ВИСОКОТО МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ И ПАЗАРОТ НА ТРУД

Проф. д-р Александар Трајковски, ИУ Еуропа Прима

Прашањата поврзани за уметничкото високо образование, воопшто во светот, но особено кај нас (пред сè, заради големината на нашата земја и нејзината финансиска моќ, коишто секако, се едни од основните и најважни предуслови за големината на хоризонтот на евентуални можности), се мошне специфични и комплексни. Во прв ред, тоа може да се припише на фактот дека високото уметничко образование, особено музичкото, како речиси никое друго, е резултат на еден континуиран, праволиниски процес – почнувајќи од специјализираното основно музичко образование, потоа преку средното насочено музичко образование, па сè до високото. Станува збор за една долгогодишна постапка на оформување на личноста на професионалниот музичар – долгогодишен пат на континуирана едукација, која не завршува со стекнувањето на дипломата (која, само формално го заокружува едукативниот процес), туку со ист интензитет продолжува и понатаму, преку директното практицирање. Секако, најголемата тежина почива на високообразовното ниво, бидејќи токму тоа, преку студиските програми, на студентите кои животот го гледаат низ уметничка визура, им ги отвора вратите на многу хоризонти, им овозможува да ги однесе до крајните имагинарни граници на уметноста и им помага да го извлечат од себе целиот креативен вознес којшто го поседуваат. Едноставно, во текот на студиите, стручно, технички и креативно ги подготвува за влез во професионалниот свет.

Говорејќи за капацитетот и квалитетот на студиските програми од областа на музичките уметности во рамките на факултетите во Република Северна Македонија, резултатите од една поопсежна анализа, може да упатат кон неколку заклучоци. Првенствено, станува збор за програми кои се комплетно усогласени со современите европски трендови. Конципирани се на тој начин да ги следат поставените стандарди во единствениот европски простор за високо образование и со тоа овозможуваат компаративност со сличните и сродни програми на европските високообразовни институции. Студиските програми кореспондираат со европскиот високобразовен простор, на тој начин што предвидените предмети по својата структура и содржина се во голема мера идентични или слични со предметите кои се во составот на идентични или слични студиски програми кои се изучуваат на реномирани европски и светски универзитети во чии рамки се застапени музичките уметности. Преку организацијата, начинот на студирање, времетраењето, условите за упис и премин во различна година на студирање, како и начинот на стекнување на дипломата, може да се зборува за комплетна усогласеност на нашите високообразовни институции, со европските и светски нормативи и стандарди за работа.

Но, во клучен момент се поставува и прашањето – дали високото уметничко образование кореспондира со македонскиот пазар на трудот и дали, можеби токму некоресподенцијата, доведува до одлевање на нашите висококвалификувани кадри надвор од државата?

Пазарот на трудот кај нас, јасно го испраќа сигналот дека не е доволно голем и дека не поседува доволно простор за сите висококвалификувани млади луѓе. Најголемите капацитети кои може да ги примат високообразуваните музичари се државните институции Национална опера и балет и Филхармонија, зад кои по големината и ресурсите заостануваат новоформираните Национален џез оркестар, Камерниот оркестар во Битола и Музичкиот театар во Тетово. Секако, тука се и специјализираните основни и средни музички училишта, како и основните и средните општо-образовни училишта ширум државава, кои, заради минималниот фонд на часови од областа на музичката уметност, предвиден според наставните програми, имаат уште поскромни капацитети за прием на нови кадри. Приватни, финансиски (долгорочно) самоодржливи ансамбли (оркестри и хорови) речиси и да нема, па затоа можноста за вработување и решавање на егзистенцијалното прашање, сосема оправдано, младите музичари ја насочуваат кон погореспоменатите државни институции.

Неможноста пак, за „влез“ во постоечкиве, претставува најголема причина за одливот на овие млади луѓе надвор од државата. Да, мобилноста во светот е секаде присутна, па дури и пожелна, од аспект на стекнување различни искуства, развивање на компетитивниот дух, а со самото тоа и „растење“ во својата професија, што несомнено позитивно влијае врз јакнењето на професионалниот габарит на индивидуата. Но, се поставува прашањето – што од сето тоа има матичната држава?

Најчесто, ништо. Освен, гордоста (што сепак, не е малку!), дека нашите млади луѓе успеваат во светот. Свесни сме за фактот дека најголемиот дел на млади музичари кои ја напуштаат државата, се дипломирани студенти, кои постдипломските студии ги продолжуваат на некои од универзитетите во Европа и во светот. Да, денес, сè почесто сме сведоци на одлив на идни студенти, кои целат кон тоа своето високо образование да го стекнат надвор од границите на својата држава, но во една поголема временска рамка, сепак тежиштетото е кај дипломираните. Средините кадешто продолжуваат да се школуваат, несомнено им овозможуваат многу подобри и поквалитетни услови, при тоа, не мислејќи на квалитетот на наставата, туку на можностите вон наставниот процес и особено, по неговото завршување. Имено, во поразвиените и финансиски подобростоечките средини, младите музичари можат лесно да „проникнат“ во најразлични инструментални, вокални или вокално-инструментални состави, секако по положена аудиција, односно благодарение на својот квалитет. Оттаму, можностите им се сè поголеми, а немањето потреба за „врзување“ за едно работно место, односно честата флуктуација низ бројните активни ансамбли, претставува предизвик, но и олеснителна околност. Сето тоа, отвора можност, преку сопствениот квалитет, кој пак, е клучен предуслов за мрежното поврзување и премините во сè поквалитетни ансамбли, младите луѓе професионално да се развиваат и реализираат. Споредувајќи ги потоа добивките од враќањето дома кое со себе ја носи и неизвесноста за вработување (решавање на егзистенцијално прашање, пред сè), а потоа и почитта и предизвикот за творење и креација во тие услови, наспроти сето она споменато погоре, изборот е сепак, второто.

По изнесениве размисли, повторно би се навратил на прашањето за коресподенцијата на македонското високо уметничко образование со домашниот пазар на труд, издвојувајќи ја тезата дека нашите високообразувани кадри успешно „поминуваат“ на пазарот на трудот во другите средини. Тоа укажува на фактот дека евентуалната неусогласеност на понудата со побарувачката на висококвалификувани кадри не претставува резултат на неквалитетот или слабиот квалитет на македонското високо образование. Тоа е поврзано и со одговорот дали одредени мерки за подобрување на квалитетот на високото образование ќе придонесат во спречувањето на одливот на млади кадри. Секогаш е потребно и особено добредојдено, подобрувањето на квалитетот на високото образование. Тоа, во континуитет треба да се подобрува, да се развива и, условно речено, да биде еден чекор пред времето. Но, дали тоа ќе го спречи одливот, тоа е веќе дискутабилно, бидејќи тој (одливот) е резултат на други причини, за кои претходно говорев.

 

Колумната е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ кој го спроведуваат Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС, а финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top