ГЛАСОТ НА МЛАДИТЕ ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
На 7 јули 2025 година, Подгорица беше домаќин на почетната конференција „Младите за европеизација на Западен Балкан“, на која имав чест да учествувам како една од четирите селектирани младински претставници од Македонија. На конференцијата присуствуваа млади од Црна Гора, Косово и Македонија, кои заеднички дебатираа, разменуваа идеи и визии за иднината на регионот во Европската Унија.
Пишува: Сара Нешковска
Конференцијата се одржа на англиски јазик, што овозможи уште поголема поврзаност и отворен дијалог меѓу младите од различни земји. Имав чест да бидам говорничка на темата „Сите ние млади, заедно за европеизација на Западен Балкан“. Мојот говор се фокусираше на тоа како младите може да бидат мостот меѓу актуелната реалност и европските вредности што ги посакуваме – демократија, човекови права, социјална правда и еднаквост.
Она што го прави ова искуство навистина посебно е вмрежувањето со млади кои, иако доаѓаат од различни земји, делат слични предизвици, но и иста мотивација за позитивни промени. Покрај нас младите, на конференцијата се вклучија и искусни предавачи – медиумски работници, комуникациски експерти и аналитичари за ЕУ интеграции, кои несебично го споделија своето знаење и искуство. Тие нѝ понудија перспективи за тоа како го гледаат европеизацискиот процес и нѝ дадоа насоки како ние, младите, можеме активно да се вклучиме во него.
Оваа конференција беше само почеток. Следниот чекор е форумот во Приштина на 25 август, по што во септември ќе ја заокружиме иницијативата со завршна конференција во Скопје – каде ние, младите од Македонија, ќе бидеме домаќини. Со нетрпение го очекувам продолжението на ова патување, бидејќи верувам дека, ние, младите имаме клучна улога во креирањето на иднината што ја посакуваме – европска, инклузивна и одржлива.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Младинско вклучување за европеизација на Балканот“, имплементиран од Институтот BIRC од Северна Македонија, НВО GLAS од Црна Гора и CFID од Косово, а поддржан од Фондот за Западен Балкан со кофинансирање од Европската унија.
Оваа публикација е изработена со финансиска помош од Европската унија. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на корисникот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската унија.
