ИЛЕГАЛНАТА МИГРАЦИЈА НАМАЛЕНА, ЕУ МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ ПРИ ИДНА КРИЗА
Автор: Кристијан Трајчов
Мисијата на Фронтекс го намали бројот на илегални мигранти во нашата земја во изминативе месеци, а заедничката работа на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и македонските власти во наредниот период може да помогне во управувањето со идни поголеми мигрантски бранови преку заштита од нелегалните премини на границите на земјава и спречување на шверцерските активности. Македонските експерти се децидни дека бенефитот од мисијата на Фронтекс во Македонија е поголем од било какви негативни последици.
Операциите на Фронтекс во Северна Македонија започнаа во април 2023 година. Целта на мисијата на Фронтекс во Македонија е да помогне во зајакнувањето на капацитетите за контрола на границите, како и да обезбеди усогласување со европските стандарди за безбедност и управување со миграцијата. Агенцијата Фронтекс на европско ниво е одговорна за поддршка на земјите-членки и на кандидатите за членство во ЕУ во управувањето со нивните надворешни граници.
Професорот Тони Милески од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на УКИМ е дециден дека потпишувањето на договорот меѓу Фронтекс и нашата земја првично имаше политичка конотација, а после тоа, овозможено е да се направи исчекор кон зајакнување на безбедноста и подобрување на капацитетите на македонските гранични служби.
„Политичкиот контекст се огледа во фактот што соработката со Фронтекс е важен елемент од соработката меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан. За Македонија посебно е значајно што потпишувањето на договорот за соработка е направен со кревање на повеќегодишното вето од страна на Бугарија. Безбедносниот контекст е посебно значаен заради контролата на протокот на мигранти, справување со прекуграничниот криминал како што е шверцот со мигранти, трговијата со луѓе и тероризмот“, вели професорот Милески.
Потпишувањето на договорот меѓу Фронтекс и македонските власти; Извор на фотографија: МВР.
Тој додава дека Фронтекс помага во обезбедувањето обука, техничка поддршка и заеднички патроли, што треба да придонесе кон поефикасно справување со миграциските предизвици, особено долж т.н. „балканска рута“.
„Треба да се напомене и дека постои и критичка компонента која се однесува на соработката со Агенцијата. Резервираноста особено произлегува од можноста Македонија да се позиционира како „тампон-зона“ за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до ЕУ. Ваквите состојби, доколку ескалираат, можат да придонесат кон социјални, економски и политички притисоци врз земјата“, кажа тој.
Според него, спречувањето на илегалната миграција и успешноста на Фронтекс во регионот на Западен Балкан, вклучително и Македонија, зависи од неколку фактори.
„Како прво, успешната соработка произлегува само доколку се соработува тесно со македонските гранични служби. Тоа значи, помош преку заеднички патроли, размена на информации и техничка поддршка. На тој начин, преку способноста на локалните институции да ги имплементираат потребните мерки, се зголемува оперативната ефикасност. Како второ, илегалната миграција претставува комплексен феномен, честопати поттикнат од војни, политичка нестабилност или сиромаштија. Оттука, Фронтекс не може целосно да ја спречи илегалната миграција затоа што главните причини за нејзината појава се надвор од контрола на Агенцијата“, кажа Милески.
Со Фронтекс треба да се бара и очекува успешност во намалувањето на илегалната миграција преку зајакнување на границата и идентификување на криумчарите со мигранти и трговците со луѓе.
„Во насока на подобрување на спречувањето на илегалната миграција треба да се креираат долгорочни стратегии кои ќе се однесуваат на справување со причините за миграцијата, преку соработка со други европски институции и земјите од каде потекнуваат мигрантите. Со оглед дека поголемиот број на стратегиски документи на ЕУ ја секуритизираат миграцијата треба да се обезбеди баланс меѓу безбедноста и почитувањето на човековите права. Исто така, потребна е поголема транспарентност во спроведувањето на операциите на Фронтекс со цел избегнување на обвинувања за злоупотреба, како што е примената на прекумерна сила“, објаснува тој.
Целта на Фронтекс е да обезбеди оперативна поддршка во управувањето со границите на Северна Македонија, „целосно почитувајќи ги основните права“, врз основа на договор усвоен од законодавците на ЕУ на 15 февруари 2023 година. Фронтекс ги распореди своите тимови да им обезбедат поддршка на властите на Северна Македонија во управувањето со мигранти на границите на земјата, која лежи на т.н. балканска рута што мигрантите ја користат за да стигнат од Југоисточна до Западна Европа.
