МВР ПОЛЕКА ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА ЖЕНИТЕ ВО СВОИТЕ РЕДОВИ
МВР мора да го следи европскиот тренд на родовите реформи во полицијата
Зголемениот интерес на младите девојки и жените да пристапат во сите органи на полицијата го реформира целиот систем
Автор: Афродита Рамос
Тешко достапни се официјални извештаи и информации за бројот на жени-припаднички на полицискиот сектор во Македонија. Поради класифицираноста на бројките, а со тоа и недостапноста на официјални статистики, дел поради нереални прикази за нивната бројност, не може јавно, прецизно да се посочи бројната состојбата на жените во полицијата. И покрај потпишаните декларации, стратегии и меморандуми, реалниот напредок во застапеноста, но и можноста за кариерен напредок на жените кои одлучиле да ја градат својата кариера во безбедносните структури, пред се полицијата, како област во која традиционално доминираат мажите, е бавен и под просекот на препорачаните европски стандарди.
Последниот извештај за напредокот на состојбите на еднакви можности за мажите и жените во органите на МВР, од 2023 година, посочува дека 17,8 проценти жени се на раководни позиции во полицијата, додека севкупната застапеност на униформирани жени во МВР изнесува 7,95 проценти. Неуниформирани жени кои работат во полициски станици е 4,91 проценти, а како овластени лица процентот им е 7,5 проценти.
Несразмерна е и вклученоста на жените од помалите заедници во безбедносните структури, па така само 2,2 проценти Албанки, а само 0,13 Ромки работат на различни позиции во МВР. Во последната генерација на полициски службеници 2023-2024 година, од 508 новопримени полицајци, само 92 биле жени.
Македонија како членка на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) учествува во Програмата за родово менторство, а голем дел од иницијативите и реформите за родова еднаквост во безбедносниот сектор во земјата, се иницирани токму од ОБСЕ. Целта е да се зголеми свесноста во МВР за родовите разлики кои се прават и потребата од вклученоста на жените во полицијата.
Последните податоци покажуваат дека жените, иако во мал број, веќе се вклучени и во специфични сектори како Одделот за специјални полициски операции – Специјалната антитерористичка единица „ТИГАР“ и Единицата за брзо распоредување (ЕБР). Сепак, иако се бележи зголемување на бројката, Македонија, како земја, се уште заостанува во исполнување на препорачаните 30 отсто вклученост на жените, според Европскиот институт за родова еднаквост.
Притоа во земјава има многу декларативни заложби за родова еднаквост во полициските редови, па речиси секој 8 Март, се наведува дека треба да се зголеми бројката на жените во полицијата и да се поддржи нивното кариерно напредување во секој сектор. Тоа би требало да се постигне преку создавање на услови за жените да можат подеднакво да аплицираат за работа во полициската служба и преку елиминирање на состојбите што ги спречуваат жените да ја изберат безбедноста на граѓаните за своја професија. Но реалноста е поинаква.
Мрежа на жени во полицијата
извор: Веб-страница на СЕПКА
Во 2023 на Генералното Собрание на СЕПКА (Асоцијација на шефови на полициски служби на Југоисточна Европа) прифатена е иницијативата за формирање на мрежа на жени службеници на МВР. Според Централниот регистар на Македонија, такво здружение е формирано, но не е активно. Од МВР потврдуваат дека таква иницијатива не е формирана во Министерството за внатрешни работи.
Според подзаконскиот акт на Законот за полиција, припадниците на полициските сили немаат право да бидат членови на органи на управување на невладини организации, здруженија и фондации кои спроведуваат проекти поврзани со својата дејност. Тоа значи дека секое здружение формирано од жените полицајки ќе значи дека е незаконско.
Извор: Централен регистар на Македонија
Услови има на хартија, но не и на терен
Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и на поранешниот дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, во 2023 година изјавуваа дека е зголемен бројот на жени во Одделот на специјалните полициски единици, поточно во ЕБР и Тигар. Но, во ноември оваа година, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, учествуваше на кондиционен марш со припадниците на ЕБР, согласно годишната програма за обука и зголемување на физичката подготвеност на припадниците на единицата, но на ниту една од фотографиите, кои беа дел од промотивниот материјал на настанот, немаше униформирана жена припадник на единицата.
Извор: Сектор за односи со јавност и протокол МВР
Според информациите добиени од МВР, во Одделот за специјални полициски операции, од вкупниот број на вработени во Единицата за брзо распоредување 6,6 проценти се жени, во Специјалната Антитерористичка Единица – Тигар 5,6 проценти се жени, а во Единицата за обука и поддршка нема жени.
Жените сакаат да придонесат во подобар полициски сектор
Од секцијата на жени при Македонскиот полициски синдикат, пак велат дека има жени во сите оддели на Министерството за внатрешни работи, вклучително и во Одделот за специјални полициски операции (ОСПО) и во Единицата за брзо распоредување. Афродита Денковска, претседателка на женската секција, тврди дека и павилјоните за жените кои се на служба се приспособени за нивните потреби.
