ЖЕНИТЕ НАВИСТИНА СЕ (НЕ)ПОЖЕЛНИ ВО МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИКА
![](https://b-irc.org/wp-content/uploads/2024/07/1.-GRATE-NE-POLITIK.jpg)
Автор: Михаил Милошевски
Додека во Собранието и советите на општините поради законските квоти бројот на жените е висок, во Владата и во градоначалничките фотелји, за кои нема квоти, бројот на жените е енормно мал
Родовата (не)еднаквост е честа тема во Македонија, стремежот кон достигнување на еднакви права на жените и мажите барем на хартија е присутен, но реалната слика повеќе говори дека можеби оваа проблематика е декларативна заложба за која главните политички актери немаат голем слух, поготово кога станува збор за положбата на жената во високите политички кругови и позиции.
Нова Влада, намален број на жени министерки
Со оглед на фактот дека Македонија доби нова Влада, една од работите кои беа во фокусот на јавноста, при предлагањето на лицата кои ќе се вселат на „Илинденска”, беше дека во новиот состав од 24 министерски столчиња, само три места или процентуално – 12,5% отсто ќе им припаднат на жени. Тие ќе бидат на чело на министерствата за образование, финансии, како и на новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Претходниот кабинет на владата броеше 21 член, а во него имаше место за само четири жени, што пак покажува дека овој тренд на слаба вклученост на жените во високата политиката, е негативен тренд кој се провлекува со години наназад – од осамостојувањето до денес. Доколку се погледнат составите на сите Влади, се забележува дека најчесто жените се застапени со две или три позиции, додека пак единствено во владите во периодот од 2017 до 2022 година, нивниот број изнесуваше четири.
Ова наведува дека во Македонија, па прашањето за учеството на жените во високата политика, не се гледа онолку сериозно, колку што би требало, имајќи в предвид дека жените се мнозинство во земјава – тие сочинуваат 50,4% од вкупното население, додека мажите 49,6%.
Европските стандарди не се применуваат дома
Доколку се погледне каков е стандардот во Европската унија во однос на бројот на жените кои се на челни позиции во министерствата, може да се види дека европскиот просек изнесува 34%. Просекот на Македонија е далеку под европскиот и изнесува само 14%. Од може да се заклучи дека земјава значително заостанува по прашањето на родова рамноправност на водечките политички позиции во однос на ЕУ.
Брисел ги поддржува земјите-кандидати, како што е Македонија, да работат на унапредување на правата на жените, а воедно и да работат на зголемување на активното учество на жените во политичките и владините структури, вклучувајќи ги во високите политички позиции и при носењето на важни државни одлуки.
Дека земјава треба со посериозен пристап да пристапи на темата родова еднаквост, говори и извештајот на Европската комисија каде се вели дека во 2023 година е постигнат само одреден напредок по ова прашање, а како главна негативна работа е посочено неносењето на предлог-законот за родова еднаквост кој е заглавен во собраниските лавиринти веќе подолго време.
„Со донесувањето на Националната стратегија за родова еднаквост 2021 – 2026, во јули 2022 година, постигнат е добар напредок кон воспоставување ефективен систем за вклучување на родовите аспекти во главните политики. Меѓутоа, сè уште се чека донесувањето на предлог-законот за родова еднаквост. Потребно е зајакнување на меѓуинституционалните механизми креирани за спроведување и следење на политиките за промовирање на родовата еднаквост, особено преку подобрување на организациските решенија, зајакнување на техничкиот капацитет, буџет и професионалци обучени според меѓународните стандарди“, се вели во извештајот на Европската комисија.
Застапеноста на жените во Собранието е подобрено со законско решение
Ако во Владата, или пак на градоначалничките листи нема правна обврска жените да бидат вклучени, тоа не е случај во македонскиот законодавен дом. Во 2006 година, во Македонија беше донесен Законот за избори и квоти за родова застапеност, со кој се предвидува одредени квоти за застапеност на жените на кандидатските листи за пратеници.
Една од позначајните измени на овој Закон беше направена во 2014 година, кога квотата за женска застапеност на кандидатските листи беше зголемена на 40%, за да се обезбеди уште поголема инклузивност и родова балансираност во политичкиот живот на земјата. Ова значи дека на секои три места на кандидатската листа, најмалку едно мора да биде резервирано за жена.
