УНИВЕРЗИТЕТОТ ПОВЕЌЕ ОД ДИПЛОМА, КОН ИНОВАЦИИ И ДИГИТАЛИЗАЦИЈА

Универзитетите не треба да се гледаат само како простори за предавања, амфитеатри и настава, туку и како центри на креативност, иновации и пронаоѓаштва, кои тесно соработуваат со индустријата и на тој начин придонесуваат за економскиот раст, оценува Али Пајазити, професор и социолог, говорејќи за улогата и трансформацијата на универзитетите во иднина.

Според него, современиот универзитет треба да го надмине традиционалниот модел на институција во која студентите следат предавања и на крајот добиваат диплома. Универзитетите, во таа смисла, треба да се трансформираат во центри на знаење, креативност и иновации, со подиректни врски со економијата и индустријата.

Говорејќи за односот меѓу универзитетската автономија и државната контрола, Пајазити ја нагласува потребата да се најде рамнотежа меѓу академската слобода и институционалните механизми на контрола. Според него, неограничената автономија може да создаде простор за сериозни проблеми во рамките на академските институции.

“Ако универзитетите се остават во апсолутна слобода, може да се стигне до анархија“, вели Пајазити, предупредувајќи на ризикот од ширење на корупцијата и непотизмот, како и на опаѓање на квалитетот на наставата.

Токму затоа, тој смета дека е потребно постоење на државни механизми за акредитација, кои треба да ги гарантираат стандардите и квалитетот, без директно да се мешаат во академската содржина и автономијата на универзитетите.

Во овој однос меѓу контролата и автономијата, Пајазити издвојува три основни елементи на универзитетот, академската автономија, слободното мислење и слободата на говорот.

Според него, институционалната контрола не треба да се претвори во политичко или административно мешање во академскиот живот. Напротив, механизмите за акредитација треба да служат за гарантирање на стандардите, додека универзитетот треба да го зачува потребниот простор за критичко мислење и академска слобода.

Најголемата трансформација, според Пајазити, се очекува да се случи во начинот на организација и реализација на наставниот процес. Поврзувајќи го ова и со пишувањата на Јувал Ноа Харари за иднината на образованието и технологијата, тој оценува дека универзитетот во 2035 година повеќе нема да биде класичниот универзитет.

“Универзитетот на иднината нема да биде класичниот универзитет со предавања лице в лице“, нагласува Пајазити, најавувајќи длабока дигитална трансформација на високото образование.

Според него, сè ќе биде сè повеќе дигитализирано, а тоа ќе го промени и начинот на кој се оценува успешноста на студентите.

 

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

 

 

 

 

 

to top