ОД ПОДГОРИЦА ДО СКОПЈЕ: МЛАДИТЕ КАКО ДВИГАТЕЛИ НА ЕВРОПСКИТЕ ПРОМЕНИ

Во контекст на регионалните интеграции, терминот европеизација не значи само приближување кон законодавството на Европската Унија – туку многу повеќе.

Пишува: Сара Нешкоска

Европеизацијата подразбира прифаќање на вредности како владеење на правото, слобода на медиуми, човекови права, но и активно учество на граѓаните – особено младите – во сите општествени процеси.

Младите денес имаат потенцијал не само да ја поддржат туѓата визија, туку и самите да бидат визионери. Токму затоа, учеството на младите во процесот на европеизација на Западен Балкан не смее да биде симболично, туку суштинско. Треба да се слушаат нивните идеи, грижите, но и предлозите за иднината во која тие самите ќе живеат.

Како една од четирите младински претставници од Македонија, имав можност да учествувам на првата конференција во рамки на регионалниот проект „МЛАДИТЕ за европеизација на Западен Балкан“, која се одржа на 7 јули во Подгорица, Црна Гора.

Настанот се одржа на англиски јазик и собра млади од Македонија, Косово и Црна Гора. Бев дел од панелот како говорничка на тема која ми е особено блиска: „Сите ние млади, заедно за европеизација на Западен Балкан“.

Учеството во конференцијата ми овозможи не само да зборувам, туку и да слушам – од млади лидери, активисти, новинари и аналитичари од регионот. Сите ние споделивме едно заедничко чувство: дека нашите земји се на ист пат, со слични предизвици и исти надежи. Европа за нас не е само географски концепт – туку вредносен систем во кој сакаме да припаѓаме.

Особено важно беше присуството на искусни професионалци од областа на медиумите, комуникациите и европските политики. Тие нѝ помогнаа да го разбереме процесот од различни агли: политичка, општествена, но и комуникациска. Учењето од нив, како и дискусиите меѓу самите учесници, беа вредни искуства што ќе ги понесам со себе понатаму.

Оваа конференција е само почеток. Следува младинскиот форум во Приштина на 25 август, а завршната конференција ќе се одржи во Скопје во септември, каде ние од Македонија ќе бидеме домаќини. Тоа ќе биде можност не само да ги продолжиме дијалозите, туку и да ги покажеме резултатите од заедничката работа и визија.

Европеизацијата не е процес што се случува "одозгора". Таа се случува токму преку вакви иницијативи, преку младинска енергија, преку регионално поврзување и преку градење доверба меѓу младите. Европа не е само дестинација – таа е култура на учење, на дијалог и на заеднички напредок. А ние, младите, мораме да бидеме предводници на тој процес.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Младинско вклучување за европеизација на Балканот“, имплементиран од Институтот BIRC од Северна Македонија, НВО GLAS од Црна Гора и CFID од Косово, а поддржан од Фондот за Западен Балкан со кофинансирање од Европската унија.

Оваа публикација е изработена со финансиска помош од Европската унија. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на корисникот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската унија.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top