ЕВРОПСКИОТ АКТ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИ – ПРЕДИЗВИК ЗА МАКЕДОНСКОТО ЗАКОНОДАВСТВО
Автор: Михаил Милошевски
На Македонија, како земја-кандидат за членство во ЕУ, и претстои работа за пренесување на Европскиот акт за слобoда на медиуми и негова примена
Иако е далеку од земјите со најразвиена демократија, Македонија има направено важни чекори за заштита на медиумската слобода, што е една од основните параметри за мерење на степенот на демократија во едно општество. Сепак, земјава сè уште се соочува со сериозни предизвици во тој домен, вклучувајќи закани, па дури и насилство кон новинари, корупција, политичко и бинзис влијание, како и недостиг на ефикасна правна заштита на новинарите. За да се обезбеди вистинска слобода на медиумите, потребно е континуирано подобрување на законодавните и институционалните мерки и зајакнување на културата на одговорност и транспарентност. Како една од „мерките“ која што би можела да придонесе во подобрување на слободата на медиумите и позицијата на новинарите во македонското општество е Европскиот акт за слобода на медиумите кој беше донесен во Европскиот парламент на седми мај годинава, а се очекува целосно да се имплементира до август 2025 година.
Европски акт за слобода на медиумите
Важноста на слободата на медиумите и заштита на новинарите неколку години беше тема во рамки на Европската унија, која во тој период се соочи со неколку убиства на новинари кои работеле на теми за откривање на висока какорупција и организиран криминал и тоа во земји-члнеки на Унијата. По неколку годишни подготовки во мај оваа година во Европската унија влезе во сила Европскиот акт за слобода на медиуми, регулатива предложена од Европската комисија во 2022 година, со цел да го заштити и унапреди плурализмот и независноста на медиумите во Унијата. Актот предвидува мерки кои имаат за цел да ја гарантираат транспатрентноста на медиумската сопственост, да се се спречи политичкиот притисок и да се обезбеди независноста на новинарите.
Актот предвидува и создавање на независен Европски совет за медиумски услуги кој ќе ги надгледува спроведувањето на овие мерки, вели извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски, според кого, иако актот, пред се, се носи за земјите-членки, Македонија како кандидат несомнено ќе мора да игра по истите правила.
„Како кандидат за членство во Европската Унија, Македонија ќе мора да ги усогласи своите закони со европските регулативи и стандарди, вклучувајќи го и Европскиот акт за слобода на медиуми. Ова значи дека ќе бидат потребни законски промени за да се имплементираат одредбите од овој акт. Усогласувањето со европските регулативи ќе значи подобрување на медиумската регулатива, зголемена транспарентност и заштита на новинарите во Македонија“, вели Секуловски.
Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ
Во однос на фактичката состојба за слободата на медиумите во Македонија, Секуловски вели дека напредок има, но скромен.
„ Минатогодишната измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше направена со намера да се направи дополнителна синхронизација со ЕУ директивата за аудиовизуелни медиумски политики. Овие измени имаа за цел подобрување на финансиската состојба на Македонската радио телевизија и адаптација на законодавството, овозможувајќи македонските медиуми да аплицираат на програмата на ЕУ за поддршка, наречена Креативна Европа. Меѓутоа, избрзаните амандмани на истиот закон непосредно пред парламентарните избори од оваа година, кои ја намалуваат улогата на медиумскиот регулатор, претставуваат потенцијален ризик за правото на медиумите да аплицираат“, заклучи Секуловски.
Владиното рекламирање е спротивност на Актот за слобода на медиумите
Првиот човек на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски вели дека со Актот би требало да се обезбеди стабилно финансирање на медиумите и Јавниот сервис, да се заштитат медиумуте од политичко мешање и влијание, како и да се зголеми транспарентноста во сопственоста на медиумите и распределбата на државното рекламирање.
Дополнително, привремената спогодба ја утврдува обврската за земјите-членки да гарантираат ефикасна заштита на новинарите и медиумските провајдери при вршењето на нивната работа и забранува користење на присилни мерки за принуда на новинарите.
Павле Беловски, претседател на ССНМ
„Нешто што би издвоил е делот со Заштита на слободата на медиумите на ЕУ од големите платформи. Европратениците се погрижија да вклучат механизам за спречување на многу од големите он-лајн платформи како Фејсбук, X или Инстаграм, произволно да ограничуваат или бришат независни медиумски содржини. Платформите, прво ќе треба да ги разликуваат независните медиуми од независните извори. Медиумите ќе бидат известени кога платформата има намера да ја избрише или ограничи нивната содржина и имаат 24 часа да одговорат“, вели Беловски.
Конкретно за Македонија, Беловски вели дека како земја-кандидат, Актот би требало да ги помине усогласувањата со идното новоформирано министерство и медиумските чинители. Според него, треба навремено да се направат интервенции во Законот за медиумите и да се прокламираат главните определби од Актот или пак да се усвои во целост.
