ДИСКРИМИНАЦИЈАТА ТРОПА НА ВРАТАТА НА УЧИЛИШТАТА?
Автор: Бранкица Несторовска
Пакетот од пет предлог-закони на Министерството за образование и наука (МОН) чија цел требаше да биде унапредување на образовните услуги, отвори стари рани и ја разбранува јавноста. Предлогот за отстранување на дискриминаторските основи: род, сексуална ориентација и родов идентитет од Законот за основно образование, но и нивно невметнување во предлог-Законот за средно образование, предизвикаа реакција на граѓанските организации кои работат на полето на човековите права, родовата еднаквост, правата на ЛГБТИ+ заедницата.
Дополнителна реакција предизвика и предложената измена во Законот за основно образование со која терминот „родовата еднаквост“ се заменува со терминот „еднакви можности“.
Забраната за дискриминација по основ на род, сексуална ориентација и родов идентитет беше вметната во Законот за основно образование во 2019 година, па предлог измените со кои тие би се избришале од Законот, според граѓанскиот сектор, но и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, би значеле чекор назад. Во Законот за средно образование пак, кој е стар 30 години, забраната за дискриминација по овие основи досега воопшто не била предвидена, ниту истата ќе биде, согласно предвиденото во актуелниов предлог-закон.
За Комисијата за спречување и заштита од дискриминација предлог-законите се чекор назад
„Тврдењето ‘да не се оптоварува текстот на законот’, се небулозни и невистинити – зошто се избрале токму овие основи, а не некои други. Отстранувањето на трите дискриминаторски основи се резултат на антиродовите движења во земјата“, изјавуваат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Комисија за спречување и заштита од дискриминација
Од Комисијата наведуваат дека тие институционално ќе ги преземат сите мерки кои им стојат на располагање, преку доставување на свое мислење до законодавниот дом, со цел пратениците да интервенираат по однос на предложените измени.
„Дополнително ќе работиме на информирање на пошироката јавност, преку соопштенија во јавноста и јавни настапи, но и информирање на Делегацијата на ЕУ во земјата и меѓународните организации кои работат на полето на заштитата на човековите права”, велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Ранливите категории на деца на удар на измените на законите
Извор: Marta Sher / Pixabay
Од граѓанските организации пак сметаат дека оваа постапка на Министерството испраќа јасна порака дека одредени групи не се заштитени од дискриминација, дури ни во најсензитивните области, како што е образованието.
„За жал, констатираме дека ваквата постапка нè враќа пред 1946 година и води единствено кон зацврстување на патријархалното насилство и континуираното исклучување на најранливите деца”, стои во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.
Според нив, иако првичната цел на измените во Законот за основно образование е да се спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права – Елмазова и други против Република Северна Македонија за да се спречи сегрегацијата на Ромите во основното образование, тоа ќе се искористи за остварување на други цели.
Коалиција Маргини
Од „Коалицијата Маргини“ кои работат на полето на правата на маргинализираните групи, наведуваат дека иако забраната за дискриминација по основ на род, сексуална ориентација и родов идентитет е наведена во Законот за спречување и заштита од дискриминација, доколку предложените измени во Законите за основно и средно образование се усвојат, тоа ќе предизвика сериозни последици.
„Иако Законот за спречување и заштита од дискриминација поставува поголема заштита, ќе имаме големи потешкотии, прво да работиме со луѓето на тоа дека не смеат да дискриминираат без оглед на тоа што се основите тргнати, а второ да ги охрабриме жртвите да пријават“, изјавуваат од „Коалиција Маргини“.
Законот за спречување и заштита од дискриминација над другите закони
Инаку, еден од главните предизвици при измените на двата закони е нивната неусогласеност со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Член 5 од овој Закон ја забранува секоја дискриминација вклучително и таа по род, сексуална ориентација и родов идентитет.
Истовремено, Законот за спречување и заштита од дискриминација во член 48 пак предвидува дека сите национални закони коишто содржат одредби кои се однесуваат на спречување и заштита од дискриминација ќе треба да се усогласат со него во рок од две години од денот на неговото влегувањето во сила. Истиот беше потпишан и стапи во сила со указ на тогашниот Претседател на државата, Стево Пендаровски, во октомври 2020 година.
Значи, иако законски е предвидено усогласување на националното законодавство, во случајов со Законите за основно и средно образование не само што не се спроведува, туку и се уназадува.
МОН: Дискриминација нема да биде дозволена
Од Министерството за образование и наука пак, уверуваат дека дискриминација во училиштата по ниту еден основ нема да биде дозволена.
Од таму бришењето, односно невпишувањето на забрана за дискриминација по основ на род, сексуална ориентација и родов идентитет, наведуваат дека се прави за да не се обременува текстот на законот.
Извор: Ратко Мирчески / Министерство за образование и наука
„Особено е важно што МОН не само што законски ќе ги заштити учениците од дискриминација и сегрегација, туку во следниот период заедно со училиштата и граѓанскиот сектор, повеќе ќе бидеме насочени кон превентивни активности и едукација на учениците за почитување на различностите и градење на мирна, хармонична и безбедна средина за учење“, велат од МОН.
Од Министерството наведуваат дека кога двата закони ќе стигнат во Собранието, пратениците ќе имаат можност да интервенираат со предлози за измена на нивните содржини.
„Предлог Законите за основно и средно образование, понатаму ќе бидат проследени во собраниска процедура, каде исто така пратениците имаат можност за дополнително усовршување на содржината“, изјавуваат од МОН.
Национални стратегии за недискриминација
Инаку Македонија има усвоено Националната стратегија за родова еднаквост 2022-2027 како основен стратешки документ на земјата за унапредување на родовата еднаквост. Сепак, нејзиното спроведување не ги задоволува европските стандарди.
Извор: Еxampleslab
„Спроведувањето на Националната стратегија за родова еднаквост (2022-2027) е слабо, а меѓуинституционалните механизми за спроведување и следење на политиките за родова еднаквост треба да се зајакнат“, се наведува во Извештајот на Европската Комисија за 2024 година.
Освен оваа стратегија која треба да ја унапреди родовата еднаквост, земјава слаби резултати покажала и во спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација усвоена за периодот 2022-2026.
„Не дала значителни резултати”, е нотирано во последниот Извештај на Европската комисија за Македонија, при што се наведува дека во 2023 година во земјава биле регистрирани 1.171 случај на говор на омраза, од кои најзастапени биле тие по основ на етничка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет и националност.
Европски искуства
На полето на родова еднаквост во образованието, Франција и Германија се земјите кои работат на преземање на мерки за нејзино подобрување. Во Франција вклучувањето на родовата еднаквост во наставните практики се прави преку обуки за наставниците и развој на ресурси, како за наставниците, така и за родителите. Една од клучните иницијативи на ова поле е програмата „ABCD of Equality”, стартувана во 2013 година и насочена главно кон промовирање на родовата еднаквост.
Во Германија пак, биле направени напори за надминување на родовите стереотипи во учебниците и наставните материјали кои ги прикажувале жените и мажите во традиционални улоги.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.