ТРЕТИНА ОД ОТПАДНИТЕ ВОДИ СЕ ПРЕЧИСТУВААТ, ПРОБЛЕМОТ СО ТИЊАТА НЕРЕШЕН

Автор: Александра Стојанова

Најголемиот дел од фекалиите од канализационата мрежа завршуваат непречистени во македонските реки, езера и подземни води. Дури и во Охридското езеро, кое е под заштита на УНЕСКО, отпадните води од автокампови, хотели и други угостителски објекти завршуваат непречистени во езерските води. Годинешниов извештај за квалитетот на површинските води на природните езера на Институтот за јавно здравје потврди дека дури и во Охридско-струшкиот регион не сите објекти се приклучени на пречистителната станица за отпадни води (ПСОВ), а со тоа директно го загадуваат езерото.

Од Институтот направиле теренски увид и зеле примероци за лабораториска анализа од трите природни езера, а податоците покажуваат дека одличен е квалитетот единствено на водите во Охридското езеро. Сепак, дури и кај ова езеро се посочува на проблем со канализационите мрежи на потегот од Струга до Радожда и од Пештани до Свети Наум.

„За заштита на Охридското езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с.Враништа, но согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од страна на ЦЈЗ Охрид, перзистираат објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем“, се наведува во Извештајот.

Податоците за загадувањето на нашите езера од отпадните води се само дел од неславната состојба со непречистените отпадни води во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, дури 72,2% од отпадните води во 2023 година се испуштиле непречистени во природата, додека само 27,8% се пречистуваат.

Ситуацијата не е променета премногу во споредба со 2022 година, кога статистичките податоци покажуваат речиси идентичен процент на непречистени отпадни води во земјава.

Според Марјан Михајлов, експерт за оцена на влијанието врз животната средина, во нашата земја во моментов во функција се 16 пречистителни станици за третман на комунални отпадни води, 12 од веќе изградените објекти се надвор од работа, додека 10 нови пречистувачи се планирани да се градат или се наоѓаат во различна фаза на развој на проектите.

Меѓу градовите кои чекаат пречистителни станици за да ги заштитат водите од загадување се: Скопје, Велес, Кавадарци, Битола, Штип, Тетово, Гостивар, Дебар, Вевчани и Делчево. Во дел од овие градови, како Скопје, Битола и Тетово, државните институции со години наназад ја одолговлекуваат изградбата на овие објекти поради пропаднати тендери, одолговлекување на изборот на компании што ќе ги градат објектите или недостиг на финансиски средства.

Тендерот за изградба на скопската пречистителна станица беше започнат во 2020 година, а по политичките караници и перипетиите околу изборот на изведувач, јавноста до денес ја чека изведбата на градежните работи на терен. Скопската пречистителна станица е најважна за земјава, бидејќи ќе треба да ги задоволи потребите за пречистување на отпадните води на 540.000 жители.

Покрај во главниот град, на изградба на пречистителни станици чекаат и двете други најголеми општини во земјава, а тоа се Битола и Тетово. И во двата случаи се чека на тендерските постапки за избор на изведувач, кои треба да ги издигнат капиталните објекти што ќе го спречат натамошното загадување на реките Вардар и Драгор.

Од Општина Битола за Евротинк информираат дека тендерот за нивната пречистителна станица е распишан, а во моментот тече евалуацијата во Министерството за финансии. Локалната самоуправа известува дека е распишана и јавна набавка за надзор над изведбата на работите, која што евалуација ќе започне во февруари.

Изминативе години се одолговлекуваше изградбата на битолската пречистителна станица за отпадни води поради необезбедените финансиски средства од владина страна, поточно од Министерството за финанси и Министерството за животна средина, велат од Општина Битола.

Покрај проблемите со изградбата во оние општини каде што ги нема ваквите капитални објекти, експертот Марјан Михајлов за Евротинк дополнува дека постоечките пречистителни станици се соочуваат со разни предизвици, како што се: големите трошоци за работа и за електрична енергија, застареност на опремата, проблеми во одржувањето и набавката на нови делови, човечките ресурси, правилното одложување на тињата итн.

Дополнителен проблем се и индустриските отпадни води, кои многу често индустриските стопански гранки без претходно пречистување ги испуштаат во површинските води.

Според публикацијата „Пречистување на отпадни води“ од авторите Зоран Марков и Милијана Георгиевска од 2016 година, отпадните води може да се групираат според индустриската гранка од која потекнуваат – рударската, хемиската, петрохемиската, црната и обоената металургија, прехранбената, текстилната, индустријата за производство за хартија, гума, кожа итн. Ваквите води можат да извршат промена на температурниот режим на проточните реки, но и да предизвикаат загадување со тешки метали, хемикалии и слични загадувачки материи.

