KРИК ЗА СПАС НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

Ќе имаме ли колективна свест и волја да спречиме катастрофа?

Авторка: Бранкица Несторовска

Езерото Младост е изградено на реката Отовица во непосредна близина на селото Отовица и патот Велес – Скопје. Езерото формира акумулационен простор кој преку систем за наводнување обезбедува вода за наводнување на обработливо земјиште околу Велес и село Отовица. Езерото е најчесто посетувано за спортски риболов, излети и пикници за празници, ресторани во негова непосредна близина, капење во летните месеци.

Втората страна на приказната е четврти до петти степен на негова загаденост и интензивен процес на еутрофикација, како што покажуваат резултатите на Хидробиолошкиот завод – Охрид од анализата на водата во езерото.

Извор: Бранкица Несторовска

При процесот на еутрофикација алгите се размножуваат, т.е. кога се распаѓаат се троши големо количество на кислород и се уништува животинскиот свет во езерото. Кислород има само на површинскиот слој на езерото, додека во длабочина од 7 до 14 метри воопшто нема кислород, значи се оневозможува опстанок на животинскиот свет во езерото.

Лошата ситуација е резултат на долгогодишно загадување на езерото како биолошки така и фекално, а дел од тоа загадување е и со антропогено влијание. Водата не е безбедна ниту за капење ниту за животинскиот свет.

Акумулацијата умира

Добиените резултати од испитувањето на водата покажуваат дека водата е со лош квалитет.

 „Просто кажано, акумулацијата умира“, децидни се од ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.

Од таму велат дека квалитетот на водата е ризична за опстанокот не само на живиот свет во акумулацијата, туку и по здравјето на капачите, како и за останата намена за потребите на хуманата популација.

„Количеството на вода од реката не го задоволува ни биолошкиот минимум, а камоли да има вода за акумулацијата. Значи нема дотур на вода за акумулацијата кој би влијаел на подобрување на квалитетот на водата“, истакнуваат тие.

Перцепцијата на жителите на Општина Велес

„Езерото Младост некогаш претставуваше олицетворение на хармонијата меѓу човекот и природата. Како дете, со неизмерна радост го доживував секој излет таму. Младост не беше само езеро – тоа беше простор на заеднички вредности, еколошка свест и културна поврзаност. Но денес, неговата некогашна убавина е целосно избледена“, вели Стефан Каракачанов, жител на Општина Велес.

Стефан Каракачанов

Тој причините за оваа трагична трансформација смета дека не се природни, туку резултат на системска неодговорност и недостиг на визија. Продажбата на земјиштето околу езерото и неконтролираната урбанизација, смета дека го уништиле балансот што го држело езерото живо.

„Институционалната негрижа и долгогодишното игнорирање на предупредувањата на граѓаните и еколошките активисти, доведоа до забрзување на процесот на уништување“, вели Каракачанов.

Сепак тој смета дека иако состојбата е алармантна, нејзината неповратност не е конечна, бидејќи како што вели, доколку постои колективна волја, одговорност и долгогодишна стратегија езерото може повторно да стане симбол на чистота и заедништво.

„Езерото Младост е огледало на тоа какви сме како општество и шанса да покажеме дека можеме подобро“, истакнува Каракачанов.

Алармот на Еколошко друштво „Вила Зора“ – Велес кој никој не го слушнал

Уште пред неколку години Еколошкото друштво „Вила Зора“ – Велес алармирало за состојбата на водата во езерото откако се појавиле масни дамки на површината во текот на летниот период, меѓутоа состојбата ова лето особено се влошила. Веднаш стапиле во контакт со концесионерите на водата и рибите, а ги известиле и општината и граѓаните за загадувањето. Ова лето пак во соработка со уште четири организации и здруженија од Велес успеале да спроведат повеќе акции за чистење на водата и брегот на езерото.

Алармот бил вклучен по објавувањето на извештаите од Хидробиолошкиот завод – Охрид и Центарот за јавно здравје – Велес, после кои биле одржани состаноци, биле преземени активности за утврдување на причините за загадувањето и сè уште се преземаат мерки за подобрување на состојбата на езерото, иако сето тоа оди многу бавно, а езерото нема многу време за губење, потенцираат тие.

„Сите надлежни институции треба да се погрижат состојбата да се подобри и да се намалат последиците од загадувањето како и да се утврди изворот на загадувањето“, заклучуваат од „Вила Зора“.

За тоа кои мерки ги презема Општина Велес за да се спречи деградацијата на езерото, пред сè со загадување од објектите кои никнуваат околу езерото, упативме прашања по електронска пошта до општината, но од таму не стигна одговор.

Увидите на Центарот за јавно здравје – Велес

Инаку Центарот за јавно здравје од Велес ја следи санитарно–хигиенската состојба и квалитетот на водите преку санитарно–хигиенски увиди најмалку два пати годишно и преку бактериолошка и физичко–хемиска анализа на најмалку 16 примероци од вода.

