СОЦИЈАЛНОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО КАКО МОЖНОСТ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИТЕ

Автор: Бојан Лазаревски

Европската унија ја препознава важноста од создавање и раст на бизниси на недоволно застапените групи

Во динамичниот свет на претприемништвото, социјалното претприемништво се издвојува како уникатна и значајна област која комбинира бизнис иновации со социјални и еколошки цели и како таква на младите им нуди големи можности. Финансиската поддршка игра клучна улога во развојот и успехот на социјалното претприемништво, особено во Македонија, каде што економските услови и пристапот до капитал се често ограничени.

Дел од проектите за поттикнување на социјалното претприемништво преку иновации на младите се поддржани и финансирани токму од Европската Унија, како што е проектот Eко-систем за еко-иновации и циркуларна економија во Западен Балкан, финансиран преку ИПА -3 (2021-2023). Како позитивни резултати од овој проект може да се посочи грантовата шема на која можеа да аплицираат невладини организации и социјални претпријатија, чиј вкупен фонд изнесува 210.000 евра за развој на иновации и прототипови. Наменет за социјални претпријатија и невладини организации за буџети кои се движат од 17.500 до 30.000 евра за него од пет земји од регионот пристигнале 56 паликации за идеи насочени кон циркуларната економија.

На проектот од Европската унија од македонска страна работело Здружението за  социјални иновации – АРНО, кое е е едно од најпрепознатливите на полето на социјалното претприемништво во земјава, но и членки на најголемата мрежа за социјална економија во Европа – DIESIS преку која се нуди дополнителна поддршка и можност за размена на искуства и практики.

„Во последните 10 години како АРНО го организира националниот натпревар „Зелени идеи“ имаме 10 победници на регионално ниво, 10 македонски бизнис идеи кои добиле вкупно 95.000 долари поддршка за развој на нивните зелени бизниси”, вели Антонио Даниловски, проектен координатор во АРНО.

Антонио Даниловски, проектен координатор во АРНО

Според него преку натпреварот се подига свеста и се зголемува инспирацијата во полето на зеленото претприемништво. Но натпреварот „Зелени идеи“ не е единствената поддршка за младите претприемачи. Но организациите и социјалните претпријатија, вели тој, се во потрага и по по други фондови за поддршка.

„Преку RISE програмата имаме инвестирано 20.000 евра во победнички младински тимови. Преку прекуграничниот проект SEED имаме доделено повеќе од 20.000 евра во опрема за македонски социјални претпријатија. Дополнително, можеме да наброиме повеќе од 400 апликанти на натпреварите и програмите за инкубација, повеќе од 200 ученици, како домашни, така и од Европа, но и околу 50-тина професори кои поминале низ наши програми”, дополнува Даниловски.

Значајна е поддршката од Европска Унија 

Од АРНО најавуваат дека оваа есен ќе стартува и  Академијата за циркуларна економија за граѓански организации и социјални претпријатија кои имаат идеи за циркуларни бизниси. Академијата е дел од проектот „Граѓанското општество и млади за инклузивен и одржлив развој преку циркуларната економија во Северна Ма социјални претпријатија нје социјални претпријатија нје кедонија“ финансиран од Европската Унија преку повикот на ЕУ за граѓанско општество и програмата за медиуми на Западен Балкан и Турција за 2022-2023 година ќе се овозможи поддршка преку грантови од 64.000 евра, за осум граѓански организации и социјални претпријатија со најдобри идеи за циркуларни бизниси.

Преку европската програма “Регионален Инкубатор за Социјални Претприемачи” (RISE) се нудат и програми за идеи и инкубатори за млади, исклучително наменети за тимови кои имаат само идеја за социјален бизнис. Таквите програми нудат обуки и менторство, со цел насочување на младите на прав пат за имплементирање на нивните идеи, како и вмрежување меѓу младите, социјалните претпријатија и компаниите, и трансформациија на идеите во успешен бизнис модел.

„Преку Еразмус+ проектите даваме можност на младите и алумни заедницата за учење, вмрежување во Европа. Само во изминатите три месеци имавме дури 10-тина млади од Македонија на обуки во Романија и Литванија. Од 2019, преку програмата RISE младите одат на регионална мобилност во Западениот Балкан, а од оваа есен и на студиска посета во Германија и Франција”, вели Даниловски.

Европската унија ја препознава важноста од создавање и раст на бизниси на недоволно застапените групи како млади и жени, а поддршката се врши преку повратни и неповратни финансии, што резултира со развој на социјалното и инклузивното претприемништво.

Од проектна идеја до успешен бизнис

Еден од примерите за успешна приказна за социјално претприемништво во нашата земја е организацијата „О-Круг“ на Марија Бургиева од Скопје, која добила поддршка во имплементирањето на нејзината идеја, преку процес на менторство и насоки за развој, но и можности за обуки и вмрежување. За можноста за финансиска поддршка дознав преку мрежата на локални организации и програми за поддршка на млади претприемачи, како што се АРНО и Business Impact Lab, а финансиската поддршка дошла отко победила на  Balkan Green Ideas и освоила второ место на Social Impact Awards.

