ВАРДАРСКИ ПЛАНСКИ РЕГИОН НА ЧЕКОР ДО ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА НА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА
Стационарот „Шепа” треба да ја постави основата за одржлив и хуман систем за грижа за животните во регионот
Авторка: Бранкица Несторовска
Лиска беше кучка која сопствениците ја оставија скучна на улица. На свет донесе пет кученца. Се грижеше за нив како знаеше и умееше. Одеше по луѓето на улица молејќи за внимание и храна и секој залак го носеше кај кученцата. Ги криеше меѓу каросериите на автомобили на еден отпад за железо, но не успеа целосно во тоа. Три завршија под тркала на автомобили.
Лиска и нејзините кученца
Активисти кои се грижат за уличните животни ја забележаа Лиска и нејзината борба да го одгледа своето потомство и направија за неа најмногу што можат. Неа ја однесоа во стационар за бездомни кучиња каде ја стерилизираа и повторно ја вратија на улица, а двете преостанати кученца ги однесоа во пансион. Сите ги објавија за вдомување, но ако среќата за момент и се насмеа на Лиска, таа не траеше долго. Еден ден Лиска едноставно ја снема. Активистите ја бараа насекаде, но таа како да беше пропадната во земја. Нејзините две мали кученца сепак имаа малку повеќе среќа од неа – активистите им најдоа дом, надвор од Македонија. Но тоа не беше лесна битка. Изискуваше финансии, трпение, многу љубов и надеж.
Приказната за Лиска е приказна на илјадници бездомни кучиња во Македонија, од кои повеќето никогаш не ни успеваат да добијат свое име пред да исчезнат, како и да не постоеле, а нивните потомства не ја добиваат шанста да станат нечии домашни миленици и да најдат свој дом. Причината за тоа е недоволната институционална грижа, но и ниската свест кај населението за помош на бездомните животни.
„На својот миленик можеш да му кажеш сè, освен збогум“
„На својот миленик можеш да му кажеш сè, освен збогум“, велат од Агенција за храна и ветеринарство, откако изјавуваат дека е прилично тешко да се идентификуваат лицата кои напуштаат домашни миленици. Граѓаните ретко пријавуваат сторители на вакви или слични прекршоци, но за оние кои ќе бидат идентификувани предвидени се и казни.
„Казната за напуштање на домашен миленик за правно лице изнесува 500 евра во денарска противвредност и дополнителни 30% од предвидената казна за одговорното лице во правното лице. За физичките лица казните за напуштање на миленик се движат од 50 до 75 евра во денарска противвредност“, споделуваат од Агенција за храна и ветеринарство.
Во поглед на подигнување на јавната свест за одговорното сопствеништво, во неколку наврати Агенцијата за храна и ветеринарство спроведувала неколку медиумски кампањи: преку постери, видео спотови, гостувања во медиумите и спроведување на едукативни работилници со децата од повеќе градинки ширум земјава.
Потребен е нов Закон за здравје на животните
Извор: Andyborodaty / Unspash
Во Македонија сè уште не е усвоен нов Закон за здравје на животните кој би имал за цел усогласување со новото законодавство на ЕУ за здравје на животните, вклучувајќи ги имплементирачките и делегираните регулативи за контрола на болести.
Европската комисија во својот Извештај за Македонија за 2024 година наведува дека иако Агенцијата за храна и ветеринарство има активна и пасивна програма за надзор на различни болести, тие сè уште треба да се усогласат со принципите на законодавството на ЕУ за здравје на животните. Македонија, инаку, има незадоволителни резултати на полето на собирањето, проверката и анализа на податоците.
„Северна Македонија не спроведе кампањи за вакцинација против беснило во есента 2023 и пролетта 2024 година, а бројот на собрани примероци од програмата за надзор на беснило е недоволен за да обезбеди сигурни податоци за детекција на болести“, се наведува во Извештајот на Европската комисија.
Напори за помош на бездомните кучиња на регионално ниво
Токму квалитетна ветеринарна грижа, стерилизација, вакцинација, чипирање и постојан дом за секое животно е целта на Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство Стационар „Шепа“ – Кавадарци, кој е поддржан од деветте општини во Вардарски плански регион, благодарение на кој проблемот со бездомните миленици ќе се решава на регионално ниво.
Околу 1.600 бездомни кучиња од деветте општини во Вардарски регион, според информациите од Центарот за развој на Вардарски плански регион, ќе бидат хумано третирани во стационарот. Тие исто така најавуваат дека се очекува стационарот да започне со работа на почетокот на 2025-та година.
