КАМЕНИОТ МОСТ НА ВИСТИНИТЕ

Автор: Арберим Исеини

Сончев ден е на плоштад. Туристи шетаат и поминуваат покрај фонтаните, фотографираат, гледаат нагоре кон спомениците и се обидуваат да разберат што точно гледаат. „Воинот на коњ“ гледа кон хоризонтот и величенствено доминира со сцената, некако изморен од жештината и од недоволната свежина што ја нудат водоскоците под него. Градот се претставува во својата најгласна верзија. Грандиозен, контрадикторен, кичест, малку историски, малку измислен.

На ќош од една од постарите и „оригинални“ згради на плоштад, од едно од кафулињата, речиси незабележително во целата таа монументалност, се слуша разговор. (Измислен и драматизиран, но болно познат.)

„Од таа страна на Вардарот не ти носат фискална сметка по кафулиња.“

„Никој ништо не им може. Зaшто да плаќаат данок кога им се може?“

Од соседната маса:

„Да бе друже. Небаре оваа другава страна, вашава, е нешто подобра.“

Кратка пауза.

И по некаков автоматизам, статус-кво акцелератор кон смирување на страстите, се слуша:
„Сите крадат. Некој ситно, некој покрупно.“

И толку. Нема заклучок. Нема победник. Нема дури ни вистинска расправија, само неколку реченици кажани илјадници пати, во различни форми, од различни луѓе, на различни места, со различни интенции. Но токму во таа банална размена има нешто поголемо од самата тема на разговорот.

Две вистини. А можеби три. Едната страна има своја вистина, другата страна исто така, а третата – онаа што најчесто се појавува за да ја смири ситуацијата – е составена од по малку од двете: „сите се исти“, „не вреди да се расправаме“.

За едните, другите се гледаат низ призма на политички барања, етнички агенди и историски недоверби (закана кон државата, кон нејзиниот карактер, кон нејзиниот институционален поредок). За другите, првите претставуваат чувари на институционална доминација, затвореност, кои со децении ја имаат контролата и не се подготвени лесно да ја споделат, и го гушат секој обид за промена (или барем се обидуваат).

Ниту еден од овие наративи не е создаден вчера и ниту еден нема да исчезне утре. Тие се крајно вирулентни, ендемски симптоми на хронично општествено заболување кои деноноќно се пренесуваат од родителите кон децата, се пренесуваат во домовите, во кафулињата, во медиумите, во она што се кажува гласно, во она што се кажува тивко, и во она што се преќутува. И, можеби најстрашно, се пренесуваат низ целиот образовен систем.

Така, без да забележиме, секојдневно ги градиме сопствените мостови, кои за жал најчесто се мостови кон сопствените уверувања, а не едни кон други.

———–

Во држава опседната со зборот „соживот“, зачудувачки e што се уште не знаеме каде тој всушност треба да се научи. На неколку минути пешачење од плоштадот се наоѓа институцијата која би требало да биде одговорот на тоа. Камен-темелникот на едно образовано и просветлено општество. Универзитетот. Храмот на знаењето. Но што се случува кога храмот повеќе не е простор во кој различните вистини се запознаваат, туку простор во кој тие се раздвојуваат, или па воопшто не се ни среќаваат? Дали воопшто е храм сe уште?

Очекуваме младите да живеат заедно, но сепак ги образуваме одделно и различно. Очекуваме да си веруваат, иако ретко им даваме прилика да зависат едни од други. Потоа сме изненадени кога разговорите од домовите, партиските штабови и кафулињата продолжуваат во институциите.

Логично е да кажеме дека тука високото образование би требало да направи исчекор во секоја смисла на зборот – програмски, логистички, суштински. Универзитетот не смее да биде последната станица на еден поделен образовен систем, туку првото место на кое таа поделба свесно ќе биде прекината. Тој треба да биде мостот меѓу младите кои со години учеле едни покрај други, но не и едни со други.

Сепак, физичката близина сама по себе не е соживот (да беше, одамна ќе бевме светски пример). Две групи можат да седат во ист амфитеатар, а сепак да живеат во два различни светови. Можат да го слушаат истиот професор, да го полагаат истиот испит и да излезат низ истата врата без ниту еднаш вистински да разговараат меѓу себе. Мостот може да постои, а никој да не го преминува.