Во меѓувреме, Македонија бележи одреден напредок во унапредувањата на правата на новинарите, а еден од клучните закони кои беше донесен под притисок на ССНМ и ЗНМ – се измените на Кривичниот законик, кои стапија на сила, а со кои напад врз новинар се третира како напад врз службено лице, како и измените во Законот за граѓанска одговорност во кои казните се намалени за правното лице, уредникот и новинарот.
Но, Беловски вели, изборот на програмски совет при МРТВ и обнова на членовите на АВМУ се уште се предмет на политички пермутации, а постојат и други тековни проблеми.
„Веднаш би ја нотирал црната точка која по пет години мораториум е однова на сила. Измените на Законот за Аудио и аудио визуелни услуги во кои пред три месеци се тргна забраната за владино рекламирање кај националните концесионери. Сомнителната пракса, преку која милиони евра доминантно завршуваа во националните телевизии, сега одново е на сила, што пак е сосема неусогласено со Актот за слобода на медиумите на Европската унија“, вели Беловски.
На Македонија и претстои работа за пренесување на Европскиот акт за слобoда на медиуми и негова примена
Една од главните алки кои би требале да вршат надзор по евентуалното инкорпорирање на Европскиот акт во македонското законодавство би била Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Од Агенцијата која е задолжена за обезбедување на јавност во работата на радиодифузерите и за заштита и развој на плурализмот на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услугa велат дека земјава треба да го транспонира севкупното европско законодавство.
Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, е на став дека земјава веќе има направено одредени прилагодувања на законодавниот систем, но смета дека претстои работа за пренесување на Европскиот акт за слобoда на медиуми и негова примена.
Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ
„Со Уставот и со закони е загарантирана заштитата на изворот на информации на новинарите; давателите на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги мора да објавуваат импресум и да бидат транспарентни во врска со нивната сопственост; законски е загарантирана нивната уредничка независност итн. За некои аспекти, имаме барем дел од правилата, но немаме таков тип на субјекти – на пример, во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се инкорпорирани правилата за платформите за споделување видеа од Директивата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но во земјава не е регистрирана таква платформа, односно, врз големите платформи кои се присутни кај нас, јурисдикција имаат земјите во кои се регистрирани“, вели Трајчевски.
Кога станува збор за тоа колку земјава ги почитува досегашните препораки на Европската унија, тој вели дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на РС Македонија во 2023 нотира дека процесот е поволен, но ограничен, а како еден од главните сегменти каде што се уште треба подобрување се наведени условите за работа на новинарите кои остануваат предизвикувачки. Според Трајчевски, радува фактот што веќе неколку години во оценките за слободата на медиумите од различни светски организации, Македонија бележи напредок.
„Измените во Кривичниот законик и во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета го подигнаа нивото на заштита на новинарите, но и натаму има закани и напади и процесите за казнување на извршителите треба да бидат поефикасни и поефективни. Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е усогласен со Директивата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но во него треба да се сменат уште низа други делови за да биде соодветен за медиумската реалност и за да не го попречува развојот. Се уште не е регулирана позицијата на онлајн медиумите, потребна е реформа на Јавниот радиодифузен сервис“, заклучува Трајчевски.
Европската унија вложува во зголемување на слободата на медиумите
Европската унија на слободата на медиумите гледа како на витален дел од демократското општество и како на основно право на граѓаните на земјите-членки. Ова е јасно одредено во најзначајните документи на Европската унија кога станува збор за фундаменталните права на граѓаните, како и во Европската конвенција за човекови права. Едноставно кажано, една демократска држава не би смеело и не би можело да функционира без слободни медиуми.
Иако со години наназад официјален Брисел работи на зајакнување и давање поддршка за демократизација на медиумите, годинава во март, отиде чекор понапред, кога Европската комисија го усвои „Европскиот акт за слобода на медиумите“. Целта на овој акт е јасно претставување на мерките наменети за заштита на новинарите и медиумските куќи во земјите-членки кога станува збор за обидите за мешање и влијание на било кои политичари и лоби групи. Новиот сет на правила исто така ги гарантира правата на граѓаните за слободен пристап до информациите и одредува одговорност кај земјите членки на Европската унија да создадат такви услови и системи за заштита.
Македонија е земја која е во процес на преговори за членство во Унијата. Имајќи в предвид дека слободата на медиумите е еден од најзначајните аспекти во извештајот на Европската комисија за земјава, како и очекувањата во однос на подобрување на оваа состојба, кога станува збор за ова прашање, поради турбулентното минато, се поставува прашањето – како овој Акт ќе влијае на слободата на медиумите во земјава.
Македонија е најдобро рангирана во регионот според Индексот за слобода на медиуми
2024 година делува како година на промени, кога станува збор за слободата на медиумите во Македонија. Ако во минатото, земјата најчесто беше на дното на сите рангирања во оваа област, годинава, според Индексот за слобода на медиуми на „Репортери без граници“, земјава се најде на 36. место, што е подобрување за две позиции од минатата година и што претставува најдобар скор во споредба со земјите во регионот.
Но и покрај тоа што Македонија е најдобро рангирана, сепак, кога станува збор за новинарството во земјава, во извештајот на „Репортери без граници“, се нотира дека владините претставници честопати се однесуваат понижувачки кон новинарите и дека новинарите се честа мета на вербални напади и навреди.
