МЛАДИТЕ ГЛАВНИ ДВИГАТЕЛИ НА ПРОМЕНИТЕ И ПОМИРУВАЊЕТО ВО ЗАПАДНИОТ БАЛКАН
Градење европска иднина преку билатерална и регионална соработка
Добрососедски односи, помирувањето и соработката се предуслов за членство во ЕУ
Автор: Теа Цветановска
Младите се тие кои треба да играат клучна улога во иницирање на помирување и премостување на поделбите и недоразбирањата, во и меѓу општествата и креирање на нови наративи, усмерени кон иднината, во земјите од Западниот Балкан и нивната интеграција во ЕУ.
Но вклученоста на младите во донесување одлуки и во носењето на реформските агенди кои се стремат кон позитивна трансформација и за поинклузивен и потранспарентен процес на пристапување кон Европската Унија, во Северна Македонија не оди лесно.
Најголем предизвик за напорите на младите во земјава за нивна вклученост во таквите процеси е политиката и политичарите, кои според младинските активисти се тие кои го отежнуваат целот процес. Според дел од младинските активисти во земјава, токму политиката и политичарите се главните креатори на наративите на поделби од кои произлегуваат тензии, но и кои ги консултираат младите само за да се задоволи формата, но не и суштински да се слушнат младите што имаат да кажат.
„Младите се иднината на нашата земја и тие најдобро знаат како треба да изгледа таа иднина и што треба да се направи за остварување на тие визии, затоа е неопходно нивното вклучување во процесите”, вели Рита Бехадини, новинарка и активиста за младинска соработка и женски права.
Рита Бехадини, новинарка и активистка за младинска соработка и женски права
Младите се свесни дека само заедно можат да ја донесат земјата поблиску до ЕУ и оти самата Унија инвестира токму во ваквите цели, вели Бехадини, според која младите живеат со вредностите на ЕУ и активно се вклучени во организации и проекти што ги промовираат тие вредности, градејќи заедничка иднина.
Бехадини појаснува дека таа е дел од младински мрежи, како Млади европски амбасадори и Младинскиот совет на амбасадата на САД во Северна Македонија, кои што активно работат на вклучување на младите во носењето на промени.
Предизвиците со кои се соочуваат младите од регионот
Освен аспирациите за Европска интеграција и демократизација на општествата, младите од Западен Балкан ги обединуваат и заедничките проблеми, за коишто е потребна зголемена соработка за да се постигне помирување и надминување на предизвиците, кои често за младите доаѓаат и од внатре, од општествата каде што живеат.
На пример за младите во Србија најголемиот предизвик е постојаната дискредитација на младинските активисти од страна на политичарите, медиумите и граѓаните, кои ги посочуваат како предавници. Во случајот на Албанија, предизвик за младите се општествените норми кои се држат до старите наративи, недостатокот од простор за отворена дискусија и големото ниво на недоверба помеѓу различните групи. Искуствата од Црна Гора пак укажуваат дека најголеми предизвици таму за младите е политичката поларизација, ограничената институционална поддршка и социјалните норми кои креираат разидувања.
Тоа ги прави младите од регионот свесни дека помирувањето е долгорочен процес што бара заложби и добра волја од сите засегнати страни, но и оти тоа е сигурен пат кон надминување на духовите од минатото и градење на подобра иднина за сите.
Фиорела Хоџај, заменик претседател на Младинскиот совет на амбасадата на САД, Албанија
„Пораснавме гледајќи ги поделбите и несогласувањата, но ја имаме и шансата сето тоа да го промениме, преку програми за културна размена, социјални медиуми и настани можеме да изградиме пријателство, да ги скршиме стереотипите и да бидеме гласни за мир и заедништво. На овој начин ќе упатиме порака до ЕУ дека новата генерација на Балканот е подготвена за различна и заедничка иднина”, вели Фиорела Хоџај, лидер на младински кампањи, активистка за младински прашања и заменик претседател на Младинскиот совет на амбасадата на САД во Албанија.
