КОРУПЦИЈАТА E СЕКОЈДНЕВИЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ

Автор: Теа Цветановска

Неопходно е да се зајакнат капацитетите на ДКСК за борба против корупција

Граѓаните немаат верба дека искоренувањето на корупцијата е возможно

Добивање на услуга во јавната администрација преку давање поткуп или подарок е понормално и поприфатливо од чекање во редици или поднесување на барање до одредена институција, е став на граѓанин, жител на Скопје, кој неколкупати ја употребил ваквата пракса за да ги добие услугите кои ги барал.

Ваквиот случај воопшто не е реткост, туку спротивно на тоа, голем број граѓани се соочиле со отворени и прикриени барања за поткуп, од ситни подароци, до пари, за да им биде завршена некоја работа во некоја институција. Тоа толку е одомаќено како форма за завршување на работа, што некогаш и граѓаните самите даваат подароци, дури и несвесни дека тоа значи поткуп. Она што е ретко е отворено зборување за ваквата пракса, а уште помалку нејзино пријавување.

Искуството со корупција во Македонија е на ниво на секојдневна пракса, присутна на сите нивоа во општеството. Токму поради ова корупцијата претставува најсериозен проблем во државата, која предизвикува сериозни влијанија  во секоја сфера од живеењето и функционирањето на граѓаните и државата.

Истражувањата ги потврдуваат ваквите искуства на граѓаните и сведочат за обемот и навлезеноста на овој негативен феномен во секојдневието.

ЕУ препораки за борба против корупцијата

Извор: Веб-страна на Европска комисија

Извештајот на Европската комисија од 2024 година ја нотира корупцијата како едно од најпроблематичните прашања што ги засега сите слоеви во општеството и е присутна во најразлични области и нивоа во јавната администрација. Извештајот констатира дека Северна Македонија не постигнала никаков напредок во однос на борбата против корупција и спроведување на антикорупциски политики, иако борбата против корупцијата е приоритет на сите влади досега.

Слично на 2024, земјата и во претходните извештаи на Европската комисија не може да се пофали со видлив прогрес во однос на борба против корупцијата. Главните препораки за борба против корупција на Европската комисија кои се повторуваат во годишните извештаи главно се однесуваат на донесување на нови законски решенија и подобрување на постоечките во согласност со ЕУ законодавството, подобрување на имплементацијата на националната стратегија за превенција на корупција и конфликт на интереси, како и спроведување на препораките од ГРЕКО –  Групата на држави против корупција на Совет на Европа.

Според последниот извештај од петтиот круг на евалуација на ГРЕКО, Македонија има одреден напредок во спроведување на препораките и има имплементирано 13 од вкупно 23 препораки, 9 делумно имплементирани и една целосно не е имплементирана, но сепак заклучокот е дека Македонија е во недоволна усогласеност со дадените препораки.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), како институција со водечка улога во борбата против корупција, Европската комисијата упатува специфични препораки за нејзината работа. Притоа се нагласува потребата од зајакнување на капацитетите на Комисијата преку алокација на дополнителни човекови и финансиски ресурси, како и зајакнување на  ИТ инфраструктурата и софтверските алатки.

Техничките и технолошки капацитети допрва треба да се развијат

Земајќи го предвид обемот на работа на ДКСК, како и потребата од навремено, ефикасно и брзо разрешување на предметите, но и фактот дека новите технологии можат да помогнат во сите овие области, се наметнува прашањето колку ДКСК користи технологија во својата работа и со какви технички капацитети располага.

Електронскиот систем за поднесување на изјава за имотна состојба и интереси претставуваат пример за ново модерно решение што го користи ДКСК. Ваквиот систем е базиран на најнови технологии, чија имплементација дава голем степен на заштита и намалување на безбедносните ризици. Податоците кои се прибираат и чуваат преку електронскиот систем се складираат во повеќе системи, и со различни технологии.

Извор: pixels.com

„Техничките и технолошките услови на софтверското решение обезбедуваат стабилност, сигурност и ефикасност за правилно функционирање и извршување на софтверот во постоечката ИКТ инфраструктура на ДКСК“, велат од Комисијата.

