ЕУ БАРА ДОПОЛНИТЕЛНИ РЕСУРСИ ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА, ВЛАСТА ГЛУВА

Автор: Кристијан Трајчов

Покрај констатацијата дека во 2024 година не е постигнат напредок во борбата против корупцијата, Европската комисија (ЕК) во најновиот Извештај за реформскиот напредок на земјава бара од македонските власти догодина да го доекипираат Обвинителството. Официјален Брисел препорачува одвојување на значителни финансиски и човечки ресурси, вклучувајќи и ангажирање на финансиски експерти за канцеларијата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за да може да се справат со случаите на висока корупција во земјава. Но, наместо дополнителни ресурси, од Основното јавно обвинителство за Евротинк велат дека на обвинителство во 2025 година не му е одобрено ниту едно вработување.

Борбата против корупцијата и исполнувањето на обврските од Поглавјето 23 се клучен сегмент од преговорите за членство во ЕУ на било која земја-кандидат, а без следење на јасните препораки од официјален Брисел тешко дека С.Македонија ќе направи исчекор во членството кон ЕУ. А токму во делот на справувањето со корупција, Европската комисија констатира дека препораките од 2023 година не се исполнети во целост, а меѓу трите водечки препораки за 2025 година е наведено доекипирањето на Обвинителството.

Од Јавното обвинителство се согласуваат со констатациите на Европската комисија и посочуваат дека за ефикасна борба против корупцијата им се потребни кадровски и материјални ресурси, како и соодветна легислативна рамка.

„Во Законот за јавното обвинителство е предвидено на годишно ниво да се издвојуваат најмалку 0,4% од државниот буџет за јавното обвинителство. Меѓутоа, наместо законски одредениот износ, секоја година, вклучително и во Буџетот за 2025 година за обвинителството се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2%, што е половина од законскиот минимум“, велат од Обвинителството.

Од таму додаваат дека одливот на кадар од Обвинителството е исто така проблем, како во делот на пензионирањето, така и по други основи.

„Меѓу јавните обвинители каде од предвидените 260 јавнообвинителски места пополнети се само 170, но и кај јавнообвинителската служба во која од систематизирани околу 1.000 работни места, пополнети се околу 360, што практично значи дека обвинителството работи со една третина од потребните капацитети во службата која е поддршка на обвинителите, како и со над 30% помалку обвинители од оние кои се предвидени како минимум за ефикасност“, посочуваат од Обвинителството.

Наместо нови вработувања, Јавното обвинителство не е во можност да го надомести континуираниот одлив на кадри, а за 2025 година не им е одобрено ниту едно вработување.

Ваквите проблеми во работењето се наведени и во Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа, каде стои дека со 8,5 јавни обвинители на 100.000 жители како земја сме далеку под европскиот просек од 12,2.

Од Обвинителството потсетуваат и на уште еден апсурд. Со закон усвоен од македонскиот парламент во обвинителството е формирана Канцеларија за поврат на имот (АРО канцеларија), но за нејзиното функционирање не се доделени дополнителни средства во државниот буџет, иако според обврските од Реформската агенда, оваа канцеларија во следните две години ќе мора да стане целосно екипирана и функционална.

Сепак, потребата од дополнителни ресурси за Обвинителството далеку од тоа дека е единствениот проблем за справувањето со корупцијата во земјава.

Извештајот на Европската комисија и во 2024 година наведува дека земјава е на ниво кое вклучува умерено ниво на подготовка за борба против корупцијата.

„Корупцијата останува присутна во многу области и е сериозен проблем. Тековната влада изјави дека борбата против корупцијата е приоритет. Институционалната рамка за борба против корупцијата е поставена и е задоволителна во однос на превентивните мерки. Сепак, потребни се подобрувања во спроведувањето на законот“, стои во Извештајот.

Според Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), организација која е членка на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, ова за жал не е нешто што не беше очекувано и не е нешто што не било констатирано во сите извештаи кои ги прават граѓанските организации во делот на напредокот во борбата против корупцијата.

„Согласно извештајот за проценка на корупција кој МЦМС декада наназад го произведува, во 2023 година е констатирано дека корупцијата е најголем проблем во општеството и очигледни се сите оние претходни трендови дека е голем процентот на лица кои биле вклучени во неа, односно ако на секое трето лице имало притисок за сторување на корупција, секое четврто лице било вклучено со тоа што некаде околу 400.000 лица во државата биле на некој начин вклучени во коруптивно дело минатата година“, изјави таа.

Камиловска Трповска смета дека со таквиот начин на однесување на правосудните органи корупцијата продолжува да биде исплатлива.

„Правосудните органи потфрлаат во оваа борба. Првично потфрла обвинителството во начинот на кој ги води постапките, се поретко гледаме отварање на предмети за висока корупција, уште стојат предмети по фиоки кои никако да имаат разрешница, односно да дојдат пред суд. Обвинителството воедно е и доста затворено за процесите кои ги води, а од друга страна имаме и мал број на осудителни пресуди за сторителите на корупцијата. Уште повеќе расте и апатијата кај граѓаните дека може нешто да се направи“, вели Камиловска Трповска.

