ОД УЧИЛНИЦИ ДО РЕДАКЦИИ: КАКО КИНЕСКАТА „МЕКА МОЌ” ДЕЛУВА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Енис Шаќири

Во последната деценија Северна Македонија е цел на операции за влијание на авторитарни сили, пред сè Русија и Кина, кои преку низа инструменти настојуваа да го прошират својот политички, економски, медиумски и културен дострел во држава членка на НАТО и кандидат за приклучување кон Европската унија.

Сепак, по руската агресија врз Украина на 24 февруари 2022 година и санкциите што ги воведоа САД и ЕУ, улогата на Москва во земјата е  намалена, со што се отвори простор кој, според аналитичарите, сè повеќе го пополнува Кина.

“Тоа што Кина се обидува да го инсталира своето влијание на простор некогаш доминиран од Русија не значи дека меѓу двете источни сили постои натпревар. Напротив: и двете држави покажуваат тесна координација наспроти единствениот Запад – од Украина, до конфликтите на Блискиот Исток. Оваа синергија меѓу Москва и Пекинг е присутна и во земјите од Западен Балкан, каде што Русија главно го одржува своето влијание преку Православната црква, додека Кина ја шири својата присутност преку економијата и медиумите”, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири.

Во пракса, аналитичарите сепак укажуваат дека пристапот на Кина во Северна Македонија се разликува од тој на Русија. За разлика од Москва,  чиешто влијание беше очигледно за време на политичката криза во 2016 година, Пекинг дејствува на помалку конфронтациски и пофрагментиран начин, насочувајќи се кон економски, културни и медиумски инструменти кои градат долгорочно влијание, без директни политички судири.

“Во последните години се чини дека влијанието на Кина опаѓа, барем кога станува збор за волјата на македонските власти да соработуваат на големи или чувствителни проекти. Но, од друга страна, Кина е многу активна на базично ниво, додека соработката со академски актери, медиуми, општини, па дури и со НВО секторот е поинтензивна од кога било”, вели Ана Крстиновска, стручњак за кинеско влијание.

Во овој контекст, културните институти и академските програми поддржани од Пекинг добиваат сè поголема улога и се прикажуваат како клучни алатки за градење позитивна слика за Кина надвор од нејзините граници.

Таква институција е Институтот „Конфуциј“ во Скопје – центар што им нуди на корисниците “јазични и конкретни академски можности”, дејност што кај експертите ги покренува прашањата за “транспарентноста, влијанието и границата помеѓу културната размена и политичката моќ”.

Кој доминира во светот, Кина или Западот?

Еден од студентите кој посетува курсеви и програми на Институтот „Конфуциј“ признава дека понекогаш се отвораат пошироки теми за дискусија помеѓу студентите. „Зборуваме за економското влијание на Кина, за односите помеѓу Кина и Западот, за тоа кој има посилна технологија – САД, Кина или Европа и слични теми. Но тоа се слободни и спонтани разговори, најмногу за опуштање и дебата меѓу нас”, објаснува 21-годишното момче од Скопје за BIRC (Балкански институт за регионална соработка).

“Ова обично се случува кога меѓусебно по малку се ‘провоцираме’ во разговорите”, додава тој.

Студентот, кој побара да не биде именуван, објаснува дека институтот не нуди само јазични курсеви, туку и летни кампови, студиски програми на кинески универзитети, студентски стипендии, како и спортски и културни активности. За многу млади, според него, оваа програма претставува конкретна можност за патување, добивање стипендија или градење професионални контакти.

“Навистина сакав да присуствувам на летен камп во Кина, но КОВИД-пандемијата ги наруши плановите, кампот беше откажан”, вели тој.

„Проблемот не е јазикот, туку правилата и транспарентноста”

Истражувачкиот новинар Бојан Блажевски, кој долго ги следи прашањата поврзани со кинеското влијание во Северна Македонија, тврди дека поради политичкиот модел на Кина (комунистички) и строгиот државен надзор над медиумите и општеството, соработката преку “лесна моќ” полесно се канализира преку јазикот и културата отколку преку други форми на општествено вклучување.

„Не гледам проблем во учењето кинески јазик и запознавањето со некои аспекти од кинеската култура”, вели тој, додавајќи дека јазикот и контекстот може да им помогнат на луѓето да ја разберат Кина денес.

Сепак, тој изразува загриженост околу изборот на теми и наративи што можат да се промовираат преку активностите на институтот, особено во земја како Северна Македонија која се стреми кон интеграција во ЕУ.