Самиот систем е интегриран со платформата за интероперабилност којашто обезбедува директен пристап на ДКСК до неколку регистри на Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за катастар, регистри на Даночната управа, Управата за јавни приходи, регистри на деловни субјекти, преку Централниот регистар, се до Регистарот за хартии од вредност и комерцијалните банки.

Според ДКСК, ваквиот систем е од особено значење и неговото користење дава значителни резултати, но истовремено постојат и бројни можности за зголемување на ефективноста и корисноста на системот.

Зголемување на интероперабилноста и пристапот до податоци до други институции е една насока што се очекува да биде во фокус во идниот период.

„Ќе се работи и на дополнителни внатрешни функционалности за автоматска валидација на податоци и алармирање, како и елиминација на физичкиот потпис за да се заврши целосно дигиталниот процес,” велат од ДКСК.

Финансиските ресурси на ДКСК во пораст, човечките  капацитети во недостиг 

Буџетот на ДКСК за 2025 година е идентичен како тој во 2024, односно 83 милиони 218 илјади денари, кој со ребалансот на буџетот беше зголемен за повеќе од 10 милиони денари и изнесуваше 93.669 илјади денари. Во 2023 година буџет на Комисијата бил 65 милиони 666 илјади денари.

Што се однесува до човековите ресурси, заклучно со декември 2024 бројот на административни службеници во ДКСК изнесува 49. Споредено со претходните години, бројот на административни службеници од 34 во 2021 до крајот на 2022 година е зголемен на 48. Сепак оваа бројка е се уште далеку од предвидените 64 вработени.

Извор: Веб-страна на ДКСК

„Во согласност со Годишниот план за вработување во ДКСК за 2024 година, реализирана е постапка за унапредување на пет вработени во Секретаријатот на ДКСК, а во тек е постапка за вработување на тројца административни службеници со објавување на јавен оглас”, информираат од ДКСК.

Иако постои одредено зајакнување на кадровските капацитети, што ја подобруваат ефикасноста на институцијата, со оглед на опфатот на нејзините надлежности и секојдневни предизвици со кои се соочува, останува потребата од зајакнување на нејзините човечки капацитети.

„Јакнењето на капацитетите во Секретаријатот на Државната комисија е од исклучително значење за непречено одвивање на работните процеси, остварување на работните задачи и надлежностите утврдени со закон како и воопшто за целокупното функционирање на Државната комисија за спречување на корупцијата,  велат од ДКСК.

Во насока на зајакнување на капацитетите на ДКСК, преку иницирање на промени во внатрешната поставеност и внатрешните процеси на институцијата, во тек е подготовка на функционална анализа во ДКСК со цел да се предложат конкретни мерки за подобрување на ефикасноста и ефективноста во работењето.

Законска рамка за антикорупција 

Законот за спречување на корупција и судир на интереси е основниот закон во областа на поставување на механизми за казнивост на корупција и нејзина превенција и сузбивање. Законот  донесен во 2019 година има специјална форма бидејќи ги соединува корупцијата и судирот на интереси и одредува мерки и активности за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката. Законот меѓудругото предвидува и активности за спречување на судирот на интереси, како и постапката за пријавување и постапување по поднесени пријави до ДКСК.

Постои и дополнително антикорупциско законодавство, како што се Законот за заштита на укажувачи, Законот за лобирање, Законот за јавни набавки и другите закони за справување со корупција во најразлични области кои се усогласени со принципите и директивите на ЕУ кои ги регулираат тие области.

Европската Комисија ја оцени делумно позитивно институционалната и правна рамка за борба против корупцијата како задоволителна во однос на мерки и активности за превенција, но со постојано укажување на потребата за нивно унапредување и уште поважно, целосно имплементирање и спроведување, за зголемување на успешноста на искоренување на корупцијата.

Антикорупциски стратегии и акциски планови

Извор: Pexels.com

Главен документ за антикорупциски политики е Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 изготвена од ДКСК и усвоена од Собранието, што има за цел намалување на нивото на корупција и подобрување на интегритетот, транспарентноста и отчетноста во сите сектори, но и зголемување на довербата на јавноста кон институциите кои се вклучени во борбата против корупција. Во 2023 ДКСК донесе и Акциски план за спроведување на Стратегијата, како и одлука за изменување и дополнување, кои се уште чекаат да бидат изгласани од страна на Собранието.