Марија Бургиева, основачка на О-Круг

Нејзината бизнис идеа била инспирирана од проблемите со управувањето со отпад и социјалните нееднаквости, пронаоѓајќи креативно решение за транформација во корисни производи на лушпите од портокали кои често завршуваат на депониите. Поддршката била клучна за развојот и имплементацијата на идејата на Марија, пред сѐ во однос на поставување на производствениот процес, обезбедување на потребните материјали и опрема, и маркетинг промоција на производите.

„Со добиените средства, успеавме да го поставиме производствениот капацитет за екстракција на масло од лушпите од портокали. Оваа поддршка ни овозможи да започнеме со производство и продажба, што понатаму ни помогна да ја зголемиме нашата видливост и од идеја да претвориме реалено социјално претпријатие”, вели Бургиева од О-Круг.

Но финансиската поддршка иако од суштинско значење не бил единствениот фактор за успех. Бургиева смета дека отворањето на Центарот за социјално  претприемништво со помош од фондовите на Европската Унија и настаните кои ги организираат, се клучни за зголемување на видливоста и едукација на луѓето зошто треба да одбираат производи од социјални претпријатија и што придонесуваат со тоа.

Поддршка преку проекти за поддршка на социјално претпримеништво добила и Стефани Пренкова со идејата „Индоор Гарден”. Иако реализацијата на идејата започнала со сопствени средства, добивањето на дополнителна поддршка преку проектот Зелени Идеи резултирало со нова колекција на садови за растенија и понатамошен развој.

Стефани Пренкова, основачка на Индоор Гарден

Благодарение на проектот кофинансиран од Фонд за иновации и технолошки развој – ФИТР и Индоор Гарден денес сме на прагот кон финализирање на рачно изработени садови за растенија од специјална мешавина на ситни гранули од рециклирана пластика, природни материјали и цемент“, вели Пренкова, чија идеја и желба за делување во корелација со животната средина и создавање на еко садови кои се одржливи и пријатели на природата започнала во 2021.

Клучна алка за успех е одржливоста на бизнисот по завршувањето на поддршката

Пренкова смета дека заедничко за секој претприемач е упорноста и ориентацијата за изнаоѓање на начини за реализирање на своите креативни идеи и вели дека секоја финансиска поддршка од донатори е добродојдена.

„Да се биде претприемач е слатко-кисел предизвик, често изворот на приливи само од продажба не е доволен и се појавува потреба од дополнителни извори, каком шѕо е финансиска поддршка од различни институции, особено доколку бизнисот е ориентиран кон рачно производство надополнето со желбата за одржливост од изборот на ресурсите до начинот на производство”, вели Пренкова.

Но постигнувањето на одржливост е можеби најважната компонента во развојот на бизнис идејата за едно социјално претпријатие, за тоа да може да продолжи да опстојува и по завршувањето на финансиската поддршка. Менторската поддршка, споделувањето на искуства и можноста за вмрежување на ваквите проекти, но и успешноста на идеите во почетокот, понатаму значително може да влијаат врз постигнувањето на самоодржливост, долгорочно опстојување на идејата преточена во бизнис, како и раст на истиот.

Важноста за одржување на самоодржливост ја препознава и Мирјана Јосифоска, која го создала првиот македонски дизајнерски бренд за шапки, преку користење на неупотребени материјали кои се во голема количина во државата, што пак може да резултира со намалување на нивото на текстилен отпад.

Мирјана Јосифоска, основачка на првиот македонски бренд за шапки

„Финансиската поддршка беше клучна за започнувањето на нашиот бизнис, овозможувајќи ни да воспоставиме производство и да ги извадиме производите на пазарот. Сепак, нашата крајна цел е да изградиме самоодржлива и профитабилна компанија. За да го постигнеме ова, моментално сме фокусирани на зголемување на нашите операции, проширување на нови пазари и диверзификација на нашите понуди на производи“, вели Јосифоска.

Таа, покрај во мерката „Самовработување“, учествувала и во доста инкубаторски и акселераторски програми, како Uplift Western Balkans, GIST Innovates the Balkans, 700 Accelerator (SEEU TechPark), на територија на земјава, како и на Западен Балкан.

„Покрај финансиската поддршка, важно е да се спомене менторството и вмрежувањето кои овие програми го овозможуваат“,додава Јосифоска.

Успешните приказни за социјално претприемништво имаат значително влијание врз општеството. Тие може да придонесат за заштита на животната средина, добросостојбата на граѓаните и вклучување на најранливите групи. Организации како АРНО и успешните претприемачи како Мирјана Јосифовска, која користи остатоци од текстил за креирање на модни додатоци и вработува жени од тетовскиот регион, покажуваат дека социјалното претприемништво може да донесе позитивни промени и да промовира одржливи практики во Македонија.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top