Што придонесува за слабата застапеност на жените во политичкиот живот?

0
243

Што придонесува за слабата застапеност на жените во политичкиот живот односно насочување на оваа ситуација во позитивна насока?

 

Автор: Сефер Тахири

 

Две неодамнешни вести во контекст на поголема застапеност на жените во политичката сфера го привлекоа вниманието на медиумите и следствено на јавнoста.

Првата вест припаѓа на меѓународната арена, додека втората на регионално-балканската.

Исланд е првата европска земја со парламентарно мнозинство, во која жените имаат најголем број. 33 од 63 места во Собранието или 52 проценти освоија жените, што е зголемување за 9 места, во споредба со последните избори во 2017 година. Ниту една друга земја во Европа го нема надминато прагот од 50 проценти, додека Шведска е поблиску со 47 проценти жени во Собранието.

Поинтересен е фактот дека Исланд нема законски квоти за застапеност на жените во Собранието, како што имаат повеќето европски земји.

Албанскиот премиер Еди Рама направи храбар чекор во однос на застапеноста на жените во политиката. Новиот владин кабинет на Албанија, предводен од Рама, се состои од 12 жени и 4 мажи. Меѓутоа, владата не ги одразува европските вредности до крај и балканскиот концепт остана жив при поделбата на министерствата. Најважните остануваат во рацете на мажите!

Во овој сегмент, Северна Македонија за жал е многу далеку од Исланд, но и далеку од Албанија.

Историја на политичката застапеност на жените во Северна Македонија 

Истражувањата покажуваат дека во 50 земји во светот, жените се застапени во законодавните институции со повеќе од 30 проценти, меѓу кои е и нашата земја.

Истражувањето за застапеноста на жените, како документ за јавна политика, покажува дека Северна Македонија направи три промени во нормативно-правната рамка од 90-тите, во однос на подобрувањето на политичките права на жените. Меѓу нив се и таканаречените дела на „позитивна дискирминација“, кои го унапредуваат статусот на жената во општеството. Ваквите нормативни промени резултираа со зголемена застапеност на жените во Собранието.

Застапеност на жените во Собранието на Северна Македонија

На првите парламентарни избори, одржани во 1991 година, беа избрани 120 пратеници со мнозински изборен модел, од кои само 5 беа жени (4 проценти од вкупниот број места во Собранието). Следствено, ниту бројот на жени кандидати за пратеници не беше поголем односно беше само 6 проценти.

Во првиот парламентарен состав имаше 23 пратеници Албанци, избрани од Партијата за Демократски Просперитет и Народната Демократска Партија, од кои сите беа мажи. Овој податок зборува за фактот дека албанското општество во првите години на плурализмот беше застапено од машкиот род и воопшто не ја одразуваше родовата еднаквост.

Наместо да се зголеми застапеноста на жените, во 1994 година се случи спротивното. На овие избори, бројот на жени се намали на 4 пратенички, односно само 3 проценти од бројот на избраните пратеници, од кои ниту една Албанка. Дури и на овие избори, бројот на кандидати беше мал односно само 8 проценти.

На парламентарните избори во 1998 година, бројот на жени се зголеми, но само симболично. Избрани беа 9 пратенички или 8 проценти од вкупниот број пратеници. И по овие избори, Албанците во Собранието, беа претставени само од мажи. Бројот на жени кандидати на овие избори беше 13 проценти.

Во Собранието што произлезе од трите организирани парламентарни избори (првите две со мнозински модел и третиот со пропорционален модел), жените во законодавната институција беа застапени со околу 5 проценти.

Во 2002 година беа направени законски измени, кои гарантираа минимална застапеност на жените во Собранието. Измените на Законот за избор на пратеници во 2002 година ја нагласија квотата од 30 проценти учество на помалку застапениот пол во листите на кандидатиte за пратеници.

Четвртите парламентарни избори, по вклучувањето на репрезентативните квоти, се одржаа на 15 септември 2002 година. На овие избори, од 36 проценти жени кандидати, беа избрани 21 пратеничка, односно 18 проценти од 120 пратеници.

Дури 12 години по плурализацијата на Северна Македонија, Албанците беа претставени од жени во Собранието . 4 пратеници беа од Демократската Унија за Интеграција: Теута Арифи, Назлије Даути, Селвије Салиу и Семијал Хасани, додека пратеничката Арифи, иако беше потпретседателка на ДУИ, успеа да ја превземе функцијата на претседателка на Комисијата за култура во Собранието на Северна Македонија. Додека Демократска Партија на Албанците и Партијата за Демократски Просперитет не беа претставени од ниту една жена. Иако квотата ја зголеми застапеноста на жените во Собранието, изборот на 21 пратеничка или 18 проценти од нив беше далеку од целта жените да бидат застапени со 30 проценти.

Бидејќи беше потврдено дека изборниот законик во 2002 година не ги даде очекуваните ефекти, истиот беше изменет во 2006 година.  Со измените се обезбеди одредба, според која во листите на кандидати за избор на пратеници и советници во општините и градот Скопје, на секое трето место, едно припаѓа на најмалку застапениот пол.

