ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО ВО ДЕТСТВОТО ОСТАВА ДОЖИВОТЕН БЕЛЕГ ВРЗ ЖРТВАТА
Автор: Александра Стојанова
Околу 20% од учениците во земјава лани биле предмет на онлајн врсничко насилство, при што озборувањето со 35,8% од потврдените или можни случаи е најчест облик на ваквото врсничко насилство. Истражувањето на Институтот за човекови права покажува дека девојчињата биле во поголема мера предмет на онлајн врсничко насилство. Овие резултати алармираат за нагорниот тренд на врсничко насилство, а се добиени од спроведената анкета во рамките на проектот „Борба против сајбер булинг врз девојчиња”.
За проблемот со врсничкото насилство е свесно и Министерството за образование и наука (МОН), кое на почетокот на актуелната учебна година спроведе истражување во 343 основни училишта за да ја согледаат состојбата со ваквата форма на насилство.
„Според одговорите од училиштата, како најчеста форма на насилство се пријавува булингот, многу блиску е физичкото насилство и сајбер насилството“, објаснуваат за Евротинк од МОН.
Двете истражувања посочуваат дека врсничкото насилство има свои карактеристики. Истражувањето на МОН покажува дека психолошкото малтретирање има тенденција да се зголемува со возраста, додека физичкото насилство има тенденција да опаѓа. Од Институтот за човекови права пак велат дека кај момчињата и девојчињата има различни мотиви за онлајн врсничко насилство. Момчињата го вршат за да покажат моќ, но и поради шега. Најчест мотив заради кои девојчињата вршат онлајн врсничко насилство е одмаздата или завидноста.
Од овој институт наведуваат дека еден од предизвиците за успешно справување со кибер насилството е анонимноста на напаѓачите што ја нуди интернетот и можноста за кратко време кај голем број на корисници да се прошири содржината која е предмет на вакво насилство. Исто така, отежната е и идентификацијата на напаѓачот, а отежнувачка околност кај врсничкото насилство на интернет е и неговиот континуитет и можноста да се извршува непрекинато, без разлика каде се наоѓа жртвата.
Од МОН пак велат дека врсничкото малтретирање во училиштата може да има долготрајни негативни последици за децата.
„Типичните жртви често се плашат да одат во училиште, смислувајќи разни изговори. Во однос со другите ученици покажуваат недостиг на самопочитување, изложени се на ризик подоцна да станат анксиозни, депресивни, понекогаш и суицидни‘’, потенцираат од Министерството за образование и наука.
Истражувањето „Фактори на врсничко насилство во училиштата и програми за превенција“ на авторката Орхидеја Шурбановска посочува дека децата-насилници не се случајна девијација, туку се природен резултат на начинот на кој денес се одгледуваат децата. Ако некогаш среќните семејства биле норма, се наведува во овој труд, денес многу почесто гледаме родители и деца како „налудничаво“ трчаат од една активност на друга, обично остварувајќи ги амбициите на родителите, нивните деца притоа негодуваат, прават бесни испади, а нивните родители се обидуваат да не обрнат внимание на тоа.
„Моралот, принципите и однесувањето на детето генерално се воспоставуваат преку врската родител и дете, која детето подоцна го дефинира како индивидуална личност“, се наведува во ова истражување, додавајќи дека е важна комуникацијата на релација родител-дете.
„Стручната служба, класните раководители и наставниците имаат огромна задача, но и одговорност да создадат пријатна средина за жртвата на врсничко насилство да има доверба да го пријави случајот, да знае дека нема да биде исмевана од соучениците или изложена на двојна виктимизација‘’, додаваат за Евротинк од Институтот за човекови права во однос за модалитетите како би можело да се превенира врсничкото насилство.
Од Институтот за човекови права годинава работеа на анкетно истражување за врсничкото насилство и во средните училишта во С. Македонија, кое укажува дека ковид-19 пандемијата ги извадила на површина проблемите со врсничко насилство во средните училишта, особено со онлајн врсничко насилство (сајбер-булинг). Широката распространетост меѓу учениците од средните училишта во неколку случаи заврши трагично, при што впечатокот на јавноста е дека не се преземаат дејствија за да се истражат причините за трагичните настани.
Психолозите кои работат на случаите на врсничкото насилство истакнуваат дека психолошките и емоционалните последици кај жртвите се провлекуваат низ натамошниот живот на жртвата, односно оставаат трајни последици, алармираат од Институтот за човекови права.
„За жал, овие последици се присутни и во натамошните етапи од животот на жртвата на врсничко насилство сè додека таа не побара стручна помош. Некои жртви на врсничко насилство можат да се соочат со потешкотии во социјализацијата и одржувањето на стабилни и професионални односи во возрасниот период‘’, велат од Институтот за човекови права.
