СЕ ГУШИМЕ ВО НЕЧИСТИОТ ВОЗДУХ ШТО САМИТЕ ГО СОЗДАВАМЕ
Автор : Александра Стојанова
Новата грејна сезона само што започна, а македонските градови по аерозагадувањето веќе во ноември се најдоа на самиот врв во светски рамки на неславните листи за мерење на квалитетот на воздухот. И најновото истражување на УНДП за утврдување на изворите на загадениот воздух, но и Извештајот на Европската комисија за реформскиот напредок на земјава во 2024 година засега не ги предизвикуваат македонските политичари и институции да преземат итни мерки.
ЕУ во најновиот Извештај за нашата земја буквално наведува дека годинава ништо не е направено од македонските власти во борбата против аерозагадувањето што го дишеме.
„Постигнат е многу ограничен напредок во однос на квалитетот на воздухот и не постои развој на законодавството во извештајниот период. Постојниот мониторинг систем и структурите задолжени за собирање, обработка и објава на податоците е неопходно да се засилат“, се наведува во Извештајот на Европската комисија.
Од официјален Брисел и овој пат со слични забелешки како и во изминатите години за квалитетот на воздухот, при што властите се критикуваат дека автоматската мониторинг мрежа на мерни станици што го следат загадувањето на воздухот е со многу мал капацитет, додека препораките што ги дава Европската комисија не се имплементираат од македонските власти. Неопходно е зголемување на капацитетот на администрацијата и инспекторатот за заштита на животната средина како би можело да се спроведат препораките од Брисел.
Горјан Јовановски, креатор на апликацијата „Мој воздух“, вели дека бројни студии се направени за загадувањето на воздухот, исто како што се дефинирани и главните извори на загадување, предупредувајќи дека политиканството, политичкиот инает и корупцијата се главните пречки за спроведување на политиките за чист воздух во градовите.
„Нема друго што спречува да го решиме овој проблем, бидејќи не сме никаков уникат во светот, па да не можеме да го решиме“, дециден е Јовановски.
Тој потсетува дека со загадениот воздух нема играње, бидејќи болестите што го загрозуваат човековото здравје се многубројни.
„Од респираторни проблеми, до рак, до пад на имун систем и до неплодност и кај мажите и кај жените. Воздухот е есенцијален за живот и кога тој е загаден, влијае врз целосното функционирање на телото“, вели Горјан Јовановски.
Уште поалармантни се резултатите од спроведеното истражување на УНДП во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кое покажа загрижувачки нивоа на загадување на воздухот како на отворен простор, така и во внатрешните простории. Преку ова истражување една година се вршеше мониторинг на квалитетот на воздухот и се анализираа изворите на загадување во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
Автор на фотографија: Димитар Настовски (употребата на фотографијата е со дозвола на авторот)
Од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за „Евротинк“ ги споделија резултатите од истражувањето, кои покажуваат дека во сите пет општини најголем извор на аерозагадувањето е затоплувањето, односно греењето на домовите.
„Согорувањето на дрва, но и отпадни материи во релативно неефикасните и стари печки/котли во текот на зимските месеци, е веројатно главниот извор кој може да се поврзе со појавата на епизодите на екстремно загадување“ велат од УНДП.
Тие додаваат дека во летните месеци сообраќајот и минералната прашина имаат значително поголем удел во загадувањето на воздухот, додека во повеќето општини палењето на стрништата и другите отпадни материјали се значителен причинител на нечистиот воздух.
Од УНДП ни испратија и резултати од мерењата на една од локациите, дворот на гостиварското основно училиште „Гоце Делчев“, каде примероци се земени од март 2023 до април 2024 година. Мерењата за најопасниот загадувач на воздухот – суспендираните ПМ-2.5 честички покажуваат дека просечната годишна концентрација од него изнесувала 29,1 микрограми на метар кубен, што е за 16% повеќе од максимално дозволената концентрација на овие честички во воздухот.
Истражувањето на УНДП открило дека загадување на воздухот со ПМ-2.5 честички над дозволените граници во Гостивар имало во текот на целата година, со тоа што во грејната сезона се појавуваат значително повисоки максимални концентрации.
„Во текот на пролетните, летните и есенските месеци, нема значителни промени на концентрациите на ПМ-2.5, ниту на дневно, ниту на неделно ниво. Спротивно, во текот на зимата, се јавува значителна промена на концентрациите на ПМ-2.5 на дневно ниво, со два карактеристични врвови, еден утрински и еден вечерен“, се наведува во истражувањето на УНДП.