Затоа не е доволно универзитетите само да се нарекуваат отворени и мултиетнички. Вистинското прашање е дали создаваат причини студентите да соработуваат: заеднички истражувања, мешани тимови, дебати, студентски иницијативи и проблеми што не можат да се решат без да се премине на другата страна.

Токму тука високото образование има задача поголема од трансферот на знаење. Тоа треба намерно да создава ситуации во кои младите ќе учат не само едни покрај други, туку и едни од други. Да покаже дека заедничкиот јазик не мора секогаш да биде ниту едниот, ниту другиот. Понекогаш, заедничкиот јазик може да биде проблемот што мора да го решат заедно. Не поради декларацијата за толеранција закачена на ѕидот, туку затоа што и едните и другите, едноставно, сакаат „да го положат испитот“.

Токму во таквите обични ситуации другиот престанува да биде апстракција. Повеќе не е „тие“, туку колега од ист или различен универзитет, со име, ставови, знаење, предрасуди и проблеми (веројатно не толку различни од нашите).

———–

Мирот најчесто го дефинираме според она што го нема: нема војна, нема насилство, нема отворен конфликт. Но мирот не е само отсуство на нешто. Тој не значи ниту отсуство на расправија. Во земја со различни јазици, сеќавања и политички интереси, расправии секогаш ќе има. За нашиот случај, мирот би бил способноста да се расправаме без постојано да го доведуваме во прашање правото на другиот да припаѓа тука.

Во само неколку минути пешачење, градот го енкапсулира целиот наш проблем во еден необичен бермудски триаголник, во кој секогаш исчезнува одговорноста. На плоштадот се наоѓа приказната што ја раскажуваме за себе. На универзитетот се формираат луѓето што ќе ја наследат, преиспитаат или продолжат таа приказна. А само неколку минути подалеку стои Собранието, просторот во кој различните интереси и различните вистини треба да се судрат и, сепак, да најдат заеднички јазик.

Наместо тоа, премногу често Собранието станува само погласно продолжение на разговорите од кафулињата. Истите поделби, истите сомнежи, истите зделки и истото убедување дека вината секогаш живее на другиот брег, само овојпат кажани од говорница. Она што не сме научиле да го разговараме и мислиме како студенти, подоцна го извикуваме како политичари, аналитичари и граѓани.

Токму затоа високото образование е средишната точка на овој триаголник. Плоштадот главно гледа кон минатото, а во Собранието пристигнуваат веќе формирани позиции, интереси и партиски пресметки. Универзитетот, пак, ги среќава луѓето во период кога наследените вистини сè уште можат да бидат соочени со нови знаења, нови искуства и, најважно, со вистински луѓе од другата страна.

Тоа не значи дека универзитетот треба да создадaва универзални вистини. Ниту дека едните треба да се откажат од својата за другите да се чувствуваат прифатени. Неговата задача е посложена: да создаде просторна рамка во која различните вистини можат истовремено да постојат, да се преиспитуваат и да се разговараат. Мост што нема да ги направи двата брега исти, туку ќе им овозможи конечно да се видат одблизу.

Затоа прашањето не е дали имаме универзитети. Прашањето е дали имаме универзитети што нè поврзуваат. Дали ги учат младите само да ги бранат сопствените вистини или и храбро да ги преиспитуваат?

Камениот мост е изграден од камен. Нашиот мост не може и не смее да биде. Тој мора постојано да се гради од средби, љубопитност и критичко размислување. Од образование кое не ги учи младите само како да мислат, туку и како да разговараат со оние што мислат поинаку. Затоа што соживотот не се наследува, не се прогласува и не се закачува на ѕид. Тој се учи и практикува тактилно.

За крај, некои текстови немаат поента, а за некои поенти нема потреба од текст. Овој би го сместил токму некаде помеѓу двата поима, со цел да продре некаде подлабоко, и со идеја дека нема да доживее Карпошов епилог верувајќи во нешто инхерентно. А за целата наша аналогија да се комплетира, треба да запомнеме дека мостот не постои за да избере кој брег е подобар, или кој е во право, туку постои за тие два брега да се сретнат, запознаат и оформат, пред да одлучат дали сепак аеродромот и летот некаде далеку е вистинскиот пат понатаму.

 

Колумната е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ кој го спроведуваат Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС, а финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

to top