Речиси идентични забелешки се нотираат и во извештајот на Европската комисија
Во последниот извештај за Македонија, Европската комисија пак нотира дека е потребно земјата поактивно да се вклучи во навременото решавање на случаите на закани и напади врз новинари, а лицата кои ќе сторат физичко или вербално насилство кон новинарите да бидат соодветно казнети. Сепак во Извештајот се наведува дека во споредба со претходните години, во Македонија е постигнат напредок во делот на слобода на изразување и слобода на медиумите, критички да известуваат на различни теми.
Нападите врз новинари се намалија со измените на Кривичниот законик
Медиумиските работници во минатото честопати беа мета на напади од физички лица, но и од политичари и политички партии. Сепак последните информации од МВР укажуваат дека трендот на напади се намалува од година в година, па така ако во 2022 година биле регистрирани 17 случаи на напади врз новинари, во 2023 година, во земјава се регистрирани пет инциденти на напади и закани кон новинари и медиумски работници. Два од овие случаи резултираа со судски пресуди, додека останатите три случаи сè уште се во процес на постапка.
Овие инциденти не само што ги загрозуваат животите и благосостојбата на новинарите, туку и го поткопуваат интегритетот на демократските процеси во земјата, а особено загрижува тоа што се зголемуваат нападите во послабо регулираниот „он-лајн простор“ со акцент на напади кон новинарките. Овие напади се придружени со закани за живот и навреди, што дополнително го отежнува откривањето на сторителите. И покрај напорите на институциите за заштита на новинарите, културата на неказнивост останува голем проблем.
Со измените на Кривичниот законик на некој начин се засили безбедноста на новинарите, бидејќи сега секој напад врз медиумски работник се третира како напад врз службено лице, а обвинителствата во Македонија назначија четири обвинителки како контакт точки за заштита на правата на новинарите, со цел да се обезбеди брза и ефикасна правна заштита. Според Европската унија, ова претставува позитивен развој на настаните за зашитита на интегритетот на медиумите и е евидентиран како позитивен пример во Извештајот за земјава.
Кои се очекувања од Македонија за дополнителен позитивен исчекор?
Покрај наведените работи, Европската комисија укажува на потребата за реформа на Јавниот радиодифузен сервис за да се зајакне неговата независност, како и професионалните стандарди и финансиската одржливост. Ова е еден од проблемите, особено што со години Собранието го одложува назначувањето на Програмскиот совет на Јавниот радиодифузен сервис и Советот на регулаторот за медиуми.
Покрај споменатите препораки, ЕУ очекува Македонија, како држава кандидат за членство, да ја ревидира и својата правна рамка која ги регулира медиумите за да ја усогласи со ЕУ актите и нивните стандарди. Еден од таквите акти е неодамна донесениот Европски акт за слобода на медиумите.
Земјите од соседството се соочуваат со низа проблеми кога станува збор за слободата на медиумите
Што се однесува за состојбите за слободата на медиумите во соседството, интересно е што Грција е на последното место во Европската унија кога станува збор за владеењето на правото и медиумската слобода. Лошото медиумско известување и честите закани за медиумските работници придонесоа Грција да се најде на последното место во извештајот на Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент. Еден од главните причини за оваа ситуација е фактот што поголемиот дел од медиумите во државата се во сопственост на олигарси, кои негативно влијаат на слободата на медиумите и на непристрасното известување.
Во моментов нема некои конкретни најави дека нешто ќе се смени во однос на ова прашање, иако се чини дека ЕУ е се погласна во критикувањето на грчката влада која продолжува да го игнорира решавањето на овој важен проблем.
Слично како Грција, ситуацијата не е ништо подобра ниту во земјите од регионот кои имаат статус на кандидати. Албанија делува како земја која веќе со децении не може да обезбеди пристојни услови за новинарите да ја извршуваат својата работа. Од падот на комунистичкиот режим на почетокот на деведесетите години на минатиот век, па се до денес, водечките политичари ја продолжуваат битката против медиумите и нивната слобода. Пред неколку години, една од водечките телевизиски станици во земјата беше принудена да укине две емисии во кои биле изнесувани критики на сметка на Владата.
Ситуацијата е навидум иста и во соседна Србија. Пред еден месец, еден од претставниците на невладината „Репортери без граници“ за ЕУ и Балканот изјави дека слободата на медиумите во земјата е најзагрозена во последните 22 години. Во моментов, Србија се наоѓа на 98-то место од вкупно 180, додека пак Албанија се наоѓа веднаш зад нив на 99-то место.
Новинарите во Србија се често изложени на закани од страна на политичарите од врвот на власта, а за жал, честа пракса се и физичките напади на новинари со што се загрозува нивната безбедност. Главната препорака во извештајот на „Репортери без граници“ за Србија е да се направат услови за подготовка за усвојување на Европскиот закон за слобода на медиумите, за да се покаже дека Владата сака да продолжи во понатамошниот пат на интеграција, спремна за поддршка на европските стандарди за безбедност и заштита на новинарите.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.