Оваа најнова анализа на квалитетот на воздухот во петте македонски општини покажа високи концентрации, над законски дозволените граници, и во внатрешниот воздух во градинките и училиштата каде настава секојдневно следат децата.
„Додека просечните концентрации на другите загадувачки материи вклучени во истражувањето, како гасовите јаглерод моноксид, јаглерод диоксид и формалдехид, речиси без исклучок се во рамките на препорачаните вредности, а микробиолошката чистота на воздухот може да се оцени како генерално прифатлива, измерените просечни концентрации на суспендирани честички (ПМ-2.5) ги надминуваат препорачаните гранични вредности за два пати, па дури и три пати“, покажува истражувањето на УНДП за квалитетот на воздухот.
И додека се редат истражувачки податоци за загадениот воздух, надлежните власти имаат многу малку конкретни активности за спречување на аерозагадувањето што би се спровеле сега и веднаш.
Од Министерството за животна средина за „Евротинк“ велат дека во тек се подготвителни активности за поставување на мониторинг станица за мерење на нивото на загадување во Штип. За другите средини во земјава ќе нема промени за поквалитетно мерење на квалитетот на воздухот и оваа грејна сезона, освен одржувањето на постојните мерни станици.
Ова министерство ги поддржува македонските општини во донесувањето на Планови за квалитет на воздухот, при што досега се донесени за Скопскиот регион, Тетово, Битола, Струмица, Куманово, Кавадарци, Гостивар, Прилеп, Велес и Охрид. Општинските совети треба да ги усвојат изработените планови за Кичево, Кочани, Струга, Штип и Гевгелија, а во тек е изготвувањето на овој документ и за Струмица. Од Министерството за животна средина велат дека владата подготвува нов документ со протокол и слични мерки кои ќе се преземаат при алармантно загаден воздух како надополнување на Протоколот за алармантна состојба усвоен од македонската влада во 2017 година.
Меѓу одговорите што ни ги доставија од ова министерство можат да се забележат неколку проекти од странски донатори кои работат на подобрување на квалитетот на воздухот во земјава, но и многу малку активности кои се финансирани директно од државниот буџет или од средствата на општините кои се реализираат во соработка со државата.
Автор на фотографија: Димитар Настовски (употребата на фотографијата е со дозвола на авторот)
Па така, ЕУ во наредните две години ќе го финансира усогласувањето на нашето законодавство со регулативата на ЕУ за воздухот, а преку Светска банка се реализира проектот за подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор во висина од 25 милиони евра. УНДП со поддршка од Шведска обезбеди средства за спроведување на дел од мерките против аерозагадувањето во пет града во висина од 890.000 американски долари, а исто толкави средства треба да издвојат и Куманово, Гостивар, Струга, Кавадарци и Струмица. Преку проектот „ЕУ за чист воздух“ се набавени шест еколошки автобуси за Скопје, ќе се садат 6.000 садници во четири града, а се менуваат и системите за греење во 40 јавни објекти во Скопје, Битола, Тетово и Велес.
И додека странските донатори помагаат, Горјан Јовановски констатира дека властите од сите партии и политички страни во изминативе 10 години покажале дека ниту имаат желба, ниту знаење да го решат проблемот со аерозагадувањето. Тој прашува каде се решенијата.
Институтот за јавно здравје уште на почетокот од 2024 година го објави извештајот „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“, според кој речиси 18 отсто од вкупната смртност во Северна Македонија може да се препише на изложеноста на тековните концентрации на ПМ-2.5 честички.
„Проценивме дека 4.175 животи годишно се губат во нашата држава заради изложеноста на тековниот квалитет на амбиентен воздух (пресметките се однесуваат на периодот 2019-2021), што претставува 17,0% од вкупната смртност“, се наведува во овој документ на Институтот за јавно здравје.
Па така, 176 смртни случаи заради исхемички срцеви болести годишно се припишуваат на аерозагадувањето во македонските средини, а загрижувачки се и податоците за влијанието на квалитетот на воздухот врз мозочните удари особено кај постарата популација, но и смртноста како последица на појава на рак на белите дробови.
Чекајќи го дејствувањето на институциите, на граѓаните во меѓувреме им преостанува да ја тужат државата пред судовите за да си го остварат правото на чист воздух и заштита на сопственото здравје. Со одлуката што ја донесе Врховниот суд во октомври 2024 година им се отвора патот на граѓаните да поведат постапка пред Управниот суд за да поведат спор против државата ако им е загрозено здравјето. Ваквата одлука на Врховниот суд следеше по иницијативата што ја поднесоа невладината „Центар за правни истражувања и анализи“ и адвокатското друштво ,,Гоџо, Кичеец и Новаковски“.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.