РАНГИРАЊЕ НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ И КВАЛИТЕТОТ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Системите за рангирање на универзитетите се базираат на мерливи и споредливи показатели: научно производство, академски цитати, меѓународен углед, однос наставен кадар–студенти, интернационализација и финансиски ресурси. Овие индикатори се важни и неопходни за разбирање на академската и истражувачката моќ на еден универзитет, особено во контекст на напредни студии и глобална конкуренција. Сепак, високото образование не се сведува само на позицијата на листите. Квалитетот на еден универзитет се гради и се докажува секојдневно во наставниот процес, во амфитеатрите, лабораториите и во реалната подготовка на студентите за професионалниот живот.
Автор: Ахмед Ќазими
Рангирањата на универзитетите станале составен дел од јавниот дискурс за високо образование. Секое објавување на меѓународни листи предизвикува реакции, споредби и нови очекувања, како од академските институции, така и од студентите и родителите. Во основа, овие рангирања нудат важен увид во глобалната позиција на универзитетите и во нивните истражувачки и институционални капацитети.
Системите за рангирање на универзитетите се базираат на мерливи и споредливи показатели: научно производство, академски цитати, меѓународен углед, однос наставен кадар–студенти, интернационализација и финансиски ресурси. Овие индикатори се значајни и неопходни за разбирање на академската и истражувачката моќ на еден универзитет, особено во контекст на напредни студии и глобална конкуренција.
Сепак, високото образование не е само прашање на позиција на листата. Квалитетот на еден универзитет се гради и се докажува секојдневно во наставниот процес, во амфитеатрите, лабораториите и во реалната подготовка на студентите за професионалниот живот. Поради тоа, покрај показателите на рангирањето, неопходно е да се земат предвид и други параметри кои го надополнуваат целокупното оценување на квалитетот.
Еден од нив е квалитетот на наставата. Педагошката способност на академскиот кадар, посветеноста кон студентите, интерактивниот пристап и ажурирањето на наставните програми се елементи кои директно влијаат на формирањето на студентот. Најуспешните универзитети се оние кои успеваат да одржат рамнотежа помеѓу научното истражување и квалитетната настава.
Исто толку важен е и професионалниот профил на наставниците. Нивното практично искуство, учеството во реални проекти, поврзаноста со јавниот и приватниот сектор, како и познавањето на современите развои во професијата, ја прават наставата поапликативна и порелевантна за пазарот на трудот. Овој аспект на квалитетот не секогаш директно се одразува во рангирањата, но има големо влијание врз долгорочните резултати од образованието.
Сè позначаен показател за квалитет е брзото вработување на дипломираните студенти и побарувачката на пазарот за кадрите произведени од универзитетот. Кога апсолвентите се интегрираат брзо на пазарот на трудот, кога нивните професии се побарувани и кога работодавачите имаат доверба во нивната обука, тоа е јасен доказ дека универзитетот ја исполнува својата социјална и економска мисија.
Во овој контекст, поврзаноста на универзитетите со реалните потреби на општеството, развојот на професионални практики, соработката со бизнисот и јавните институции се елементи кои го зголемуваат квалитетот на високообразовниот систем и го прават функционален и одржлив.
Затоа, рангирањата на универзитетите и другите параметри на квалитетот не треба да се гледаат како алтернативи, туку како дел од истата слика. Рангирањата нудат ориентација и споредливост, додека квалитетната настава, вработливоста на дипломираните и социјалното влијание го даваат реалниот контекст на високото образование.
Сериозна дебата за универзитетите бара токму овој балансиран пристап: да се оцени меѓународната позиција, но и конкретните резултати; да се читаат рангирањата, но и реалноста што универзитетите ја создаваат во општеството.
(Авторот е доктор на науки за образование)
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
