СО УЧЕЊЕ ЗАНАЕТ, ОД ВОЗРАСЕН СЕ СТАНУВА ПОВТОРНО МЛАД
Автор: Никола Ристевски
Кога се зборува за поимот „учење“, во принцип кај нас се мисли на младите кои се на почетокот од животот и кои допрва треба да стекнат знаења и вештини за да можат да работат. Покрај ова, под терминот „образование“ во македонското општество најчесто се подразбира формалното образование, како што е: училиште или факултет, а помалку сме навикнати да го употребуваме овој термин и за неформалните начини да се стекне образование. Но, што се случува со образованието за возрасните лица?
„Неформалното образование кое во Европа зазема сè поголем процент од вкупното образование и му се посветува посебно внимание, кај нас на жалост со години е на маргините на образовниот процес“, велат од Отворениот граѓански универзитет за доживотно учење „Кочо Рацин“ во Скопје.
Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава на патот кон ЕУ за минатата година посочува дека токму образованието кај возрасните лица претставува своевидна табу-тема.
„Процентот на возрасни што учествуваат во учењето бил 2,6% во 2020 година што е значително под просекот на ЕУ-17 од 10,8% (2021 година). Натамошниот развој на квалификациите е клучен за вклучување на лицата со средни и ниски квалификации на пазарот на трудот“, се наведува во ланскиот Извештај на ЕК.
Нискиот процент на повозрасни лица кои се одлучуваат да стекнат дополнителни квалификации се одрази токму на високиот процент на невработеност кај оваа категорија на лица. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година имало 103.351 невработено лице во земјава, од кои дури 59.127 невработени лица имаат завршено средно образование, додека 19.999 од невработените имаат само основно образование. Токму оние со средно и основно образование најдолго бараат работа, па така најголемиот број од овие лица бараат работа преку Агенцијата за вработување повеќе од четири години.
Токму образованието за возрасни лица може да го намали процентот на невработеност кај лицата со средно и основно образование, а со тоа да обезбеди и работна сила која би можела да ги пополни испразнетите работни места кај работодавачите. Самото образование за возрасни лица се дели на формално и неформално. Формалното образование за возрасни опфаќа стручна подготовка во средните училишта и студирање како вонреден студент на универзитетите во државата.
Разликата меѓу овие два вида образование критички ја посочува и професорот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и еден од ретките специјалисти – андрагози во државата, д-р Зоран Велковски, кој вели дека: „Иднината на оспособувањето на работната сила е токму во синергијата меѓу формалното и неформалното образование. Денешното формално образование, со оглед на брзиот развој на науката и техниката и мултиплицирањето и застарувањето на знаењата не може да подготви оптимален работник кој ќе биде ефикасен со самото негово дипломирање. Формалниот систем на образование е тром механизам кој тешко ја следи динамиката на промени“.
Извор на фотографија: “Centre for Adult Education Flipped Learning Design in VET Workshop 070214” by Vanguard Visions is licensed under CC BY 2.0.
Професорот Велковски смета дека иако лицата со понизок степен на образование имаат помала базична способност за учење, мотивацијата останува клучниот фактор за учењето. „Сè зависи од мотивот. Без оглед на образовната позадина на возрасните, доколку мотивот е силен (вработување, промена на работното место, повисока плата, желба за учење на нови нешта и сл.) тогаш и спремноста за учење ќе биде поголема кај возрасните“, дециден е тој.
Од Центарот за образование на возрасни (ЦОВ) објаснуваат дека во 2023 година биле реализирани вкупно 395 обуки, коишто успешно ги завршиле 3.631 учесник. Тие укажуваат дека најголем интерес имало за обуките што водат кон стекнување на квалификации или дел од квалификации од различни понудувачи на услуги и тој број е 3.457 учесници, од кои 605 се вработиле кај понудувачите или кај друг вработувач по обуките. Сосем мал дел од учесниците се одлучиле за обуки за некакви вештини, и тоа само 174 лица.
Инаку, главната препорака на ЕК во ланскиот Извештај за напредокот во однос на прашањето за образованието на возрасните лица е носењето на нов Закон за образование на возрасни којшто ќе ги реши проблемите и пропустите од постојниот закон.
