КУПУВАЊЕТО ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ Е ТРЕНД,НО ИСТО ТАКА И ИЗМАМИТЕ ПРЕКУ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ

Целта на лажната вест за лажниот хотел практично бил обид за измама, а мотивот бил едноставен: измамените да уплатат пари за наводното хотелско сместување на одделна банкарска сметка и измамниците лесно да дојдат до незаработени пари. Начините на интернет злоупотреби постојано се менуваат и совршена заштита е невозможна. Важни се информираноста и едуцираноста на граѓаните за тие да се заштитат од лажните вести чија цел на нивните автори е измамата.

 

 

Автор: Бјанка Стaнковиќ

 

 

Пред неколку месеци, на почетокот не сомнeвајќи се дека станува збор за лажна вест, за измама, македонска невладина организација аплицира на интернет оглас за учество во САД на меѓународна конференција. Неколкумина членови се пријавуваат на огласот за акредитација. Во коресподенцијата, од пријавените е побарaно преку една меѓународна банка со свои експозитури и во Македонија, да уплатат за хотелско сместување, убедувајќи ги пријавените дека преку оваа банка парите стигнуваат за брзо време.

 

 

Ова е наводната адреса на организацијата

 

 

Интернет измама преку лажен веб портал на релација Македонија – САД

 

 

Кандидатите на дотичната невлaдина организација се изненадени од луксузноста на хотелот и секако од малку превисоката цена по ноќевање. Уште повеќе од амбиентот во кој е сместен хотелот, онака како што е прикажан на фотографиите на веб портaлот преку кој наводно се организира тематската меѓународна кoнференција. Сомнежот ги упатува на подетална проверка за организаторoт при што откриваат дека веста е лажна и дека понудата за хотелското сместување е исто така лажна. Откриваат дека никој таква конференција не закажал и дека таков хотел воопшто и не постои. Односно, дека се е лажно: од веста, до фотографиите, па се до елементите содржани во понудата. Сликите наведени во веб порталот се лажни, преземени од други интернет страници.

 

 

Навидум според веб порталот се изгледа вистинито, но во комуникација со пријател од САД, кој направил кратко истражување за оваа организација и за посочениот хотел, дознаваат дека всушност податоците кои им се испратени се лажни.

 

 

Ова е локацијата на којашто наводно е сместен хотелот некаде во САД

 

 

Целта на лажната вест за настанот е практично обид за измама, а мотивот бил едноставен: измамените да уплатат пари за наводно хотелско сместување на одделна банкарска сметка за непостоечки хотел и измамниците лесно да дојдат до незаработени пари.

 

 

Интернетот е преплавен од лажни вести меѓу кои и оние за интернет лажни купувања. По измамниците трага и „Интерпол“

 

Вакви примери има сè почесто, но за разлика од претходниот, не така мал број и успеваат. Појавата ја потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат:

 

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, при Бирото за јавна безбедност во рамките на неговите надлежности за постапување, постапува по кривични дела од областа на компјутерски и интернет измами согласно член 251-б од КЗ на Република Македонија. До секторот се почесто пристигнуваат пријави од страна на физички и правни лица кои биле дел од ваков тип на измами.

 

Со оглед на тоа дека овие измами најчесто се случуваат во странство, односно уплатите од оштетените физички лица и правни субјекти завршуваат надвор од нашата држава, согласно овластувањата на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика се испраќа Барање до Секторот за меѓународна полициска соработка, Интерпол, со цел добивање на информации за корисник на банкарска сметка во земјата каде што се уплатени парите“, велат од МВР за оваа новинарска сторија.

 

 

Тие, исто така го известуваат и јавниот обвинител кој доколку е потребно во текот на постапката има ингеренции да покрене постапка за меѓународна правна помош, доколку истата е побарана од страна на државата каде што преку наводни – лажни информации, се уплатени паричните средства.

 

Со едуцирање до заштита од лажни веб портали и интернет измами.

 

 

За експертот во социјални медиуми, Сеад Џигал, најважна е информираноста и едуцираноста на граѓаните за тие да ги откриваат, да ги препознаваат и на тој начин иницијално да се заштитат од интернет злоупотреби и измами.

 

 

„Доколку не се работи за познати сервиси или брендови кои вообичаено се користат во земјава или светот, граѓаните мора да ги проверат податоците за нив. Проверката може да биде од обично пребарување на интернет, консултација со пријатели кои имаат искуство, до информирање од надлежните за тоа дали се сервисите сигурни, кои преку меѓународните мрежи за соработка можат лесно да им помогнат на граѓаните“ – нагласува Џигал.

