ЕДЕН ОД ТРОЈЦА МЛАДИ СТУДИРА, А СЕКОЈ ДЕСЕТТИ СТУДЕНТ Е ВО СТУДЕНТСКИ ДОМ

Автор: Никола Ристевски

Еден од тројца млади студира, а секој десетти студент е во студентски дом

„Она што најпрво треба да се промени е Законот за студентски стандард со тоа што домовите би добивале повеќе средства и да се подобри менаџирањето со истите“, со овие зборови од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје ни ја опишуваат состојбата во која се наоѓаат студентските домови во земјава. Од условите во сместувачките капацитети не се задоволни ниту студентите, ниту пак управите на студентските домови кои се жалат на малите средства што ги добиваат од државата.

„Поради несоодветната и ниска цена на финансирање по студент, а која е утврдена од Министерството за образование и наука, која и покрај сите инфлаторни движења не е променета повеќе од 20 години, односно дури и е намалена од пред 20 години, управата на домот тешко се справува со наталожените проблеми и предизвици“, велат од Управата на Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид.

Од охридскиот студентски дом се жалат дека вработените се трудат колку што можат да ги подобрат условите за живот на студентите сместени таму, но дека истиот не може да зависи само од нив.

„Моменталната цена на чинење по студент која е определена од Министерството за образование и наука  (МОН) изнесува 6.800 денари месечно, а реалната предлог економска цена на чинење по студент за студиската 2024/2025 година во ДСД „Никола Карев“ – Охрид изнесува 20.406 денари. Од тука за нормално функционирање на дејноста потребно е покачување на цената од 200%“, велат од управата на охридскиот дом „Никола Карев“.

Проблемот со малите средства што генерално се издвојуваат за образованието е нотиран и во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава кон ЕУ за минатата година.

„Јавната потрошувачка за образование и обука минимално се намали на 3,71% од БДП во 2022 година (3,98% во 2021 година), што сѐ уште е далеку од просекот на ЕУ од 5%“, стои во Извештајот на ЕК.

Ако се разгледа државниот буџет за 2023 година, може да се заклучи дека значително повеќе од финансиите за инвестиции на Министерството за образование и наука одат за изградба и реконструкција на училишта, а многу помалку за ученички и студентски домови. Така, од 955.506 илјади денари наменети за инвестиции во просветата, само 156.570 илјади денари се наменети за студентските домови. Тоа е околу една шестина од вкупниот буџет за инвестиции.

Оттука, проблемите со студентскиот стандард остануваат неразрешени, бидејќи како поим студентскиот стандард кај нас ниту економски, ниту законски не е добро определен за да ги помогне идните академски граѓани да живеат, учат и се надоградуваат во местото на студирање. Во меѓувреме, бројот на запишани студенти на факултетите во земјава се намалува.

„Во високото образование вкупниот број на уписи останува низок. Бројот на студенти запишани на прва година студии бележи опаѓање во последниве три години“, стои во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на РСМ кон ЕУ за 2023 година. Покрај тоа што проблемот го нотира и Извештајот на ЕК, истиот е поткрепен и со податоците на Државниот завод за статистика.

Европската Унија во своите правила за млади ги смета луѓето од 15 до 29 години, а според Пописот на РСМ од 2021 година во групата млади од 15 до 29 години се наоѓаат 326.733 лица. Наспроти ова, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во учебната 2022/2023 година имало 53.821 студент запишан на прв циклус студии на македонските факултети, додека во МАК-СТАТ базата е наведено дека има уште 3.939 магистранти и специјализанти и 882 докторанди на универзитетите во земјава.

Ако ваквите бројки се претворат во проценти, тоа значи дека помалку од 20% од младите во земјава се студенти. Дури и кога би се исклучила од овие бројки групата на млади од 15 до 19 години, од кои повеќето се сè уште средношколци, произлегува дека нешто под 30% од македонските млади студираат, односно во просек речиси секој четврт млад е студент.

Но, покрај премалото финансирање на студентските домови и намалениот број на запишани студенти на факултетите, изминативе години беа намалени и веќе достапните легла во македонските студентски домови, откако некои домови во изминативе години се затворија. На пример, Студентскиот дом „Невена Георгиева – Дуња“, или попознат како „Медицинар“, се состоеше од 351 студентско легло, а беше срушен во 2020 година. Тој дом во склоп на скопскиот Клинички центар замина во историјата, поради непостоење на елементарни услови за живот, за коишто студентите повеќе пати апелираа во јавноста. Беше ветена изградба на нов објект, но изградбата никако да започне.

Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје; Фото: Никола Ристевски.

 

Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје започна да се реновира и веќе две години е затворен, а со тоа и околу 500 легла од овој дом не се достапни за студентите. Властите не предложија план што ќе се прави со тие 500 студенти кои претходно се сместуваа таму. Реконструкцијата на овој дом сè уште трае.

Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје; Фото: Никола Ристевски.

 

Кога ќе се погледне Конкурсот за студентско сместување за учебната 2023/2024 година, може да се увиди дека во нашата држава има само 11 студентски домови со 4.778 студентски легла, од коишто многу малку се во еднокреветни дипломски соби. Од овие легла, приближно по 300 се наоѓаат во Битола, Прилеп, Охрид, Тетово и Штип, а другите се во Скопје. Исто така, околу 25% од леглата се издвојуваат за бруцоши, а пак другите се за преостанатите студенти.