Според податоците на Фронтекс, нерегуларните премини на границите по балканската рута „се зголемиле повеќе од двојно“ во 2021 година во споредба со претходната година, за вкупно 61.735 случаи на откриени преминувања, додека во 2022 година биле регистрирани 330.000 преминувања, што, според Фронтекс, била највисока бројка од 2016 година наваму. Фронтекс пристигна во земјава една година подоцна.
Согласно со текстот на Договорот потпишан со Фронтекс од македонските власти, „персоналот мора во целост да ги почитува основните права, вклучително и пристапот до процедури за азил и човечко достоинство и да обрне особено внимание на ранливите групи“. За да се обезбеди тоа, во предлогот е пропишано дека треба да постои наменска канцеларија на Фронтекс одговорна за надгледување човечки права. Договорот помеѓу ЕУ и Северна Македонија не е прв договор што цели да го прошири присуството на Фронтекс во трети земји со чувствителни области во поглед на имигрантски рути, како што е Западниот Балкан.
Стабилните граници значат странски инвестиции и безбедност
Околу придобивките кои земјава ги има со потпишување на овој договор, професорот Милески тврди дека истите се однесуваат на дополнителните ресурси, опрема и експертиза кои македонските гранични служби ги добиваат од оваа соработка.
„Посебно треба да се апострофира поддршката од Фронтекс во реализацијата на обуките и задачите од областа на граничното работење. Тука треба да се издвојат патролирањето, надзорот на државната граница, идентификацијата на ранливи категории на лица, експерти за откривање на фалсификувани документи, кривични дела со возила и слично. На овој начин се зголемува професионализмот на граничните служби и нивната способност за дејствување“, вели професорот Милески.
Тој додава дека придобивка е и позиционирањето на земјава како доверлив партнер на ЕУ.
„Стабилноста на границата, исто така, може да има економски ефекти односно да ја поттикнува економската доверба и странските инвестиции“, вели професорот Милески.
Од друга страна пак, треба да се споменат и можните негативни последици од потпишување на договорот.
„Како негативни ефекти од договорот со Фронтекс можат да се издвојат следните: Впечатлива улога на Македонија како „тампон-зона“ која ќе служи за задржување на мигрантите пред влезот во ЕУ. Оваа состојба може да предизвика притисок врз македонската критична инфраструктура“, предупредува Милески.
Тој посочува дека иако договорот е на доброволна основа и подразбира соработка со локалните власти, постојат и гледишта кои укажуваат дека присуството на Фронтекс може да се смета за ризик врз суверенитетот на земјата, бидејќи странски сили оперираат на нејзина територија.
„Во тој контекст постои и ризик кој се однесува на прекумерна употреба на сила или игнорирање на правата на мигрантите заради што би се предизвикале меѓународни критики кон Македонија. Генерално, поддршката од Фронтекс е добредојдена, но доколку државата стане премногу зависна од таа поддршка постои ризик да се минимизира вложувањето во самостојно јакнење на своите капацитети“, рече тој.
Бројките од официјалниот сајт на Фронтекс покажуваат дека во бројот на илегалните преминувања на границите на ЕУ забележан е пад од 43% во првите десет месеци од 2024 година. Забележителен е падот, дури за -80%, на илегалната миграција преку западно-балканската рута.
„Овие констатации укажуваат и потврдуваат дека ситуацијата е релативно стабилна. Но, доколку дојде до влошување на ситуацијата, согласно договорот со „Фронтекс“, постои можност да се интервенира со зголемување на бројот на членови кои ќе патролираат по македонските граници“, појаснува Милески.
Според професорот Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност при битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, ако во земјава повторно настапат миграциски бранови како во 2015 година, Фронтекс ќе одигра клучна улога.
„Фронтекс е присутен токму за да ја спречи илегалната миграција и можна ескалација на границите. Во случај да настапат таквите бранови, присуството на Фронтекс во голем дел ќе помогне прво реално да се препознаат тие ризици, да се добијат информации од терен и секако стратегијата која што ја има Фронтекс е да ѝ помогне на нашата држава да придонесе за подобро спроведување на таа стратегија која што е глобална, а ако таа стратегија е успешна, тоа ќе значи успех и за нашата држава“, вели професорот Стојановски.
Тој објаснува дека Фронтекс многу помага во контрола и управување со миграциските текови, како и дека ниту една држава целосно не може да ја спречи миграцијата бидејќи тоа и не е целта.