Со овие законски измени, значително се зголеми бројот на пратеници во Собранието, исполнувајќи ја проекцијата за застапеност од 30 проценти, промовирана и поддржана од меѓународниот фактор, како стандард на либералната демократија.

Бројот на пратенички избрани на парламентарните избори во 2006 година изнесува 37 или 31 отсто од вкупниот број пратеници во Собранието. 7 од нив беа Албанки или само 10 проценти од општата парламентарна застапеност на жени. 4 пратенички беа од ДУИ и 3 од ДПА. ДУИ беше претставена од пратениците: Теута Арифи, Зимрете Јакупи, Селвије Салиу и Ајше Селмани, додека ДПА со Хазбије Ибиши, Флора Кадриу и Елмазе Селмани.

На следните парламентарни избори во 2008 година од 120, 37 пратенички беа избрани во законодавната институција односно 31 процент. Меѓу нив, избрани беа 6 албански пратенички, меѓу кои 4 од Демократската Унија за Интеграција: Теута Арифи, Ермира Мехмети, Јулиета Марку и Зимрете Јакупи, додека 2 се избрани од Демократска Партија на Албанците. Садије Илјази и Мерале Узаири – Ферати.

Дури и на изборите во 2011 година, бројот на избрани пратенички не се менува многу. Нивниот број изнесуваше 36 или 31 отсто од вкупниот број места во Собранието. Во овој парламентарен состав, значително се зголемува бројот на пратеници избрани од етничките Албанци. ДУИ ги избра Вјолца Мехмети – Нуредин, Дешира Имери, Ермира Мехмети, Јулијета Марку, Сузана Салиу и Хајрие Мисими. Додека ДПА имаше 2 пратенички Садије Илјазин и Мерале Узаири – Ферати.

Бидејќи во одредени политички партии беше забележан феноменот на притисок врз избраните жените да поднесат оставка, отстапувајќи им место на машките пратеници, кои стојат зад нив во кандидатските листи, се наметна потребата за фундаментална промена во однос на застапеноста на жените. Со измените и дополнувањата на Изборниот законик од 2014 година, претставувањето на жените е законски зајакнат, бидејќи се предвидува дека ако една пратеничка се повлекува од функцијата од различни причини, нејзиното место го зазема следниот кандидат на листата, кој е женско.

На парламентарните избори во 2014 година, од вкупно 123 пратеници (од кои 3 беа од дијаспората), жените има 33 проценти, што беше во рамките на очекувањата. ДУИ беа претставени со 7 пратенички од вкупно 19 избрани пратеници.

Изборниот законик во 2015 година претрпе уште поголем напредок во димензијата на застапеноста на жените. Измените што се во сила обезбедуваат дека најмалку 40 проценти од кандидатите припаѓаат на недоволно застапениот пол или дека еден од тројца кандидати се жени и дополнително едно место на секои десет места. Но, иако законските измени беа направени во однос на зголемената застапеност, од пратениците избрани на парламентарните избори во 2016 година, 32 проценти беа жени. ДУИ од 10 пратеници, имаше само 2.

Застапеноста на жените во Собранието напредува и тоа може да се види од споредбата на парламентарните избори низ годините. Според резултатите од парламентарните избори одржани во 2020 година , мандатот на пратеник освојија повеќе од 1/3 од вкупниот број или 47 пратеници, односно околу 40 проценти.

Анализата на парламентарната историја покажува дека Собранието во овие триесет години никогаш не го водела една жена, додека пратеничката Лилјана Поповска беше вршител на должноста претседател на Собранието само 10 дена. Претседатели на Собранието беа Стојан Андов, Тито Петковски, Саво Климовски, Никола Поповски, Љупчо Јордановски, Љубиша Георгиевски, Трајко Вељановски и Талат Џафери.

Истражување на Институтот за лидерство и јавна политика

Со цел да се афирмира концептот за учество на жените во политичкото претставување на централно и локално ниво, Институтот за лидерство и јавна политика спроведе теренско истражување , при што жените и мажите во полошкиот регион беа анкетирани во врска со пристапот и учеството на жените во политичкиот живот преку механизмите на директна и индиректна демократија. Истражувањето е дел од проектот на Британската амбасада во Скопје под наслов „Политичко учество на жените во Северна Македонија“.

Истражувањето опфати 500 плус луѓе (44 проценти мажи и 56 проценти жени). Примерокот беше репрезентативен бидејќи испитаниците ја одразуваат етничката структура на населбите (рурална и урбана димензија), возраста и степенот на образованието во полошкиот регион.

Резултати од истражувањето за учеството на жените во политичкиот живот

Перцепцијата на граѓаните за вклученоста на жените во политичкиот живот е важна бидејќи е основа за дизајнирање на интервенциите за поголемо учество на жените во политичкиот живот. Дури 33,7 проценти од испитаниците сметаат дека жените не се вклучени во политичкиот живот, дека се донекаде застапени сметаат 45,2 проценти, 14,1 проценти сметаат дека жените имаат соодветна вклученост, додека 7 проценти не одговориле на ова прашање.