Ова значи дека за помалку од 8% од запишаните студенти, државата има обезбедено сместувачки капацитети, односно во нив може да се смести само еден од десет студенти. 50.000 студенти во земјава немаат пристап до студентски кревет и живеат во приватно сместување или во домот на своите родители.

Сепак, и на овој мал број на студентски легла ширум државата, исполнетоста на леглата во домовите не е целосна. Според Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за Ефикасност на мерките, политиките и проектите за исполнување на условите во кои функционираат државните студентските домови во Република Северна Македонија и развој на студентскиот стандард објавен од Државниот завод за ревизија, може да се увиди дека исполнетоста на студентските легла е 77,28 %.

Во Ревизорскиот извештај исто така може да се прочита просечната оценка што испитаниците ја дале за одредени аспекти на домувањето. Во анкетата направена за потребата на овој документ учествувале 8% од студентите што се сместени во студентските домови. Со 1,67 или „Недоволен (2)“ е оценета ставката Техничка опрема (принтер, фотокопир, компјутер, ТВ), а највисоката оцена е таа за ставката Мебел (физичка состојба, функционалност) – 3,33 или „добар (3)“, што значи сместувањето во домовите не е многу добро.

Каква е состојбата со студентските домови во ЕУ?

На прашањето за тоа кои се разликите во однос на квалитетот на условите за живот во студентските домови во Северна Македонија наспроти земјите-членки на Европската Унија, од Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) најнезадоволни се од исхраната кај нас.

„Најпрво количината на храна, квалитетот на храна и условите во самите студентски соби и заеднички простории како тоалети итн.“, одговараат од УСС на УКИМ. Храната, креветот и тоалетот сè уште се недостижен триаголник за студентот во нашата држава.

Како земја-членка во ЕУ со која решивме да направиме споредба за бројот на легла во студентските домови ја земавме Словенија, која има број на население и големина на нејзината територија речиси идентична на нашата земја. Во Северна Македонија има 21 универзитет, додека кога ќе се погледне списокот на јавни универзитети во Словенија се гледаат само три, и тоа: Љубљанскиот, Мариборскиот и Универзитетот на Приморска. За разлика од 11 студентски домови кои им стојат на располагање на македонските млади лица, во Словенија бројот на студентски домови е преку 40.

Студентските домови во Љубљана имаат сместувачки капацитет од 7.500 студенти, сместени во 29 студентски домови на различни локации низ градот и околината на Љубљана. Во Марибор, бројот на студентски легла е околу 2.500 кревети, распределени во 17 студентски домови и на приморјето има уште пет студентски дома со капацитет за сместување на околу 500 лица. Бројот на студенти во Словенија е околу 70.000 студенти, според Заводот за статистика на Словенија. Со едноставна статистичка пресметка, може да заклучиме дека во Словенија има кревет во студентски дом кој е достапен во просек за секој петти студент, а во Северна Македонија за секој десетти студент запишан на факултет.

За разлика од нашата земја, во земјите-членки на ЕУ има голем број и на приватни студентски домови, кои се во сопственост на приватни универзитети или на други субјекти, каде што цената за сместување на студентите е повисока, но и условите кои ги нудат овие капацитети се на повисоко ниво. Исто така, студентските домови кои се во сопственост на државите во текот на летните месеци работат како хостели, кои пак нудат дополнителни приходи на установите.

Од УСС на УКИМ велат дека некои од студентските домови во земјава работат и како хостели во летниот период, но и порачуваат дека би била добра можност кај нас повеќе да се поработи на отворањето на студентски домови во приватна сопственост.

„Во сите земји-членки на ЕУ, но и во сите земји на Западен Балкан студентските домови работат како хостели, но тоа е само начин на обезбедување дополнителни средства за дејноста, а основната дејност е целосно финансирана од државата бидејќи се работи за државна дејност регулирана со закон“, велат од охридскиот студентски дом „Никола Карев“.

Но, Европската Унија и нејзините средства од претпристапните фондови тешко стигнуваат до самите студентски домови во земјава, и тоа исклучиво по вина на властите.

„Досега немаме искористено средства од ЕУ фондовите и сметаме дека за тоа треба услови, капацитети и можности да обезбеди МОН преку проектна единица во состав на самото министерство и тоа треба да биде системски решено преку целосно нов пристап, организација и реформа на студентскиот стандард и истото да биде предвидено во едно ново законско решение кое би се донело во иднина како мерка која одамна требаше да биде инплементирана“, изјавија од Студентскиот дом „Никола Карев“ од Охрид.

Од овој студентски дом и од УСС на УКИМ се сложни за неколку нешта. Најитна е потребата од зголемување на финансиите за решавање на проблемите поврзани со студентскиот стандард, особено во поглед на условите во студентските домови, како што се: проблемот со исхраната, хигиената, можностите за развој и напредок на личноста и колективот.

Од охридскиот студентски дом појаснуваат дека треба целосно нов пристап, организација и реформа на студентскиот стандард, нов начин на финансирање и функционирање, како и нови критериуми, нормативи и стандарди за работа во дејноста. Во однос на нивниот објект, порачуваат дека им е потребно комплетно реновирање, бидејќи истиот е стар 60 години.

„Да се дигитализираат одредени процеси, да се воведат подобри услови за одвивање настава на самите факултети, како и подобри програми. Понатаму, повеќе програми за размена, инвестиции во јавниот превоз и секако забрзување на мерките кои моментално течат“, се само дел од барањата на УСС на УКИМ за обезбедување на подобри услови за живот на македонските студенти, а со тоа и доближување на нашата земја до стандардите на ЕУ.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

         

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top