Позитивен пример за регионална соработка на младите
Освен на внатрешен план, младите се трудат да бидат вклучени и во регионалните процеси, пред се за помирување и надминување на разликите меѓу земјите од регионот, за нивна поголема соработка, а со тоа и унапредување на состојбите во регионот.
Своите визии и планови како да го реализираат тоа, младите од шесте земји од Западен Балкан ги обединија во Регионална канцеларија за младинска соработка (РИКО), основана во рамки на Берлинскиот процес во 2016 година, како регионален институционален маханизам со широк мандат во повеќе области.
Младински форум во Берлин, 13-14 октомври 2024
Инспирацијата за РИКО е модел на младинска организација формирана меѓу Франција и Германија пред 60 години, со идентични принципи врз кои и младите од Западниот Балкан се обединуваа – соработка, олеснување на нивно помирување, надминување на историските разидувања, јакнејќи го единството меѓу младите.
Во изминати шест децении, оваа супранационална организација бележи огромни успеси на младинска соработка, размена и просперитет, чиј придобивки ги искористиле повеќе од 10 милиони млади, трансформирајќи ја во најголемиот систем за одговор на социо-економските, и геополитички предизвици, но и очекувања на младите од овие две земји и пошироко во Европа.
„Младите се движечка сила на процесите и досегашната остварена регионална соработка во изминатите десет години. Младите се архиекти на иднината и гласот на промената. Нивната енергија, креативност и одлучност се инспирација за стремеж за подобар и попросперитетен регион (Западен Балкан)“, е ставот на Алберт Хани, генералениот секретар на РИКО.
Преку своите програми РИКО треба да ги избрише стереотипите, да ги премости разликите и да ги охрабри младите да преземаат одговорност за нивната иднина и иднината на Западен Балкан, достигнувајќи исто ниво со младите од Европските земји.
„Креирањето на стабилен и инклузивен регион е во склоп со вредностите на Европската Унија и напредокот на евроинтеграциите, бидејќи мирен и колаборативен Балкан e пресуден чекор за обединета Европа”, вели Марина Томовиќ, активистка во граѓанскиот сектор, тренер на РИКО програмите и консултант за младински програми на УНПД од Црна Гора.
Марина Томовиќ, консултант за младински програми на УНПД од Црна Гора
Според неа со учеството на младите во интеркултурни работилници и прекугранични проекти се создава чувство на заедништво, што е суштинско за создавање на инклузивни општества и регион.
Заедничките напори на младите за соработка и градење на мостови во голема мера се помогнати од новите технологии и медиумите за комуникација кои овозможуваат се поголема поврзаност и интеракција. За Лазар Симиќ, студент по меѓународни односи од Србија учесник на Младинскиот форум кој се одржа во Берлин, социјалните медиуми треба да се користат во поотворен контекст, каде што младите нема да споделуваат само позитивни аспекти кои ги обединуваат, туку и проблемите кои ги засегаат и се непријатни за дискусија.
Лазар Симиќ, студент по меѓународни односи, Србија
„Младите не се виновни за грешките на претходните генерации, но мораат да ги научат произлезените лекции, во спротивно ќе продолжат да живеат во тамошните пречки, наместо да ја донесат Европската перспектива дома“, вели Лазар Симиќ.
Интер-културните младински програми по примерот на Франко-германската канцеларија за млади и РИКО ја покажуваат моќта на младинската соработка и создавањето на одржлив развој низ различните заедници. Младите преку нив можат да ги постават стандардите за нови начини на интер-етнички дијалог, соработка и развој преку употребата на иновативни и неформални пристапи за учење и културна размена.
Притоа Берлинскиот Процес е најголемата иницијатива за соработка на земјите од Западен Балкан и ЕУ и забрзување на нивниот евроинтегративен процес. Таа притоа ја препознава улогата на младите како главни чинители во процесите и директно ги вклучува во остварување на поставените цели. Следејќи го тоа, секоја од државите има одговорност за вклучување на младите во своите напори за помирување, демократизација и евроинтеграција, со што ќе ги зголеми своите шанси за успех во градењето на Европска иднина.
