НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД: ДЕБАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ – МЕЃУ ОБВИНУВАЊА ЗА ПОЛИТИЗАЦИЈА И ПОВИЦИ ЗА РЕФОРМИ
Предлог-законот за високо образование отвори широка дебата за реформите во универзитетскиот систем. Додека Министерството за образование и наука го претставува законот како чекор кон модернизација и зголемување на квалитетот, значителен дел од академските актери го оценуваат како ризик за универзитетската автономија и развојот на новите научни кадри.
Во текот на актуелната дебата имаше бројни реакции, кои главно се фокусираа на нарушувањето на академската слобода, но и на други аспекти на законот што се гледаат како пречка за создавање простор за академски развој на младите кадри.
Во меѓувреме, Независниот академски синдикат директно побара повлекување на нацрт-законот. Според синдикатот, законот не е производ на вистинска реформа, туку инструмент за зголемување на институционалната контрола. „Предложените услови се несоодветни и недостижни за младите научници. Наместо квалитет, овој чекор ќе има фатален ефект, целосна загуба на младиот кадар на нашите универзитети“, се наведува во реакцијата на синдикатот.
Забелешките на синдикатот не се ограничени само на академските критериуми, туку се изразува длабока загриженост за, како што се наведува, директна политичка интервенција во универзитетите. „Извршната власт ќе има моќ да укинува или затвора универзитети без нивна согласност. Ова не е реформа, туку брутална политичка интервенција во универзитетската автономија“, истакнуваат од Независниот академски синдикат. Во овој контекст, автономијата се смета за една од клучните вредности што се доведуваат во прашање со предложениот закон.
Друга чувствителна точка се однесува на финансирањето и управувањето со ресурсите. Според синдикатот, интервенцијата на државните институции не се ограничува само на академските аспекти, туку се проширува и врз контролата на фондовите. „Државата се обидува да ги стави под контрола и донациите и средствата што универзитетите ги обезбедуваат преку меѓународни проекти“, се наведува во реакцијата, отворајќи дилеми за финансиската независност на високообразовните институции.
Сепак, Министерството за образование и наука ги отфрли овие обвинувања, нагласувајќи дека процесот на изработка на законот бил инклузивен и транспарентен. Според министерството, нацрт-текстот е резултат на широка јавна дебата и вклучува значителен дел од забелешките на академската заедница. „Новите закони се производ на широка јавна дебата и голем дел од забелешките се вградени во конечниот текст“, се наведува во официјалното соопштение.
Министерството исто така истакнува дека се направени конкретни подобрувања во критериумите за академско напредување. „Намален е бројот на трудови потребни за научни звања и базата Scopus е прифатена како релевантна за бодување во општествените науки“, нагласуваат од министерството.
Во оваа поларизирана дебата реагираше и Универзитетот „Мајка Тереза“, кој не го отфрла законот во целост, туку бара одредени подобрувања. Деканот на Правниот факултет, Александар Петковски, посочува дека клучните забелешки се однесуваат на критериумите за напредување и улогата на министерството. „Имаме неколку забелешки кои треба дополнително да се разработат, за конечниот текст да биде прифатлив за сите“, изјави тој.
Петковски изразува посебна загриженост за односот меѓу универзитетите и државните институции. „Министерството има многу инструменти за влијание врз универзитетите, додека универзитетите имаат многу малку кон министерството“, нагласува тој, посочувајќи ги процедурите за вработување и одобрување буџет како примери. Тој предупредува дека со новиот закон овие надлежности може дополнително да се прошират. „Министерката може да поништи акт на универзитет, па дури и да одлучи за негово укинување“, додава Петковски.
Во еден аналитички осврт, поранешниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски смета дека законот создава длабоки нееднаквости во академската заедница. „Повеќе од 50 проценти од редовните професори воопшто не се засегнати од измените, додека најголемиот товар паѓа врз асистентите и младите кадри“, оценува тој.
Според него, преодните одредби создаваат систем со двојни стандарди. „Околу 20–30 проценти од кадарот добива олеснувања, додека на крај останува мала група, асистентит, кои се соочуваат со значително потешки услови за напредување“, додава Илиевски. Овој тренд, според него, може да доведе до демотивација и одлив на млади кадри.
Дополнителна критика се однесува на усогласеноста со европските стандарди. „Барањата како просек на студии или задолжително асистентско искуство не се стандард во земјите на Европската унија“, истакнува тој.
Во една авторска анализа за порталот Civilmedia, Александар Иванов го поставува дебатата во поширок системски контекст. Според него, високото образование се наоѓа „во критична точка, растргнато меѓу амбициозно најавените реформи и длабоките системски проблеми што го еродираат неговиот квалитет и легитимитет“.
Иванов го проблематизира фокусот на реформата врз меѓународните публикации и „импакт факторот“, нарекувајќи го тоа „мит“. „Квалитетот на научната работа бирократски се изедначува само со видливоста во престижни бази како Web of Science и Scopus“, наведува тој. Според него, овој модел создава финансиски товар за истражувачите и продуцира форма на „дигитален колонијализам“, каде академските кариери зависат од приватни глобални платформи.
Тој предупредува дека ваквиот пристап ги маргинализира локално релевантните теми. „Се маргинализираат научни теми од локално значење, додека барањето за ‘светска наука’ во услови без соодветна инфраструктура претставува апсурд“, оценува Иванов. Според него, реформата не смее да биде синоним за одземање права, бидејќи во спротивно „секое право станува привремена административна привилегија, а не правна гаранција“.
Актуелната дебата околу предложениот закон веќе рефлектира поширока дилема за насоката на развој на високото образование: дали реформите треба да се фокусираат на формално заострување на критериумите или на создавање реални услови за научен и академски развој.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика Mобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