Автор: Markus Spiskeизвор на фотографија: Unsplash.

Потребно е да се воспостави подобра соработка помеѓу институциите надлежни за оваа борба, вклучувајќи ги Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со обвинителство и со сите други институции во синџирот, како Финансиска полиција, Министерство за внатрешни работи (МВР), па и Владата во која треба да гледаат сојузник сите овие институции за реално да се види заеднички напредок.

„Позитивен исчекор е што за прв пат со новите процеси кои ги покрена ЈО за предмети поврзани со висока корупција е дека се покажа некоја спремност и отвореност за дебата со медиумите,пред сè, за ваков тип на случаи што до сега не беше случај толку често“, вели Камиловска Трповска.

Таа потенцира дека борбата на владата против корупцијата е најзначајна.

„Тоа што го гледаме години наназад е нивното ветување дека ќе се бори против корупцијата. Имаме јасни говори во кои се зборува дека имаат нула толеранција за борбата против корупцијата, дека секоја влада ќе преземе активности, но за жал тие ветувања остануваат празни и реална имплементација во минатото не можевме да видиме“, децидна е таа.

Измените во Кривичниот законик од лани се сериозен удар за правдата

Ланските законски измени опфатија промена на членовите, кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394).

Членот 353 претходно предвидуваше дека ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години. Тоа потоа беше заменето со казна затвор од една до четири години.

Исто така, казната за прибавување поголема имотна корист од најмалку пет години се намали на една до четири.

За кривичното дело злосторничко здружување – член 394, пак, пратениците изгласаа намалување на казните. Досега затворските казни во зависност од ставот на овој член беа „од една до десет години“ (став 1) и од „шест месеци до пет години“ (став 2), а со измените тие се намалуваат до три (став 1) односно до две години (став 2).

Ваквите измени на Кривичниот законик нанесоа сериозен удар за правосудниот систем во државата, што го констатира и Европската комисија во годинешниот Извештај.

Во однос на ова, Камиловска Трповска рече дека таквите измени беа исклучително поразителни.

„И во Извештајот на Европската комисија истото беше констатирано за тоа дека истите доведуваат до уназадување. Се надеваме дека сите овие укажувања во брзо време ќе придонесат да видиме промена на тој закон. Со промена на самиот Кривичен закон во смисла на враќање на старите одредби ќе се покаже спремност за идните дела кои ќе бидат направени во однос на 353 одредбата дека ќе има построги санкции“, објаснува таа.

За измените во Кривичниот законик, мислење побаравме и од Владата, кои во изјава за Евротинк велат дека иницираат донесување на целосно нов Кривичен законик по примерот на неколку нам сродни правосудни системи, Закон за јавно обвинителство, Закон за судови, Закон за Судски совет, Закон за кривична постапка, Закон за Совет на јавни обвинители и други неопходни закони.

„Ќе се воспостави и ефикасен систем за превентива, надзор и ревизија на работењето на јавните институции. Одлучна, неселективна и бескомпромисна борба против корупцијата и владеење на правото. Во согласност со највисоките европски стандарди Владата ќе работи и ќе иницира донесување на нова законска рамка во сферата на правосудството“, велат тие.

Токму за владините цели во однос на оваа проблематика, во последниот извештај на ЕК беше нотирана заложбата на владата да се бори со криминалот и корупцијата, што пак тие го ценат за силна поддршка.

Инаку, по ланското усвојување на измените на Кривичниот законик, реагираа и од Државната комисија за спречување корупција, од каде потенцираа дека со донесувањето на измените и дополнувањата на законот со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, не се дозволува широка јавна расправа, експертска дебата ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, а со тоа се загрозува  правната сигурност во државата.

„ДКСК е изненадена и загрижена од ваквиот начин на донесување на законот, дотолку повеќе што во меѓувреме Министерството за правда побара од ДКСК да достави мислење по Предлог – законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со рок за произнесување до 20 септември 2023 година. Сметаме дека со интервенциите во членовите 353, 353в и 394  не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува  ризикот од политички пазарења и трговија со влијание“, децидни беа тогаш од ДКСК.

Замерки за работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата

По повеќе од една година од реакцијата на ДКСК за измените на Кривичниот законик, Европската комисија во најновиот Извештај нотираше замерка и за работата на оваа институција. Притоа, ЕК наведува дека антикорупционерите мора да ја подобрат проверката на имотните листови и надзор над финансирањето на изборната кампања.

Извор на фотографија: Pixabayавтор: Ivča.

Според Камиловска Трповска, критика за оваа институција во Извештајот се случува за прв пат после неколку години.