„Се повеќе кандидатки се појавуваат за влез во полиција, на факултетот за безбедност исто така има повеќе жени кандидати. Доколку се овозможи сите тие да засноваат работен однос, правната структура на министерството ќе се менува, а со тоа и статистиката за број на жени во МВР. Што се однесува на специјалните единици, има забелешка дека жените кои се заинтересирани за влез се се уште млади девојчиња, но ретко која останува до крај, откако ќе се остварат како мајки”, вели Афродита Денковска, претседателка на женската секција при Македонскиот полициски синдикат.
Сепак, Денковска вели дека дел од поранешните иницијативи, како на пример апликацијата „Биди безбедна”, не заживеале.
Извор IDmedia.mk
Истовремено, претседателот на Независниот полициски синдикат (НПС), Мартин Ефремов, со став дека на хартија се респектира различноста на биолошките карактеристики помеѓу мажите и жените кои сакаат да станат дел од специјалните единици. Според него, постојат посебни услови за прием на жени, наспроти мажи, кои се однесуваат на физичкиот перформанс, како на пример број на склекови – 55 за мажите, а 27 за жените.
Извор: Телма ТВ
Мартин Ефремов, претседател на НПС
Но во пракса, како што вели тој, нема основни услови за жените полицајки, почнувајќи од тоа што нема женски тоалети во полициските станици, а за бремените униформирани припаднички на МВР, не постои изработка на униформа која е приспособена за нив. Дополнително, во правилникот за униформа, се уште постои дел кој што задолжува носење на салонки-чевли за жените припаднички, дури и кога тоа не е соодветно за временските услови.
„Во Специјалната единица за обука и поддршка нема жени, иако тие се обидуваат да конкурираат. Ги одбиваат бидејќи нема приспособени павилјони за женскиот пол, каде што припадничките ќе треба да бидат на служба, а тоа меѓу другото значи и простор за пресоблекување и посебен простор за спиење од колегите-мажи. Мое лично мислење е дека високиот број на жени вработени во МВР повеќе се однесува на канцелариските и административни работи”, вели Мартин Ефремов, претседател на Независниот полициски синдикат.
Што е родов концепт за МВР?
Во МВР нема систематизирано работно место „координатор за еднакви можности“ иако и тоа како иницијатива е веќе предложено и прифатено. Сепак, оттаму велат дека во септември оваа година номинирале еден координатор и заменик координатор, кои доколку би почнале со работа, ќе доставуваат податоци и извештаи поврзани со родовите прашања за работници од МВР. Истото се однесува и за интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности за жените и мажите, каде што е номинирано едно лице.
Извор: Гостивар прес
МВР води родово разделени статистички информации за бројот на нивни претставници кои одат на стручни усовршувања од областа на превенција од родово базирано насилство и родова еднаквост. Според нивните податоци, оваа година 29 мажи и 10 жени учествувале на стручни усовршувања поврзани со теми од семејно и родово базирано насилство. Во 2023 бројката била многу поголема и тоа, 34 жени и 18 мажи.
Во определени области, како во Одделот за гранични работи и миграции, сектор за гранична контрола и поддршка, Законот и правилниците пропишуваат дека мора да има вработени жени, токму поради ситуации каде што родово базираното насилство е повеќе застапено, како на пример, во прекуграничната трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, каде често жртви се жени, а при што е потребно жена службеник да иврши контрола. Но, претставник на Независниот полициски синдикат, кој работи во граничен надзор долж граничните линии, тврди дека иако нема пречка да работат, во одделот во кој тој работи, нема колешки.
„Дали тоа се должи на проценката на МВР дека жените нема да се снајдат на ова работно место, или пак тие самите не се заинтересирани да аплицираат, не можам со сигурност да кажам”, вели нашиот извор од НПС во граничен надзор.
Политиката на ЕУ за родова еднаквост во полицијата
Со новиот буџет за 2025, според Колективниот договор, и мажите ќе добиваат паричен надоместок за новородено дете. Досега, со колективниот договор, жените добивале еднократна парична помош за секое новородено дете со 100 евра во денарска противредност, но откако тоа била вложена жалба дека е дискриминациија кон мажите, од идната година и тие ќе добиваат парична помош по тој основ.
Извор: Европска мрежа на полицајки
Во меѓувреме, ЕУ ги охрабрува земјите-членки да развијат родово чувствителни политики за регрутирање и развој на полициски службенички преку соодветни закони но и специфични политики.
Промовирањето на политиките за рамнотежа помеѓу работата и животот, како што се родителското отсуство и флексибилното работно време, помага да се направат полициските кариери подостапни за жените, а се воведуваат и задолжителни квоти во полициските сектори. Преку такви квоти, Шведска ги има една од највисоките пропорции на жени во полициско работење во рамките на ЕУ – со над 40 проценти од нововработените во последните години да се жени.
Во земјите од ЕУ функционира и меѓуресорска соработка, со организации како Европската мрежа на полицајки (ЕНП), кои заедно со програмите за финансирање, како Хоризонт Европа и Програмата за права, еднаквост и граѓанство, финансираат проекти насочени кон подобрување на родовата еднаквост во полицијата. Европската директива за еднаков третман забранува родова дискриминација при вработување, вклучувајќи регрутирање, унапредување и работни услови, што директно влијае на полициските организации.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: #МВР #полиција #родовиреформи #жени #систем #европскитренд