Силните антиродови и антидемократски движења влијаат неповолно на учеството на жените во јавниот простор
Според порашеншната пратеничка Санела Шкриељ, која во претходниот парламентарен состав беше една од најголемите поборници за женските права, земјава бележи голем напредок во однос на бројките кога станува збор за Собранието и советите на локално ниво. Шкриељ посочува дека Македонија има висок процент на жени пратенички, но и жени министерки во сектори кои традиционално биле сметани за машки – како одбраната и финансиите, а дополнителен, огромен чекор во однос на ова прашање е што земјава годинава за прв пат доби жена претседателка на државата.
Но, сликата е поразлична кога станува збор за суштинското унапредување на еднаквите можности на секоја жена.
Санела Шкриељ, активистка за женски права
„Силните антиродови, антидемократски движења со кои се соочивме овие неколку години и влијаат многу неповолно на учество на жените, воопшто, во јавниот простор, не само во политиката. Политичарки, активистки, новинарки, како мета на говор на омраза, особено на социјалните мрежи, со една цел, да се обесхрабрат да бидат и видливи и гласни. Ова особено се нагласува за време на изборните циклуси, жените кандидатки се таргет врз основа на изгледот, возраста, добиваме вознемирувачки коментари со повици за насилство, многу често со сексуална конотација. Накратко, далеку сме од тоа да кажеме дека е поволна положбата и сме ги надминале стереотипите и предизвиците со кои се соочуваат жените кои сакаат да бидат гласни, а не само присутни. Родовиот јаз во делот на донесување одлуки е значително присутен во Македонија“, вели Шкриељ.
Дополнително, вели дека јазот помеѓу мажите и жените барем во делот на делување, каде што квотите не постојат, е се уште огромен. За тоа говори и новиот владин состав, што според неа укажува дека политичките партии се уште гледаат на еднаквото учество на жените единствено низ призмата на исполнување на законските обврски на квоти. Покрај застапеноста како бројка, Шкриељ изјави дека второто клучно прашање е колку жените кои се веќе вклучени во политиката добиваат простор за да иницираат и прават промени кои се важни за сите жени, бидејќи квотите како такви не би требало да бидат цел само за себе, туку да придонесат за креирање на политики кои подеднакво одговараат на потребите на мажите и жените.
„И партиите и институциите ова прашање на родова еднаквост го третираат како женско прашање. Погледнете го само составот на учесниците на сите настани и тела поврзани со оваа тема. Состојбата е уште понеповолна ако го анализираме учеството на жените од помалубројните заедници или жените со попреченост, кои се соочуваат со повеќекратна дискриминација во многу области. Ќе заклучам, политичките партии се уште не ја препознаваат родовата еднаквост како суштинска вредност на демократските процеси и развојот на општеството“, рече Шкриељ.
Доколку се направи паралела со Европската унија, може да се види дека во земјите-членки, родовата вредност и еднаквост е препознаена како една од темелните европски врености. Само пред неколку месеци Европскиот парламент за прв пат усвои Директива за земјите-членки во делот на спречување и заштита од насилство врз жени. Дел од земјите, вели поранешната пратеничка, имаат значителен напредок кон остварување на родовата еднаквост и се многу блиску до паритет и без постоење на квоти, што зборува за нивната високо развиена демократска свест.
Но, и покрај сето тоа, општиот заклучок е дека жените се уште не се доволно застапени на сите нивоа на власт и немаат еднаков пристап до политички кариери. За тоа говори и извештајот на Светскиот економски форум, каде се наведува дека ќе бидат потребни стотина години, дури и во земјите со висок Индекс на родова еднаквост, за постигнување на целосна еднаквост помеѓу мажите и жените.
Подобрување има, но потребно е уште многу работа за целосна еднаквост
Дека Македонија треба повеќе да работи во однос на ова прашање, согласна е и експертката за родова еднаквост, Даниела Антоновска. Според неа, евидентно е дека постои напредок кој се должи пред сѐ на родовата квота, но, статистиката говори дека онаму каде што нема законски утврдена квота, бројот на жени е низок. Тоа се случува на градоначалничките позиции, што резултираше со избрани само две жени за градоначалнички на локалните избори во 2021 година, додека пак во 2017 година беа избрани шест жени. Во извршната власт, односно во Владата, на министерските позиции исто така има мал број на жени што се должи на отсуство на афирмативни мерки односно квоти, затоа се потребни реформи во Законот за Влада, односно воведување на родова квота и во Законот за Влада.
