ЗАНАЕТИТЕ И СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ СТАНУВААТ СЕ ПОПРИВЛЕЧНИ ЗА МЛАДИТЕ
Молер, водоинсталатер, козметичар – занаетиите и струките се повеќе се бараат
Програмите за доживотно учење им нудат и на повозрасните можност за преквалификација
Автор: Афродита Рамос
По повеќе од една деценија, занаетите и струките се враќаат во мода. Статистиките од минатата и новата учебна година покажуваат интересен и неочекуван тренд на зголемување на интересот за стручните училишта. Оваа година 70% од запишаните средношколци, односно 12.000 од 17.000 ученици, одбрале средно стручно училиште, наместо гимназија. Иако струките и профилите од занаетчискиот сектор во Македонија веќе подолго време се дефицитарни и беа барани на пазарот на трудот, досега гимназиите беа во преден план како избор за продолжување на средното образовани.
Иселувањето од државата во потрага по подобро платена работа, но и низ годините масовно студирање на високообразовните институции, ги смени состојбите на пазарот на трудот. Денес се бара молер плус, додека за работни позиции како економист или правник има повеќе од петмина пријавени за едно место. Стручното образование сѐ повеќе се гледа како билет за директно вработување, добивајќи конкретни знаења и вештини за одредено занимање.
И тие кои се здобиле со гимназиско образование се повеќе имаат можност да се преквалификуваат преку курсеви, повеќемесечни академии или работнички обуки кои ги нудат државни институции или приватни академии, често дури и он-лајн. Струките и занаетите во Македонија се почесто добиваат и финансиска поддршка од разни приватни компании, владини програми, но и меѓународни организации, со цел да привлечат повеќе заинтересирани за стипендии за понатамошно вработување на одредено место или пак поддршка за самовработување. Пораката на пазарот е јасна – подобро платени и со повеќе можности за кариерно развивање, класичното четиригодишно високо образование може да се замени со друг пофлексибилен и поконцизен модел на обучување, за побрз влез на пазарот на труд и тоа на голема врата.
Не сакаат сите канцелариска работа
Извор: Академија М22
Бјанка Чумлиевска од Скопје е млада масерка која поминала обука во Работничкиот универзитет на 25 години и оттогаш работи самостојно. Таа вели дека пред себе имала голем предизвик и често се двоумела дали пазарот на вакви услуги може да понуди пристојна живеачка, но се докажало дека нејзиниот тип на дејност е во голем подем.
„Одбрав професија од стручен профил бидејќи сè поретко младите се одлучуваат на ваков начин на работа и ми беше предизвик да започнам нешто што повеќето го одбегнуваат. Најголемиот бенефит е дефинитивно флексибилноста. И на некој начин чувството на слобода, дека ти си диригент на своето време. Најголема потешкотија би рекла дека е одговорноста дека сè зависи од тебе. Нема на кој да се потпреш или да те ‘спаси’ доколку дојдат потешки денови, дали финансиски, административни, технички проблеми”, вели Бјанка Чумлиевска, масерка од Скопје.
Бјанка вели дека како и во секој стручен профил и нејзиниот бара усовршување и дополнителни обуки. Според неа занаетот е начин секогаш да имаш шанса за опстанок, во било која средина и да се наоѓаш. Таа за себе вели дека не би издржала осум часовно работно време во затворена канцеларија, каде си малку подвижен, а работата главно се одвива преку компјутер. Административните работници ѝ се всушност најчестите клиенти во месарата.
На Габриела Р. од Штип, шопингот сеогаш и претставувал временски исцрпувачка потрага. Таа трошела часоци во потрага, по дури и најосновните парчиња за својот гардеробер, бидејќи не пронаоѓала тоа што ѝ е по вкус, но и што би одговарало на цена споредено со квалитетот. Таа вели дека креирањето на свои модни дизајни кои потоа сама ќе си ги изработи, за неа претставува лична сатисфакција, хоби и начин на „умствена јога“. Но се соочила со проблем да најде курс каде што ќе го научи тоа.
„Кога почнав да барам курсеви за шиење и кроење, разбрав дека тоа е многу непопуларна профасија, најверојатно поради ниските примања кои текстилните работнички ги имаат во државата. Не ме интересираа модните ателјеа бидејќи не се гледав себе си како изработувач на скапи парчиња, туку на нешто што секојдневно може да се носи”, вели Габриела Р.
Извор: Fashion Decorexpro.com
Таа имала стара машина за шиење„Багат” од баба и, за која едвај нашла сервис, дури во Скопје, каде што можеле да и ја поправат. Габриела сега учи да шие за свои потреби, откако замолила шивачката во соседството да и држи часови.
„За време на студиите живеев во странство каде што увидов колку е на цена сѐ што е рачна изработка, но кај нас не можам да замислам ова да ми е примарна професија, бидејќи сѐ уште е неисплатлива. Силно верувам дека во животот мора да имате занает како ас во ракавот. Никогаш не знаете што може да се случи, а да умееш нешто да направиш со свои раце, секогаш вродува со плод и обезбедува примања. За оние кои имаат занает, нема зима”, вели Габриела Р. од Штип.