ДКСК освен што е ја изготвува Стратегијата, должна е да го следи нејзиното спроведување, за што подготвува годишни извештаи и ги доставува до Собранието. Според последниот од 2023 година, реализирани биле само 13 проценти од предвидените активности, односно 22 активности. Не биле  реализирани 54 проценти од активностите, а 33 проценти биле во тек.

Според препораките на Европската комисија со цел спроведувањето да биде поефективно, тоа треба да се одвива на сите нивоа во администрацијата, а одговорните институции треба да изградат ефективен систем на известување за степенот на спроведување на активностите. Ниската стапка на спроведување на Националната стратегија укажува на недостиг на политички заложби и чувство на сопственост на институциите, констатира ЕК.

Верувањето дека е можно искоренување на корупцијата е на ниско ниво

Нотирањата од Европската комисија за корупцијата во земјава, но и Извештаите на ДКСК за ниското ниво на реализација на Стратегијата за нејзинот сузбивање, ги потврдуваат и истражувањата кои ги спроведуваат граѓанските организации кои работатана полето на борба против корупцијата, Па така Извештајот за процена на корупција за 2023 година на Македонскиот центар за меѓународна соработка, покажува дека корупцијата е прворангирана како проблем на граѓаните, по што следат политичката нестабилност, сиромаштијата и ниските приходи и криминалот.

За над 80 проценти од македонските граѓани постоењето морална криза во општеството, следено со неефикасноста на судскиот систем во борбата против корупцијата, желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт и недоволната заштита на лицата кои пријавуваат корупција се водечки фактори за широко распространета корупција во државата.

Извор: Веб-страна на МЦМС

Во однос на постоење на коруптивен притисок, односно во колкава мера на граѓаните им бил побаран поткуп, статистиката укажува дека 31,3 проценти од населението биле изложени на коруптивен притисок додека пак, 25,5 проценти биле директно  вклучени во коруптивни дејствија преку давање на поткуп на службени лица или поинаку кажано на 460 илјади полнолетни граѓани на Македонија барем еднаш им бил побаран поткуп, додека над 370 илјади граѓани поткупиле службени лица барем еднаш во текот на 2023 година.

Дека корупцијата е длабоко навлезена меѓу службените лица и во јавната администрација сметат дури 74,4 проценти од граѓаните. Нивната перцепција е дека министрите се најкорумпирани во државата. Покрај нив, големо мнозинство од граѓаните, над 80 проценти, сметаат дека пратениците, судиите и лидерите на политичките партии и коалиции се најкорумпирани професии. Не помалку корумпирани според нив се цариниците, јавните обвинители, локалните политички лидери, бизнисмените и даночните службеници, за што се изјасниле над 70 проценти од граѓаните. Според перцепцијата на граѓаните институции со највисок степен на распространетост на корупција се судовите и владата, по што следат собранието, обвинителството и царината.

Граѓаните пак се песимисти во спроведување на јавните политики за борба против корупција, па така секој втор граѓанин верува дека корупцијата не може да биде значително намалена.

Борбата против корупција останува главен приоритет

Без оглед на фактот што состојбата на висока корумпираност во државата не се подобрува, а борбата против корупција се одвива многу бавно, корупцијата останува на врвот на приоритетите на власите и на Европската унија. Па така напредокот по ова прашање е клучно за приближување на земјава кон ЕУ, но и за градење на функционална демократска држава во која постои владеење на правото, отчетност и транспарентност, а граѓаните ги уживаат јавните услуги на достоинствен начин.

Оттаму се наметнува констатацијата дека корупцијата не само што го кочи европскиот пат на земјата, туку го попречува и економскиот развој, ја руши довербата во институциите, креира култура на неказнивост и дирекно влијае врз секојдневниот живот на граѓаните.

Потребата за ослободување од стегите на корупцијата е огромна, бидејќи штетите од коруптивните дејствија е непроценлива држејќи ги во заложништво човековите права и слободи, кои пак се универзално признаени и загарантирани за секој еден поединец.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

 

Tags: 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top