ДИЛЕМИТЕ НА ЕДНА АМБИЦИОЗНА СТУДЕНТКА
Автор: Маида Халими
Високото образование е камен-темелник на развојот на секоја земја, обликувајќи ги не само интелектуалните и професионалните капацитети на граѓаните, туку и нивната економска и социјална иднина. За Северна Македонија, една мала балканска земја без излез на море, високото образование одиграло и игра важна улога во нејзината транзиција од едне дел од поранешна Југославија во независна и демократска држава. Сепак, високообразовниот систем во земјава се соочува со бројни предизвици кои го попречуваат нејзиниот целосен потенцијал, предизвици кои може да се гледаат и како единствени можности за напредок.
Иднината на Северна Македонија во голема мера зависи од нејзината способност да го развие својот истражувачки капацитет. За универзитетите, истражувањето претставува не само суштинска академска активност, туку и витална активност за решавање на предизвиците од реалниот живот и проширување на регионалните и глобалните познавања и конкурентност. Нивната способност да го сторат тоа зависи од поддршката што ја добиваат, како од владата, така и од меѓународните мрежи за соработка. Меѓутоа, за целосно искористување на истражувачкиот потенцијал, универзитетите треба да надминат бројни пречки поврзани со имплементацијата на постоечките стратегии.
Неколку предизвици го попречуваат растот на силен истражувачки екосистем во Северна Македонија, повеќето од кои произлегуваат од системски прашања во финансирањето, инфраструктурата и човечкиот капитал. Еден од најемергентинте предизвици со кои се соочуваат универзитетите е недостатокот на соодветно финансирање за научно истражување. Владините трошоци за истражување и развој (R&D) во Северна Македонија се ниски во споредба со стандардите на ЕУ. Според податоците на Светска банка, Северна Македонија инвестира околу 0,38% од БДП во истражување и развој, ниво што е многу пониско од просекот на Европската унија, кој изнесува околу 2% од БДП (Светска банка, 20 ноември 2022 година). Овој недостаток на финансиска поддршка ја намалува способноста на универзитетите да привлечат талентирани студенти и истражувачи да инвестираат во модерна опрема и да финансираат проекти од поголеми размери.
Друг голем предизвик, поврзан со првиот, е актуелното прашање на „одливот на мозоци“. Многу талентирани научници и дипломирани студенти бараат подобри можности во странство поради ограничените перспективи за кариера и ниските плати во Северна Македонија. Според извештајот на Светска банка, речиси 40% од граѓаните со високо образование емигрирале во странство (Група на Светска банка, Миграција и одлив на мозоци, 2019 година). Овој одлив на интелектуален капитал го поткопува долгорочниот истражувачки капацитет на земјата и дополнително ја ослабува веќе стеснатата академска средина. Оваа појава има влијание и врз учеството на Македонија во меѓународните истражувачки програми, како што е Хоризонт Европа, каде конкуренцијата е жестока и од истражувачките институции се бара да бидат стручни и да имаат високи капацитети за да конкурираат за фондови.
Просечната плата на универзитетски професор во Северна Македонија е многу помала (39,956 денари просечна плата) во споредба со земјите од ЕУ, регионот и соседните земји (Државен завод за статистика, 22 октомври 2024 година). Оваа ниска плата, заедно со ограничените можности за напредување во кариерата и небезбедната истражувачка инфраструктура, принудува многу академици да заминат во земји каде што може да се понудат подобри можности.
Моето непосредно искуство ми помогна да разберам дека овие пречки не се само теорија, туку се дел од реалноста на истражувањата и студиите во Северна Македонија. За време на моите студии иницирав истражување во мојата област во рамките на групата на општествени науки што можеше да даде важен придонес, а наидов на пречки од недостатокот на финансиски ресурси кои се достапни за истражување, кои се многу ограничени и честопати недоволни за да ги покријат основните потреби за спроведување на успешно истражување. Доколку инвестициите во истражувањето се недоволни, дали можеме да кажеме дека нашите универзитети и професори се во неповолна позиција да го поддржат развојот на истражувачките вештини на студентите и дали тоа е товар кој повеќе ги одмага отколку ги помага да напредуваат во академската кариера?
