МЛАДИНСКИОТ НАРАТИВ КАКО КЛУЧ ЗА ЕВРОПЕИЗАЦИЈА НА БАЛКАНОТ
Процесот на европеизација на Западен Балкан честопати се анализира низ призма на политички одлуки, институционални реформи и дипломатски напори.
Но сè почесто, младите стануваат суштински двигатели на една тивка, но, длабока трансформација – таква што се случува во медиумите, во граѓанското општество, во секојдневните интеракции меѓу луѓе од различни заедници и земји.
Пишува: Даница Сретковска
Од моето искуство, како младински активист и учесник во регионални иницијативи, убедена сум дека младите веќе ја создаваат новата европска нарација – не декларативно, туку низ конкретни акции, заедничко учење и искрени дијалози.
Овие процеси претставуваат автентичен облик на интеграција, заснован на вредности, а, не само на процедури.
Сепак, пристапот до европски можности не е еднаков за сите. За многумина од рурални или помалку информирани средини, европските програми и фондови сè уште изгледаат недостижни – не поради недостаток на интерес, туку поради недостаток на достапност и поддршка.
Инклузивноста бара активна стратегија, не само присуство на брошури и формуларски апликации. Ако сакаме вистинска вклученост, мора да се укине перцепцијата дека ЕУ е „далечна идеја“ и да се направи таа видлива и опиплива – токму таму каде што досега беше отсутна.
Еден од најголемите предизвици е дезинформацијата. Таа не се шири само преку социјални мрежи, туку и преку отсуство на структурирана, критичка едукација за ЕУ и нејзините вредности.
Неофицијалното образование – она што младите го добиваат преку семејството, интернетот и секојдневната комуникација – може да биде подеднакво влијателно како и формалното, ако не и повеќе. Токму затоа е важно да се поддржат неформални форми на учење: младински размени, тренинзи, регионални средби. Тие не само што информираат, туку и градат доверба.
Во тој контекст, важно е да се спомене и феноменот на т.н. „замор од проширување“. Кај младите ова не се манифестира секогаш како отворен отпор, туку почесто како тивка резигнација. Чувство дека, и покрај сите разговори за иднината, сегашноста останува статична. Но оваа апатија не значи целосна недоверба – таа може да се надмине со вистинска, а не симболична вклученост на младите во процесот на интеграција.
Младите на Балканот не се само „идни граѓани на ЕУ“. Тие се сегашни чинители во креирањето на таа визија. За таа визија да се реализира, потребна е искрена поддршка, соработка и признавање на младинскиот капацитет – не како естетска потреба, туку како политичка неопходност.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Младинско вклучување за европеизација на Балканот“, имплементиран од Институтот BIRC од Северна Македонија, НВО GLAS од Црна Гора и CFID од Косово, а поддржан од Фондот за Западен Балкан со кофинансирање од Европската унија.
Оваа публикација е изработена со финансиска помош од Европската унија. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на корисникот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската унија.