Посебен предизвик е односот на правните субјекти со операторите на пречистителните станици, кои треба да се регулираат на ниво на договори.

„Ова моментално е огромен предизвик за постоечките ПСОВ, па оттаму различни видови индустриски отпадни води завршуваат во канализација, а ПСОВ немаат можност да ги третираат тие загадувачките материи, поради што се доведува во прашање постигнувањето на гранични вредности за емисии за ПСОВ“, констатира експертот Марјан Михајлов.

А за да постанеме земја-членка на ЕУ, македонските власти ќе мора да се позанимаваат со што поскорешна изградба на пречистителните станици. Европската Унија има усвоено Директива за урбаните отпадни води уште во 1991 година, а Европскиот Совет минатиот месец усвои нови, построги правила. Па така, секундарен третман на отпадните води за сите населени места над 1.000 жители ќе биде задолжително да се воспостави до 2035 година, а четири години подоцна сите градови над 150.000 жители ќе мора да го отстранат нитрогенот и фосфорот од отпадните води. Ова практично значи дека и од македонските власти во иднина ќе се бараат построги критериуми во изведбата на пречистителните станици, како и имплементација на понова и поскапа технологија во проектите.

Тињата од пречистителните станици е посебен проблем

Покрај пречистувањето на отпадните води, посебен проблем во земјава е прашањето што да се прави со тињата (милта) како отпаден продукт од процесот на пречистување. Единствено кочанската пречистителна станица ја преработува милта преку создавање на компост.

„Нетретираната тиња со себе носи голема содржина на органска материја и загадувачки материи. Од овие причини, тињата не треба да заврши на депонија, уште помалку на нестадардна депонија какви што се сегашните општински локации за депонирање на цврст отпад“, дециден е Михајлов.

Доколку тињата биде подложна на третман, тогаш може да се користи за неделно покривање на одложен компактиран отпад на стандардна депонија, објаснува тој. Но, ако не се третира, милта претставува уште едно загадување на животната средина.

„Последиците од овие пракси за постапување со тињата се влијанија врз квалитетот на почвите, површинските и подземните води и квалитетот на воздухот“, појаснува Михајлов.

Според него, постојат четири начини за управување со тињата, и тоа: третман и нејзино претворање во ѓубриво, одлагање, согорување и депонирање.

Македонските власти преку Министерството за животна средина и просторно планирање во моментов подготвуваат Национална стратегија за управување со мил од пречистителните станици. Оваа стратегија ќе се донесе за периодот 2024-2034 година и ќе претставува основа за реализација на одржлив и рентабилен систем за третман, употреба и отстранување на тињата.

Извор на фотографијаPexels, автор: Yogendra Singh, https://www.pexels.com/photo/garbage-on-body-of-water-2480807/.

Кочани светол пример за управување со отпадните води

Наспроти генералната лоша ситуација на национално ниво во поглед на пречистувањето на отпадните води, Општина Кочани претставува позитивен пример во делот на управувањето со отпадните води. И експертот Марјан Михајлов, но и од јавното претпријатие „Водовод“ од Кочани, посочуваат дека искуството во работењето на овој објект треба да го искористат другите општини.

Од кочанското јавно претпријатие велат дека отпадната мил од пречистителната станица ја искористуваат за производство на компост, а со тоа се генерира нула отпад. Покрај тоа што органското ѓубриво завршува кај земјоделците, објектот е енергетски независен бидејќи го користи биогасот и сончевата енергија за сопствено производство на струја.

„Инсталирани се дополнителни фотоволтаици со што потребите за електрична енергија ќе се покриваат над 90%. Ќе бидат пуштени во употреба до крај на 2024 година“, велат за Евротинк од кочански „Водовод“.

И Марјан Михајлов додава дека иновациите и новите технологии се неопходни за подобрување на процесот на работа кај пречистителните станици.

Инаку, кочанската пречистителна станица е пуштена во употреба во 2019 година во близина на селото Мојанци, а беше финансирана со 20 милиони швајцарски франци обезбедени од Швајцарија и локално учество од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Кочани и јавното претпријатие „Водовод“ од Кочани.

Овој инфраструктурен објект со правилното одвивање на процесите, испуштањето на пречистената отпадна вода го врши во најблискиот реципиент – кочанската река Масалница. Како што информираат од „Водовод“ од Кочани, со резултатите од испитувањата добиени со важечките законски регулативи, докажано е дека е вратен живиот свет во реката по изградбата на пречистителната станица. Пред изградбата на самата станица, водите во реката Масалница биле многу загадени, а речиси и да не постоел животински свет во неа.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags: 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top