РАЗРЕШУВАЊЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ ИЛИ ИСПОЛНУВАЊЕ НА 40-ТЕ ПРЕПОРАКИ ЗА РЕФОРМИ ОД ЕУ?

Автор: Сара Танаскоска

Македонските граѓани речиси и да не веруваат во правосудниот систем на земјава, а со текот на годините никако да се имплементираат реформите во судството. Обвинувањата за корупција во судството се множат, а изминативе недели се редат контрадикторни идеи за тоа како може да се подобри работењето на Судскиот совет. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ пред изборите ветуваше дека ќе го разреши Судскиот совет, на што опстојува како заложба и по формирањето на новата влада. Наспроти ваквиот став од оваа партија, експертите предупредуваат дека разрешувањето на Судскиот совет од страна на власта може да доведе до уште поголема партизација и ставање под контрола на судството од нејзина страна.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) посочуваат дека клучниот проблем во судството повторно се крие во корупцијата.

„До Државната комисија за спречување на корупцијата во 2022 година доставени се 81 пријави со наводи кои се однесуваат на правосудството, во 2023 година доставени се 78 пријави, додека во 2024 година се доставени 10 пријави”, информираат од ДКСК во однос на доставените пријави за корупција во судството.

Покрај укажувањата на антикорупционерите, дека судскиот систем е во лоша состојба и дека нема напредок во реформите нотираше и Европската комисија (ЕК) во минатогодишниот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат.

„Во текот на извештајниот период не е постигнат напредок во однос на судството. Судскиот совет треба да се заложи за заштита на интегритетот и на независноста на судиите и на институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание“, се наведува во ланскиот Извештај на ЕК во Поглавјето 23.

И покрај алармантното укажување од ЕУ дека лани не бил постигнат напредок во однос на реформите во судството, сепак Европската комисија во Извештајот никаде не споменува дека треба да се разреши Судскиот совет, туку напротив го критикува токму надворешното политичко влијание врз ова тело. Покрај ланскиот Извештај на ЕК, ЕУ испрати Оценска мисија составена од меѓународни судии во земјава, кои го чешлаа работењето на Судскиот совет и усогласија 40 препораки во однос на тоа што треба да спроведе Северна Македонија за да може Судскиот совет да работи професионално и стручно. Од нив, дури 17 мерки може да исполни самиот Судски совет, но во ниту една од 40-те мерки не се предлага директно мешање на власта за разрешување на советот.

Судскиот совет на РСМ; Извор на фотографија: Судски Портал на РСМ.

Академикот Владо Камбовски деновиве предупреди дека прашањето за разрешување на Судскиот совет во целина е комплексно и не е едноставно, бидејќи тоа ќе значи мешање во судската власт, односно во автономното право на судиите да ги избираат членовите на Судскиот совет.

Според Камбовски, кога се излегува со идејата за разрешување на целиот Судски совет, треба да се има предвид дека тој е во основа составен така што има доминација на членови од редот на самите судии и на тој начин е даден поширок простор за фактичка активност на тоа тело за заштита на независноста и самостојноста на судството. Што значи дека прашањето за разрешување во целина на Судскиот совет е доста комплексно и не е едноставно, бидејќи ако го разрешите Судскиот совет со закон, тоа е големо прашање дали така може уставни тела да бидат разрешувани со обични закони во целина, вели тој.

Инаку, токму академикот Владо Камбовски раководеше со Работната група за реформа на Судскиот совет, која функционира врз основа на Оценската мисија на ЕУ која ги обелодени 40-те препораки за реформа на Судскиот совет. Покрај неговата изјава, во рамките на завршната конференција на проектот „За правда – Граѓанските организации за независно и ефикасно правосудство“ што се одржаа деновиве, свое незадоволство од предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за разрешување во целост на Судскиот совет изразија и од невладиниот сектор.

Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници и координаторка на Блупринт групата за реформи во правосудството изјави дека тие ќе останат конзистентни на нивните ставови во однос на тоа дека политичките партии и извршната власт не треба да даваат изјави и да делуваат на независноста на судската власт, затоа што таа е независна и треба да остане таква.

„Во изминатата година направивме навистина многу во однос на тоа какви реформски приоритети треба да бидат во судството. На кој начин да се одвиваат и како можеме да ја вратиме довербата на граѓаните во правосудството и во институциите на системот и како може да се направат суштински промени”, рече Цветановска.

Досегашниот раководител на работната група за реформа на Судскиот совет, Камбовски додаде дека согласно препораките на Оценската мисија на ЕУ, фокусот сега треба да се насочи во рамки на оние предложени решенија за зајакнување на одговорноста на членовите и процедурите што се таму предвидени за обезбедување на објективни постапки за избор на членови, транспарентност, одговорност и отчетност на работата на Судскиот совет.

„Законот обезбедува механизми како може не само самото Собрание, туку и други иницијатори на таа постапка да доведат до одговорност и разрешување на член на Судскиот совет за разлика од еден период кога фактички имавме еден неверојатен имунитет на членовите на Судскиот совет, тоа беше тело кое не одговараше пред никого и де-факто и процедурите на покренување на постапки, иницијативи за утврдување на одговорност и разрешување не беа законски добро уредени. По мое мислење затоа треба да се оди по тој пат, да не се пребрзува со некои такви решенија“, изјави Владо Камбовски.

Во однос на најавите на новата власт за разрешување во целост на Судскиот совет и за неопходните реформи за кои се залага официјален Брисел, прашања испративме и од самиот Судски совет, од каде што не добивме одговори до пишувањето на овој текст.

И додека новата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма „Платформа 1198“ вети распуштање и законска реформа на Судскиот совет, меѓу 40-те препораки за реформи што ги усогласи Оценската мисија на ЕУ се наведуваат реформите во структурата и компетентноста на Судскиот совет, должината на мандатот на членовите, процесот на селекција и именување на членовите, дисциплинските постапки, комуникацијата на Судскиот совет со јавноста и неговото финансирање.

Поранешниот министер за правда Кренар Лога пред самото разрешување од функцијата изјави дека со распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители се загрозува независноста на судството. Лога пред две недели го оквалификуваше ваквиот потег како обид на идната влада да ја дисциплинира судската власт, а својата загриженост ја изрази и преку писма што ги испрати до Делегацијата на ЕУ во земјава и до странските амбасади.

И додека во земјава се води битка на аргументи и против-аргументи за тоа на кој начин треба во иднина да се реформира судството и како да функционира Судскиот совет, критериумите на ЕУ за напредување на земјите-кандидати на патот кон зачленување во ЕУ се многу јасни. Поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и на основните права е клучно, бидејќи преговорите за членство во ЕУ се отвораат токму со Поглавјата 23 и 24 и токму овие две поглавја последни се затвораат при преговорите. Евентуален упад на извршната или законодавната власт во судството може да доведе до дополнителни критики од официјален Брисел кон новата власт и назадување во процесот на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top