Стационарот чија мисија е да се обезбеди трајно надминување на проблемот со бездомните кучиња од Вардарски плански регион, се очекува, меѓудругото, да придонесе во спречување на каснувањата од кучиња и пренесувањето заразни болести. Токму во овој контекст, од Агенција за храна и ветеринарство споделуваат дека до 13.12.2024 до нив се поднесени 317 иницијативи за спроведување вонреден инспекциски надзор, од кои 14 со наводи за напад и каснување од куче.
„Залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“, согласно ставот на Светската здравствена организација е единствената ефикасна стратегија на бездомните кучиња и сите кучиња кои се затекнати слободно да се движат на јавна површина без присуство на сопственикот. Токму оваа стратегија ќе биде и основата на која ќе се темели функционирањето на стационарот.
Извор: Центар за развој на Вардарски плански регион
Општините Кавадарци, Неготино, Велес, Свети Николе, Чашка, Демир Капија, Градско, Лозово и Росоман се општините кои усвоија модел за управување и организациска поставеност на прифатилиштето на регионално ниво кое го лоцираа во населба Глишиќ, Кавадарци, на површина од 5.470 квадратни метри. Финансиската конструкција на овој проект изнесува 14.892.319 денари, за што дел од средствата во висина од 5.119.385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а 9.772.933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. Деветте општини во Вардарски плански регион пак предвидуваат и обезбедуваат дополнителни средства за оперативни трошоци за работење на центарот.
Идејата за стационарот
Извор: Програма за развој на Вардарски плански регион 2021-2026
Од Центарот за развој на Вардарски плански регион велат дека идејата за стационарот потекнува од Програмата за развој на Вардарски плански регион 2021-2026.
Брз и рамномерен развој на регионот, висок квалитет на услуги, одржување на чиста животна средина, се дел од визијата на која се базира оваа програма. Мерката за помош на бездомните кучиња е на самиот почеток од својата целосна имплементација, со што ќе биде опфатена една исклучително важна област, а тоа е заштита на природата и одржливо управување со природните ресурси.
Законските гаранции во пракса
Извор: Центар за развој на Вардарски плански регион
Со оглед на тоа што целта на овој стационар е подобрување на благосостојбата на бездомните миленици и пружање ветеринарно здравство на животните, несомнено е дека законските гаранции од Законот за заштита и благосостојба на животните треба да бидат многу повеќе од празни зборови. Законот пропишува минималните барања за заштита и благосостојба на животни во однос на нивното одгледување, чување, грижа и сместување, како и заштита и благосостојба на домашните миленици и бездомни животни.
„Животните да бидат третирани како свесни суштества на начин кој е најсоодветен за нивните потреби… животните да не се изложени на глад и жед, да се заштитени од неудобност, да се сместени во средина соодветна за нивниот вид…“, се предвидува во Членот 2 од Законот.
Прифатилиштата како сигурна зона за животните
Согласно одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, прифатилиштата треба да обезбедат спроведување на соодветни мерки за ефикасна заштита на животните, нивно редовно хранење и напојување и доколку е неопходно лекување. Општините пак се должни заловените бездомни кучиња привремено да ги сместат во соодветно прифатилиште по што истите треба да се вдомат или вратат во реонот од каде што биле заловени.
Согласно нашата регулатива, бездомните кучиња треба да бидат трајно обележани со микрочип, а нивното евентуално враќање во реонот на заловување треба да се спроведе на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање.
Хуманата евтаназија е предвидена во случај на појава на заразна болест која може кучињата да ја пренесат, односно доколку постои опасност од појава на ваква болест.
Европските искуства се различни
Европските искуства пак, иако во голем дел се поистоветуваат со македонските, сепак во одредена мера и варираат.
На пример, во Франција напуштањето на животно може да резултира со казни и до 45.000 евра и три години затворска казна, во Белгија пак, микрочипирањето е задолжително од 1998 година, а евтаназијата се применува само од здравствени причини. И во двете земји бездомните животни се вдомуваат во прифатилишта.
Казните за напуштање на животно се особено високи и во Шпанија во која казните се движат до десетина илјади евра, а животните во прифатилиштата се вакцинираат и стерилизираат.
Данок на куче постои во Германија. Инаку, кучето чијшто сопственик не може да се пронајде се чува во прифатилиште до 6 месеци, а евтаназија се спроведува само доколку страдањето од болест е неподносливо, за разлика од Италија во која евтаназијата е дозволена за животни со агресивно однесување.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.