ШАР ПЛАНИНА – ПОМЕЃУ ЗАШТИТАТА И УНИШТУВАЊЕТО (видео)
Шар Планина е значајна колку што белите дробови се значајни за еден организам. Биодиверзитетот кој што го прави овој планински екосистем уникатен и примамлив, со конзервацијата треба да не заштити првенствено нас луѓето, затоа што сите ние сме привремени посетители, во ова време и на ова парче земја. Нашата цел, поврзана со природата е да набљудуваме, да учиме, да ја сакаме.
Автор: Новинарска екипа на БИРС
Заштитата на биодиверзитетот е витален елемент во она што значи прогрес и подобра економија, културни и духовни вредности кои ќе овозможат да имаме поздрав и одржлив екосистем. Иницијативата за прогласување на Шар Планина за Национален парк ќе овозможи сигурна иднина и заштита на ова подрачје, долгорочно зачувување на природата со сите свои расположливи карактеристики потребни за еден фунционален екорегион.
ЖИТЕЛИТЕ АЛАРМИРААТ – ШАРА НЕМИЛОСРДНО СЕ УНИШТУВА
Живе Кировски е жител на Вратница. Овде на падините на Шара се наоѓа неговиот дом. Активист и поборник за спас и конзервација на оваа планинска убавина, тој е еден од најагилните членови на Координативното тело за спас на Вратничка река од изградба на мали хидроелектрани. Гневен поради неконтролираната сеча на дрва како и хаотичната изградба на несодветна инфраструктура, Кировски подолг период ги детектира проблемите и апелира за нивна разрешница:
„Во моментов е во тек реализиција на геноцид некој, на Шар Планина. Значи со изградбата на мали хидроцентрали, со бесправно сечење на дрва, со отворање на патишта, и таму кај што треба и кај што не треба, со создавање на ерозивни подрачја, со уништување на шумите, на живиот свет и живитонски и растителен свет, значи практично, буквално во моментов се прави геноцид на оваа убавина што е пред нас…“, вели Кировски.
Проблемите се воочени. Закани, притисоци и уцени се секојдневие за жителите на Шарскиот регион. Локални моќници и профитери неплански го уништуваат овој планински предел, се со цел за брзо богатење на грбот на жителите. Ако не можат финансиски да ве купат, тогаш ќе пробаат да ве заплашат, барем такви се гласините под врвовите на Шара. Сумите се движат од сто до триста илјади евра, а вашата совест е потоа на потег. Вратничка река е извор на живот за овие луѓе. Чистотата и функционалноста на реката се витални за иднината на Вратница. Малите хидроелектрани според жителите се непотребен декор, кој прави една грдба и неприордна слика. Која и каква е добивката од хидроелектраните? И колкаво е значењето и бенефитот за локалното население од истите?
„Вкупната придобивка за нас како локално население би била никаква. Значи, а за тие локални моќници што би ги добиле тендерите, потенцијалните нели, или би ги изработиле проектите би била огромна, нормално. Кружат, 30 до 40 илјади евра месечно добивка за тие, и затоа е борбата толкава за изградба на тие мали хидроелектрани.“, вели Кировски
Мирослав Кировски е претседател на Здружението на жители на Вратница. Единаесет години е активен сведок на сите убави и неубави работи што се случуваат во неговото родно место. Поборник за заштита на Шарпланинскиот регион, Мирослав смета дека излезот од ваквиот хаос е едноставен, Шар Планина да се прогласи за Национален парк. За момент да ги оставиме хидроелектраните настрана, не само Вратница, туку и околните села имаат што да им понудат на посетителите, ставајќи го на располагање сиот свој природен потенцијал кој го нуди оваа Планина:
„Огромен потенцијал. И на тоа се стремиме бидејќи Вратница треба да опстои и се надеваме на еко-туризмот во Вратница… Имаме повеќе еве сега по ново имаме значи еден Хостел Китка, каде што можат посетителите да дојдат да преноќат, да добијат здрава храна. Можат да прошетаат низ Вратница, до Вратничко Езеро, до Сенокос, до Љуботен, да се нагостат повторно да се вратат до Чорбаџиски Ан, нова кафана – етно кафана, значи има прекрасни убави низ Вратница, што верувам за еден ден не би се завршиле тие работи.“, вели Кировски.
Мирослав и Живе Кировски би се согласиле дека доаѓа време на одлука, која повеќе не бе смеела да се одложува. Не постојат зборови кои можат да ја изразат бездната меѓу излолација и да се има бара еден сојузник, природата.
„Јас би бил за тоа час поскоро, што побрзо институциите задолжени за ова да смогнат сила, да ја исфорсираат на некој начин оваа работа и да ја стават под заштита Шар Планина, меѓутоа за да не утре испаднат проблеми, неочекувани, несакани, би било добро претходно локалното население во секој случај да биде информирано. Да му се кажат кој се добрите, кој се лошите страни со ставањето под заштита на Шар Планина“, вели Живе Кировски.