Табела: Жените се малку застапени во политичкиот живот во Северна Македонијат

Дали сметате дека жените се застапени во политичкиот живот во РСМ? %
Да 14.1
До некаде 45.2
Не 33.7
Без Одговор 7.0
Генерално 100.0

 

Извор: Структуриран прашалник во рамките на проектот „Зголемување на учеството на жените во политиката во Северна Македонија“

 

Секој втор испитаник, без оглед не родот, смета дека жените воопшто не се застапени на водечки позиции на централно или републичко ниво. Значи, перцепцијата на граѓаните во полошкиот регион е дека жените се исклучени од водечките позиции на централно ниво.

Интересно е што процентот на мажи кои сметаат дека жените воопшто не се застапени или не се многу застапени, е поголем од жените (48,4 проценти мажи наспроти 48,2 проценти жени). Во полошкиот регион, 11 проценти од мажите сметаат дека жените се високо застапени, додека 8 проценти од анкетираните жени се согласуваат со оваа констатација.

Повеќе од 50 проценти од граѓаните во полошкиот регион, без оглед на полот. сметаат дека жените воопшто не се вклучени во водечките позиции на локално ниво.

Како да се подобри застапеноста на жените во политичкиот живот?

Како што видовме, родовата еднаквост во политичката застапеност во општество со кревка демократија како нашето, не може да се остави на добрата волја на политичките партии! Затоа, се потребни изборни реформи, кои гарантираат зголемување на застапеноста на жените на сите нивоа на власт. Во оваа насока, треба да се разгледаат реформите во изборниот законик, со што ќе се зголеми застапеноста на жените на министерски и градоначалнички позиции.

Од друга страна, самите жени треба да го кренат својот глас и да бидат похрабри, и да не ја прифаќаат доминацијата на машкиот род во донесувањето на политичките одлуки. Следствено, покрај тоа што ќе се организираат на женски партиски форуми, тие автоматски треба да побараат квотата од 40 проценти да важи и за изборот на партиските тела: централно претседателство (централен совет), централно собрание (конгрес). Пред се, тие треба да бараат оваа квота да важи и при изборот на клучните партиски позиции: потпретседатели на партии и генерални секретари.

Невладините организации, како што е Институтот за Лидерство и Јавна Политика, треба постојано да упатуваат барања до политичките партии за подобрување на недоволната родова застапеност. Треба да се потсетат, заедно со медиумите и креаторите на јавните мислења, на нивните декларативни програмски определби и цели за родова еднаквост  за постигнување на европските вредности, а од друга страна да се занимаваат со политика и донесување одлуки со стар балкански менталитет.

Застапеност на жените на локалните избори во 2021 година

Локалните избори во 2021 година уште еднаш го истакнуваат фактот дека политичките партии кога станува збор за застапеноста на жените се далеку од европските вредности. Ниту една од политичките партии не ја исполнува проекцијата за родова еднаквост и застапеност во локалната власт.

Од 301 кандидат за градоначалник во 81 општина, само 25 се жени. Ова значи дека односот помеѓу машките и женските кандидати е 92 проценти наспроти 8 проценти, иако бројот на населението што припаѓа на двата пола е приближно ист.

Истражувањето на платформата 360 степени покажува дека сите политички партии имаат несовесен пристап кон застапеноста на жените, додека разликите се минимални или нијансирани.

Социјалдемократскиот сојуз во листите на кандидати за градоначалници, ги застапува жените со помалку од 10 проценти. Од 69 кандидати, со колку што партијата на Заев учествува на изборите, 5 се жени, меѓу кои и Миликие Халими, која се кандидира за вториот мандат во општината Арачиново. Останатите четворица кандидатки се натпреваруваат во неколку мали општини, како што се Македонска Каменица, Могила, Петровец и Старо Нагоричане.

Ниту ВМРО-ДПМНЕ не може да се пофали со застапеност на жените во листите, бидејќи жените не надминуваат 5 проценти. Од 63 кандидати, оваа партија се натпреварува со само три жени, и тоа во Берово, Крушево додека за центарот во Град Скопје ја поддржува независната кандидатка Данела Арсовска.

ДУИ се натпреварува во 19 општини, само со 1 жена, Теута Арифи, која се стреми кон трет мандат во Тетово. ДПА од 13 кандидати, само една жена е кандидат. Рената Елезин е кандидат за градоначалник на Гостивар.

Додека Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, од една и Движењето БЕСА од друга страна не се натпреваруваат со ниту една кандидатка.

Дури и застапеноста на жените како носители на советничките листи не е поволна за политичките партии. СДСМ се претставени со 34 проценти, ВМРО-ДПМНЕ со 20 проценти, ДУИ со 17, БЕСА со 9, Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива со 3 и ДПА со 12 проценти.