Иако многу ја сакам мојата земја и ова чувство е секогаш присутно, има дел од мојот ум кој рационално размислува колку би можела да се развивам како индивидуа доколку би имала можност да студирам во квалитетен и меѓународно признат универзитет. Кога ги споредувам универзитетите и можностите кои тие ги нудат, забележувам дека во многу развиени земји пристапот кон образованието е диференциран и ориентиран кон праксата. Универзитетите таму имаат напредна инфраструктура, можности за поврзување со професионалци и експерти и подобри можности за вклучување во научно истражување. Исто така, универзитетите во развиените земји често нудат можности за големи финансиски и академски ресурси, кои можат многу да помогнат во развојот на кариерата.
Бидејќи сум на прагот на завршувањето на моите додипломски студии, времето на мојата идна академска кариера е клучна точка на рефлексија за чекорите што ќе ги преземам во иднина. Желбата да напредувам понатаму во областа на високото образование ме наведе сериозно да размислувам за можноста за студирање во странство. Оваа одлука, иако е тесно поврзана со моите професионални амбиции, е исто така и можност за стекнување искуство и стручност во научното истражување, што тешко се постигнува во образовниот систем на Северна Македонија каде што има малку инвестиции и поддршка за истражувачки проекти и можности за практикантска работа.
Значи мотивот што го прави студирањето во странство привлечно е можноста да се биде дел од академската култура која го поттикнува и поддржува истражувањето и развојот на нови идеи. Во развиените универзитети, често постои многу поблиска врска помеѓу истражувањето и индустријата, а студентите имаат можност да работат директно со компании и меѓународни организации за да развијат проекти и да ги применат научните теории во праксатa. Ова е еден аспект што ме интересира, бидејќи научното истражување не е само академска активност, туку треба да има и конкретно и мерливо влијание во реалниот свет, во индустријата и општеството.
Прашањето кое постојано си го поставувам себеси, но пред се треба да си го постави државата: дали ќе сакам да се вратам во Македонија, откако ќе заминам на академско усовршување во странство, и да го понудам моето знаење овде? Верувајте, речиси сите студенти кои заминуваат во странство си го поставуваат истото прашање. Иако немам точни податоци, претпоставувам дека разбирате дека повеќето такви студенти не сакаат да се вратат. Државата, институциите, политичките елити мора да си го постават ова прашање себеси: каде оди државата кога студентите бегаат од неа?!
Како заклучок, некои од можностите за напредок би можеле да вклучат зголемување на државниот буџет за истражување и развој (R&D), достигнувајќи го барем просечното ниво на ЕУ со 2% од БДП-то. Зголемувањето на финансиската поддршка за научно истражување ќе овозможи развој на поголеми истражувачки проекти и промоција на создавање нови можности за вработување на талентираните истражувачи.
Второ, да се подготви посебен план за поттикнување на студентите и професорите кои постигнуваат одлични академски и истражувачки резултати. Овој план треба да вклучува директни придобивки, како што се субвенциите за истражување, можностите за меѓународни научни публикации и можности за напредување во кариерата за оние кои значително придонесуваат во академските и истражувачките области.
Независната и ефикасна контрола на квалитетот во високото образование е суштинска компонента за да се гарантира успешно и одржливо образование во Северна Македонија. И покрај фактот што постојат институции и тела задолжени за следење на високото образование, во моментов тие не се доволни за да обезбедат целосна и ефикасна проценка на квалитетот. Затоа, за да се подобри контролата, треба да се стави во функција Агенцијата за квалитет во високото образование, која досега нема направено никакво оценување и да се имплементира независен и транспарентен систем на евалуација.
Маида Халими, студентка на Факултетот за современи општествени науки, Универзитет на Југоисточна Европа.
Колумната е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ кој го спорведуваат Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС, а финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.