпи (шкрилци) со слаба отпорност, што влијаело на релјефните карактеристики. На некои места има изданоци и жици на поцврсти метаморфити (кварцити, мермери) кои обично штрчат во релјефот, како што е случајот со подрачјето на Лешница. На повеќе места низ шкрилците има пробиви од поцврсти гранитоидни карпи. Карбонатните карпи се јавуваат на околу 11% од површината на планината и истите се зафатени со слаба карстификација.“

Во однос на морфометриските карактеристики, предлогот појаснува дека „планината се протега на височина помеѓу 470 метри (контактот со рамничарскиот дел на Полошката Котлина) и 2747 метри (Титов Врв). Планината е карактеристична по тоа што има најголем број врвови над 2000 метри во однос на останатите планини во Северна Македонија (повеќе од сите останати заедно). Имено, околу 220 врва се повисоки од 2000 метри, од кои 41 врв повисок од 2500 метри и 12 врва повисоки од 2600 метри.“

Во однос на глацијалниот релјеф, во предлогот се истакнува дека на Шар Планина има убедливо најмногу глацијални траги (форми) од сите планини во државата. Со досегашните истражувања се утврдени преку 50 циркови, од кои 8 мегациркови (во кои се јавуваат неколку помали и чија површина е над 10 kметри), потоа околу 28 валови и валовски долини (дел од нив со глацијални рамења), бројни челни и странични морени, терминални басени, друмлини, моренски псевдовртачии др.

 

Овој е текст е продуциран во рамките на проектот „Шар Планина – последната брана против еколошка катастрофа“, подржана од програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.

 

 

SHARE
Previous articleОТВОРЕН ПОВИК ЗА УЧЕСТВО: „МЕДИУМСКИ ИНКУБАТОР“ ЗА НОВИНАРИ ОД СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Next articleЏЕМАИЛИ: НАЦИОНАЛЕН ПАРК, МОЖНОСТ ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Балкански институт за регионална соработка – BIRC е невладина и непартиска, целосно независна во своето работење, со седиште во Тетово. Организацијата е посветена на промоција и практикување на квалитетното новинарство и научните истражувања во остварување на своите цели за општество со демократските вредности, транспарентни институции, функционална демократија и за создавање на регион на соработка и просперитет. BIRC е составена од докажани експерти од сферата на новинарството и науката.