УЧИЛИШТАТА САКААТ ДИСПАНЗЕРИ ЗА БЕСПЛАТНИ МЕНСТРУАЛНИ ВЛОШКИ, ДРЖАВАТА НЕМА ПАРИ
Симона Паскоска
Најголемиот дел од македонските училишта сакаат да постават диспанзери за бесплатни менструални влошки за ученичките, но истовремено бараат од државата да одвои средства од буџетот за оваа намена. Дури 90.6% од основните училишта и 81.8% од средните училишта сакаат да спроведат менструална правда преку овозможување на ваквите диспанзери, покажува анкетата која Евротинк ја реализираше за потребите на пишувањето на оваа тема во текот на декември.
Анкетата беше испратена по електронски пат до сите училишни раководства во основните и средните училишта во земјава, а одговор добивме од 106 основни и 22 средни училишта.
Во доставената анкета преку електронска пошта, дури 72,6% од основните училишта и 54,5% од средните училишта сметаат дека поставувањето на бесплатни диспанзери треба да биде овозможено од Министерството за образование и наука. Многу е помал процентот на образовни институции кои обврската ја префрлаат на себе или на родителите, како и на некои други субјекти во општеството (компании, невладиниот сектор итн.).
„Согласно ограничените буџети на училиштата, сметаме а и ние како училиште пробавме да добиеме донација. Сметам дека општествено-одговорните компании и невладиниот сектор можат да допринесат да се подигне свеста и важноста и дека добро би било да ни донираат“, стои во еден од одговорите на анкетата доставена до нас од страна на училиштата.
Од Министерството за образование и наука (МОН) засега нема потврден одговор дека ќе спроведат кампања за поставување на диспанзери за бесплатни менструални влошки во македонските училишта. Од МОН велат дека грижата за женското здравје и разбивањето на стигмите и предрасудите поврзани со него се важни теми за секое општество, но засега поддржуваат туѓи иницијативи и кампањи.
„Ја поддржавме националната кампања на „Јавна соба“ насочена кон унапредување на женското здравје, која започна неодамна и има за цел да се разбере колку менструалното здравје е витално за целокупната благосостојба на жените. Исто така, ја поддржавме и иницијативата на компанијата ДМ за поставување на 200 диспанзери за хигиенски влошки на државните универзитети“, велат од МОН.
Нашата анкета спроведена во училиштата пак посочува дека тие сметаат дека поставувањето на бесплатни диспанзери позитивно ќе влијае врз образовниот процес, но и ќе го олесни финансискиот товар на девојчињата.
„Сакаме и треба да има диспанзери за влошки, сапун, дезинфекција, тоалетна хартија и да бидат полни (не празни) и на тоа не треба да се штеди кога е училиште во прашање. Треба да се издвојат средства за хигиена или производите да се доставуваат до училиштата на месечна основа“, стои во еден анонимен одговор што го добивме во рамките на спроведената анкета.
Податоците од анкетата, пак, покажаа дека дел од образовните установи во земјава имаат проблем и со обезбедувањето на елементарни хигиенски услови за учениците – течен сапун и тоалетна хартија.
Резултатите покажуваат дека во 36.4% од 22-те средни училишта во Македонија училиштето не обезбедува течен сапун и тоалетна хартија, додека ваквата негативна состојба е присутна и кај 17% од анкетираните основни училишта.
Од младинската иницијатива „Период Скопје“ за Евротинк велат дека потребата да се постават диспанзери со бесплатни менструални влошки потекнува од фактот дека менструалните производи стануваат сè поголем финансиски товар.
„Стапката на менструална сиромаштија во нашата држава е голема, но и самиот став кој нашето општество го има кон овој проблем, создава атмосфера во која грижата за менструалното здравје и хигиена е нешто табу. Со видливоста на ваквите диспанзери низ училиштата, не само што оваа тема се вади од под „тепих” туку и диспанзерите принесуваат до тоа да се намали стапката на менструална сиромаштија“, велат од „Период Скопје“.
Според нив, проблемот поради којшто многу малку се зборува на оваа тема почнува од домашното воспитување, каде менструацијата е претставена како нешто валкано и нечисто, кое треба да се зборува само со одредени луѓе, кои исто така имаат менструација – мајки, сестри и баби.