Можности на пазарот на трудот има
Извор: Агротим.мк
Сите кои имаат некакви вештини кои се потребни на пазарот на труд, без оглед дали поминале стручна обука или работат занает како втора дејност, можат да бидат корисни за економски равој на земјата, особено во време на дефицит на многу стручни профили на работници. Ова особено се однесува на стручните струки и занаетчиството. Оттаму исклучителна важност е државата да поддржува можности за доживотно учење преку која граѓаните, од која било возрасна група, ќе можат полесно да одговорат и реагираат на промените на пазарот на трудот.
Мане Колев, од најстариот граѓански универзитет за доживотно учење во државата, основан во 1953 година, објаснува дека Центарот за образование за возрасни верификува програми, а Министерството за образование и наука верификува установи кои ќе ги спроведат тие програми за доживотно учење. Колев вели дека дури и некој да немал можност да го завршите средното образование, постојат програми за преквалификација за сите профили, освен од областа на здравството, преку кои може да се надокнадите изгубеното образование.
Извор: Занаетчиска комора на Македонија
„Имаме соработка со Заводот за невработени. Тие распишуваат оглас во сите градови во Македонија и невработените добиваат шанса бесплатно да посетуваат обуки во еден од граѓанските универзитети низ државата. Како неформално образование, издаваме сертификати преку верифицирани и неверифицирани програми, преку кои веднаш луѓето можат да се вклучат на пазарот на труд. Денес сите мораат да имаат сертификат од некаква обука или програма за да пристапат кон пазарот на труд. Имаме и постари луѓе, кои учат странски јазици за полесно да комуницираат со своите внуци кои се родени во странство. Но поради недостигот од работна рака, и тие би можеле да ги искористат своите новостекнати вештини доколку се работоспособни”, вели Мане Колев, од Центарот за образование за возрасни.
Кога неодамна му се расипал фрижидерот и Агрон Фазлији на своја кожа почувствувал колку се дефицитарни мајсторите. Тој иако е прв човек на Занаетчиската комора на Македонија, не можел да најде мајстор повеќе од месец и половина за поправка на фрижидерот. Фазлији вели нема поделба во занаетите на стари и модерни, сите се актуелни и дефицитарни.
Извор: Тоше Огњанов / ВОА
Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора на Македонија
„Во нашиот регистар имаме повеќе од 100 дејности, а како Комора даваме бесплатно обуки за преквалификација и квалификација. Нашата мајсторска обука носи 60 акредитивни кредити. Потоа, обучените веднаш стануваат и ментори, да можат да имаат и ученици во практична настава. Ние ги насочуваме и средните стручни училишта за отворање на нови паралелки”, вели Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија.
Тој вели дека започнале и нов проект со Синдикатот на полицијата, со цел пензионираните полицајци, кои поради бенефицираниот стаж се пензионираат на помлади години, да можат да се обучат за извршување на занаетчиска дејност. Фазлији притоа ги потенцира бенефициите од тоа да се биде самовработен занаетчија, со свој сопствен бизнис.
„Државата има посебни мерки за самовработување и чираштво. Таа дава субвенции за занаетчиите – до 250.000 денари или 40% од прикажаната вредност, се враќа кај занаетчиите за репроматеријал, алат, реновирање на дуќан и слично. Самовработените занаетчии се оданочени паушално, без обврска да поднесуваат завршни сметки. Им тече и здравствено осигурување и стаж”, вели Фазлији.
Од Занаетчиската комора велат дека на списоците за невработени во Агенцијата за вработување има голем потенцијал за идни занаетчии.
Европска Агенда за едукација на возрасни во Северна Македонија
До 2030 година Европска агенда за вештини има за цел да обезбеди 60% од возрасните да учествуваат во активности за доживотно учење, секоја година. Секоја земја-членка на Европската унија, според својот образовен систем, отвора соодветни Центри за едукација на возрасни според конкретни потреби. На пример, во Германија се отвораат локални центри за образование за возрасни, додека пак во Франција постои т.н. Лична сметка за обука, која се состои од систем на индивидуални сметки за учење што возрасните можат да ги користат за финансирање програми за обука. Исто така, Пактот за вештини поттикнува соработка меѓу владите, бизнисите и давателите на образование.
Извор: Vrabotuvanje.com
Приоритетите на европската Агенда за едукација на возрасни во Северна Македонија, како главна цел имаат ги имаат предизвици во секторот за образование на возрасни, како што се ниското учество и ниското ниво на свест за потребата од дообразување и доживотно учење за возрасни. Преку Советот за образование на возрасни на Северна Македонија, ЕУ експерти во оваа област помагаат во креирање на стратегии кои помагаат во решавање на задачите, како што се забрзување на тековните процеси за остварување на националните стратешки цели во образованието на возрасните, како и зајакнување на севкупната координација меѓу сите релевантни институции и чинители во создавање на одржлив систем за доживотно образование. Целта е сите да имаат вештини кои се корисни за пазарот на труд, без разлика на возраста, и со тоа директно да го зголемат потенцијалот на македонскта економија.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: #занает #возрасни #доживотноучење #стручнообразование #преквалификација #струки