СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗУВАЊЕ ВО ТЕСНЕЦ ПОМЕЃУ ПРОСВЕТАТА И ПАЗАРОТ
Автор: Никола Ристевски
Средното стручно образување во теснец помеѓу просветата и пазарот
Градежници, машиновозачи, текстилци, келнери нема ниту за лек во Северна Македонија, а средното стручно образование не може да го обезбеди неопходниот број на идни вработени за дел од работните места. Како резултат на ова, во земјава се увезуваат работници од Непал, Турција, Индија и други земји, додека дел од стручните работници си заминуваат на работа во странство. Наспроти ова, значителен дел од младите иднината ја гледаат во гимназиското образование. Намалените финансии, неусогласеноста на дел од законските прописи за полесна транзиција кон стручно образование и обука и старите наставни програми се главните проблеми со кои се соочува средното стручно образование во земјава.
Европската комисија во Извештајот за 2023 година за напредокот на европскиот пат на земјава посочува дека постојаното намалување на буџетот за наука, образование и култура прави проблеми при решавањето на крупните прашања во просветата. Во учебната 2021/2022 година во средно образование биле запишани 85,59% од децата во земјава, а од Комисијата нотираат дека и покрај напредокот постигнат во средното стручно образование, постои голем недостиг на вештини кај средношколците што ги бара пазарот на труд во земјава.
Официјален Брисел бара од македонските власти да ги забрзаат реформите на системот за стручно образование и обука, бидејќи во моментов долга е транзицијата од средното стручно образование до работното место на учениците. Од Европската комисија предупредуваат дека потенцијалниот раст на земјава зависи, помеѓу останатото, токму и од развојот на средното стручно образование.
Податоците на Државниот завод за статистика пак покажуваат дека околу една третина од средношколците учат во општото (гимназиското) образование, а пак две третини се запишани во средното стручно образование, односно учат занает. Тоа значи дека од вкупно 3.509 паралелки и речиси 70.000 ученици во средното образование кај нас, според Државниот завод за статистика, околу 43.600 ученици учат некоја од струките коишто се изучуваат во средното стручно образование во приближно 2.300 паралелки.
Но, треба да се знае дека не сите ученици од тие 2.300 паралелки учат единствена струка. Кога ќе се разгледа веб-страницата на Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО) ќе се забележи дека има 15 стручни подрачја, со по десетина стручни профили (двегодишни, тригодишни и четиригодишни наставни програми). Статистиката пак покажува дека одредени струки имаат поголем број ученици, а други пак бележат значително помал број на ученици.
Голем проблем на стручното образование е токму бројот на ученици, како што е и наведено во Стратегијата за образование (2018 – 2025).
„Стручното образование и понатаму не привлекува доволен број ученици, особено кога се работи за двегодишното/тригодишното стручно образование“, се издвојува како прв предизвик во овој стратешки документ. Она што е интересно од овој документ е што изборот на учениците сепак паѓа врз подолгите стручни програми, а не пократките.
Според податоците од Државниот завод за статистика, може да се забележи дека најатрактивни струки коишто идните средношколци сакаат да ги изучуваат се здравствената, економско-правната и техничките струки, додека пак интересот за другите профили од средното стручно образование останува понизок.
Во Извештајот на ЕК за напредокот на РСМ кон ЕУ за 2023 година е наведено дека веќе стотина компании имаат склучено договори за јавно-приватно партнерство во поглед на организацијата на наставата за средното стручно образование и обука, особено кај профилите каде што има дуално образование, односно струките каде што скоро половина од наставата е целосно практична.
Институциите и приватните компании
Во нашата држава постојат две државни институции коишто се грижат за развојот на просветата кај средношколците, тоа се: Бирото за развој на образованието (надлежна за основното и општото, односно гимназиското и уметничкото образование) и Центарот за средно стручно образование (ЦССО), надлежен за напредокот и развојот на средношколците коишто изучуваат вокациско училиште.
Упативме неколку прашања до ЦССО за тоа како се одвива институционалниот процес за поттикнување на средношколците да ја изберат својата идна професија. Од таму ни одговорија дека ЦССО редовно ги анализира потребите на пазарот на трудот, комуницира со сите засегнати страни, како наставниците, така и учениците за да може да изработува квалитетни наставни планови и програми и да ги подготвува наставниците-приправници преку стручни испити за поквалитетна настава.
Сепак, одредени проблеми коишто ја брануваа македонската јавност во врска со учебниците за средното стручно образование сè уште опстојуваат. Од ЦССО проблемот со недостигот на учебници потесно го лоцираат во низа специфични проблеми, па сметаат дека:
„За недостатокот на учебници зборуваме поради слабата мотивираност за пишување на учебници, кратките рокови, групните повици и условите за автори на учебници“.
Истите овие проблеми ги забележуваат и наставниците и вработените во средните стручни училишта низ државата, од што може да се заклучи дека во иднина ќе требаат подолгорочни планирања за учебниците во нашето образование.
Учениците често учат од интерни материјали, како скрипти, презентации и белешки од часовите на наставниците, но тоа не е само привремено решение, туку и голем проблем.
Директорот на средното училиште „Владо Тасевски“ од Скопје, Александар Сибиновски го потврдува и многу прецизно го скицира проблемот.
„Она што произлегува како реален проблем кога не се обезбедени учебници е неунифицираноста на материјалите, односно фактот дека постои голема разлика во опширноста или сложеноста на понудените материјали од страна на различни наставници, што пак може да биде причина за разлики во квантитетот и квалитетот на стекнатите знаења на учениците“, вели директорот Сибиновски.
