НА ,,ПРОИЗВОДОТ” МУ ТРЕБА ДОРАБОТКА
Постојат ли иновации на универзитетите?
Пишува: Васко Карангелески *
Не е ништо ново да се каже дека универзитетот често се споменува како место каде се охрабруваат иновации, се вршат истражувања, водени од иновациски лаборатории, акцелератори и технолошки паркови, кои создаваат производи и услуги кои можат да го сменат светот. Сепак, во земјава делува дека бизниси базирани на иновативни идеи и иновации како да не постојат, или не се доволно видливи.
Да бидам прецизен, мојата генерација не доби ветување дека високото образование ќе ни помогне да иновираме и имаме глобално успешен бизнис. Нас не учеа дека дипломата од завршен факултет, подоцна и магистратура, ќе ни овозможи комфорен живот и олеснет пристап до работа. Ова неостварено ветување за очекувањата од високото образование не е само домашен феномен, туку станува неостварена мисија во пошироки размери.
Најчесто високото образование го споменуваме во конотација на создавање способни и обучени кадри за работни места. Зголемената динамичност на пазарите им отежнува на високо образовните институции во примарната цел на создавање комплетен производ (кадар) кој ќе биде баран од пазарот (за вработување во компаниите). Поедноставно кажано, делува дека на ,,производот” му треба доработка, односно на дипломираните студенти им треба дополнителна обука/ специјализација/ пракса, како би биле соодветни и со минимално потребни вештини за работното место.
Но, да се вратиме на иновациите и универзитетите. Универзитетите се славени како место за истражување, нови технологии и трансформативни иновации, од кои произлегуваат стартапи кои би го промениле светот. Можеби недостатокот на значајни средства во Македонија го прави Универзитетот и не баш најповолно место за иновации во биотехнологија, чиста енергија и вештачка интелигенција. Но што е со областите кои не бараат значајни инвестиции во средства, каде сме ние во оваа сфера?
Основна пречка за иновациите е во огромниот јаз меѓу академските истражувања и комерцијализацијата. Иако звучи едноставно, овој јаз вклучува области и теми во кои универзитетите ретко успевале да пливаат. За ова е потребен пристап до финансии за развој и комерцијализација, солидно разбирање на бизнис принципите, менаџирање со интелектуалната сопственост и разбирање на пазарните динамики. Примерите на глобални бизниси кои започнале од ,,гаража” како да не се на дофат, па ни за иновации зачнати во рамки на универзитите.
Добрата вест е дека универзитетите активно се вклучуваат во иновативни програми и соработки меѓу академијата и бизнисот, претежно финансирани од ЕУ. Како се зголемуваат бројот на проекти и програми, и нивната промоција, се добива впечаток дека има достапни средства и партнерства за иновации, истражувања, поддршка на иновативните бизниси.
Значи потребна е само поддршка со менторство и пари за да се успее? Втората добра вест е што стартап заедницата во земјава и во регионот е поактивна и нуди сè повеќе поддршка, информации, менторство и акцелерација на бизнисите кои можат значајно да растат и да имаат глобален пристап. Одеднаш се чини дека има повеќе поддршка на располагање отколку иновативни бизниси кои би требало да се поддржат.
Јасно е дека во тек е спроведување на поедноставени процедури за стартапите, но пристапот до глобални системи на онлајн плаќање за фирми не беше овозможен, па наши граѓани формираа стартапи во други земји. Па следствено и поголем дел од даноците на локалните тимови одат во земјата на основање.
Само се надевам нема да остане вистина исказот на мојот пријател од Хрватска, дека од Балканот никогаш нема да има бизнис како Google или Facebook, кој е започнат во гаража. Не дека нема иновативни, способни и паметни луѓе, туку во прв момент на успех ќе дојдат инспекции за ,,употребна дозвола на гаражата” и ќе го испратат на шалтери за бројни дозволи. Од премногу административни барања, нема да има време да се посвети на менаџирање и раст на бизнисот, на иновации, мобилизација на средства или комерцијализација.
Можеби големиот број проекти придонесува до зголемен број на иновации и нови бизнис модели на универзитетите, иако тоа не е видливо преку индикаторот „зголемен број на патенти“. Интелектуалната сопственост останува неформализирана, невидлива, непренослива.
Главното прашање е дали воспоставување спиноф компании од страна на универзитетите е решение за комерцијализација на иновациите?
Или можеби проблемот е што универзитетите немаат легален и прифатлив модалитет за создавање на спин-оф компании? Или можеби сметаме дека е доволна општата формулација во Законот за иновации дека ,,ќе се подржат стартапи и спиноф компании”?
Не ретко во дискусија на темата високо-образование и иновации заглавуваме во тоа кој што треба да направи. А делува дека паралелно, во раздвоени островчиња, иновации има, се истражуваат, се доаѓа до решенија. Но тие решенија не стануваат широко достапни. Или можеби стануваат достапни во претпријатија чии сопственици се лица кои се вклучени во универзитетските истражувања. Во одредени кругови се раскажува за истражувања и иновации на тимови професори и студенти, подоцна појавени како услуга на приватно претпријатие на професорот или асистентот. Но, Универзитетот ретко има бенефит од тоа.
Приказната за иновација при универзитетите не е приказна за неуспех, туку е приказна за неискористен потенцијал. Приказни кои најчесто остануваат во некој извештај, сеќавање или конференциска тема. Интелектуалната сопственост ќе најде начин да биде искористена, иако Универзитетот во рамки на кој настанала инвестицијата нема бенефит од комерцијализацијата. Прашањето е колку истражувања и иновации остануваат невидливи засекогаш.
Се надевам дека универзитетите квантитативно и квалитативно ќе ги зголемат истражувањата и проектите кои водат кон иновации и решенија кои се потребни на пазарот, паралелно на основната образовна дејност. Се надевам и дека следните дебати за високото образование ќе предвидат и постават цврсти легални основи за воспоставување на универзитетски спин-оф компании, кои ќе овозможат искористување на настанатата интелектуална сопственост, преку комерцијализација на решенијата, и финансиски бенефит на Универзитетот од успешните приказни. Во секој случај, впечаток е дека на „производот“ т.е. и на студентот и на Универзитетот му треба доработка.
* Авторот е извршен директор на БРУЛЗ, динамичен бизнис лидер, менаџмент консултант, експерт за дигитална трансформација и претприемач, со 20+ години искуство. Годините искуство на извршни лидерски функции комбинирани со приспособен менаџмент консалтинг, придонесуваат со практични алатки и стратегии за експанзија, иновации и одржлив успех за соработниците. На мисија е да ги јакне лидерите и организациите за експанзија и постигнување глобална конкурентност.
Колумната е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ кој го спроведуваат Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС, а финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.