Тие наведуваат дека акумулацијата е со намален водостој поради лошите хидролошки услови во последните години, со малку врнежи, високи температури, а Отовичка река која е главен извор на акумулацијата е пресушена. Дополнително, градбата на индустриски, угостителски објекти и викенд населби, претставуваат потенцијални загадувачи на водите на акумулацијата.

Извор: Бранкица Несторовска

„Сè поголемиот антропоген притисок врз просторот на акумулацијата ја наметнува потребата од организирано управување на езерото, од преземање неопходни, итни мерки во кои ќе бидат вградени еколошки, санитарно – хигиенски норми и законитости“, велат од Центарот за јавно здравје – Велес.

Од ЈПВ „Лисиче“ – Велес  охрабруваат

Подобрувањето на состојбата со квалитетот на водата во акумулацијата „Младост“ подразбира синхронизирани, добро планирани и научно поткрепени активности,велат од од ЈПВ „Лисиче“ – Велес. Според нив за севкупна реализација е потребна вклученост на сите надлежни органи и засегнати страни, со кои, како што информираат, имаат постојан контакт.

Во завршна фаза се подготвителните активности за дел од мерките (препораките за санација на состојбите на акумулацијата наведени во Извештајот на Хидробиолошкиот завод – Охрид), за кои е неопходно спроведување на соодветна законска процедура во надлежното Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од ЈПВ „Лисиче“ – Велес.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека редовно се вршат надзори

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) пак велат дека работат согласно Годишен план и месечните планови за работа, а согласно истите се вршат редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори. Инспекторатот користи и база на податоци и Методологија на процена на ризици се врши планирање на редовните инспекциски надзори.

„Прекршочните санкции се движат и до 240.000 евра во денарска противвредност. Секаде каде што од страна на државните инспектори е утврден прекршок, доколку се работи за законска повреда од минорна природа и е првпат на правното лице, може да му се изрече и само опомена. Исто така, постојат и кривични постапки кои се водат согласно Кривичниот законик“, наведуваат од Инспекторатот.

Извор: Бранкица Несторовска

Препораки за подобрување на состојбата

Препораките содржани во Извештајот на Хидробиолошки завод – Охрид упатуваат на механичко отстранување на масите од алги, како и душеците мртва растителна маса од површината на водата, отстранување на конгломерати кои се наталожени на дното, аерација, снабдување со свежа вода и механичко чистење на корито на реката Отовица од отпадот, за да се овозможи непречен проток на речната вода.

Дополнително и во самиот Извештај на Европската комисија за Македонија за 2024 година стои дека земјата треба да го забрза напредокот во справување со загадувањето определувајќи подрачја чувствителни на еутрофикација, да го подобри мониторирањето на квалитетот и количината на површинските и подземните води, да го зајакне системот на инспекција и санкции и да го засили моделот на финансирање врз основа на принципот „загадувачот плаќа“.

Во Извештајот е наведено дека напредок е постигнат во усвојувањето на Законот за рибарство и аквакултура, кој во голема мера е усогласен со правото на ЕУ, но кога ќе се погледне Законот и ќе се направи споредба со примената, повеќе од јасно е дека многу од неговите одредби засега важат само на хартија.

Инаку, во Европската унија и нејзините земји-членки се воведуваат политики и мерки за подобрување на квалитетот на водата, намалување на загадувањето и подобрување на состојбата на водните екосистеми. Во некои случаи, како што се квалитетот на водата за капење, водата за пиење и третманот на урбаните отпадни води, постигнати се забележителни достигнувања.

Подоброто управување со водите е клучно за подобрување на отпорноста на водата, за ублажување на притисокот врз водата и за обезбедување европските граѓани, природата и индустријата да имаат доволно вода со добар квалитет.

Извор: Европска агенција за животна средина

Според Европската агенција за животна средина, земјоделството е гранката која најмногу врши притисок и што влијае и на површинските и на подземните води. Причината е употребата на водата и загадувањето од интензивната употреба на хранливи материи и пестициди, според сопствените мониторинзи на земјите-членки.

Во Извештајот на Агенцијата за состојбата со водите во ЕУ за 2024 стои: „потреба од подобрување на отпорноста на водите“. Се наведува дека водите во Европа продолжуваат да бидат под влијание на хемикалии, претежно од атмосферското загадување од производството на енергија на јаглен и дифузното загадување од земјоделството. Недостатокот од подобрување на хемискиот статус може делумно да се припише на долговечните загадувачи, како што се живата и бромираните запаливи материи. Доколку не се земат предвид овие долговечни загадувачи, 80% од површинските води би постигнале добар хемиски статус наместо 29%.

Главните загадувачи кои предизвикуваат дефект се нитрати и пестициди. Во Извештајот се наведува дека 91% од подземните води се во добра квантитативна состојба, според известувањата добиени од 19 земји-членки.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

 

Tags: 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top