ДАЛИ НОВАТА ВЛАСТ ЌЕ ДОНЕСЕ НОВИ РАКОВОДСТВА ВО МРТ И МЕДИУМСКИОТ РЕГУЛАТОР?

Автор: Сара Танаскоска

„Од декември 2018 година, Собранието го одложува назначувањето на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот на регулаторот за медиуми“, е критиката која е наведена и во последниот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија на европскиот пат за 2023 година.

Европската комисија веќе неколку години наназад укажува дека Македонската радио-телевизија (МРТВ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) треба да добијат нови раководни структури кои ќе ги избере Собранието на РСМ. Притоа, ЕК меѓу главните препораки што треба да ги исполнат македонските власти во 2024 година, во клучното Поглавје 23 за владеење на правото и фундаменталните права, во однос на слободата на изразување ќе нотира дека Северна Македонија треба да го подобри спроведувањето на стратегијата за реформи на јавниот радиодифузер и да ги финализира именувањата на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и во Советот на регулаторот за медиуми.

Клучната причина поради која веќе шеста година не може да се изберат раководните тела на јавниот радиодифузен сервис и на медиумскиот регулатор е неопходното двотретинско мнозинство во Собранието на РСМ, односно идните членови треба да добијат поддршка од најмалку 80 пратеници. Ова е наведено во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, чии измени и дополнувања беа усвоени во 2018 година. Сепак, во изминатите два парламентарни состави досегашното владејачко мнозинство предводено од СДСМ и тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со останатите парламентарни партии, не успеваа да го обезбедат мнозинството од 80 пратеници.

Пред само неколку дена, на 23 јуни со 77 гласа „за“ беше избрана новата влада на Северна Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно беше обезбедено двотретинско мнозинство од 88 пратеници за усвојувањето на измените на Законот за организација на органите на државната управа, со кој новото владејачко мнозинство обезбеди реорганизација на министерствата и нов лик на државната управа.

Иако уште пред неколку години требаше да бидат изгласани  во Собранието на РСМ, сепак  до денес не е избран ниту новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија. Различни причини беа соопштувани во јавноста досега за тоа зошто не беше извршен избор на нови членови во овие тела, но на крајот фактите велат дека тие инстутиции продолжија да бидат раководени од старите раководства, иако во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се наведува дека мандатот на членовите на двата совета е пет години, со право на избор во уште мандат.

И додека Европската комисија бара од македонските власти годинава да го изберат новиот состав на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека во моментов е тешко да се каже дали ќе се заокружи целата постапка од новата власт.

„Што ќе се случува понатаму не можеме да предвидиме, но со оглед на тоа што актуелното владејачко мнозинство е стабилно, и веќе покажа дека лесно може да стигне до 2/3 мнозинство во Собранието, можеме да кажеме дека ќе биде потребна само политичка волја за заокружувањето на процесот и избор на нови членови во овие две тела. Секако, ние се залагаме изборот да биде транспарентен и во него да бидат избрани експерти кои ја познаваат медиумската сфера и медиумските политики“, велат од ССНМ.

Извор на фотографија: Frederic Köberl on Unsplash.

 

Од 2018 година до ден денес, Собранието не ги спроведе најавените активности за избор и именување на раководните тела во МРТ и во ААВМУ, и покрај редовно упатуваните критики и барања од страна на еснафските новинарски здруженија. Покрај годишните извештаи на Европската комисија посветени токму на состојбата во која се наоѓаат медиумите во земјава, треба да се посочи и на публикацијата „Северна Македонија: Показатели за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2022“. Меѓу другото, во оваа публикација, покрај изборот на ново раководство на јавниот сервис, се укажува и на обидот на претходната власт во ноември 2022 година да се направат законски измени во Собранието за да се намали законски загарантираниот буџет за МРТВ.

„МРТ сѐ уште се соочува со финансиски проблеми поради задолженоста од претходните години, а и поради фактот што владата не ги исплаќаше целосно средствата според динамиката предвидена во законот“, се наведува во публикацијата на ЗНМ.

Од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија велат дека забелешките на ЕУ во однос на јавниот радиодифузер и регулаторот на медиумите се добронамерни и засновани на одредени стандарди и вредности и претставуваат одредени насоки за подобро функционирање и на МРТВ и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а со тоа и подобрување на медиумската сфера. Сепак, влијанието на ЕУ е ограничено, и на терен сите препораки, усогласувања и измени, сепак се прават од законодавецот од кој зависи дали тие ќе бидат прифатени, посочуваат од ССНМ.

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велат дека проблемот со изборот на раководните тела останува.

„И покрај инсистирањата и насоките од еснафските новинарски здруженија, како и во минатите неколку години така и во 2023 не се случи избор на нов независен Програмски совет и нови раководни органи“, велат од ЗНМ.

Тие додаваат дека средствата за финансирање на радиодифузната дејност, за работењето и развојот на МРТ, Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија, во висина од 1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија и дополнувања што потенцијално ја зајакнуваат финансиската состојба на МРТ, а кои беа изгласани во Собранието.

Од тогаш па до крајот на 2023, Владата не ја применувала се уште таа одредба, односно не им ги исплаќа на трите субјекти, вклучително и на МРТ, средствата од наплатените даноци, според утврдениот процент”, појаснуваат од ЗНМ во однос на финансиската независност, која исто така е предмет на критика во минатогодишниот Извештај на Европската комисија на земјава.

Од ССНМ додаваат дека нивните очекувања во однос на работењето на јавниот сервис во наредниот период се дека МРТВ треба да бидат независни во нивното дејствување.

„Што се однесува до работењето на МРТВ, нашите очекувања како организација која се залага за независно и објективно новинарство кое треба да го штити јавниот интерес, се разбира се во насока на тоа јавниот сервис да биде независен, да нема мешања од извршната власт или од политички партии, да се почитува законот за финансирање на јавниот сервис, односно да се овозможи независно дејствување на МРТВ”, велат од ССНМ.

И самите новинари сметаат дека спроведувањето на медиумските реформи е значајно не само за одржување на слободата на изразување во земјава, туку и за подобрување на условите за работа, зголемување на ниските плати во новинарството и надминување на поделеноста во новинарската фела и политичкото влијание врз медиумите. Токму професионалното работење на МРТВ и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во иднина може да има позитивно влијание врз надминување на бројните проблеми во македонскиот медиумски систем.

„Во поглед на работничките права за независно новинарство би кажал дека бележат прогрес, но сè уште се далеку од идеалниот стандард. Предизвик кон кој мора и може многу подобро да се пристапи. Од друга страна пак, социоекономската несигурност и понатаму владее во медиумскиот сектор. Токму поради ова кај младите опаѓа интересот за изучување на новинарството како професија, имајќи ја предвид фактичката ситуација на потпросечени примања“, вели Виктор Вукановски, новинар во Канал 77.

Европската комисија пак во минатогодишниот Извештај е јасна – во однос на слободата на изразување како фундаментално право земјава постигнала ограничен напредок, барајќи да се зајакне токму независноста и капацитетот на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top