ВЕЛИ КРЕЦИ: БОЛОЊСКИОТ ПРОЦЕС ВО ЕВРОПА Е ВО ПОЛН ЕК, НИЕ НЕ СМЕЕМЕ ДА ЗАОСТАНЕМЕ

Вели Креци е редовен професор на Факултетот за општествени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово. Тој е автор на неколку научни истражувања објавени во престижни научни списанија, кои се фокусираат на подобрување на квалитетот на образованието, дигитализацијата и реформите во јавните политики и администрацијата.
Истовремено, Креци е извршен директор на Институтот „Макс ван дер Штул“, кој функционира во рамките на истиот универзитет и има за главна цел подобрување на квалитетот на образованието и научното истражување.
„Ние не сме голема земја со обемни ресурси за значителен напредок во науката, но преку добро осмислени политики за научен развој можеме да ги мобилизираме постоечките ресурси преку вмрежување, со што ќе се постигне поголема ефикасност“, вели Креци во ова интервју.
Според него, назадуваме во сите области кога зборуваме за образованието. „Од една страна, образованието треба да создава кадри во согласност со потребите на пазарот на трудот, а од друга страна, преку иновации да ја трансформира индустријата и општеството, притоа генерирајќи нови работни места. За жал, назадуваме во двете насоки“, подвлекува Креци.
Исто така Креци зборува и за потребите за реформи во образовението, имплементација на Болоњскиот процес и други неопходни чекори за да се постигне инклузивен развој во државата.
Во процесот на преговори за членство во ЕУ е и Кластер 3, кој содржи поглавја кои се однесуваат на неопходните реформи за хармонизација на нашиот со европскиот образовен систем. Што може вие да направите во овој правец?
Вели Креци: Една од клучните цели на Европскиот образовен систем е усогласување на националните образовни политики на земјите членки, а во случајот на Република Северна Македонија, тоа е дел од поглавјата за преговори за членство. Целта на ова усогласување е постигнување заеднички цели, односно обезбедување квалитетно образование – образование што ќе нуди конкурентни знаења, вештини и вредности за ефикасно справување со европските предизвици, главно во областите на дигитализацијата, социјалната и зелената транзиција. Оттука, европските предизвици се и наши идни предизвици, па затоа нашата образовна понуда треба да се дизајнира во согласност со истите параметри. Начинот на кој и ние активно би се вклучиле во овие процеси е преку европските образовни програми, кои имаат за цел приближување и зајакнување на интеринституционалната соработка. Би ги споменал неколку од најпопуларните образовни програми, како што се Еразмус+ за размена и меѓуинституционална соработка, Креативна Европа, Алијансата на универзитети, како и Хоризонт Европа за истражување и иновации. Постојат многу образовни програми за развој на капацитетите на институциите со цел справување со идните предизвици. Она што треба да се направи е поголема вклученост на нашите образовни институции во образовните мрежи и соработка со образовните институции од Европа, како и поттикнување на интересот кај младите за учество во образовни програми за размена. Исто така, од големо значење е создавање околина погодна за истражувачка работа во академските средини, преку инвестирање во лаборатории. Ние, како институција, веќе долго време се стремиме кон постигнување на овие цели. Меѓутоа, секоја трансформација бара посветеност, издржливост и време. Се разбира, мора напорно да се работи и на создавање кадри кои ќе поседуваат овие вештини.
Како да се убедат властите и јавноста за потребата од интерсекторската методологија на пристапување, со посебен фокус на темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација?
Вели Креци: Мојот одговор би бил – само преку вистинска соработка. Видете, сите образовни политики, како и останатите политики на ниво на ЕУ, се креираат со широка консултација со сите засегнати страни. Говорам за вистински консултации. Мора да постои слух кај креаторите на политики за потребите на младите, граѓаните, приватниот сектор, институциите и сите други општествени чинители. Од друга страна, образовните институции треба да имаат активна улога во унапредувањето на оваа соработка преку взаемна колаборација со сите општествени актери. Мора да тргнеме од тоа дека инклузивноста и соработката носат резултати. Често го користиме пристапот „quadruple helix“, кој подразбира соработка меѓу клучните општествени актери – индустријата, политиката, невладиниот сектор и образованието. Овој пристап поттикнува заедничко делување кон решавање на проблемите и ефикасно справување со предизвиците.
