НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ СО КОЈ СЕ СООЧУВААТ 40% ОД МЛАДИТЕ Е ОСАМЕНОСТА

Авторка: Симона Паскоска

Истражувањето кое е дел од Националната стратегија за ментално здравје за млади, изработена од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), покажува дека 14% од вкупно 1.851 млади лица се соочиле со некаков здравствен проблем или со проблем поврзан со ментално здравје, како што се анксиозност и депресија.

Податоците од ова истражување покажуваат дека најголемиот страв со кој се соочуваат 40% од младите во земјава е осаменоста, а потоа следуваат стравот од отфрлање со 33% и изолација од пријателите со 27%.

Ваквите податоци од Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024-2026 уште еднаш го актуелизираа прашањето за менталното здравје на младите во земјава, како тема која доби особено на значење по ковид-19 пандемијата.

Според Комората на психолози на Македонија, младите најмногу посетуваат психолог токму поради борбата со своите стравови, но и поради проблеми со идентитетот, недоволна мотивација, анксиозност и панични напади.

Од Комората за Евротинк велат дека грижата за менталното здравје кај младите е приоритет на кој сите треба подеднакво да работат.

„Треба сите ние возрасните да се здружиме во грижата за менталното здравје на младите: да им се даде многу повеќе можности да се развиваат, да растат интелектуално, да се грижиме за нивниот емоционален раст и развој преку многубројни активности и понудени можности, да има посебна обука за родителите како да се грижат за своите деца, за наставниците обука кој е нивниот дел во грижата за менталното здравје на учениците“, велат од Комората.

Тие појаснуваат дека потребно е државата да ја вклучи грижата за менталното здравје во законите и да ги усогласи, со цел поголема ефективност во решавање на овој проблем.

Извор на фотографија: Pexels, автор на фотографија: Cottonbro.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека во соработка со Бирото за развој на образованието планираат активности за подобрување на безбедноста, менталното здравје и добросостојбата на учениците. Дополнително, во 2024 година бил усвоен и Национален план за менталното здравје и психосоцијалната добросостојба на децата и адолесцентите, со која опфатени се и здравството, образованието, социјалните услуги и меѓусекторската хоризонтална соработка.

„Постигната е согласност за заедничка координација и искористување на расположливите ресурси во облик на прирачници и обучен кадар при креирање на краткорочни и среднорочни активности за враќање на довербата и чувството на безбедност во училиштата. Целта е да поттикнеме отворен разговор и клима на поддршка во училиштата, и тоа на сите нивоа со цел да се слушнат и разберат учениците, наставниците, родителите и менаџерските тимови“, велат за Евротинк од МОН.

Од ова министерство потенцираат и дека Бирото за развој на образованието веќе има воспоставено мрежа за давање на колегијална поддршка на ниво на училиште. Околу 700 стручни соработници – професионалци за ментално здравје од сите основни и средни училишта биле обучени за новата Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и згрижувачките институции и средини.

„Оваа мрежа на стручни соработници има водечка улога на ниво на училиште во спроведување на активностите за унапредување на социо-емоционални компетенции и зајакнување на психолошката отпорност кај учениците и возрасните“, додаваат од МОН.

За тоа колку е важно младите да се грижат за своето ментално здравје, говорат и невладините организации и студентските здруженија во нашата држава.

Од Универзитетското студентско собрание при скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) за Евротинк објаснуваат дека за нив грижата за менталното здравје е приоритет број еден.

Тие потенцираат дека покрај работилниците и настаните кои ги организираат со цел студентите да се информираат за важноста на менталното здравје, постои можност и студентите да посетат психолог во рамки на студентската поликлиника.

„Секој студент може да го посети овој сервис за психолошки разговори, каде што ќе добие стручна поддршка и совети. Ова е значајна придобивка за студентите, бидејќи ја прави помошта лесно достапна и блиска до нив“, велат од УСС УКИМ.

Од таму додаваат дека со здравственото осигурување преку родителите, студентите имаат пристап и до голем број психолошки услуги финансирани од Фондот за здравствено осигурување.

„Важно е да потенцираме дека УСС УКИМ постојано работи на тоа студентите да бидат информирани за овие можности, бидејќи грижата за менталното здравје не треба да биде луксуз, туку право на секој млад човек. Нашата цел е студентите да се чувствуваат поддржани и да знаат дека имаат каде да се обратат во моменти кога им е потребна помош“, изјавија од УСС УКИМ.

Извор на фотографија: Pexels, автор на фотографија: Shvets Production.

Од невладината организација „Младите можат“, пак, велат дека иако со години наназад се зборува за важноста на менталното здравје, сепак во земјава нема доволно ресурси и можности за соодветна грижа за него.

„Услугите за ментално здравје во рамки на јавното здравје се ретко достапни, оние од приватната пракса се со високи цени на чинење во линија со младинскиот стандард, а и секако имаме средини каде што вакви услуги воопшто и не се достапни. Мора да сфатиме дека како зборуваме и пробуваме да ја срушиме стигмата за менталното здравје, треба паралелно и да градиме систем и да понудиме ресурси за ефективна и навремена грижа за истото и целокупната благосостојба на младите“, велат од „Младите можат“.

Тие потенцираат и дека за креирање на средини кои поттикнуваат грижа за менталното здравје на младите треба да се направат неколку чекори. Најпрво, да се надмине стигмата која и понатаму е присутна преку информирање на младите, но и на пошироката јавност за значењето на менталното здравје.

Понатаму, неопходно е создавање на програми во рамки на образовниот систем за ментално здравје, креирање на услуги за ментално здравје достапни за сите млади, развој на програми за превенција и поддршка на млади кои доаѓаат од ризични или ранливи средини, но и препознавање на услугите за ментално здравје како здравствени услуги кои би биле под здравственото осигурување на младите.

Во однос на тоа дали и колку е потребно услугите за ментално здравје да се препознаат како здравствени услуги и да се воведе опција матичен или семеен психолог, и од МОН и од Комората на психолози имаат позитивен став.

Извор на фотографија: Pexels, автор на фотографија: Alex Green.

Психологот Ивица Павлов за Евротинк вели дека опцијата матичен психолог би била корисна, бидејќи таа би обезбедила постојана поддршка за младите и навремено препознавање и третирање на психолошките проблеми.

„Оваа опција би ја направила психолошката помош подостапна и би ја намалила стигмата поврзана со барањето помош. Менталното здравје кај младите е важно, бидејќи тие се наоѓаат во критичен период од својот развој кога се гради нивната личност, идентитет и способности за справување со животните предизвици“, објасни Ивица Павлов.

Инаку, статистиките на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека и на светско ниво, 1 од 7 млади луѓе на возраст од 10 до 19 години се соочуваат со анксиозност или депресија. Депресијата пак, е водечка причина за развивање на некаква болест во животот.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags: 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top