„Фронтекс има стратешки и единствен пристап кој што почнува уште од границата помеѓу Турција и земјите членки на ЕУ како Бугарија и Грција. Нивните информации и експертиза се корисни и за нашата гранична полиција. Фронтекс значајно ги подобрува перформансите на секоја држава вклучително и нашата кога треба да се постапува против илегалната миграција“, додаде тој.
Присуството на Фронтекс ги спречи обидите за илегално минување
Распоредувањето на припадниците на Фронтекс во земјава е од значајна поддршка за македонското Министерство за внатрешни работи (МВР).
„Овој договор значи засилен надзор на државната граница, особено во контекст на пошироките регионални предизвици поврзани со мигрантската криза и илегалните мешовити миграциски движења, генерално. Се разбира дека засилената контрола и запирањето на илегалните миграциски движења е од заеднички интерес за Р. Северна Македонија, но и за ЕУ во чии рамки е формирана и дејствува Фронтекс“, велат од МВР.
Според Министерството, во периодот од јануари до септември 2024 година спречени се 4.294 обиди за илегално минување во споредба со 2023 година, кога бројката била 10.949, што значи има намалување од 60,8%.
Од МВР објаснуваат дека спектарот на активности со кои припадниците на Фронтекс даваат поддршка на припадниците на нашата граничната полиција е широк, опфаќајќи активности како што се: изведување за заеднички патроли за надзор на границата, поддршка во спроведувањето на проверки на граничните премини, поддршка во постапките на регистрација и профилирање на мигранти, размена на статистички податоци и следење на актуелните миграциски текови во регионален контекст, спроведување на различни обуки за потребите на полициските службеници, и поддршка преку современи технички средства за гранични проверки и надзор.
Соработката на МВР со Фронтекс е од исклучително позитивно значење за припадниците на Граничната полиција.
„Меѓусебната соработка значи дека двете страни имаат можност да споделуваат и разменуваат знаења и вештини, взаемна работа на терен со персоналот на Фронтекс и на тој начин да бидат постојано информирани, да се запознаваат и да ги применуваат најдобрите и најсовремени пракси за работа од доменот на граничното полициско работење“, појаснуваат од МВР.
Заедничката напорна работа покажа ефикасност
Задоволството е огромно и од самата агенција Фронтекс, од каде за Евротинк велат дека соработката со Северна Македонија е извонредна.
„Од потпишувањето на Договорот за статус на Фронтекс, нашите заеднички напори покажаа колку ефикасната соработка може да го подобри управувањето со границите и безбедноста. Службениците на Фронтекс работат рамо до рамо со локалните власти, разменувајќи знаења, вештини и најдобри практики. Ова партнерство ја нагласува нашата заедничка посветеност за одржување на безбедни и добро управувани граници, истовремено почитувајќи ги основните права. Нашето присуство ја зајакна граничната безбедност на земјата“, велат од Фронтекс.
Извор на фотографија: Фронтекс.
Со заедничка работа е зајакнат надзорот и зголемен е капацитетот за рано откривање, што значи ефективно спротивставување на прекуграничниот криминал.
„За понатамошни подобрувања, ја охрабруваме Северна Македонија да продолжи да инвестира во модерни технологии и градење капацитети за граничарите, двете области каде Фронтекс останува подготвен и поддржувачки партнер. Северна Македонија е проактивна и вредна во нејзините напори за борба против шверцерските мрежи. Со тесна соработка со Фронтекс и соседните земји, постигнат е значителен напредок во прекинот на овие мрежи. Континуираната будност и регионалната соработка се клучни за одржување и унапредување на овие достигнувања“, објаснуваат од таму.
Во моментов, Фронтекс распоредува посветен тим од над 100 службеници во Северна Македонија, опремени со најнови алатки и ресурси за поддршка на заедничките операции.
„Додека специфичниот број варира во зависност од оперативните потреби, нашите тимови се скалабилни. Ако ситуацијата долж балканската рута се промени, Фронтекс има капацитет да се прилагоди со зголемување на персоналот и ресурсите за брзо и ефективно справување со новите предизвици“, додаваат од Агенцијата.
Мисијата на Фронтекс се протега надвор од обезбедувањето на границите на земјава. Станува збор за поттикнување соработка, зачувување на човечкото достоинство и обезбедување дека заедничките граници ќе останат безбедни, отворени и добро управувани.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.