ДОКУМЕНТАРЕЦ / ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ ПОД ЛУПА: КОЛКУ Е ТРАНСПАРЕНТЕН БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?

„Безбедносниот сектор е синоним за тајност. Тајни операции, тајни служби, тајно следење, тајни агенти. Транспарентноста во овој сектор се смета за оксиморон, а отчетноста – за невозможна мисија“. Вака почнува докуемнатецот на Институтот БИРС, произведен со поддршка на од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДКАФ, каде се третираат реформите на безбедносниот сектор и нивните влијание во севкупниот демократски развој на државата.
Ѕидовите на тајноста околу работата на безбедносниот сектор беа изградени во име на националната безбедност. Јавноста немаше никаков увид во информациите за да не се загрози безбедноста на државата. Оваа состојба беше особено изразена за време на Студената војна. По 90-тите години, со распадот на Советскиот Сојуз и бранот на демократизација што го зафати светот, овие ѕидови делумно се урнаа. Тоа доведе до откривање на низа скандали за кои јавноста претходно немаше никакви информации.
Надзорот на безбедносниот сектор е исклучително значаен
Методи Хаџи-Јанев, експерт за безбедносни прашања и универзитетски професор, е ангажиран од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДКАФ, каде што спроведува обуки и работилници за претставници на граѓански организации и медиуми. Целта е да се поттикне ефективен граѓански надзор над разузнавањето и безбедноста. Тој е и дел од C3I, организација што разви индикатори за мерење на успешноста на разузнавачко-безбедносниот сектор, со фокус на транспарентноста, отчетноста и ефективноста.
„Надзорот на безбедносниот сектор во демократските земји е исклучително значаен бидејќи овој сектор акумулира огромна моќ, каква што нема ниту една друга институција. За да се спречи злоупотреба на таа моќ, потребен е надзор кој ќе делува како коректор и ќе ја насочува во вистинска насока“, вели Хаџи-Јанев.
Злоупотребите на безбедносниот сектор ја истакнаа потребата од поефективен надзор, поставувајќи ја оваа тема како клучен предуслов за нормално функционирање на една држава. Сепак, овој надзор не е лесна задача.
„Пречките за надзор варираат меѓу општествата и можат да бидат одраз на културолошки, историски или политички фактори“, истакнува Хаџи-Јанев.
Александар Стојановски е автор на студија за транспарентноста и отчетноста на британските, македонските и словенските тајни служби, изработена во рамките на програмата на ДКАФ за реформи во разузнавачкиот сектор. Тој заклучува дека балансот меѓу тајноста и транспарентноста останува контроверзна тема.
„Во 2023 година направивме компаративна анализа за тоа како тајните служби комуницираат со јавноста. Ги споредивме македонските, словенските и британските служби. Нашите служби немаат ист степен на отвореност како оние во Западна Европа, особено во Велика Британија, но не се ни целосно затворени“, вели Стојановски
Потребни се законски основи за контрола на службите
Безбедносниот сектор во Северна Македонија помина низ повеќе реформи, кои создадоа рамка за демократско функционирање и заштита на граѓанските права. Актуелното законодавство нуди простор за подобрен надзор и поголема транспарентност, но реформите бараат континуиран и инклузивен процес со учество на сите релевантни чинители.
„Потребни се законски основи за контрола на службите. Актуелните закони не се лоши, но проблем е имплементацијата. Тешко се добиваат безбедносни сертификати, дури и за оние што се овластени за надзор. Исто така, треба да се едуцираат вработените во службите дека подлежат на контрола и дека мора да бидат отчетни“, вели Искра Коровешовска, уредник во ТВ Алфа.
И покрај напредокот, безбедносниот сектор во Северна Македонија сè уште е обвиткан со тајност, слично како и во регионот и пошироко, каде националната безбедност често има предност пред човековите права.
„Нашите служби се делумно отворени – имаат веб-сајтови, годишни извештаи и одредена комуникација со јавноста. Агенцијата за разузнавање, на пример, дава информации за своите активности. Но, во споредба со МИ5 и МИ6 од Велика Британија, каде има поотворен пристап и алатки за вклучување на граѓаните, ние сме далеку зад нив“, вели Стојановски.
Искра Коровешовска објаснува дека „транспарентноста не значи откривање тајни, туку градење доверба меѓу граѓаните и службите преку соработка со медиумите и граѓанскиот сектор.“
Ефективниот надзор е клучен за поголема транспарентност и отчетност

Без квалитетен надзор, тајноста во безбедносниот сектор може да стане загрижувачка, особено во време на глобални конфликти кои ја зголемуваат опасноста по безбедноста. Ефективниот надзор е клучен за поголема транспарентност и отчетност, но бара конкретни чекори.
„Прво треба да се подигне свеста, а потоа да се градат капацитети. Дебатата треба да објасни зошто е важна транспарентноста и какви се нејзините придобивки за националната безбедност“, вели професорот Методи Хаџи-Јанев.
Стојановски, пак, истакнува дека „медиумите имаат одреден капацитет да ја следат работата на службите, но тој треба да се зголеми. Граѓанскиот сектор, пак, сè уште е ограничен во оваа област.“
Собранието и владата играат важна улога во надзорот, но граѓанските организации и медиумите се подеднакво значајни за независен надзор. Транспарентноста подразбира јавност и достапност, додека отчетноста бара механизми за одговорност. Овие принципи се дел од Патоказот со индикатори развиен од ДКАФ, кој служи како алатка за мерење на напредокот во разузнавачко-безбедносниот сектор.
„Индикаторите се резултат на опсежен процес со работилници и анализи. Тие помагаат да се зголеми транспарентноста и да се намалат сомнежите кај јавноста, истовремено обезбедувајќи ефикасност во работата на службите“, вели Хаџи-Јанев.
Ефективноста на граѓанскиот надзор зависи од капацитетот на медиумите и невладините организации. Во Северна Македонија, малку медиуми имаат ресурси за длабински анализи, а граѓанските организации не се доволно специјализирани. Обуките, како оние на ДКАФ, се клучни за подобрување на овој капацитет.
Една од учесниците на овие обуке е и Коровешовска. Таа вели: „Медиумите имаат минимален капацитет за надзор. По 20 години работа, дури минатата година, преку обуките на ДКАФ, научив како да ја покривам работата на службите. Тоа покажува колку ни недостасуваат едуцирани новинари.“
Стојановски подвлекува дека „обуките на ДКАФ се основа за граѓанските организации и медиумите да ја разберат работата на службите и да ја подобрат својата надзорна улога.“
Транспарентноста и отчетноста се столбовите на доброто управување со безбедносниот сектор. Иако има напредок, потребни се дополнителни напори. Граѓанските организации и медиумите, со својата независност, остануваат клучни за иднината на овој процес.
(Документарецот е реализиран во април 2024 година)