„На некои факултети оваа соработка е сосема неадекватна, дури и опасна, на пример на факултетите за политички науки, новинарство и безбедносни студии. Северна Македонија, како членка на НАТО, не би требало да има студенти или професори кои ќе одат на студии во Кина, а потоа ќе се вратат и ќе заземат клучни позиции во безбедносниот сектор. Или што е тоа што ќе го научат македонските новинари при посета на кинески државен медиум?” – прашува тој.

„Да научат како да ја усовршат државната пропаганда или како да ја задушат слободата на говорот? Таквата соработка со Кина е целосно неадекватна за одредени дејности во високото образование. Затоа сметам дека Институтот ‘Конфуциј’ е инструмент на мека моќ на кинеската држава, кој ги промовира официјалните наративи на еднопартиски и недемократски режим. Не можам да посочам директни модели на индоктринирање на македонските граѓани од институтот, но како институција многу добро се вклопува во посакуваната претстава за Кина пред јавноста во странство, како нормална, суперсила, без проблеми, со задоволни граѓани и напредна технологија” – заклучува Блажевски.

Што е „мека моќ”?

“Мека моќ” се однесува на начинот на кој една држава врши влијание без користење сила или директен притисок. Наместо инструменти на “тврда моќ”, како закани, економски принуда или воена интервенција, меката моќ настојува да го прошири влијанието со привлекување и убедување: преку културата, образованието, дипломатијата, меѓународната репутација и наративите што ја прикажуваат државата како “доверлив и посакуван” партнер.”

Во овој контекст, важно да се земе предвид и Индексот на глобална мека моќ, кој ги идентификува и тестира главните наративи на мека моќ преку мерење на степенот во кој тие резонираат со јавното мислење во седум категории, вклучувајќи образование и наука. Кина е рангирана на второ место глобално, до сега нејзина највисока позиција, што го рефлектира постојаното проширување на нејзиниот глобален имиџ и привлечност.

Помеѓу меката моќ и “тврда моќ” , воена сила или економска принуда, се наоѓа “острата моќ” (sharp power), форма на влијание често поврзано со пропаганда, манипулација со информации и дезинформации. За разлика од меката моќ, која напредува преку кредибилитет и привлечност, острата моќ настојува да влијае со замаглување на реалноста и пренасочување на јавната дебата.

Џозеф Нај, покојниот политички научник што го измисли поимот “мека моќ”, тврдел дека суштинската разлика меѓу меката моќ и “острата моќ” е начинот на кој тие се однесуваат кон вистината и транспарентноста: меката моќ е заснована на кредибилитет, додека острата моќ се потпира на манипулација, во суштина “целосно формирано оружје”.

Што е јавно познато за Институтот “Конфуциј” во Скопје?

Според јавните податоци, Институтот “Конфуциј” во Скопје е основан во септември 2013 година во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) со одлука на Сенатот, а во партнерство со Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду, престолнината на провинцијата Сечуан на југозападот на Кина.

Наставата се изведува од гостувачки предавачи од Кина, а институтот работи во простории во рамките на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”, на булевар „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје.

Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Фото: Енис Шаќири (БИРЦ)
Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Фото: Енис Шаќири (БИРЦ)

УКИМ и Институтот “Конфуциј” не објавуваат детални, проверливи податоци, во јавно достапни документи, за изворите на финансирање на институтот, точниот број на вработени, на предавачи или запишани студенти. Овие податоци барем не можат да се најдат во документи што можат лесно да се проверат онлајн.

Со цел да се разјаснат прашањата поврзани со финансирањето, статусот на персоналот, користењето на универзитетските простории, содржината на наставните материјали, како и степенот до кој програмите на институтот се интегрирани во студиската понуда на УКИМ и какви ефекти имаат овие обуки (исход на пазарот на трудот, културна дипломатија, разменски програми) – BIRC се обиде да стапи во контакт и со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и со Институтот “Конфуциј” преку телефон и официјална електронска пошта. До завршувањето на овој напис, не стигна никаков одговор.

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Северна Македонија. Фото: Енис Шаќири (БИРЦ)

Во отсуство на бараните информации, BIRC се обрати за мислење до Министерството за образование и наука, од каде што стигна следниот одговор:

“Високообразовните установи во (Северна) Македонија се автономни во своето раководење и самостојно иницираат соработка со надворешни субјекти. Министерството за образование и наука ја поддржува промоцијата на странските јазици во високообразовните установи каде што постои интерес, но истовремено е ориентирано и кон промоција на македонскиот јазик преку отворање лекторити на странски универзитети.”