„Меѓутоа доколку зборуваме за други фактори кои влијаат на положбата на жените во македонската политика, тогаш треба да ги истакнеме насилството врз жените во политиката, он-лајн насилството, говорот на омраза, родово базираните дезинформации, кои се многу поизразени кога станува збор за жени во политика и истите може да се јават во предизборието, но и понатаму во времетраење на мандатот”, вели Антоновска.
Таа притоа како пример го наведува истражување на НДИ од 2020 година во кое се потенцира дека 65% од политичарките во Република Северна Македонија доживеале некаков вид на насилство додека ги извршувале своите партиски функции, 53 % жени од политичките партии се соочуваат со предизвици или бариери во процесот на добивање лидерски позиции. Исто така и истражување на ИФЕС укажува на тоа дека жените во политиката сметаат дека биле изложени и на говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи, многу повеќе од нивните машки колеги.
„Според нивните мислења тие доживуваат објектизирање и сексуализирање на жените што е исклучително честа појава и во медиумите во Северна Македонија, особено на социјалните мрежи“, вели Антоновска.
Даниела Антоновска, експертка за родова еднаквост
Овој модел на негативно прикажување и насочени напади кон жените политичарки според неа е далеку од поволен за зголемување на учеството на жените во изборните и политички процеси, а големо влијание, вели, имаат и присутниот сексизам, родовите стереотипи и предрасуди кои постојат. Затоа, според неа, вистинска желба за промени нема, туку има само декларативни заложби и вклучување на жените поради исполнување на законски барања и на одредени меѓунардони конвенции.
„Во високите партиски раководства, односно високите партиски структури, доминираат мажите и е евидентно дека нема цврста политичка волја, нема внатре партиски капацитет односно нема свесност за родова еднаквост и рамноправност”, е сатвот на Антоновска.
Според неа, очигледно е дека севкупниот општествен менталитет и културолошките норми имаат влијание врз политичките структури и покрај тоа што голем број од политичките партии имаат интерни доброволни родови квоти кои се движат од 30%, па се до 50%, а постојат и организирани форми на жените во партиите т.н. секции, форуми, унии. Сепак, констатира анотоновска, очигледно е дека и тие партиски квоти не покажуваат успех и немаат влијание особено при предлози за извршната власт.
Каков е примерот во земјите-членки на Европската унија
Антоновска која долги години се занимава со прашања поврзани со родова еднаквост вели дека во Европскиот парламент во 2019 -2024, застапеноста на била 40%, додека во 2014-2019 била 36%. Ист процент на застапеност на жените во Европскиот парламент, од 36%, имало и во периодот од 2009-2014.
Но има разлика помеѓу земјите-членки. Така на пример, само 15% жени европратенички од Романија и Кипар биле дел од Парламентот, 34% од пратениците од Германија и Полска во ЕП биле жени, додека пак 52% од Шведска, 57% од Финска, 67% од Луксембург. На другиот крај на спектарот се европратениците од Романија, Кипар и Грција.
„Распределбата по пол односно род на пратеничките места одразува сличен состав на национално ниво, со забелешката дека има повеќе мажи отколку жени во националните парламенти на сите земји-членки на ЕУ. Во Европскиот парламент на пример родово најбалансирана група /партија се Зелените со скоро 50% на застапеност на жени, по нив доаѓаат Социјал демократите со 44% , па Renew (Renew Europe) и GUE (The Left in the European Parliament) со преку 40% жени“, вели Антоновска.
Од јули 2023 година, 11 земји-членки (Белгија, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија и Словенија) имаат квоти за европските избори, во споредба со 13 земји кои имаат родови квоти за нивните национални избори. Во Луксембург на пример, партиите не се обврзани кон родова рамнотежа на европските избори, но имаат висок процент на жени во ЕП и без квоти (67% во ЕП во 2019-2024) што секако многу зборува за менталитетот, родовата свесност и одговорност. Белгија, Франција и Италија го применуваат принцип на паритет (50% за секој пол). Грција, Шпанија, Хрватска, Португалија и Словенија има 40% родова квота за европските избори, додека во Полска минимална присуството на секој пол е поставено на 35%. Земјите со усвоени родови квоти, како на ниво за национални избори, така и за европски избори, имаат поголем напредок за разлика од земјите без родови квоти.