 

 

Трипати провери, еднаш купи – златно правило за заштита при онлајн купување

 

 

Според Зоран Ричлиев, експерт за дигитални медиуми, најважно е да се провери продавачот со адреса и контакт информации односно дали тој има официјална продавница или станува случај за наводна, за лажна вест и за обид за измама или пак продава преку огласи или социјални мрежи со скриен идентитет.

 

Интернет измамите Ричлиев ги поврзува исклучиво со лажните вести.

 

„Истото што важи за лажните вести важи и за лажните понуди – Проверете го изворот. Иако најчесто исти производи што ги има во продавници за малку пониски цени може да се видат кај неофицијални продавачи кои продаваат преку огласници или социјални мрежи, сепак препорака е да не се купува од нив, затоа што во тој случај потрошувачот нема гарантирана заштита и гаранција, а тоа и не е легално. Купувачот што свесно купува од некој кој нелегално продава е соучесник“, вели Ричлиев.

 

 

На ова се надоврзува и Џигал. Тој вели дека начините на злоупотреби постојано се менуваат и совршена заштита е невозможна. Но, граѓаните мора да бидат обучени да препознаваат, да бидат добро информирани за сервисите од кои нарачуваат услуги или производи и да внимаваат на кого ги предаваат своите лични и банкарски податоци.

 

 

„Случаите треба да се пријавуваат до надлежните институции, а медиумите треба да посветат достатен простор за информирање и превентивни совети за граѓаните преку вклучувања на експертската јавност и корисничките искуства. Навремената информираност е најдобар начин да се заштитат граѓаните“, додава Џигал.

 

 

Тој напоменува дека од друга страна нужно е функционирање на институционалните механизми, конкретно кај нас Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР како и Дирекцијата за заштита на личните податоци.

 

 

Некои вообичаени знаци на веб порталите кои треба да ни сигнализираат внимателност се:
· непознати компании без доволно јавни податоци;
· полуизработени, шаблонизирани едноставни интернет страници со скромна структура и мал број подсекции;
· електронски адреси на јавни сервиси како Google, Yahoo, Microsoft;
· отсуство на телефонски контакт;
· да се проверат и податоците во банките преку кои се вршат уплатите.

 

Онлајн купувањето е се поактуелно и во Македонија

 

 

Во спроведената интернет анкета со граѓани, над 80% од нив купувале од странски онлајн продавници и тоа најчесто електроника и облека.

 

 

На прашањето дали сметаат дека постојат виртуелни интернет страници, дури 82% од нив одговориле потврдно, а неколкумина одговориле дека сепак загубиле пари поради лажна интернет понуда.

 

 

По повод Светскиот ден на правата на потрошувачите, 15-ти март, од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) изјавија дека луѓето секојдневно наидуваат на ситуации во кои на различен начин им се загрозени правата. Во насока на заштита на нивните права, ОПМ најави дека ќе се подготви предлог на закон за правата на потрошувачите кој, како што објаснија, ќе биде разбирлив за луѓето, а во кој ќе се бара да бидат засилени и пазарните инспекции.

 

 

ОПМ во соработка со Министерството за економија, во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите изработи брошура „Топ 10 начини како да бидете безбедни онлајн како потрошувач“:

1. Користете различни и оригинални лозинки;

2. Искористете ги алатките за безбедност;

3. Бидете претпазливи што споделувате на социјалните мрежи;

4. Внимавајте на ви-фи;

5. Не дозволувајте да бидете измамени од лажни е-пошти или СМС и останати пораки;

6. Избегнувајте отворање на прилози кон е-пошта или необични линкови;

7. Користете привремена е-пошта;

8. Осигурете се дека вашите плаќања се безбедни;

9. Редовно вршете обновување на софтверот;

10. Инсталирајте ги и обновете ги заштитните ѕидови (firewalls), антивирусот и

софтверот против шпионирање.

 

 

МВР засега единствениот заштитник од изманиците кои преку лажни веб портали нудат лажни понуди

 

Согласно Законот за слободен пристап до информации, од МВР за оваа сторија одговорија дека само во периодот од 2015 до 2017 година во ова министерство се пријавени дури 33 кривични дела квалификувани како „компјутерска измама“.

 

 

Во тој период, од 268 кривични дела за кои се пријавени 209 сторители, 153 се за оштетување и за неовластено навлегување во компјутерски системи, а уште 18 за друг вид недозволени интернет активности, одговараат од МВР.