Извор на фотографија: Pexels; Автор: Cottonbro studio: https://www.pexels.com/photo/a-group-of-students-bullying-a-classmate-sitting-at-a-desk-7396390/
Како практични решенија за намалување на врсничкото насилство во училиштата, од Институтот за човекови права ги издвојуваат можностите за поголема едукација, но и подигнувањето на свеста како појдовна точка. Тие додаваат дека обврска првенствено на училиштата е да создадат простор каде учениците ќе се образуваат, ќе бидат безбедни и сигурни во тој процес. Неопходно е да се зборува за врсничкото насилство, да се одржуваат презентации, работилници и разговори во училиштата и заедниците за важноста на почитување на различностите и позитивно однесување, велат од Институтот. На тој начин, учениците можат да се запознаат со однесувања кои се лоши и штетни за другите, но и што да направат за да помогнат при такви ситуации.
„Во однос на властите, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието потребно е да имаат развиено специјални програми за врсничко насилство преку кои учениците ќе се едуцираат за тоа што претставува врсничкото насилство и кои се последиците. Овие програми, потребно е да прикажат ефикасни механизми за давање на помош на жртвата на врсничко насилство, првенствено од начинот на пристапување, разговор и слично. Секако, не изостанува обврската на Министерството за внатрешни работи, основните јавни обвинителства, центрите за социјални работи заедно да работат и да дејствуваат во случаи на врсничко насилство“, објаснуваат од Институтот за човекови права.
И од Министерството за образование и наука сметаат дека училиштата се должни во годишните програми да планираат промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба, спречување на дискриминација и подобрување на комуникацијата. Во тој контекст, МОН уште на почетокот на учебната година до училиштата доставило допис со насоки да се организираат што повеќе наставни и воннаставни активности за учениците за подигнување на свеста за градење на мирна и хармонична училишна средина, во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување.
Исто така, од МОН напоменуваат дека од особена важност е организирањето на обуки и работилници за јакнење на вештините на стручните соработници за ефикасно справување со различниот опсег на предизвици поврзани со менталното здравје на основците и средношколците.
Извор на фотографија: Pexels; Aвтор: RDNE Stock project: https://www.pexels.com/photo/girl-showing-a-message-against-bullying-written-in-a-notebook-6936396/
Од Институтот за човекови права за Евротинк ја нагласуваат важноста на медиумите и нивната огромна улога во подигање на свеста за врсничкото насилство.
Кампањите помагаат да се разговара на оваа тема, а не проблемот да се става „под тепих”.
„Во однос на медиумите, од круцијално значење е правилното известување за одреден настан, но притоа да се почитува дигнитетот на личноста и да не се дозволи двојна виктимизација, односно преку добивање на публицитет, жртвата на врсничко насилство повторно да поминува низ исти или полоши последици кои дополнително ќе ја истрауматизираат“, велат тие.
Нагласуваат дека медиумите, печатени и електронски, не смеат да објавуваат незаконски прибавени видео снимки на кои се врши врсничко насилство, бидејќи таквото објавување повлекува кривична одговорност за медиумот, но и може да повлече и други несакани дејствија.
Врсничкото насилство е сериозна тема и во процесот на пристапување на С.Македонија во Европската Унија, при што пружањето адекватна поддршка на децата-жртви на насилство е една од главните препораки нотирани од Европската комисија во овогодишниот Извештај за напредокот на земјава на патот кон членство во ЕУ. Во делот на клучното Поглавје 23 кое се однесува и на фундаменталните права, се наведува дека нашата земја догодина треба особено да се посвети на „обезбедување адекватна поддршка на ранливите категории на деца, особено на децата жртви на насилство, децата-Роми и децата со попречености“.
Во сегментот од Извештајот на Европската комисија што се однесува на правата на детето, се наведува дека клучните области кои го бараат вниманието од властите се образованието, здравството и заштитата од насилство и недискриминација на детето.
„Потребна е поголема поддршка за механизмите за борба против насилство и соодветно финансирање на Националната стратегија за спречување на насилство над децата (2020-2025)“, се укажува во Извештајот.
Финска како извозник на програма за борба против булингот
Финските училишта и начинот на кој образовниот систем таму се справува со врсничкото насилство се позитивен пример за целиот свет. Меѓу другото, оваа земја-членка на ЕУ е пионер во борбата против врсничкото насилство, благодарејќи на програмата „КиВа“. Финското Министерство за образование во 2006 година им ја доделило обврската на истражувачкиот тим од Универзитетот во Турку да развие програма за спречување на врсничкото насилство. Таа е воведена во 2007 година и веќе во првата година ги намалила случаите на булинг за 40 отсто. Учениците преку програмата користат виртуелно поштенско сандаче, каде што анонимно ги пријавуваат случаите на малтретирање.
Досега оваа програма ја примениле над 90 отсто од финските училишта и со тоа ги елиминирале случаите на малтретирање и насилство во училниците. Притоа, програмата поддржана од финското Министерство за образование има за цел самите ученици да ја препознаат опасноста од врсничкото насилство и да ги бранат оние што се жртви на малтретирање.
Програмата „КиВа“ денес се користи и надвор од Финска, а ги има разработено типичните улоги кои постојат во ситуации на насилство – насилник, жртви, не вклучени деца и насилници-жртви. Од Финска, оваа програма е преземена за реализација во 2.470 училишта во десетици земји низ светот.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.