Германија го иницираше Берлинскиот процес за Западен Балкан во 2014, кога беше јасно дека процесот на проширување кон ЕУ се одвива поинаку од очекуваното. Тоа предизвика зголемена регионална динамика и отпочнување на регионални иницијативи за помирување и соработка, меѓу кои и создавањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка.
Извор: Галерија на РИКО, Младински Форум Берлин
Со Декларацијата од Самитот на Западен Балкан во Париз во 2016, со која се дава приоритет на младите во однос на обезбедување на одржлив развој и прогрес на регионот, се препознава улогата на РИКО како уникатна можност за забрзување на процесот на помирување и соработка помеѓу младите.
Заложбите на лидерите од Западен Балкан за добрососедски односи и продлабочена регионална соработка се потврдени и во Заедничката Декларација од самитот на Берлинскиот процес во Берлин оваа година, на десетгодишнината од Берлинкиот процес.
Соработката и патот кон ЕУ
Европската перспектива на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан истовремено е тесно поврзана со принципите на соработка, добрососедски односи и помирување, кои се уште се во сенка на билатералните спорови и бавниот напредок во политичкиот дијалог, како и неостварените очекувања во однос на интеграција со ЕУ.
Добрососедски односи меѓу земјите од Западен Балкан, вклучително и земјите членки на ЕУ, е приоритатена област за напредок на патот кон Европската Унија. Клучен чекор за градење и одржување на добрососедски односи е адресирање и решавање на постоечките билатерални спорови во регионот.
Потврда дека Европската унија не отстапува од овој свој постулат за проширувањето го покажа и писмото кое претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и го испрати на новоименуваната комесарка за проширување, Марта Кос, во кое и укажува во претстојниот мандат таа да работи на поттикнување на регионална интеграција, добрососедски односи, помирување и разрешување на билатералните спорови.
Северна Македонија има одговорност да ја преслика соработката со земјите од Западен Балкан во своите релации со Бугарија, покренувајќи ицицијативи и отворени платформи каде што младите меѓусебно ќе соработуваат и ќе се стремат кон заедничко надминување на разликите и помирување, што несомнено би ги отворило вратите и кон поголеми позитивни промени.
Делагацијата на млади од Северна Македонија на Младинскиот форум со генералниот секретар на РИКО во Берлин
Но состојбата на односите во политичката соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, се пресликани и во соработката помеѓу младите од овие две земји, која главо функционира на европско ниво, додека на билатерално ниво речиси и да не постои.
Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Националниот младински форум од Бугарија, како две организации членки на Европскиот младински форум имаат воспоставено соработка, генерално во насока на заедничко застапување на европско ниво, каде што членуваат и останатите национални совети од Западен Балкан и другите европски земји. Но, ваквата соработка, според НМСМ, е во рамки на поширок европски конзорциум на организации.
Доколку тоа се спореди со соработката на Националните младински совети од земјите од Западен Балкан, може да се забележи дека таму постои позначителна и конзистентна соработка, како меѓу сите земји од регионот така и на билатерално ниво. Ова делумно е резултат на тоа што постојат и повеќе иницијативи за поддршка на соработката, како Регионалниот Совет за соработка, Регионалната канцеларија за младинска соработка и платформата Connecting Youth.
„Слична состојба забележуваме и во работата на младинските организации генерално. Постои повеќе финансиска поддршка од странската донаторска заедница за соработка помеѓу организациите од земјите од Западен Балкан, додека специфични програми за соработка помеѓу Македонија и Бугарија е само програмата на ИПА за прекугранична соработка, која не таргетира специфично млади и која е административно потешка за работење, па најчесто младинските организации и не ја користат како можност” објаснуваат од НМСМ.
Ова укажува на сиромашна суштинска соработка на младите од овие две земји кои е нужно да соработуваат и учествуваат во прекугранични соработки и интеркултурни размени, преку кои би добиле шанса да ги соочат своите различни позиции, пронајдат заедничко решение и да потпомогнат во откочувањето на европските интеграции и натамошен развој на соработката меѓу двете земји.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.