ДИВИ ДЕПОНИИ НА СЕКОЈ ЧЕКОР, ЕУ ЈА ЧЕКАМЕ ДА НИ ГИ ИСЧИСТИ

Автор: Сара Танаскоска

Еден од најголемите проблеми со кој се соочува Македонија се дивите депонии, кои за жал ги има сè повеќе. Планините, долините, реките, езерата, националните паркови се полнат со ѓубре, кои претставуваат производ на несовесното однесување на поединци, но се и закана по здравјето на луѓето и ја загадуваат животната средина. На тлото на земјава моментално има околу педесетина поголеми општински нестандардни депонии, кои се лоцирани во близина на градовите и немаат А-интегрирана еколошка дозвола за нивно функционирање. Дополнително, некои викенд населби и рурални општини немаат организирано собирање на отпадот од јавни комунални претпријатија, што пак создава диви депонии крај секое населено место.

Од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Биди Зелен“ од Скопје велат дека доколку сакаме да бидеме дел од Европската Унија, неопходен предуслов е земјата да има солидно опремен, обучен и екипиран сектор за управување со отпад, за да може да се справи со зголемениот наплив на работа кој произлегува од потребата да се одржат и надоградуваат стандардите на Европската Унија кои ги внесуваме во нашето законодавство за управување со отпад.

„Мора прво да започнеме со подобрување на квалитетот на податоците кои ги имаме. Само врз основа на квалитетни и целосни податоци може да градиме политики и мерки за управување со отпадот, кои ќе функционираат и ќе може да се мери нивната ефикасност. Бидејќи сега, системите за податоци за отпад во Македонија се слабо развиени. Квалитетен систем на податоци ќе создаде стабилна база за институциски развој”, вели Блаже Јосифовски од Биди зелен“.

Според податоците со кои располага Министерството за животна средина и просторно планирање, вкупните трошоци за поставување на регионалните системи за управување со отпад, односно изградбата на четири регионални депонии, транспортните средства и контејнерите, треба да чинат 83 милиони евра. Од нив, 21 милион евра се за набавка на камиони, 16 за набавка на контејнери, додека за изградба на депонии и претоварни станици се предвидени 46 милиони евра.

Без воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад, коишто ги бара со години наназад и Европската Унија од македонските власти, земјава нема да може да се справи со ѓубриштата и нестандардните општински депонии кои се палат, мирисаат и ги загадуваат околните почви и води. Министерството за животна средина и просторно планирање не одговори на нашето прашање за тоа колкав е вкупниот број на диви депонии создадени низ целата земја, а и од здружението „Гоу Грин“ со потешкотија можат да посочат за бројката на локациите со нелегално расфрлан отпад.

„Во Македонија, скоро секое населено место, посебно тие од руралните средини, си имаат една или две диви помали депонии во близина на нив. А, дополнително имаме педесетина поголеми општински депонии, кои не ги исполнуваат законските прописи, и продолжуваат да бидат користени и управувани со пари на општините“, додава Блаже Јосифовски од „Биди Зелен“.

Во атарите на многу македонски села се лоцирани диви депонии; Фото: Бојан Блажевски

Без воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад, кои претпоставуваат изградба на современи регионални депонии по стандардите на ЕУ и затворање на постојните локации каде се трупа ѓубре надвор од законските стандарди, Македонија тешко дека ќе може да ги исполни стандардите од Поглавјето 27 од преговорите за зачленување во ЕУ, кое се однесува на животната средина и климатските промени.

Европската комисија (ЕК) во минатогодишниот Извештај за напредокот на земјава на евроатлантскиот пат токму во Поглавјето 27 наведува дека во 2024 година властите треба да го направат оперативен регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион. И покрај ваквата препорака од европските власти, распишувањето на тендерот за изградбата на идната регионална депонија во Општина Свети Николе доцни, иако на терен избраниот изведувач од Министерството за животна средина веќе требаше да работи на изведбените работи.

Најадекватен показател дека Македонија нема стратегија што да прави со отпадот се последните податоци на Државниот завод за статистика за 2023 година, кои покажуваат државата се ‘гуши’ во отпадоци. Вкупното количество на собран комунален отпад од јавните комунални претпријатија во изминатата 2023 година изнесува 621,686 тони, а споредено со 2022 година истото е зголемено за 2,6%. Дури 99,8% од собраното ѓубре завршило на општинските депонии. Наспроти ова, количеството на создаден комунален отпад лани изнесувало 873.303 тони и е драстично поголемо количество од собраното ѓубре. Ова значи дека само во 2023 година над 250.000 тони комунален отпад завршил на дивите депонии, односно бил расфрлан во природата од страна на несовесните граѓани.

На ваквите катастрофални податоци се надоврзуваат и податоците дека од година во година расте количеството на ѓубре што го создава македонското општество. Па така, ако во Македонија во 2016 година еден жител во просек создавал по 376 килограми комунален отпад годишно, лани ваквата просечна бројка се зголемила на дури 503 килограми создаден отпад.

Паралелно со растот на количеството создаден отпад, статистичките податоци предупредуваат дека и ѓубрето што се собира од домаќинствата и компаниите не е селектирано и како измешан отпад завршува на општинските депонии.

Според видовите отпад, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад – 531.033 тони или 85.4 %, а најмало количество има отпадот од гума – 1.301 тон или 0.2 % од вкупното количество собран комунален отпад“, информираат од Државниот завод за статистика за состојбата со комуналниот отпад во 2023 година.

Од невладиниот сектор сметаат дека проблемот со управување на отпадот може да се реши со силна политичка волја за да се надминат административните бариери.

„Нашите институции се соочуваат со голем број на административни бариери при реализацијата на проектите. Нашите служби, соодветно реферираат за овие проблеми кон повисоките ниво на носење на одлуки во институциите, но засега не се менуваат законски прописи за да се олесни имплементацијата на проектите. За да се забрза процесот, потребна е силна политичка волја и поддршка“, вели Блаже Јосифовски од здружението „Биди Зелен“.

Исто така, од „Биди зелен“ додаваат дека се потребни мерки кои ќе се насочат кон локалното население за тие да се запознаат со придобивките од новиот начин на функционирање на системот за управување со отпадот.

Во меѓувреме, додека не профункционираат регионалните системи за управување на отпадот, македонските власти парцијално го решаваат проблемот со дивите депонии преку финансиските средства што ги обезбедува Европската Унија. Министерството за животна средина во општините од Источниот и Североисточниот регион веќе втора година по ред ги чисти создадените ѓубришта и нестандардни општински депонии.

Кога станува збор за дивите депонии, во Пробиштип се затворени 22 ѓубришта, во Берово се затвораат 11 вакви локации, додека во Виница се работи на 3 нелегални ѓубришта. Во моментов се чисти ѓубрето и на локации во Кочани (10 диви депонии), Чешиново-Облешево (7), Делчево, Штип и Карбинци (по 5 локации), Пехчево (3) и Зрновци (1). Годинава преку овој проект на ЕУ ќе се чисти нелегално расфрланиот отпад и од локации во Кратово, Куманово, Крива Паланка, Ранковце, Липково и Старо Нагоричане.

 

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

         

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top