АНАЛИЗА: РЕФОРМАТА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ПОД ЛУПА
Еден од главните општествени подсистеми е образованието. Кога станува збор за реформи во образованието, некако најчесто во нашата земја акцентот се става на високото образование. Неодамна беше предложен нов Закон за високо образование во Република Северна Македонија.
Пишува: Ристе Костовски
Најпрво, пред да навлезам во анализа на поентите на истиот, како човек на кој јавните политики му се подрачје на интерес, за да се реши одреден проблем во одреден општествен сегмент, најпрво треба истиот да се дефинира. Во однос на високото образование, од она што се слуша низ јавниот дискурс, проблемот е квалитетот на високото образование.
За да навлеземе во дефинирање на јавна политика, програма, стратегија или закон, треба прво да се обидеме да го дефинираме квалитетот на високото образование. Во тој дел, под квалитет во високото образование, според мене, треба да се подразбира квалитетот на наставата на факултетите, достапноста на литература, апликабилноста на добиеното знаење на факултет, квалитетот на вежбите итн. Во таа насока, директно корелирано со квалитетот во високото образование е квалитетот на студентското сместување, инфраструктурата, дигитализираноста во административните процедури итн. За овие аспекти или индикатори да се подобрат, кои што би го сочинувале композитниот индикатор „квалитет на високо образование“, потребна е прво анализа на финансиските капацитети и ресурси. Воедно, во овој дел, потребно е да се прави дистинкција меѓу научно-истражувачката работа и образованието. Имено, научно-истражувачката работа е дел од образованието, но не секаде и не секогаш е со ист пондер нагласена. Имено, од таа причина потребен е поинаков пристап во работата на институтите и факултетите. Во основа, на факултетите фокусот природно повеќе е на наставниот процес, а на институтите – на истражувачкиот. Затоа, линеарното или унисоното регулирање на научните публикации со импакт-фактор и број на издадени трудови и на факултети и на институти, особено во сите науки, е погрешно.
Објавувањето на научен труд и траењето на самиот процес е различно во различни сектори, па оттука не сметам дека е добро фокусот да е ставен само на овој параметар.
Понатаму, читајќи го Предлог-законот за високо образование, одредбата во членот поврзан со критериумите да не важи ретроградно креира негативни очекувања кај луѓето кои се во образовен процес или се асистенти и сакаат да градат академска кариера. Ова го напоменувам бидејќи градењето доверба и креирањето перцепција за квалитет, транспарентност и немање непотизам во високото образование е директно корелирано со концептот на квалитет.
За поголема доверба и реформи во насока на квалитет на високото образование, мислам дека треба да имаме децентрализирачки приод, т.е. критериумите во одредена мера да се постават одвнатре, од страна на образовните установи, бидејќи во ова поле има голема хетерогеност и навистина е тешко со еден член или закон да се подобри квалитетот или, како во економијата се вели, перформансите, аутпутот на микро ниво во сите дисциплини.
Кога зборуваме за квалитет во високото образование, објава на трудови, мора да се земат предвид и расходите за истражување и развој кои се издвојуваат од Буџетот.

Извор Светска Банка
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