„Ако таа беше светлата точка во борбата против корупцијата до претходната година, сега се нотира и самиот начин на избор на комисијата како процес кој бил оценет од страна на граѓанските организации како злоупотребен од страна на политичките елити и партиските центри со што дополнително се укажува дека секој еден систем којшто е направен со најдобри намери може да биде злоупотребен и, за жал, тоа е она што е некоја премиса кога станува за борбата против корупцијата. На хартија ние имаме совршени системи, но секогаш во делот на имплементацијата тие се злоупотребени или пак се заобиколени“, изјави таа.

Во однос на оваа замерка, од ДКСК објаснуваат дека токму таа за нив е приоритет.

„Подобрувањето на проверката на имотната состојба останува точка од приоритетно значење за работата на ДКСК и по истата се постапува од различни аспекти на подобрување – подобрување на ИТ покриеноста и поддршката, како и зајакнување на човечките ресурси и вештините на постоечкиот кадар“, велат за Евротинк од ДКСК.

Од таму додаваат дека постапуваат согласно надлежностите наведени во член 17 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. ДКСК, покрај тековно спроведување на останатите надлежности, неселективно постапува по сите предмети оформени по сопствена иницијатива и по поднесена пријава, од областа на корупцијата, судирот на интереси, следење на имотната состојба и интересите, како и спроведување антикорупциска проверка на закони, подзаконски акти и други општи акти.

„Со воведување на обврската за доставување на националната стратегија до Собранието заради усвојување, Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси се издигнува на едно повисоко ниво, како национален документ со кој Собранието ги задолжува сите надлежни институции за надминување на детектираните приоритетни проблеми, преку директна или посредна реализација на предвидените мерки и активности во акциониот план на националната стратегија“, велат од ДКСК.

Следната 2025 година, ДКСК активно ќе работи на подготовка на новата стратегија, каде од суштинско значење е правилното идентификување на проблемите во секторите кои генерираат корупција.

„Во однос на ГРЕКО препораките, Законот за спречување на корупција и судир на интереси е во процес на менување, со посебно разбирање и земање во предвид на препораките кои се дадени. Останува активна на исполнување на сите дадени препораки. Приоритет останува и подобрувањето на проверката на имотната состојба. Во делот на проактивноста на ДКСК, се очекуваат обуки и едукација, препораки за добро владеење и имплементација на системот на интегритет“, потенцираат од ДКСК.

Институциите ретко реагираат по новинарските прилози за корупција

Во однос на откриени скандали од новинарите, институциите реагираат, но не толку често, вели новинарот Горан Лефков, претседател на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија. Сепак, тој очекува во иднина тоа да се промени.

„Кога на Западот ќе излезе одреден коруптивен скандал, тоа е прилично голема работа. Во таквите случаи, функционерите си поднесуваат оставка за да не ја загрозат институцијата или партијата“, вели Лефков во изјава за Евротинк.

Кај нас пак, додава тој, на тоа не се гледа како на патриотски чин, на пример, кога некој ќе биде уапсен, туку се гледа како на политичка пресметка.

„Сè додека нашите политичари не бидат казнети на избори, тие не се повлекуваат во своите намери и продолжуваат со коруптивните зделки. Борбата против корупцијата започнува на денот на изборите. Кога ќе ги изберете корумпираните политичари, лудост е да очекувате да не ве крадат“, вели Лефков.

Тој е дециден дека ЕУ сака да види вистинска борба против корупцијата и сака да го реши судството за да биде независно од олигарсите и моќниците од претходната номенклатура.

„Мислам дека и самите граѓани мораат многу поактивно да се вклучат во пријавувањето на корупцијата. Во исто време и ние новинарите да вршиме притисок за тоа дали има разрешница за случаите за кои новинарските прилози докажале дека станува збор за корупција. Имаме корупција, бидејќи имаме поставено јавни обвинители на корумпиран начин. Тоа значи дека е тешко токму од нив да очекувате тие да ја донесат правдата“, додава тој.

Од друга страна, граѓаните се плашат да ја пријават корупцијата, бидејќи немаат доверба во институциите.

„Оние кои треба да ги носат тие одлуки всушност се штитат самите помеѓу себе, а граѓанинот останува разочаран и не гледа правда. Затоа и имаме малку случаи на пријавена корупција од страна на граѓаните. Друг проблем кај нас е менталитетот, ние имаме проблем со граѓанската одговорност за борбата против корупција. Тие треба да знаат дека пријавувањето на корупцијата не е кодошење, туку е граѓанска и патриотска должност“, рече Лефков.

Според него, културата на граѓаните треба да се подигне на едно многу повисоко ниво.

„Мораме да сфатиме дека институциите се наши органи. Освен тоа што ги финансираме, ние мораме институциите и да ги храниме со информации, да пријавуваме. Нивно е пак да постапуваат, а ако нема пријави, тие не реагираат“, дециден е тој.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

 

Tags: 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top