„Ваквото воспитување го внесуваме и во училиштата, во секојдневните интеракции со врсниците, користејќи кодови и скриени имиња за да зборуваме за менструацијата, а пак училиштата го засилуваат ова чувство на срам и табу со тоа што темите за менструација не се разговараат на часови, или пак се делат училниците по пол за да може да се разговара за тема којашто е дел од биологијата на човековото тело“, додаваат од „Период Скопје“.
Слични ставови има и Андреа Накова од организацијата „Новинари за човекови права“.
Според неа, поставувањето на бесплатни диспанзери за менструални влошки во училиштата е многу важен чекор кон обезбедување еднаков пристап до основни хигиенски производи за сите девојки.
„Многу ученички, особено од семејства со ниски примања, се соочуваат со финансиски предизвици кога станува збор за менструалната хигиена. Бесплатните диспанзери ќе им овозможат да имаат сигурен пристап до овие производи, што директно ќе влијае на нивното редовно присуство на училиште“, вели Андреа Накова од „Новинари за човекови права“.
Таа нагласи дека главниот проблем поради кој не се зборува на оваа тема лежи во културните табуа и стигмата поврзана со менструацијата.
„Темата за менструалната хигиена е дел од неформални разговори, предводени главно од невладиниот сектор. Но, кога станува збор за законски регулативи и системски промени, таа сè уште не е приоритет. Потребна е посветеност од институциите за напредок. Во нашата држава, за жал, сè уште постојат училишта со неадекватни санитарни услови“, потенцираше Накова.
Поставувањето на бесплатни диспанзери со менструални влошки, според неа, значително ќе им го олеснат животот на ученичките, овозможувајќи им лесен пристап до менструални производи и намалувајќи го стресот и неудобноста поврзани со менструацијата.
За разлика од слабата активност на државата, изминативе години обезбедувањето на менструалната правда за младите во земјава е прашање на кое инсистираат самите млади и невладиниот сектор. Од „Новинари за човекови права“ велат дека почнале први јавно да зборуваат за оваа тема пред 10-тина години, кога ваквата тема била целосно табу.
Во 2021 година беше објавена студијата „Менструална правда: Сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија, проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, која беше издадена од Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тиииит Инк.“. Студијата покажа дека за да се обезбедат производи за сите ученички во македонските училишта во текот на една година би биле потребни 205.279.415 денари или само 0,08294% од вкупните расходи во државниот буџет за 2021 година.
И покрај скромните расходи, државните власти не се предомислија и не одвоија средства за оваа намена и во натамошните буџети. Две години подоцна, во 2023 година од страна на Факултетското студентско собрание на Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје беа поставени бесплатни диспанзери за менструални влошки на нивниот факултет. Годинава пак, за време на овогодинешниот настан #ПрваМенструација, кој „Период Скопје“ го организираше со „ХЕРА“ и „Тиииит Инк.“, беа поставени и бесплатни диспанзери во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
„Истражувањата покажуваат дека средношколките во нашата држава, во текот на своето четиригодишно средно образование губат во просек 36 училишни денови или еден месец образование заради менструација. Немањето пристап до менструални производи не е само потенцијален здравствен проблем, туку и овековечување на системските бариери за образование, несразмерно влијаејќи на девојчињата и девојките“, потенцираат од „Период Скопје“.
Од „Новинари за човекови права“ пак го споменуваат нивното истражување, кое покажало оти 29,5% од вкупно 1.290 испитанички одговориле дека не можат да си дозволат менструални производи.
„Овој проблем ја ограничува нивната слобода и пристапот до образованието и работата“, децидни се од „Новинари за човекови права“.
За разлика од негативната состојба кај нас, во европските земји забрзано се работи актуелизирање и исполнување на правата на жените. Шкотска како земја – составен дел од Обединетото Кралство, е првата во Европа која обезбеди бесплатни менструални продукти за сите жени.
На ниво на ЕУ, усвоена е Директива за заеднички систем за оданочување во 2006 година, која беше основа за намалување на данокот за менструални производи на 5% во сите земји-членки. Во некои од членките, како што е Ирска, ваквите производи се целосно ослободени од данок. Во септември 2023 година, македонскиот парламент се приклучи на ваквата иницијатива преку усвојување на измени во Законот за данок на додадена вредност, со кој се намали стапката од 15 на 5% за прометот со менструални производи.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: #диспанзери #држава #влошки #пари #училишта #бесплатно