Кога станува збор за извршната власт, во просек, 32,52% од министрите во владите на земјите-членки на ЕУ се жени. И покрај фактот што се повеќе земји се обидуваат да воспостават паритетни влади, сепак еднаквоста, многу ретко се постигнува и често е само површна. Општо земено, на жените им се доделуваат министерства од помало значење или позиции како помлади министри или државни секретари.
„Во јануари 2024 година, пет жени ја извршуваа функцијата премиер во земјите-членки на Унијата, само 10 земји од 27 на пример имаат жени министри за правда, само седум земји имаат жени министерки за надворешни работи, шест земји имаат жени министерки за внатрешни работи, а само пет жени министерки за економија и финансии. Треба да се забележи дека постојат значителни разлики меѓу земјите-членки. Така, на пример, 80% од клучните министерства се раководени од жени во Финска, додека во Унгарија нема жени во владата“, вели експертката за родова еднаковст.
Стратегии и декларации за поголема инклузија на жените
Македонија како земја-кандидат за членство во Европската унија, донела неколку стратегии, акти и декларации за подобрување на визибилноста и инволвираноста на жените во политиката, како што е Националната стратегија за родова рамноправност – креирана за да ги промовира правата на жените и да го зголеми нивното учество во сите сфери на општеството, вклучително и политиката и која содржи конкретни мерки за унапредување на женската застапеност во политичкиот живот преку квоти, обуки и поддршка на жените кандидати. Потоа, акциските планови за родова рамноправност преку кои се наведуваат активностите и мерките кои треба да се преземат за постигнување на целите поставени во Националната стратегија за родова рамноправност и кои вклучуваат програми за обука, менторство и создавање на мрежи за поддршка на жените во политиката.
Дополнително, во земјава постојат неколку образовни и тренинг програми како програмите за лидерство и ментроство преку кои се обезбедува обука за жените кои сакаат да се вклучат во политиката, фокусирајќи се на развој на лидерски вештини и кампањи за подигнување на свеста за важноста на родовата рамноправност и организирање јавни дебати и форуми каде се говори за важноста на ова прашање.
Зошто е важно жените да бидат присутни на најважните политики позиции
Во реалноста, постојат многу причини зошто инклузијата на жените е важно, а како една од главните е тоа што со нивната вклученост се крева јавната свест за важноста на рамноправноста на половите и за развојот на демократската практика. Отсуството на жените од лидерските политички позиции, на ниво на држава, укажува на нерамноправност, како и на фактот дека жените не се во можност да ги остварат своите политички права. Ваквата ситуација не дава добар пример на другите жени кои, многу веројатно, на приватен план се соочуваат со родова нееднаквост и рамноправност.
Моментално, во Македонија околу половина од жените не учестуваат на пазарот на труд, додека пак во земјите на Европската унија 30% од вкупниот број жени се без работа. Кај нас, покрај невработеноста на жените, постои и проблем со неедкавите примања кои жените ги добиваат компарирано со мажите, додека пак во руралните и посиромашните средини голем дел од работничките работат во мизерни услови, без редовни примања и без решен работен статус.
Дополнително, се почесто се појавува проблемот на лишување на сопственост на жените на имотот кој би требало да го наследат, а во одредени делови од земјата, многу од жените и понатаму се соочуваат со традиционалните стереотипи и имаат само ограничен пристап до образование и работа.
Македонија со послаби процентуални бројки од земјите во регионот
За разлика од Македонија, одредени земји во регионот многу подобро и многу почесто овозможуваат прилики за жените кои се одлучиле да делуваат во политички води.
Како примери, може да се издвојат Србија и Босна и Херцеговина кои во последните влади имале нешто повеќе од 20% жени во министерските кабинети, а како најдобар пример во регионот може да се земе Албанија, која заедно со Македонија во пакет го оди патот за членство во Европската Унијата. Таму, во последниот владин кабинет на премиерот Еди Рама, од вкупно 18 министри дури десет, или повеќе од половина, се припаднички на женскиот пол.
Актите и декларациите претставуваат само мал дел од мозаикот на европските документи со кои Унијата вели дека целосната вклученост на жените во политиката е од огромна важност. Засега, Македонија спровела одреден дел од потребното, но доколку сака да стане член на европското семејство, потребно е преземање на конкретни чекори и следење на позитивните примери од Европската унија.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.