„АНТИПОЛИТИКАТА“ КАКО ГЛЕДИШТЕ

Пишува: Бардул ЗАИМИ

Политиката останува безнадежен лавиринт исто како и кај „Процесот“ на Кафка. Со години во Македонија, политиката функционираше по ходници со лесни “шепоти”, гушејќи го институционалниот живот, т.е. нормалното функционирање на институциите. Од врвот на политичкиот Олимп сè се диригираше во јавниот живот и во повеќето случаи се сервираа решенија за граѓаните без суштинска дебата и без неопходни сознанија за ситуациите кои постојано предизвикуваат институционални грчеви. Долго време во Македонија постои гротескна перцепција за политиката како “игра” која се игра некаде зад завесите на јавноста. Во својата книга “Крајот на политичката страст” есеистот од Барселона, Џозеп Рамонеда, го предупредува  фаталниот крај на политиката, правејќи им аутопсија на сите недоразбирања кои се појавуваат над “политичката” идеја, но исто така враќајќи го во вниманието на јавноста автентичното сфаќање за политиката како витален простор за слобода и граѓанска самореализација.

Меѓу другото, овој автор, на доста интелигентен начин, укажува на тоа дека е создадена лоша перцепција дека зад завесите на политиката има супер луѓе, единствените достојни за да се справат со судбините на другите луѓе. Токму, оваа авторитативна перцепција создава од политиката недопирлива темна област каде што всушност се случуваат сите фаталности кои се поврзани со демократскиот живот, што подразбира на сето она непречена дебата онака како што се дефинира политиката во современите теории.

Зад завесите на политиката, вели Рамонеда, има луѓе како нас и нема ништо мистериозно. Долго време во јавната сфера имаме еден вид на мистификација на политиката, која во суштина бара моќ, без да дава отчет на гласачите. Ваквата политика ја измислува ова завеса со граѓаните, бидејќи само на овој начин може да го мистифицира самото постоење, што во суштина значи злоупотреба на волјата на граѓаните, без да се поставуваат многу прашања за тоа како нивните животи пулсираат.

Ова е еден вид преобразба на политичкиот поим, кој всушност е далеку повеќе од една партија, повеќе од една група луѓе и повеќе од игра во јавниот простор. Ако немаме за што да расправаме, вели Рамонеда, тогаш треба само да управуваме. Токму оваа логика значи крај на политичката страст, која всушност сака да го прошири просторот на слободата. Политиката разбрана во смисла на “управување” со луѓе како бројки секогаш во позадина ја има тоталитарната идеја да се биде во служба на себеси и на привилегиите на моќта. Во овие случаи олигархиите “цутат” и секогаш останува присутна превртената пирамида на вредности. Поради оваа причина, само партиските послушаници се наоѓаат на “врвовите” на институциите и секогаш се подготвени да ги “повторуваат” партиски памфлети во име на политиката.

Меѓутоа, човечката историја секогаш го признава спротивставувањето и отворањето на нови хоризонти и покрај еклипсите кои ги создава преобразбата  на политичкиот поим. Уште еден автор кој ја дешифрира ова фатална игра на наводната политика, е унгарскиот дисидент, писател и есеист, Георг Конрад, кој во својата книга “Антиполитика” го свртува вниманието кон “гледиштето на жртвата” како можност за борба против тоталитарната политика на комунистичкиот режим. „Антиполитиката„ на Конрад” не е аполитика, напротив, тоа е поинаков политички ангажман кој го става поединецот и неговата личност во епицентарот и всушност претставува еден вид “паралелен столб” кој се противи на идеолошката мистификација.

“Антиполитиката” на Конрад не е апатија, но ниту анархија ниту каква било друга екстремна манифестација. Напротив, неговата “антиполитика” е друго гледиште, многу пошироко и по фундаментално над општеството. Личен поглед на светот, без идеолошки оптоварувања, самозаштита преку граѓанското општество. Всушност, ова “антиполитичко” гледиште суштински го деблокира граѓанското општество и сета надеж за промена го става токму во пошироко учество на граѓанското општество во јавниот живот како противтежа на злоставувачките државни политики. “Антиполитиката” ја исклучува секоја револуционерна реторика и ја става во епицентарот слободата  и едно поинакво гледиште од тоа што ја претставува политиката. Покрај тоа, оваа филозофија подразбира и културна иницијатива, културен контекст кој ги исклучува претходно дефинираните шеми од политиката, сфатени како моќна програма и доминација

Веќе беше кажано дека дисидентите на централна Европа генерално го заживеаја поимот активно граѓанство и постепено го олеснија развојот на она што е познато како “граѓанско општество”, кое го негира загушливиот конформизам на системот и ја афирмира толеранцијата, индивидуалноста и плурализмот

“Антиполитиката” ги изведува токму овие неопходни реалности, оваа граѓанска слобода, преместувајќи ја од реториката и државните загушливи практики во општествениот плуралитет. “Антиполитиката” ја отфрла “културата” на потчинетост и ја афирмира културата на учество и вредносниот систем. Антиполитиката бара од граѓанското општество да преземе целосна контрола врз ингиренциите на државата, особено на својот репресивен апарат, бара слободни луѓе а не партиски војници кои не знаат да размислуваат. Токму во овој контекст, се чини дека антиполитичкото гледиште за нештата е неопходно, кога политиката што се подразбира како диктат бара од граѓаните да создадат партиски војници или идеолошки “кетман”, исто така, третирани од друг полски дисидент, добитник на Нобеловата награда, Чеслав Милош. Во Македонија, сите најдобри искуства кои се совпаѓаат со другo гледиште  на општествени и државни реалности доаѓаат од граѓанското општество. Едно антиполитичко гледиште е секогаш е неопходен како спротиставување за узурпациите што веќе сме навикнати да ги гледаме од политиката.

Антиполитиката, сфатена како слобода и граѓански активизам, останува неопходна противтежа за проширување на областите на политичката перцепција, но исто така и да се создаде постојан простор за дебата околу изобличените проширувања кои дејствуваат во име на политиката на сите нивоа на институционалниот живот. Еден загрозен систем на вредности не може да се обнови без ова гледиште на граѓаните, кој оди во спротивна насока со погрешните и деградираните перцепции за политичкиот концепт.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top