„Законот за образование на возрасни сè уште не е донесен.“ стои во ланскиот Извештај на ЕК иако „во ноември 2022 година Министерството за образование и наука ја донесе Концепцијата за средно образование на возрасните, со цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните и да овозможи општествен развој“. Проблемите со усвојувањето на овој закон сè уште се неизменети.
Од Центарот за образование на возрасни велат дека еден од поважните приоритети за следниот период e воспоставувањето на систем за валидација на неформалното и информалното учење.
„Системот за валидација на неформалното и информалното учење ќе овозможи стекнување на квалификации на лицата без или со низок степен на квалификации, а преку тоа би се очекувало нивна поголема вклученост во пазарот на труд, со крајна цел намалување на стапката на невработеност во земјата“, додаваат тие.
Нивната изјава укажува дека системот на неформалното образование на возрасните најмногу треба да ги опфаќа луѓето кои немаат доволно образование или се стекнати со низок степен на образование и постојано се во потрага по работа. Од друга страна, основен предизвик за стекнувањето образование се финансиите.
Тоа исто така е наведено како предизвик и во Стратегијата за образованието 2018 – 2025 објавена од Министерството за образование и наука, во која што е наведено: „Нема сеопфатен систем за финансирање на образованието на возрасните во земјата, а исто така работодавачите немаат никаква финансиска мотивација да инвестираат во образованието на возрасните лица“.
Проблемот со финансирањето на стекнувањето квалификации кај оваа категорија на лица го согледуваат и од Отворениот универзитет „Кочо Рацин“ од Скопје, кои посочуваат дека државата генерално слабо инвестира во образованието, а особено слабо инвестира во неформалното образование.
„Основно, најсериозно да го организира (н.з. се мисли на неформалното образование за возрасните) и да издвои повеќе средства кои ќе бидат наменети за лицата кои се надвор од системот бидејќи немаат завршено основно или немаат оформено средно образование и живеат од социјална помош, а претежно работаат приватно“, велат од Отворениот универзитет „Кочо Рацин“.
Но, не е проблемот само во државата. Професорот Зоран Велковски посочува дека и приватниот сектор не е сјаен пример за поддршката за доусовршување на вработените работници.
„Во поголемиот дел од државниот сектор се практикува надградување на знаењата и вештините на вработените. За жал, оваа практика во приватниот сектор, освен во некои исклучоци, сè уште не е дел од приоритетите на вработувачите. Инвестицијата во човечкиот фактор сè уште не се разбира како исплатива инвестиција. За вработувачите е полесно да ги отпуштат работниците кои имаат дефицит од компетенции и да вработат нови на берзата на трудот. Притоа, забораваат или не знаат дека тоа е поскап пат“, објаснува Велковски.
Тој додава дека работникот кој веќе работи во одредена работна организација многу полесно може да се надогради отколку постојано на одредено работно место да доаѓаат нови работници.
Формалното образование за возрасни, пак се спроведува како засебна активност во редовните училишта и на универзитетите. Но, неформалното образование на возрасните опфаќа повеќе различни програми што им помагаат на луѓето кои поради одредени причини не можеле да се стекнат со неопходното за нив образование, а сакаат да се квалификуваат за одредено работно звање или пак сакаат да изучуваат некаков јазик или вештина.
Така, во членот 18 од Законот за образованието на возрасните е наведено дека посебните програми за образование на возрасните лица вклучуваат не само описменување на населението и изучување на мајчин јазик и странски јазици, туку и преквалификација, доквалификација, претприемништво и менаџмент, информациско-комуникациски технологии, креативно изразување и учество во културни и уметнички настани, зачувување и заштита на околината, посебни социјални вештини, активно граѓанство, основни познавања од науката и технологијата и други знаења, вештини и способности.
Веб-страниците на образовните установи коишто во земјава нудат програми за образование на возрасни лица се полни со понуди за создавање на работни профили, како што се: козметичар на лице, надградба на нокти, гипсер, монтер, шивач, пекар, виљушкарист, негувател на стари лица, но и странски јазици, како англиски и германски јазик.
Времето што треба да го одвојат кандидатите варира од програма до програма, така некои траат само 20 до 30 часа, а некои над 320 часа. Според цената на обуките, некои чинат околу 200 евра, а за други пак треба да се платат и до 1.000 евра. Цената варира од профилот, местото на обука, времетраењето и можноста за вработување со сертификатот.