ПРОБЛЕМИТЕ ДОАЃААТ ОД „ГОРЕ“
Природата е многу слична на човекот. Кај неа ништо не е совршено и се е совршено. Траекторијата на движење е иста со човековата совест. Иако навидум има многу прпреки на патот, сепак проблемите можат и да се поедностават, доколку знаеме да го препознаеме виновникот. Каде треба да се обратиме за решение на нашите проблеми или од кого да побараме помош? Блерим Јашари од село Добреште, Општина Теарце е еден од многумината љубители на планината. Се надева дека набрзо ќе му се исполни најголемата желба, Шар Планина да се заштити соодветно, за да може да продолжи да го храни регионот.
„Мислам дека сите проблеми доаѓаат „од горе“. „Од горе“ во смисла ако сака државата, ако саакат Министерствата што се одговорни за таа работа, мислам дека може да се реши многу лесно целата работа за да се прогласи Шар Планина за Национален парк. Мислам дека таму е проблемот. Не гледам дека проблемот е кај луѓево или проблемот кај месниве заедници или кај Општините…“, вели Јашари.
Шар Планина претставува една природна целина која се протега во три држави и сегментарното решавање на проблемите околу заштитата мора да бидат синхронизирани. Таа се протега и во делот на Косово, каде е прогласена и заштитена како Национален парк како и во делот со Албанија на потегот – Кораб-Коритник. Од 2015 година се зголемува бројот на активисти и здруженија кои се борат за конзервација на Планината во Национален парк. Овие здруженија преку различни едукативни форми континуирано комуницираат со локалното население, кај кое наидуваат на огромна поддршка во реализацијата на своите замисли и идеи. Едно од најактивните здруженија кај нас е Центарот за едукација и развој од Теарце, чии проекти се витални за заштита и трансформација на Шар Планина.
„Како здружение, но повеќе како платформа-пријатели на Шара, значи од 2015 година… во таа голема идеја треба да се вклучат не само здруженијата кои работат на човековата природа туку и локалните жители. Значи како организација сме работеле и сме направиле многу активности, почнувајќи од промоција на оваа идеја, бидејќи од 2015 година мислиме дека таа идеја за прогласување на Шара беше на еден начин поставен под тепих од институциите. Значи со поддршка од нашите партнери од Европска Унија, Германија итн. почнавме оваа идеја да ја подигнеме на повиско ниво, со промотивни настани и со тоа дека овој предел заслужувува да биде заштитен бидејќи изобилува со многу различности“, вели Метин Мухареми од ЦЕД.
НАЦИОНАЛЕН ПАРК КАКО НАЈДОБРА И ЗАШТИТА
Иако станува сè поочигледно дека проблемите поврзани за животната средина, кога е во прашање Шарпланинскиот регион, претставуваат и егзистенцијални закани како за жителите на планинските села така и за локалните Општини, овие проблеми најверојатно ќе продолжат, па дури и ќе се интензивираат, освен ако Владата не донесе ефективно решение во прилог Шар Планина да биде прогласена за Национален Парк.
„Разликата е огромна. Под капата на системот на заштитени подрачја важат поинакви правила. Законски се регулирани нештата меѓутоа поради недостиг на таа институција не може да се изменаџира како што треба. Со таа институција, која што ќе се формира и што ќе менаџира со идниот национален парк состојбите ќе бидат поинакви.“, вели Бесник РЕЏЕПИ, универзитетски професор.
Владините политики и одлучите на крајот ќе мора да се потпрат на јавната поддршка, со што ќе се потенцира потребата да се зголемат сегашните знаења за процесите. Министерот за животна средина Насер Нуредини е оптимист дека почнатиот процес успешно но и многу бргу ќе се финализира, со што ќе се затвори еден значаен проблем, важен не само за Министерството, државните и локални институции, туку и за самиото население на Шар Планина, кое треба да има најголем бенефит од позитивната одлука.
„Откако поминина одлуката на Влада, во мај месец, ние работиме многу напорно на целиот процес. Имавме голем број заеднички средби со надлежните Општини, централните институции исто така, како и локалното население. Во целина напредокот е постигнат, имајќи ги во предвид околностите поврзани со КОВИД-19, и во очекување сме работите да бидат валоризирани на крајот на Август, каде што во последниве денови ќе биде финализирана студијата од страна на експертите, благодарение на која ќе го подготвиме предлог- законот, кој се надеваме дека ќе биде ставен во процедура на владина седница на крајот на Септември, а целиме на почеток на месецот. Така што можеме единствено да имаме благо задоцнување.“, вели Нуредини.
Велат дека онаа нација која што си ја уништува природата, се уништува себе си. Шар Планина е значајна колку што белите дробови се значајни за еден организам. Биодиверзитетот кој што го прави овој планински екосистем уникатен и примамлив, со конзервацијата треба да не заштити првенствено нас луѓето, затоа што сите ние сме привремени посетители, во ова време и на ова парче земја. Нашата цел, поврзана со природата е да набљудуваме, да учиме, да ја сакаме.
Ова сторија е изработена во рамите на проектот „Шар Планина – Последната брана од еколошка катастрофа“, спроведуван од БИРС а подржан од ЦИВИКА МОБИЛИТАС.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Балкански институ за регионална соработка (БИРС) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.