Прелиминарни податоци од јавни објави

Додека спомнатите институции молчат, дел од прелиминарните податоци се појавуваат јавно главно преку соопштенија и медиумски извештаи.

На пример, во објава на порталот fakulteti.mk од 13 јули 2020 година стои дека “од основањето, повеќе од 1.500 учесници од различни возрасти посетувале курсеви по кинески јазик организирани од Институтот, на различни нивоа.”

Истиот напис спомнува и бесплатни онлајн летни курсеви, планирани во две групи (до 18 години и над 18), со ангажирани кинески предавачи.

Во меѓувреме, директорот на Институтот “Конфуциј”, Влатко Стоилков, во интервју за Глас на Америка, објавено на 25 септември 2024 година, изјави дека „лани (2023) се запишале 1.067 нови ученици, а 260 продолжиле од претходно,” односно околу 1.380 вкупно лица ги следеле бесплатните часови по кинески јазик.

Освен Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, соработка со кинески универзитети и институции воспоставиле и два други високообразовни институти во државата: Универзитетот „Св. Апостол Павле” во Охрид и Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.

Дали студентите и академската фела ја сфаќаат геополитичката димензија?

Блажевски вели дека поголемиот дел од студентите на овие програми гледаат првенствено како на практични можности за курсеви, стипендии, патувања и искуство.

“Добро е што како граѓани сме отворени да запознаеме нови култури и различни јазици. Не гледам проблем тука. Проблемот, според мене, лежи во македонските државни универзитети и во самите власти на Северна Македонија. Треба јасна граница за тоа што е дозволено како соодветна културна размена меѓу две земји и каде е ’црвената линија‘, кога таквата соработка може да прерасне во малигно странско влијание во нашата држава,” заклучува тој.

Соработката на Северна Македонија со Кина во областа на науката и технологијата се заснова на Договорот за научно-техничка соработка, потпишан на 7 март 1995 година.

Овој договор ја воспостави правната рамка за развој на заеднички научно-истражувачки проекти меѓу двете земји и им овозможи на македонските универзитети и истражувачки институции да склучуваат меморандуми за соработка директно со партнери во Кина.

Што велат извештаите на меѓународните организации за Институтите “Конфуциј”?

Извештаите на неколку меѓународни организации за човекови права и академска слобода документирaат дека наставните материјали на Институтите “Конфуциј“ низ светот се креираат и одобруваат од кинески државни структури директно поврзани со Пекинг.

Според овие извештаи, чувствителни политички и историски теми како што се протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година, статусот на Тајван, Тибет и прашањата за човековите права – често се избегнуваат, се минимизираат или се прикажуваат исклучиво преку официјалниот наратив на Комунистичката партија на Кина.

Организации како „Фондација за човекови права предупредиле дека моделот на Институтите “Конфуциј” претставува опасност за академската слобода и поттикнува клима на самоцензура, особено на универзитетите кои тесно соработуваат со овие институти.

Во Северна Македонија, пак, неодамнешно истражување на Институтот Естима покажа дека приближно една третина од универзитетските предавачи биле вклучени во некаква форма на академска соработка со Кина.

“За мнозинството, тоа значело издавање заеднички публикации или учество во мали проектни активности, често поттикнати од индивидуални мрежи. Помала група учествувала во официјални, државно-финансиски размени,” стои во студијата.

Во оваа слика, Институтот “Конфуциј” при УКИМ е идентификуван како највидлива и најструктурирана платформа на таквата соработка и има централна улога во наставата по кинески јазик и култура од 2013 година.

Сепак, истражувањето заклучува дека размената останува ограничена: бројот на студенти што одат во Кина е мал, додека пристигнувањата од Кина на македонските универзитети се занемарливи во споредба со партнерствата развиени преку Erasmus+, CEEPUS и други програми на ЕУ.

Извор: Универзитетите

Институтот “Конфуциј” не работи само во Скопје, присутен е низ цела  Југоисточна Европа: во Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Грција и Бугарија, главно на сличен начин како и во Северна Македонија.

За разлика од земјите во Југоисточна Европа, каде Институтот “Конфуциј” во голема мера работи без видлив јавен отпор или владини интервенции, во неколку западни земји, како во Обединетото Кралство, Германија и Соединетите Американски Држави  – институтот се соочува со остри критики, институционален притисок и во многу случаи со целосно затворање. Таквите чекори беа поттикнати од загриженост за академската слобода, недоволната транспарентност и политичкото влијание што го врши кинеската држава.

Ова е првиот напис од серија во два дела. Во наредните денови, БИРЦ ќе го објави вториот дел, кој го обработува влијанието на Кина преку медиумите.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2026. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top