МЛАДИНСКАТА НЕВРАБОТЕНОСТ НАД 22%, ПРОГРАМА НА ЕУ ПОМАГА ВО ВРАБОТУВАЊЕТО

Автор: Симона Паскоска

Над 130.000 млади од земјава биле опфатени со програмата Гаранција за млади на Европската Унија (ЕУ) во периодот од почетокот на 2018 година па сè до ноември 2024 година. Оваа програма им овозможува на младите понуда за вработување, понатамошно образование и стажирање или практикантство во рок од четири месеци откако ќе станат невработени или ќе го напуштат формалното образование.

Според податоците на Агенцијата за вработување, во 2018 година со оваа програма биле опфатени само младите од Гостивар, Струмица и Скопје. До крајот на оваа година, 5.265 млади лица се регистрирале, а 41,9 отсто од нив добиле понуда за вработување, обука или практикантство. Во 2019 година имплементацијата на Гаранцијата за млади се реализирала на целата територија на државата и тогаш биле вклучени 20.302 лица. Во 2020 година биле опфатени 25.487 лица, во 2021 – 19.322 лица, во 2022 – 20.182  лица, а лани 2023 – 23.619 лица. До ноември годинава во оваа програма учествувале 19.441 лице.

Статистиката покажува дека бројот на млади кои добиле понуда за вработување, обука или практикантство во период од четири месеци по пристапувањето кон програмата бил најголем во 2023 година, а најмал во 2018 година. Иста била и состојбата со младите кои биле вклучени во активни програми и мерки за вработување во 2023 и 2018 година.

„Младите, во споредба со другите возрасни групи се многу поранливи на пазарот на трудот. Имено, резултатите на оваа возрасна група во просек се многу послаби и истите вообичаено се соочуваат со поголема веројатност да бидат долгорочно невработени“, велат за Евротинк од Агенцијата за вработување.

Од таму додаваат дека младите почесто се вработени на несигурни работни места.

„Продолжените периоди на невработеност и неактивност, особено за младите луѓе, може да резултираат со ерозија на вештините и да ги намалат напорите за стекнување на релевантно искуство на пазарот на труд, што пак доведува до зголемено обесхрабрување или полошо социјално исклучување и сиромаштија“, велат од Агенцијата за вработување.

Податоците покажуваат и дека поголемиот број на млади кои се одлучиле да се приклучат кон програмата се жени, односно има вкупно 65.956 мажи, а 67.709 се жени.

Причината поради која опстојува програмата Гаранција за млади може да се увиди во процентот на младинска невработеност во Северна Македонија, кој кај младите како возрасна категорија е поголем во споредба со останатите старосни групи – изнесува над 22 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2024 година процентот на невработени млади е помал од процентот во првото тримесечје.

Ристо Савески, претседател на невладината организација Младински образовен форум (МОФ) во изјава за Евротинк вели дека високата младинска невработеност произлегува од јазот меѓу знаењата и вештините кои ги добиваат младите преку формалното образование и оние што ги бара пазарот на труд, но и од недостатокот на пракса и можности за стажирање.

Младинската невработеност предизвикува сериозни социјални, економски и психолошки последици, кои имаат долгорочен и мултидимензионален ефект врз општеството, вели тој.

„На социјално ниво, младите кои остануваат невработени, подолг временски период се соочуваат со чувство на изолација, губење на самодоверба и отуѓеност од општеството. Тоа често води до намалена мотивација за вклучување во активности кои можат да придонесат за нивниот личен или професионален развој“, вели Савески.

Тој додава дека одговорноста за младинската невработеност е поделена помеѓу владата, образовните институции, бизнис-секторот и граѓанските организации.

„Владата треба да создава и да промовира активни политики за вработување, да поддржува младинско претприемништво и да вложува во иницијативи кои ќе ги поврзуваат младите со пазарот на труд. Образовните институции треба да го реформираат курикулумот, а бизнис-секторот да биде вклучен преку партнерства за обука и стажирање. Граѓанските организации, треба да работат на информирање на младите за нивните права и можности, да организираат обуки за вештини и да ја поттикнуваат нивната самодоверба“, изјави Савески.

Од невладината организација Младите можат се на сличен став како и Савески. Според нив, со цел да се намали младинската невработеност потребно е да се создаде механизам за соработка помеѓу младите, власта и бизнис заедницата.

„Многу пати до сега сме биле сведоци на донесување на мерки и политики кои се целосно спротивни од моменталните потреби на младите. Затоа сметаме дека е исклучително важно да се слушнат младите, да се детектираат потребите и да се работи во насока на нивно решавање“, велат од Младите можат и додаваат дека без системско решение не може да се очекува оти стапката на невработеност кај младите ќе се намали.

Од оваа невладина организација за Евротинк велат дека е потребно да се обезбедат соодветни образовни програми кои ќе го надополнат практичното знаење на младите, да се воведе задолжително кариерно советување во рамки на средните училишта, а истовремено и кариерните центри во рамки на факултетите да работат активно.

„Активно да се промовираат и применуваат мерките за поддршка на младите при отварање на бизниси, и најважното, да се вработуваат кадри според нивната стручност и компетенции, а не според партиска книшка и непотизам“, велат од Младите можат.

Тие потенцираат дека не треба да се заборави бизнис заедницата во целиот процес, бидејќи таа игра исто така многу важна улога.

„Бизнис заедницата треба да соработува со власта и да го зголемуваат бројот на работни позиции, да се нудат работни позиции со конкурентни плати во различни индустрии“, велат оттаму.

Инаку, Северна Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, но ја спроведе препораката на Европскиот совет за воспоставување на Младинската Гаранција која е сеопфтна стратегија за вработување на младите.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags: 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top