ГЛАСОТ ШТО НЕДОСТАСУВА, ЖЕНИТЕ, МЛАДИТЕ И МАЛИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ СÈ УШТЕ НАДВОР ОД ЛОКАЛНОТО ОДЛУЧУВАЊЕ
Од најновото истражување „Застапеноста на жените, младите и помалите етнички заедници во процесот на одлучување на локално ниво“, спроведено од Институтот BIRC, во рамки на проектот „Гласовите на еднаквоста, демократија за сите“, финансиран од Европската Унија, произлегува дека жените, младите и помалите етнички заедници продолжуваат да бидат маргинализирани во локалното одлучување. Иако постоечките закони гарантираат еднакво вклучување, нивната примена во пракса често останува формална и симболична, претворајќи се во недоволна претставеност без реално влијание.
Ова истражување покажува дека застапеноста на овие општествени групи останува ниска, особено на одлучувачките позиции. Младите ретко се вклучуваат во раната фаза на креирањето на политиките и често се користат како декор на одлучувачките маси.
Иако законите и стратешките документи, како што се истакнува во ова истражување, ги обврзуваат единиците на локалната самоуправа да создадат повеќе простор за ангажирање на младите, жените и помалите заедници во процесот на носење одлуки, сепак реалноста ја истакнува недостигот на конкретни резултати што се последица на непочитување на правните норми или на нивна делумна примена.
Поранешни членови на советите, локални новинари и претставници на граѓанскиот сектор интервјуирани за ова истражување велат дека, освен ниската застапеност на овие категории, истата е неквалитетна и формална, која им служи на политичките партии само за исполнување на законските обврски или за поветлива изборна кампања. Според нив, желбата и капацитетите на институциите на локално ниво за транспарентност и вклучување на граѓаните, воопшто, сè уште се на ниско ниво, и покрај постоењето на многу едноставни и бесплатни дигитални алатки кои би можеле да им помогнат на овие процеси доколку би се користеле.
Од друга страна, интервјуираните потенцираат дека голем број млади не веруваат дека со своето вклучување можат да донесат позитивни промени, бидејќи често се манипулираат да бидат само декор на масата, а нивните препораки не се земаат сериозно предвид.
Како одговор на овие предизвици, истражувањето препорачува неколку конкретни мерки. Вклучувањето на родови и етнички квоти во локалната администрација и на раководните позиции треба да биде следено и детализирано со подзаконски акти, додека младинските совети треба да се зајакнат со реални надлежности, буџет и обуки за ефективно учество.
ЦЕЛИОТ ИЗВЕШТАЈ ПРОЧИТАЈТЕ ГО ТУКА
Зголемувањето на транспарентноста и отчетноста преку дигитални платформи, квартални извештаи и јавни седници, заедно со кампањи за подигнување на свеста кај младите и жените во руралните средини и помалите заедници, може да помогне за нивно поактивно вклучување. Ова е уште една препорака што ја потенцира ова истражување.
Соработката меѓу локалната власт, граѓанското општество, медиумите и академијата, како и обуките и менторството за жените и младите, се неопходни за зголемување на нивните капацитети и активното учество во политиката и локалните институции. Без овие координирани и одржливи интервенции, се истакнува во препораките на ова истражување, учеството на жените, младите и помалите етнички заедници ќе остане главно симболично, ограничувајќи го потенцијалот на локалната демократија и инклузивниот развој.
Ова истражување е финансирано од Европската Унија во рамки на проектот „Гласовите на еднаквоста, демократија за сите“, спроведен од Балканскиот институт за регионална соработка – BIRC Тетово. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.

