ОД УЧИЛНИЦИ ДО РЕДАКЦИИ: КАКО КИНЕСКАТА „МЕКА МОЌ” ДЕЛУВА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Пишува: Енис Шаќири
Влијание преку медиуми
Покрај образованието, присуството на Кина во Северна Македонија е видливо и низ медиумскиот простор.
За дел од македонската публика, наративите за Кина патуваат преку China Radio International (CRI), каде што се емитуваат програми на српски, бугарски, хрватски и албански јазик. Поради јазичните сличности и регионалните мрежи за дистрибуција, содржините на CRI лесно се реобјавуваат од локалните медиуми и се засилуваат низ Северна Македонија, но и во други држави – како Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Меѓу албанската публика во Северна Македонија, наративите за Кина се шират не само преку CRI туку во голема мера и преку медиуми со седиште во Албанија – земја што во комунистичкиот период (1960–1978) одржуваше блиска идеолошка усогласеност со Кина.
Конкретен пример е Радио “Ејани”, медиум под контрола на кинеската држава што работи како албанско-јазична служба на China Media Group. Со седишта во Тирана и Драч, тој функционира како уредувачка канцеларија и дигитална платформа што произведува вести, анализи, интервјуа и прилози за културата, и служи како видлив канал за пренесување на наративите поврзани со Кина до албанската публика и во Северна Македонија.
Како функционира ваков вид медиумско влијание?
Многу од материјалите што ги дистрибуира Радио “Ејани” се содржини произведени од агенцијата Синхуа, односно од медиумски продукции означени како “медиуми контролирани од кинеската држава”.
Значаен дел од оваа содржина се шири преку спонзорирани објави на Фејсбук, кои Meta ги регистрира во Meta Ad Library (библиотеката за реклами на Meta), каде јавноста може да ги види податоците за времето на објавување, трошоците и параметрите за демографско таргетирање.
Овие спонзорства им дозволуваат на медиумските оператори да таргетираат конкретни групи – по возраст, пол и географски регион, со што ја засилуваат избраната содржина меѓу јасно дефинирани сегменти од населението.
Конкретен пример, идентификуван од БИРЦ, е спонзорираниот напис “Од Тетово до Кунминг – вкусот на Балканот се среќава со кинеско кафе”, сторија за искуството на млад човек од Тетово кој живее и работи во Кина.

Кога се спонзорирани, ваквите содржини го зголемуваат дострелот и влијанието на прокинеските пораки без читателите нужно да бидат свесни за изворот или намерата зад нивната дистрибуција.
БИРЦ ги анализираше таквите спонзорирано содржини во текот на декември 2025 година.
Загриженост за содржините на Радио “Ејани” изразија и бројни новинари во Албанија, кои го гледаат како кинески “инструмент за пропаганда” што шири антизападни пораки низ Балканот.
Во истражување спроведено од BIRN Balkan се тврди дека „висококвалитетната продукција и значајните финансиски вложувања ја прават станицата “потенцијален ризик” за албанската информациска средина”. Ваквата загрижености е засилена и поради недостигот на транспарентност околу финансирањето и уредувачката контрола на радиото – шема што се забележува во слични случаи во регионот.
Ова е втората статија од серија во два дела. За да го следите целиот тек на истражувањето, прочитајте го првиот дел на B-IRC.ORG
