ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА И ИНОВАЦИИ ВО ФОКУС: ШТО НОСИ НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ
Анализата покажува дека предложените решенија носат значаен исчекор кон модернизација и усогласување со европските трендови, но нивната ефективност ќе зависи од финансиските ресурси, институционалните капацитети и практичната имплементација.
Пишува: Искра Геразова Мујчин
Анализата претставува осврт на предлог-законот за високо образование, со фокус на неговите решенија поврзани со дигиталната трансформација и унапредувањето на иновациите, при што истовремено се прави споредба со актуелното законско решение. Таа има за цел да ги истакне клучните новини, да ги согледа нивните потенцијални придобивки, но и да укаже на одредени предизвици поврзани со нивната практична имплементација. Посебен акцент е ставен на степенот до кој предложените законски одредби придонесуваат кон модернизација на високото образование, негово усогласување со европските трендови и зајакнување на врската помеѓу академската заедница, иновацискиот екосистем и пазарот на труд.
Предлог-законот за високо образование носи низа значајни новини кои ја рефлектираат потребата од модернизација на системот и негово усогласување со европските трендови. За прв пат, појасно и подиректно се става акцент на иновациите, дигитализацијата и поврзувањето со пазарот на труд, при што се воведуваат поконкретни и поразвиени механизми за унапредување на квалитетот, релевантноста и конкурентноста на високото образование.
Во основните начела на високото образование, за прв пат се воведува начелото- „Истражувања во насока на целите на иновациите и развојот на технологијата во Европската истражувачка област“, што претставува значаен исчекор во стратешкото позиционирање на високото образование. Со ова се нагласува потребата научно-истражувачката дејност да биде директно поврзана со иновациите, технолошкиот развој и европските приоритети. Ова начело ја зајакнува ориентацијата кон применливо знаење, трансфер на технологии и соработка со индустријата, а воедно ја поттикнува интеграцијата на домашните институции во Европската истражувачка област.
Во делот на финансирањето, предлог-законот носи значајно унапредување, особено во однос на иновациите. За разлика од претходното законско решение, каде трошоците за „инвестиции и развој“ беа општо дефинирани и непрецизни, новиот предлог закон воведува јасна и структурирана развојна компонента во финансиското планирање. Во неа експлицитно се предвидуваат трошоци за иновации во наставата, научно-истражувачката и применувачката дејност, модернизација на студиските програми, развој на нови програми и зајакнување на соработката со стопанството. Ова претставува суштинска промена – од општо финансирање кон таргетирано инвестирање во иновациски активности. Иновациите повеќе не се третираат како дополнителна активност, туку како интегрален дел од развојот на институциите. Дополнително, со овој предлог закон се предвидува поддршка за студентски иновациски активности, инкубатори и претприемачки програми, што укажува на системски пристап кон градење на иновациски екосистем. Сепак, останува предизвик како овие одредби ќе се имплементираат во пракса, особено во делот на обезбедување доволни финансиски средства и институционални капацитети. Потребни се јасни механизми за следење на ефектите и приоритизација на вложувањата, со цел да се обезбедат конкретни и одржливи резултати.
Во однос на дигитализацијата, предлог-законот прави јасен исчекор кон модернизација на административните и наставните процеси. Се воведува можност за издавање на обрасци, уверенија и други документи во дигитална или печатена форма, што претставува новина и создава основа за развој на дигитални услуги. Дополнително, се предвидува водење на студентската евиденција во хартиена и/или електронска форма, како и воспоставување на централен електронски систем кој ќе овозможи стандардизација и поврзување на институциите на национално ниво. Дигитализацијата за првпат се препознава и како посебна категорија на трошоци во финансиското планирање, што овозможува системско вложување во дигитална инфраструктура, ИКТ опрема и онлајн платформи за учење. Овој пристап укажува на сеопфатна дигитална трансформација, поврзана со квалитетот на наставата, меѓународната соработка и студентските услуги. Успешноста на овие мерки ќе зависи од нивната реална примена, особено во делот на техничката подготвеност на институциите, интероперабилноста на системите и заштитата на податоците. Потребна е соодветна техничка поддршка, стандарди и континуирани инвестиции, постои ризик дигитализацијата да се спроведува нерамномерно, што може да го ограничи нејзиниот целосен ефект врз ефикасноста и квалитетот на услугите.
Со предлог-законот за високо образование се зајакнува улогата на центрите за кариера, кои се препознаваат како клучен механизам за поврзување на идниот високообразован кадар со стопанството. Новата законска одредба претставува значително унапредување во однос на претходната. Видливо е проширување на нивната функција која повеќе не се ограничува само на евиденција на алумни и организација на саеми, туку овие центри добиваат активна улога во организирање на практична настава и директно поврзување на студентите со приватниот и јавниот сектор. Ова значително ја зајакнува врската помеѓу високото образование и пазарот на труд, овозможувајќи подобра подготвеност на студентите за реалните потреби на компаниите и институциите. Особено значајно унапредување е воведувањето на законска обврска за формирање на работни групи составени од претставници на техничките факултети и стопанските комори, како и редовни месечни средби со вклучување на Агенцијата за странски директни инвестиции. Ова создава институционализиран механизам за континуирана комуникација со стопанството, со цел намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила. Новина е и дефинирањето на структурата на центрите преку ангажирање на советници со релевантни знаења, што придонесува за професионализација и квалитет во нивното функционирање. Дополнително, обврската за воспоставување на алумни платформа достапна и за надлежното министерство ја зголемува транспарентноста, следењето на кариерниот развој на студентите и можноста за креирање политики базирани на податоци. Предизвик за овој дел ќе претставува обезбедувањето реална и одржлива соработка со приватниот сектор, како и во капацитетите на самите центри за ефективно спроведување на проширените надлежности. Без соодветни ресурси, јасни индикатори за успешност и континуирана координација помеѓу институциите и стопанството, постои ризик дел од предвидените активности да останат формални, наместо да доведат до суштинско намалување на јазот помеѓу образованието и пазарот на труд. Недостасува појасна поврзаност на центрите со дигиталните иновациски хабови, стартап екосистеми и акселератори. Дополнително, треба да се разработат механизмите за стимулирање на академскиот кадар, како што се: вреднување на индустриската соработка, поттикнување на патенти, spin-off компании, формално интегрирање на европските дигитални иновациски хабови и други иновациски структури. Понатамошната структурирана интеграција со иновацискиот екосистем и создавање платформи за поврзување помеѓу академијата и индустријата ќе биде клучна за постигнување долгорочни и одржливи резултати.
Гледано во целост, предложените решенија во овој предлог закон претставуваат значаен чекор напред во споредба со актуелното законско решение, особено во делот на иновации, дигитална трансформација и поврзување со стопанството. Нивната ефективност ќе зависи од практичната имплементација и обезбедувањето на соодветни ресурси и механизми за следење. Поставените основи се солидни и даваат јасна насока за понатамошен развој на современ, флексибилен и пазарно ориентиран систем на високо образование. Со доследна примена, континуирано унапредување и вклученост на сите релевантни чинители, овие законски решенија имаат потенцијал да придонесат кон создавање поконкурентни универзитети, подготвен и иновативен кадар, како и поинтегриран и одржлив иновациски екосистем во земјата.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