 

 

Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ги советуваат граѓаните и правните субјекти најпрво да се едуцираат да препознаваат лажни вести со кои интернетот е преплавен.

 

 

Притоа и да внимаваат кон која банкарска сметка ја вршат уплатата, да побараат повеќе конфирмации од страна на нивниот деловен партнер од странство за вистинитоста на информациите кои ги содржи банкарската сметка, како и тесна соработка со банките во Република Македонија со цел превенција и доколку е извршена уплата, стопирање на истата и покренување на постапка за враќање на паричните средства на оштетените страни.

 

 

Лажната вест пласирана преку интернет е исто така прекршок или кривично дело, во зависност од тоа на што се однесуваат лажните вести. Доколку станува збор за измами од корист тогаш е тоа степен на кражба каде што има оштетен или потенцијална намера за тоа и таквите лажни вести кои содржат лажни понуди со цел стекнување на бесправна парична корист подлегнуваат на кривичен прогон. МВР ги поттикнува граѓаните да пријавуваат интернет вести и други интернет информации кои содржат елементи на интернет трговија или на интернет услуга, односно на интернет плаќања, а за кои се сомневаат дека се лажни.

 

Совети при интернет купување:
· самите пишувајте ја адресата на продажното место;
· никогаш на веб страницата на продажното место не одете преку линкови од социјални мрежи или слични пораки;
· пред да ги внесете податоците од картичката проверете дали на почетокот на адресата има неотклучен катанец или има „Ѕ“ на крајот на „http“;
· кликнете на катанецот за да проверите дали URL адресата води до некое продажно место.
                                                                        (извор: usb.mk)

Експертите едногласни – потребна е подобра комуникација помеѓу граѓаните и институциите

 

Ричлиев вели дека институциите од Македонија се прилично инертни и неефикасни за дигиталната сфера, вклучително и дигиталната економија и препознавањето на лажните вести со криминогена намера. Тој претпоставува дека тоа се должи на неедуцираноста и несфаќањето на важноста и големината на онлајн трговијата, но и на недостаток на притисок од јавноста.

 

„За жал, се додека некоја штетна појава не стане масовна, ретко се реагира. „Спречи наместо лечи“, не функционира на овие простори. Важно е да се знае дека дигиталната трговија не познава граници и купувачот и продавачот може да се од различни земји, па во тој случај правните лекови потешко функционираат“, вели Ричлиев напоменувајќи дека не секогаш треба да се чека на институциите и додава: „Купувачот има одговорност исто така. Тој е соучесник во евентуалниот шверц и криминал“.

 

Сеад Џигал, вели дека подобрувањата се секогаш неопходни, но реалноста е дека нашите институции имаат доволен стручен кадар и технологија да им помагаат и да ги заштитат граѓаните од лажни вести кои имаат за цел измама.

 

Според него:„Институциите се вклучени во поголемиот дел од меѓународните мрежи за соработка, а земјата и регионот се прилично активна трансакциска и деловна зона, што придонесува на нивно солидно искуство во оваа област. Делот каде системот треба да се подобрува секако е подобрата комуникација на граѓаните со нив, односно поголема доверба во надлежните служби, редовни пријавувања на злоупотреби и барање помош тогаш кога тоа им е потребно“.

 

Интернет релациите „купувачи – продавачи“ стануваат се подоминантни

 

Интернет трговијата на мало на стоки и услуги рапидно се зголемува и во Република Македонија. Денес и кај нас преку интернет од странство можете да купите речи сè, од игла до локомотива.

 

Македонските граѓани, покажа и нашата анкета, веќе не само пици, туку преку интернет купуваат и облека, чевли, книги, електроника, а во последно време се повеќе маркети на граѓаните им нудат во нивниот дом да им донесат се што им треба од средства за хигиена, преку прехрамбени артикли до овошје и зеленчук.

 

Сè што треба да сторите е преку вашите платежни картички од една од домашните банки преку вашиот домашен персонален компјутер или од вашиот мобилен телефон да уплатите на сметката на продавницата која ви ја нуди конкретната интернет услуга.

 

Притоа, предупредуваат нашите соговорници, експерти за интернет комуникациите, а и надлежните во МВР, пред да ја стартувате уплатата од вашата банкарска сметка, добро проверете ја автентичноста на понудената од трговските или услужните субјекти. Најголемиот број од нив, покажува дека искуството од светското и од домашното „онлајн“ купување, се валидни. Но, меѓу нив одвреме навреме, со лажни вести, со вести за лажни понуди, знае да се провлече и по некој измамник како што е со примерот од почетокот на текстов.

 

 

„Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.“

Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top