Дали Процесот од Болоња се спроведува како што треба и колку ја нуди основната негова вредност – мобилност?
Вели Креци: Сметам дека ние, како чинители на образовната политика, не успеавме доволно да дискутираме за Болоњскиот процес пред неговото воведување. Неккакo пребрзавме со имплементацијата на системот без да го прилагодиме постоечкиот образовен модел. Секоја трансформација бара добро осмислен план и одреден период за постепено спроведување. Поради тоа, не успеавме целосно да ги искористиме придобивките што ги нуди Болоњскиот процес, кој не подразбира само мобилност, туку пред сè промена во начинот на предавање и учење. Клучно е да се потенцира инклузивноста во образовниот процес и развојот на вештини преку практични методи, како што се пишување истражувачки трудови, користење на истражувачки алатки, презентација на резултати итн. Преку ваков пристап, студентите не само што стекнуваат знаење, туку развиваат и вештини за негово критичко анализирање и пренесување.
Како ќе ја подигнете свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?
Вели Креци: Само преку дискусии и сеопфатни анализи може да се разјасни што претставува Болоњскиот процес и што тој НЕ претставува. Имам чувство дека пошироката јавност ги поврзува проблемите во високото образование директно со Болоњскиот процес. Како стручна јавност, имаме обврска оваа претпоставка да ја образложиме со убедливи аргументи за да не заостанеме зад европските образовни процеси. Болоњскиот процес во Европа е во полн ек, и ние не смееме да дозволиме да заостанеме во неговата имплементација.
Зошто во регионот се уште имаме административни бариери кога станува збор за признавање на дипломите? Што треба да се направи за да се тргнат истите?
Вели Креци: Мое мислење е дека тоа се должи на честите измени на законите за високо образование, неусогласеноста на образовните процеси со Европскиот образовен систем и, секако, непотребните административни бариери. Најпрво, мора да имаме целосно усогласени ЕКТС-кредити и јасно дефинирана разликата помеѓу тригодишните и четиригодишните додипломски студии. Сметам дека Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) доволно добро го уредува признавањето на дипломите, и за да станеме дел од европскиот образовен простор, мора да ги поедноставиме процедурите за нивно признавање.
Ние имаме околу илјади граѓани кои активно бараат работа, но од друга страна има недостаток на кадар за над 10 илјади слободни работни места. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на труд?
Вели Креци: Очигледно е дека не одговара. Но, тука би сакал да ја истакнам и дополнителната улога на образовниот систем, а тоа е дека образованието треба да биде двигател во создавањето на нови работни места преку иновации. Од една страна, образованието треба да создава кадри во согласност со потребите на пазарот на трудот, а од друга страна, преку иновации да ја трансформира индустријата и општеството, притоа генерирајќи нови работни места. За жал, назадуваме во двете насоки. Вториот проблем е отсуството на функционална соработка со индустријата, односно недостатокот на механизми за вклучување на идните потенцијални вработени на пазарот на трудот уште за време на студирањето. На пример, студентите од втора година треба активно да бидат вклучени во работната средина преку програми за стажирање (платено стажирање), со што ќе се подигне интересот уште во раните години од студирањето. Исто така, потребна е поголема вклученост на студентите во проекти со индустријата и институциите, со цел да се приближат двете страни и да се подигне свеста за заемните очекувања – од една страна, индустријата, а од друга, студентите како потенцијални вработени.
Земјата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како се одразува оваа во поглед на целокупниот развој?
Вели Креци: Па, никако не се одразува. Немаме развој. Нереално е да очекуваме дека ќе имаме конкурентни истражувачки капацитети без доволно инвестирање во истражувањето. Дефинитивно, процентот на вложување треба да се зголеми, а имајќи ги предвид нашите истражувачки услови, мора да се поттикне соработка меѓу водечките истражувачки институции за поефикасно мобилизирање на ресурсите. Ние не сме голема земја со обемни ресурси за значителен напредок во науката, но преку добро осмислени политики за научен развој можеме да ги мобилизираме постоечките ресурси преку вмрежување, со што ќе се постигне поголема ефикасност. Добро позната и успешна практика во научниот развој е меѓуинституционалното вмрежување, кое носи конкретни резултати. Само преку ваков пристап можеме да очекуваме напредок.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.