Од ЦССО пак велат дека има новитети и во начините на стекнување со практични знаења кај средношколците, што е предизвик во земји коишто не се технолошки високо развиени, како Северна Македонија. Па така, приватниот сектор сега може поактивно да се вклучи во создавањето на квалитетно образование преку праксата што средношколците може да ја обавуваат таму.
Бенефициите за компаниите се во тоа што компаниите можат да „заштедат“ во процесот на регрутација на нови кадри и имаат можност за избор на квалитетна идна работна сила која има вештини за специфични работни места, велат од ЦССО. Работата пак, се одредува преку Законот за средно стручно образование којшто ги дефинира условите за обавување на средношколска пракса во приватните компании.
Извор на фотографија: СУГС „Владо Тасевски“-Скопје.
Но, за одредени новитети идните средношколци едноставно не може да разберат, затоа што популарноста на гимназиите во земјава и денес е значително силна и деветтоодделенците избираат да станат гимназијалци. Директорот на „Владо Тасевски“, Сибиновски посочува дека ова е парадоксална ситуација за нашето општество.
„Во услови кога во државата постои хроничен недостиг на квалификуван стручен кадар, средното стручното образование би требало да биде прв избор, а не резервна варијанта, на голем број ученици. Состојбата на терен, меѓутоа, не е таква. Голем број стручни училишта години наназад имаат слаб упис, додека во гимназиите се отвораат дополнителни паралелки за да се примат учениците кои од аспект на бодовите ги исполнуваат условите за упис“, потенцира тој.
Сибиновски додава дека стимулирањето на средношколците да се насочат кон стручното образование треба да биде уште поголемо, и тоа како во делот на подобрување на условите, преку стипендирање, до активирање на приватниот сектор.
За програмите каде што има активна соработка на училиштата со компаниите, Сибиновски посочува дека средното училиште „Владо Тасевски“ веќе соработува со неколку компании, но дека интересот кај компаниите не е највисоко ниво.
„Концептот е добро замислен и функционира, но проблем е изнаоѓањето компании кои би се вклучиле во ваков вид соработка со средните стручни училишта“, вели тој.
Покрај ова, инвестициите во наставните средства и помагала, како лаборатории, опрема, материјали и други пропратни трошоци, иако ги има, треба да бидат уште поголеми, за да се обезбеди мотивација и кај учениците и наставниците, но и кај родителите и кај сите други вклучени во образованието.
Можностите за стручно усовршување на наставниците и подобрување на условите за работа се едни од најважните препораки на ЦССО како нужност за подобрување на состојбите во стручното образование, кои ќе спречат да не се одливаат наставните кадри во индустријата. Наспроти ова, за приватните компании тоа се даночните олеснувања, коишто би требало да послужат како мотивација за нивна поголема вклученост во реформите коишто треба да следат во просветата.
Средношколската визија за образованието
Во јавните дискусии за средното стручно образование не смее да се изостават најважните чинители, односно учениците, кои ќе бидат идните работници. За основниот проблем со учебниците, но и со прашањето за праксата од Сојузот на средношколци концизно изјавија дека: „Младите од средните стручни училишта често се жалат од фактот што материјалот од учебниците не е доволно совладан доколку не го видат како тој практично се применува.“
Ова е показател дека неусогласеноста меѓу наставните планови и можностите за пракса, односно пазарот, е голем проблем и за учениците.
Македонската јавност имаше можност да чуе и за одредени слабости кај учениците од нашата држава на меѓународните тестирања, но ретко кој ги зеде предвид и другите проблеми со коишто неминовно се соочуваат средношколците, а тоа се финансиите.
„Финансиските тешкотии честопати се пречка за многу ученици да ги завршат своите студии 100 % успешно, бидејќи семејствата немаат доволно средства за покривање на образовните трошоци“, потцртуваат од Сојузот на средношколците, особено за оние кои посетуваат средно стручно образование. Тие потсетуваат дека токму овие средношколци имаат и други трошоци, покрај бесплатните учебници.
Поради тоа, веројатно стипендиите и другиот вид на финансиска поддршка, како што се досегашните позитивни примери на бесплатен средношколски превоз или бесплатен оброк за студентите, а можеби и некои други бенефиции, се нешто што ќе биде потребно во иднина, порачуваат од Сојузот на средношколци.
Од Сојузот на средношколците потсетуваат на повеќе пати споменатите барања, како што се: дополнителните финансирања на средношколците, обезбедувањето подобри услови за учење преку реконструкција на објектите во коишто се изведува наставата и фер услови за пракса. Можеби треба да се изнајдат начини како институциите подобро да ги земат во предвид и мислењата и ангажманите на средношколците за да може да се усогласат планирањата со потребите. Како и да е, финансиите сепак остануваат во нивниот фокус.
Дека средношколците се во право, говори и последниот Извештај на Европската комисија, во кој се нотира проблемот со финансиите за образование и обука во земјава.
„Јавната потрошувачка за образование и обука минимално се намали на 3,71 % од БДП во 2022 година (3,98 % во 2021 година), што сѐ уште е далеку од просекот на ЕУ од 5 %“ е наведено во Извештајот на ЕК за 2023 година за напредокот на земјава.
Со оглед на фактот дека Северна Македонија заостанува повеќе од еден процент зад европскиот просек во поглед на финансирањето на образованието, не можат да изненадуваат и актуелните проблеми со кои се соочува средното стручно образование во земјава.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.