Отворениот универзитет „Кочо Рацин“ од Скопје нуди редовни јазични курсеви по англиски и германски јазик за млади и возрасни, но само 10% од учесниците се возрасни лица, што укажува за нискиот интерес на возрасните за изучување јазици. Во однос на одржувањето курсеви, од „Кочо Рацин“ укажуваат и на уште една нелогичност.
„Главниот проблем со организирање на курсевите за јазици е во тоа што постои нелојална конкуренција помеѓу нашите институции каде мора да се почитува Законот за отворените граѓански универзитети за доживотно учење за коишто е надлежен Државниот просветен инспекторат, и приватните провајдери кои реализираат сегмент од неформалното образование, а се регистрирани како трговец-поединец, за коишто е надлежно Министерството за економија“, велат од „Кочо Рацин“.
Бидејќи државното финансирање не е развиено, кандидатите кои се повозрасни и сакаат да завршат одредена обука за да се стекнат со вештини коишто се барани на пазарот на трудот, но немаат веќе стекнато повисоко формално образование, се обесхрабрени.
Во постојниот Закон за образованието на возрасни е доста слободно дефинирано како може да се изведува неформалното образование, а нема ниту соодветно пропишани начини на државно финансирање на неформалното образование. Ова се дел од причините поради кои ЕУ апелира да се донесе ново законско решение.
Од Центарот за образование на возрасни објаснуваат дека најголем број невработени лица кои активно бараат работа се со завршено средно образование. По нив, следуваат тие кои имаат завршено само основно образование, а трета група се академските граѓани кои исто така бараат вработување на пазарот на трудот.
Од ЦОВ информираат дека во 2023 година верифицирале 92 програми што водат до квалификации и осум програми што водат до вештини, а од нив најмногу има од областа на личните услуги (фризери, шминкери, обуки за нокти, итн.), 13 од областа на здравствените услуги, 11 за туризам и угостителство. Бројот на верифицирани програми не е висок, но мал е и бројот на учесници во овие обуки. Па така, во просек лани имало по 36 учесници на обука.
Проблеми има и со наставниците, односно со повеќето категории на вработени кои се задолжени за образованието на возрасните.
„Еве на пример третманот на обучувачите на возрасните. Во досегашните законски решенија беше предвидено да имаат задолжителна андрагошка обука“, вели професорот Велковски, додавајќи дека во праксата тоа не се почитувало.
„Во сегашниот закон нема јасна дистинкција меѓу андрагози, наставници за возрасни и инструктори. Сите се третираат еднакво“, појаснува професорот Велковски. Ова значи дека во нашето образование за возрасни допрва треба да се разграничуваат обврските на лицата кои се вклучуваат во работата за едукација на возрасните.
Во Концепцијата за средното образование на возрасните на Министерството за образование и наука е наведено дека од лицата на возраст од 25 до 64 години кои немале претходно средно образование, само 0,2 % се стекнале со три или четиригодишно средно образование, што е убедливо најнизок процент во цела Европа.
Но, можеби уште поалармантен податок од Концепцијата е следниот: „73% од лицата на возраст 25-64 години што не се вклучени во образование и обука изјавиле дека не ни сакаат да бидат вклучени! Тој процент кај лицата со најниско ниво на квалификации е дури 90 %, а дури 99% од нив во текот на мината година не ни барале информации за можности за образование и обука.“ Со други зборови, лицата кои немаат доволно формално образование не се чувствуваат сигурни дека неформалното образование може да им донесе некакви промени.
Експертите јасно посочуваат дека разликите меѓу земјава и ЕУ се и во носачот на финансискиот товар за неформалното образование кај возрасните лица.
„За да се образувате треба да платите. Ако вклучувањето во неформалниот образовен сектор има карактер на индивидуална авантура, тогаш финансиските импликации од таквото вклучување оди на грбот на оној кој треба да се образува“, истакнува професорот Велковски.
Горенаведените извори што ги консултиравме заклучуваат дека долгата невработеност придонесува кон слаба економска активност и кон помали можности на пазарот на трудот, при што изборот на идното работно место кај поединецот се стеснува и уште повеќе се намалуваат шансите за брзо вработување. Токму поради тоа, ниските буџетски проценти кои државата ги издвојува за образованието треба да се зголемат во делот на стекнувањето нови квалификации на возрасните лица кои не успеале во животот да се стекнат со високо образование, а сепак се желни да работат и да просперираат преку можностите што ги нуди неформалното образование.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.