Македонија нема иднина без спречување на одливот на мозоци

Извор на фотографија: Joshua Woroniecki from Pixabay, https://pixabay.com/photos/merry-christmas-boarding-pass-travel-5219496/.

Авторка: Александра Стојанова

Македонија е меѓу дваесетте најзагрозени земји во светот според бројот на иселување на населението во странство. Најмногу заминува високообразованиот кадар, кој, според Светската банка, речиси 40 отсто ја има напуштено земјава. Овие алармантни податоци лани ги констатираше Државниот завод за ревизија, кој заклучи дека македонската држава нема ефикасни мерки против иселувањето коe ја чини стотици милиони евра. Ревизорите во Извештајот за извршена ревизија на темата „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ посочуваат дека државата не знае точно зошто се случува долгогодишниот одлив на мозоци во странство, но и дека владините политики за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на ваквиот одлив.

Одливот на мозоци од нашата земја предизвикува економски загуби како резултат на инвестициите во образованието на младите лица, кои потоа си заминуваат во странство. Се појавува недостиг на кадар, кој е најизразен во критичните сектори како здравството, како резултат на фактот што над 1.200 лекари ја напуштиле земјава во изминативе години. Сето ова води кон намалена конкурентност на македонскиот пазар на труд, но и демографски последици како што е стареењето на населението. На овој начин од невладината организација „Младите можат“ ја опишуваат ужасната спирала на последици од одливот на мозоци.
Од оваа организација за Евротинк објаснуваат дека младите од земјава се одлучуваат да се иселат во странство како резултат на економски и неекономски фактори. Во минатото, заминувањето во странство било поради економските причини, како ниски плати и лоши услови за работа.

„Меѓутоа, денес, дури 36% од младите наведуваат неекономски причини како што се лошиот квалитет на образованието, слабата владејачка структура, корупцијата, политичката нестабилност и нискиот квалитет на живот“, го објаснуваат од „Младите можат“ ваквиот тренд.

Претседателот на Стопанска комора на РСМ Бранко Азески причините за ваквата состојба ги гледа во несреденоста на системот и неможноста на младите да им се овозможи перспектива.

„Оформените личности коишто завршуваат образовен систем, виделе како функционира системот и се наоѓаат пред еден крстопат – или ќе почнат да живеат и да работат по среден систем што им овозможува подобра перспектива или ќе треба да се научат на балканските итроштини коишто мислиш дека нема да ги научиш“, објаснува Бранко Азески.

Европската комисија, пак, во минатогодишниот Извештај за реформскиот напредок на земјава на патот кон зачленување во ЕУ посочува дека пазарот на труд во земјава ја изгубил динамиката, додека одливот на работна сила станал поизразен. Во делот на слободата на движење на работниците, препораките на Европската комисија од 2023 година не се исполнети и не е направен напредок. Зајакнувањето на капацитетот на Агенцијата за вработување е клучно, а од ЕУ додаваат дека македонските власти во 2025 ќе треба особено да се посветат на исполнувањето стратегии за активирање на младите луѓе на пазарот на трудот.
Податоците од Европската комисија потврдуваат дека стапката на невработеност се намалила на 13,2% во 2023 година, додека кај младите на возраст од 15 до 24 години таа опаднала за 3,2% во споредба со претходната година или изнесувала вкупно 29,3%. Сепак, ваквото намалување се должи на силниот пад на работната сила на оваа возрасна група од 5,5% на годишно ниво.

И од Агенцијата за вработување на РСМ за Евротинк објаснуваат дека бројот на невработени млади лица се намалува. На крајот од 2024 година, во земјава биле евидентирани 17.305 невработени лица како активни баратели на работа на возраст до 29 години. Од нив, дури 45,5% чекаат на вработување до 11 месеци, додека 54,5% чекаат вработување повеќе од една година. Дури 55,6% од младите кои активно бараат вработување се со завршено средно, вишо образование или факултет.
Одливот на мозоци во странство генерира милионски загуби за земјава, а проценките се дека вкупниот негативен ефект од загубените потенцијални приходи во државата на годишно ниво се околу 8,34% од бруто-домашниот производ (БДП), објаснуваат од „Младите можат“.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески додава дека последиците ако продолжи иселувањето на младите луѓе во странство ќе бидат слични на природна непогода, бидејќи ќе се опустоши државата.

„Прво ќе настрада селото, штом настрада селото тоа ќе се одрази на иселување во Скопје, сите луѓе ќе бегаат каде им се нудат подобри услови за егзистенција“, вели Бранко Азески.

Тој додава дека нивните предлози како стопанственици се во насока да се задржат младите талентирани лица во државата и да се подигне нивото на животниот стандард. Азески потенцира дека бизнисот треба да стане приоритет во работењето за да се намали заостанувањето во однос на европските земји.

