ШЕНГЕН ЗОНАТА НЕМА ДА СЕ РАСПАДНЕ, ПОГРАНИЧНИТЕ КОНТРОЛИ ЈА ЗГОЛЕМИЈА БЕЗБЕДНОСТА
Автор: Кристијан Трајчов
Во средината на септември, Германија ги прошири привремените контроли на границите со сите свои девет соседи во надеж дека ќе го ограничи протокот на нелегални мигранти за да се справи со заканите од исламистичките терористички групи и прекуграничните криминални организации.
Полска, Австрија и Грција се меѓу земјите кои се противат на воведувањето на гранични проверки, кои првично треба да траат шест месеци.
Контролите на германските граници со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија веќе беа во сила од претходно, а сега се проширени и на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и Данска.
Но, што ова значи за Шенген зоната и колку истата е во опасност за воопшто да опстане во иднина?
Според професорката Јулија Брсакоска-Базеркоска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, ваквите тенденции не се закана која би водела кон распаѓање на Шенген зоната како целина. Таа е значајно достигнување кое ги опфаќа скоро сите држави-членки на ЕУ (освен Кипар и Ирска), како и држави кои не се членки на ЕУ – Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
„Факт е дека пограничните контроли го отежнуваат слободниот проток на луѓе и стоки, и со тоа имаат влијание врз заедничкиот европски пазар. Сепак, сè уште е рано да се прави проценка на тоа колкава е таа штета врз заедничкиот пазар навистина. Исто така, сè уште останува отворено прашањето колку навистина се ефективни овие погранични контроли во спречувањето на илегалната миграција во Унијата“, вели таа.
Брсакоска-Базеркоска во изјава за Евротинк потенцира дека официјален Брисел или институциите на ЕУ, во моментот немаат механизми со кои може да реагираат на воведувањето на овие погранични контроли во текот на 2024 година, особено затоа што постојат правила кои им овозможуваат на државите кои се дел од Шенген зоната да воведуваат вакви контроли како крајна мерка и по исклучок, кога немаат други механизми на располагање.
„Државите имаат право да воведуваат погранични контроли на определено време и со добра аргументација на потребата. Секоја држава-членка, кога има валидно оправдување, има право да воведе погранични контроли до шест месеци, кои потоа можат да бидат продолжени до две години или во екстремни случаи до три години. По истекот на трите години, ако државата продолжи со пограничните контроли мора да даде повторно валидно објаснување и да ја промени дотогашната причина поради која ги вовела контролите. До денес, Европската комисија нема иницирано постапка за прекршување на правилата на Шенген зоната против ниту една држава, иако има држави кои ги применуваат пограничните контроли и по десет години“, рече професорката Брсакоска-Базеркоска.
Привремените погранични контроли воведени од државите-членки на ЕУ почнаа да се јавуваат како реакција на мигрантската криза од 2015 година, во обид да се ублажат последиците од илегалната миграција во Шенген зоната.
„Она што го сведочиме во 2024 година се позасилени погранични контроли од кога било претходно – Германија воведе погранични контроли со сите соседи за прв пат по членството во Шенген зоната, Франција исто така воведе погранични контроли во 2015 година поради загриженост од терористички напади, Холандија воведе контроли за патниците кои доаѓаат од Германија и Белгија во декември 2024 година, речиси истовремено кога министрите за внатрешни работи на ЕУ се согласија дека Романија и Бугарија треба да станат полноправни членки на Шенген зоната од 1ви јануари 2025 година“, објаснува таа.
На сличен став е и новинарката Жана Божиновска, која не мисли дека ќе се смени нешто околу Шенген зоната и покрај воведувањето привремени погранични контроли.
„Прво затоа што се работи за политичко прашање, и не верувам дека Европската Унија би признала дека донела погрешна одлука за прашање кое го смета за голем успех, повикувајќи се на слободата на движење како една од главните придобивки на Унијата и вредност на која се базира. Втората причина за опстојувањето на Шенген зоната мислам дека се парите. Колку би ги чинело земјите-членки и самата Унија повторното воспоставување граници со стотици и стотици гранични премини. Луѓето тешко се откажуваат од стекнатите права“, изјави таа за Евротинк.
Божиновска додава дека ако Шенген зоната би била во „опасност“, немало да се носи одлука за влез на Бугарија и Романија во неа.
„Мислам дека нема никаква опасност за иднината на Шенген зоната, иако меѓу земјите ќе се воведуваат такви привремени погранични контроли“, децидна е таа.
Новинарката Жана Божиновска појаснува дека земјите-членки имаат право самостојно да ги носат одлуките, но обврзани се да ја информираат Европската комисија.
„Единствената реакција од Европската комисија може да биде опомена до земјата-членка што планира да воведе погранични контроли, откако ќе биде информирана. Значи Комисијата може да даде мислење за неопходноста од таква мерка, но не може да стави вето на одлуката на која било земја-членка да воведе погранична контрола. Што се однесува до тоа колку може да трае ваквата состојба, мислам додека земјите-членки имаат реално „оправдување“. Најдолгиот период на продолжување е до шест месеци и дел од сегашните погранични контроли се најавени до март, април, мај или јуни наредната година“, изјави Божиновска.
Извор на фотографија: Pexels, автор: Ozan Tabakoğlu: https://www.pexels.com/photo/car-bridge-over-river-leading-to-slovakian-border-22504675/.
Шенген зоната е во срцето на европскиот проект и на европскиот пазар – таа гарантира слободно движење на повеќе од 425 милиони граѓани на Европската Унија, заедно со државјаните на држави кои не се членки на ЕУ а живеат во Унијата, или ја посетуваат како туристи, студенти или во рамки на бизнис соработка.
