УСТАВНИ ИЗМЕНИ: „ДА МУ ДАДЕМЕ ВРЕМЕ НА ВРЕМЕТО“ ВОДИ КОН ЌОРСОКАК

Автор: Кристијан Трајчов

Северна Македонија е пред сериозен застој за членство во ЕУ доколку владата не успее да го протне усвојувањето на уставните измени во Собранието во наредните месеци. Посериозно мешање на странско малигно влијание, зголемување на поларизацијата меѓу етничките групи во земјава и губење на моментумот за проширување што периодов го дава официјален Брисел се само мал дел од штетните последици што ќе произлезат од девизата „да му дадеме време на времето“ на премиерот Христијан Мицкоски за уставните измени.

Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии вели дека не постои опасност од уставните измени по националните интереси на Македонија, но препорачува дека дипломатската офанзива на македонските власти треба да се насочи кон други прашања наместо одложеното дејство за уставните измени.

Јас не гледам никаква опасност. Напротив, како што е многупати кажано, со вклучувањето на Бугарите во Уставот ќе се официјализира разликата помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, а со тоа ќе се зацврсне дефиницијата на Македонците како посебен народ. Од друга страна, сепак ќе се даде едно признавање на оние македонски граѓани кои се самоидентификуваат како Бугари, а со тоа ќе зајакне мултиетничкиот карактер на државата“, вели Николовски.

Тој смета дека засега нема сигнали од претставници на ЕУ дека се расположени за предлогот на актуелната власт уставните измени да се изгласаат со одложено дејство во Собранието.

„Преговарачката рамка предвидува уставни измени како услов за втора меѓувладина конференција. Не гледам енергија и волја кај ЕУ политичари да се вложуваат напори и преговори во оваа насока. Во овој момент, штетата не е ненадоместива доколку се откочи процесот во следниот период. Имаме реформска агенда која треба да ја спроведеме. За економска штета не можам да зборувам, но губиме на меѓународен углед и опасност од останување во еден статус-кво подолг период, со што ќе се намали ентузијазмот и поддршка за реформи, а тоа ќе отвори простор за други играчи чија агенда не е демократскиот развој на државата“, објаснува тој.

Николовски препорачува појака дипломатска офанзива и обид да се најдат други придобивки наместо одложеното дејство, како, на пример, намалување на важноста на Историската комисија со Бугарија или намалување на итноста да даде резултати.

„Ние веќе сме во опасност од продолжено статус-кво поради тоа што повеќе од две години не мрдаме како резултат на одбивањето да се донесат уставните измени. Како што претходно реков, доколку ништо не се менува во оваа насока, други нелиберални опции ќе станат сè попривлечни за македонските граѓани, и заедничката визија за евроатлантска интеграција ќе изгуби на важност. Недостаток на заедничка визија на сите етнички заедници во Македонија може да донесе до зголемена поларизација и дезинтеграција на општеството“, дециден е Николовски.

Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ пак е на став дека може да има уставни измени, но тие да бидат со одложено дејство.

Подготвени сме во парламентот да ја отпочнеме промената на Уставот и амандманите 37 и 38. И тие ќе станат дел од Уставот. Но, со уставниот закон ќе додадеме дека овие два амандмана ќе станат ефективни кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор во Европската Унија. Само на тој начин сме сигурни дека ќе ја истрчаме трката до крај“, неодамна кажа премиерот Христијан Мицкоски.

Актуелното статус-кво на Северна Македонија во однос на зачленувањето во ЕУ доаѓа по речиси 20 години од добивањето на статус на кандидат за влез во Европската Унија во декември 2005 година. Земјава во 2009 година за првпат доби препорака за почеток на преговорите. Тогаш, со датумот стигнаа и низа услови кои на владата на тогашниот премиер Никола Груевски ѝ беа доставени како патоказ кон членството, а услов за да почнат преговорите беше и да се најде решение за проблемот за името на земјава со Грција. Јужниот сосед во 2008 година го испорача своето право на вето во НАТО поради нерешениот проблем меѓу двете земји.

Проблемот со името со Грција беше тргнат во 2018 година со договорот од Преспа, но земјава пак не доби датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Најпрво Франција го спречи отворањето на пристапните преговори во 2019 година, а година подоцна Бугарија ја блокираше македонската европска  иднина поради нерешени билатерални прашања, првично поврзани со историјата.