„На тој начин да создадеме функционална демократска држава која што ќе пружи услови на младите за останување во државата“, вели Бранко Азески.

За да се спречи трендот на иселување на младите во странство, од Агенцијата за вработување пак велат дека спроведуваат „голем број активни програми, мерки и услуги за вработување“. Додаваат дека посебен осврт им се дава на младите невработени лица и на ранливите категории на невработени лица.

„Според годишните извештаи за реализација на активните програми и мерки за вработување, интересот кај младите лица е доста големо (над 50% од сите учесници во активните мерки за вработување се млади лица до 29-годишна возраст)“, објаснуваат од Агенцијата за вработување.

Во изјавата за Евротинк, од таму посочуваат дека од година во година се зголемуваат средствата за реализација на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.

„Притоа, посебен фокус е вклучувањето на младите лица, со цел да спречиме одлив на младата работна сила во странство и да создадеме услови нашите студенти кои студираат во странство практично да го спроведат своето знаење во државава“, велат од Агенцијата за вработување.

Дел од програмите што ги спроведуваат се финансирани и од Европската Унија. Па така, преку програмата „Гаранција за млади“, бенефит имале над 9.900 млади лица од регионите во земјава кои се соочуваат со највисока стапка на невработеност и највисоки проценти на напуштање на образовниот процес, се наведува во ланскиот Извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на земјава.
Сепак, дека недостига посветеност на државните власти за спречување на одливот на мозоци во странство говори фактот дека последната Национална стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовни и стручни кадри од земјава е за периодот 2013-2020 година.

„По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри“, заклучува Државниот завод за ревизија во минатогодишниот извештај за ефективноста на мерките за спречување на одливот на мозоци од земјава.

Како да се задржат младите во земјава?
Од Агенцијата за вработување за Евротинк објаснуваат дека динамичниот развој на пазарот на трудот и новите технолошки промени создаваат работни места кои бараат знаења и вештини што не секогаш можат да се стекнат во процесот на формалното образование.

„Работодавачите најчесто бараат работници кои покрај дипломата за завршено образование, треба да поседуваат и низа сертификати за стекнати знаења и вештини надвор од процесот на формалното образование“, велат од Агенцијата за вработување.

Според нивните податоци, во последните неколку години мошне е голема побарувачката на кадар во областа на информатичката технологија (ИТ), што не е случај само кај нас, туку и во светски рамки. Во нашата земја речиси и не постои ИТ кадар којшто не е ангажиран. Интересот на младите лица да работат во одредени сегменти од ИТ-индустријата е мошне голем, а една од причините несомнено се и условите за работа: кариерен раст за вработените, добро платени работни места и постојана инвестиција во нивна надградба преку финансирање на дополнителни обуки и сертификација.

Фотографија генерирана од вештачка интелигенција; Извор на фотографија: kp yamu Jayanath from Pixabay: https://pixabay.com/illustrations/ai-generated-business-travel-9154855/.

Според документот за јавни политики „Kако да се задржат младите? Oдливот на мозоци како најголем предизвик за Република Северна Македонија“ на авторот Марјан Ицоски, главните препораки се сведуваат на четири приоритетни области во кои се неопходни итни и суштински реформи: образованието, економијата, државната администрација и владеењето на правото.
Токму тука, потребата од синхронизиран и координиран пристап на државните институции и останатите релевантни чинители првенствено е видлива од многубројноста и сложеноста на предложените мерки.
Помеѓу мерките, како најважни се издвојуваат: вклучување на младите во процесите на одлучување и искористување на нивниот потенцијал, нивна поддршка во кариерниот развој и основањето бизнис, дигитализирање и подобрување на работата на администрацијата, неселективна примена на законите и искоренување на корупцијата на сите општествени нивоа.
Од „Младите можат“ пак упатуваат на следниве препораки за да се спречи одливот на мозоци во странство: субвенционирање на младинско вработување преку даночни олеснувања за компании кои вработуваат млади, неминовна поддршка за претприемачки иницијативи со финансиска помош и менторство и јавно-приватни партнерства за стажирања и обуки. Овие мерки треба да се имплементираат од страна на државата, образовните институции, граѓанските организации и приватниот сектор.

Исто така, како стратешки препораки, „Младите можат“ ги издвојуваат иновациите во образовниот систем што можат да го мотивираат квалитетниот кадар да остане и да работи во земјата. Неопходна е интеграција на дигитални алатки и модерни програми во наставата, како и развој на програми за практични обуки во соработка со компаниите. Од „Младите можат“ додаваат дека на земјава ѝ е неопходно зголемување на финансирањето за истражувања и поддршка на иновациите, но и интернационализација на образованието преку мобилност и партнерства со странски универзитети.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top