Слободното движење на луѓе е една од четирите основни слободи кои го дефинираат и поддржуваат европскиот заеднички пазар и од она што го гледаме денес по речиси 40 години постоење на Шенген зоната е дека таа значително придонесува кон засилениот економски развој на државите-членки на ЕУ.
Шенген зоната е воспоставена во 1985 година со договорот за укинување на граничните контроли меѓу Германија, Белгија, Луксембург, Франција и Холандија.
По влегувањето на Бугарија и Романија од 1 јануари 2025 година, Шенген системот ќе биде составен од 29 држави и преку 440 милиони жители.
Одлуката може да доведе до слабеење на принципот на слободно движење
Воведувањето на привремени гранични контроли покренува значајни прашања за идниот интегритет и стабилност на Шенген зоната, вели за Евротинк поранешниот вицепремиер задолжен за европски прашања на С.Македонија Бојан Маричиќ.
Извор на фотографија: Wikipedia, автор: Kaihsu Tai, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=118861346.
„Ова може да доведе до слабеење на принципот на слободно движење, кој е темел на Шенгенскиот договор. Доколку привремените контроли станат повообичаени и пролонгирани, можеби тоа би резултирало со дискусии за реформирање на правилата на Шенген за да се одговори на безбедносните ризици, што потенцијално ќе доведе до пофрагментирана Унија“, вели Маричиќ.
Тој додава дека продолжените контроли, исто така, може да ја намалат јавната поддршка за политиките за отворени граници, што веројатно ќе доведе до развој на дискусии за построги регулативи.
И покрај сето ова, Маричиќ смета дека мала е веројатноста за повторно воведување на постојани граници меѓу одредени земји-членки и нарушување на слободното движење на граѓаните на ЕУ низ Шенген зоната, како една од најзначајните придобивки на Унијата.
Маричиќ потенцира дека одлуката на некои земји-членки на ЕУ да воведат привремени гранични контроли е резултат на комплексна интеракција на национални интереси, безбедносни грижи и притисоци врз земјите поврзани со управувањето со миграцијата.
„Привремената природа на контролите можеме да ја гледаме како своевидно балансирање од страна на земјите-членки помеѓу нивните национални интереси и колективните заложби на Унијата за слободно движење, со примат на првото. Сведоци сме дека постои зголемена перцепција на закани – безбедносните закани, вклучително и тероризмот и организираниот криминал, геополитичкото опкружување во Европа, особено конфликтот во Украина и нестабилноста во соседните региони, а многу земји се соочени и со значителни зголемувања на нерегуларните миграциски текови“, вели тој.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања додава дека не можеме да не ги земеме предвид и домашните политички размислувања во некои членки на ЕУ, односно зголемените популистички и националистички чувства во земјите каде политичките лидери спроведувањето на овие мерки го имаат како одговор на јавното барање за зајакната национална безбедност и интегритет на границите, со цел заштита на нивните изборни интереси.
Маричиќ смета дека доколку се увиди раст на безбедносните закани или зголемување на миграциските предизвици, сето тоа може да резултира со останување во сила на привремените гранични контроли подолг период.
„Спротивно на тоа, доколку ситуацијата се стабилизира, ќе има притисок за враќање на првобитната рамка за слободно движење на Шенген зоната. Во таа насока се и напорите на ЕУ за што поскоро оспособување на двата системи, системот за влез / излез како и ЕТИАС кој е систем за овластување за патување дизајниран за посетители на кои не им е потребна виза за влез во европските земји во Шенген зоната кои ќе допринесат за подобро регулирање на движењето во Унијата. Последните сигнали се дека тоа би било кон крајот на 2025 и дополнително 2026 година за ЕТИАС“, објаснува Маричиќ.
Одлуката вроди со плод за Германија
Привременото уредување на контролите на внатрешните граници стана неопходно за заштита на внатрешната безбедност и ограничување на нерегуларната миграција, како и за борба против нехуманите шверцерски злосторства, велат за Евротинк од германското Министерство за внатрешни работи (МВР).
„Барањата за азил во моментов се за 40 отсто помали од лани, а депортациите се за 20 отсто поголеми од лани. Преку контролите што ги спроведуваме на сите германски граници, уапсени се 1.600 шверцери, а вратени се 37.000 луѓе“, велат од германското МВР.
Тие тврдат дека внатрешните гранични контроли придонесуваат за борба против нехуманите криминални шверцери и за ограничување на нерегуларната миграција, особено поради можноста за контроли при преминување на границите.
„Германија продолжува да се залага за блиска и кооперативна соработка со соседните земји. Во овој контекст, Федералната полиција се стреми да осигура дека овие контроли имаат што е можно помало влијание врз секојдневниот живот на патниците, трговијата и патувањето. Контролите ќе продолжат, бидејќи сè уште се неопходни за ограничување на нерегуларната миграција и борбата против шверцот“, потенцираат од германското МВР.
Почнувајќи од 16 септември 2024 година, Германија на копнените граници со Франција, Луксембург, Белгија, Холандија и Данска воведе привремени контроли на внатрешните граници за миграција и безбедносна политика во период од шест месеци (до и заклучно со 15 март 2025 година).
Постојните внатрешни гранични контроли на Германија на копнената граница со Австрија исто така беа преуредени со сила од 12 ноември 2024 година до 15 март 2025 година. Постојните внатрешни гранични контроли на копнените граници со Полска, Чешка и Швајцарија (во моментов до и заклучно со 15 декември 2024 година), ќе бидат соодветно преуредени по нивното истекување.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.