Предизвикот пред кој сега е исправена државата се уставните измени, односно внесувањето на бугарското малцинство во Уставот. За да се случи тоа, потребно е да се согласат две-третини од пратениците во Собранието за уставните измени (80 од вкупно 120 пратеници). Воедно, потребни се и консултации со релевантни институции, политички партии и јавна дебата, особено кога станува збор за осетливи прашања, како што се правата на малцинствата во земјава.

Претходната влада на СДСМ и ДУИ ја договори и ја објави Преговарачката рамка со ЕУ во јули 2022 година, со која е предвидена актуелната обврска на земјава. Со предложените уставни измени на Преамбулата и на Амандманот 36 се предлага после бошњачкиот народ, да се додадат бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.

Македонија мора да го исполни тоа што го ветила

Според Извештајот на Европската комисија (ЕК) за реформскиот напредок на Северна Македонија за 2024 година, земјава мора да го исполни тоа за што се обврза да го започне и постигне.

„Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија. Изминатите месеци односите меѓу двете земји беа негативно погодени од изјавите дадени од индивидуални политичари. Потребни се натамошни чекори да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување“, стои во Извештајот на ЕК.

При неодамнешната посета на Скопје од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, таа го повика официјално Скопје да ги донесе уставните амандмани за исполнување на една од клучните обврски на нејзиниот пат за членство во Европската Унија.

„Речиси сме таму, треба да поминат уставните измени кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен приоритет на Европската комисија во следните пет години. Сега ги имаме сите потребни алатки и инструменти за да го овозможиме тоа“, рече Фон дер Лајен при посетата во Скопје на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Истото беше кажано неодамна и од страна на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос.

„Ние очекуваме дека земјата-кандидат, Северна Македонија, ќе го смени уставот како што ветила, ни повеќе ни помалку. Не постои друг начин и не можам да кажам датум, колку брзо или колку бавно ќе се развиваат работите, ние треба да го решиме спорот врз основа на нашите вредности. Значи, помагање на земјата-членка и помагање на земјата-кандидат ќе биде многу важен дел од мојата работа. Нема друг начин“, изјави Кос.

Бугарија е одлучна и тешко да се предомисли

На средбата помеѓу претседателката Гордана Силјановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан пред десетина дена претседателката му предложи на Радев вклучување на Бугарите во Уставот со одложено дејство, но Силјановска посочи дека не добила коментар од бугарскиот претседател.

Извор на фотографија: Претседател на РСМ.

„Искажав многу јасна оценка и уште еднаш подетално ја запознав г-ѓа Силјановска со преговарачката рамка и општиот европски консензус од јули 2022 година, усвоен со согласност на тогашната влада на Северна Македонија. Тоа се меѓународни обврски. А г-ѓа Силјановска, како добар правник, многу јасно е свесна дека обврските преземени според меѓународните договори, едноставно мора да се исполнат. И Бугарија е подготвена да помогне за да може побрзо да се постигнат условите поставени во овие меѓународни документи“, истакна бугарскиот претседател  Радев.

Вакво мислење дели и бугарскиот историчар, дипломат и член на меѓуресорската историска комисија, професорот Кирил Топалов.

„Република Северна Македонија ни поставува навредливо барање, очигледно мислат дека сме кусогледи, отворено кажано. Сосема е апсурдно ако ги ослободиме пред тоа. Никогаш нема да не вклучат бидејќи тоа е нивната политика. Неодамна пак нивниот премиер рече дека Бугарите се сто души и немаат врска со нас. Не можеме да го прифатиме овој нивен услов, бидејќи многупати ни покажаа лоша волја и нечесност во односите со нас“, изјави тој за Euronews Primetime.

Според професорот Топалов, сите политичари во Европската Унија разбраа дека Бугарија е во право во своите услови да ја пушти Северна Македонија на патот кон членство.

„ЕУ јасно покажа дека Албанија го исполнува она што се бара од соседите и оди кон членство, Северна Македонија не го исполнува, а додека не го исполни нема да оди“, истакна историчарот.

Додека ќорсокакот околу уставните измени не е решен во земјава, а останува во воздух да виси прашањето околу натамошните преговори со Бугарија околу условот за почетокот на преговорите во ЕУ. Во меѓувреме, официјален Брисел веќе ја одвои Албанија од С.Македонија, која ја претрка нашата земја во преговорите за членство во ЕУ со одржувањето на втората меѓувладина конференција.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top