ПОТРЕБНО Е ЈАСНО РАЗДВОЈУВАЊЕ НА НАСТАВНО-НАУЧНИТЕ И НАСТАВНО-УМЕТНИЧКИТЕ КРИТЕРИУМИ

Анализа на високото образование со фокус на предложениот закон на Министерството за образование и наука

Проф. д-р Александар Трајковски

Тенденцијата на секој нов закон воопшто, па така и во Законите за високо образование е да се донесат акти кои ќе бидат подобри и поквалитетни од претходните и веќе постоечките, со што би се придонело во процесот на неговиот развој и унапредување. Најверојатно, и целта на донесувањето на новиот Закон за високо образование којшто изминатиов период беше ставен на увид пред јавноста е во иста насока, но по директното согледување и анализа на неговата содржина, се отвораат повеќе прашања за дискусија.

Заради профилот и дејноста на авторот на оваа анализа, нејзиниот фокус ќе биде насочен на оние членови на предложениот Нацрт-закон кои го третираат уметничкото високо образование, а за кои се смета дека не се најповолни и дека нема да придонесат за негово подобрување.

Најнапред може да се толкува членот 123, став 9 од првата верзија на Нацрт-законот (Втор циклус на академски студии – постдипломски студии), кадешто е предвидено дека Високообразовната установа нема да дозволи одбрана на магистерски труд на кандидат кој пред одбраната на магистерскиот труд нема објавено два научни труда од темата на магистерскиот труд како прв автор. Ваквата одредба не е во согласност со реалноста во областа на уметностите, бидејќи тие (филм, театар, музика, визуелни и применети уметности и сл.) се засноваат на уметничка практика, авторско дело и јавна презентација, а не на класична научноистражувачка продукција. Во значаен број уметнички дисциплини, не постојат соодветни научни списанија, ниту пак е воспоставена традиција на објавување научни трудови како предуслов за стекнување магистерска квалификација. Магистерските студии во уметничките области во најголем дел се организираат како уметнички проект, јавна изведба, изложба, филмско или сценско дело придружено со теоретско образложение. Задолжителното барање за два објавени научни труда како прв автор е несразмерно и неприменливо во уметничките области, може да доведе до фактичка невозможност за одбрана на магистерски труд и не кореспондира со европската пракса во високо уметничко образование.

Позитивно е тоа што по укажаните забелешки, во втората предложена верзија, овој став е сосем избришан, не само за постдипломкските студии од областа на уметностите, туку воопшто за сите.

Ставот 6 од истиот член (123) предвидува дека студиската програма за постдипломски студии од областа на уметностите опфаќа и магистерски труд во пишана форма и јавна изведба/прикажување на уметничко дело или изложба. Заради спецификата на уметничкото образование, најсоодветно би било доколку Законот понуди можност кај постдипломските студии од областа на уметностите да се направи избор и предложениот став да се замени со: „Студиската програма за постдипломски студии од областа на уметностите опфаќа и магистерски труд во пишана форма и/или јавна изведба/прикажување на уметничко дело или изложба“. И покрај укажувањата, втората верзија го задржува овој став, со кој се нарушува принципот на специфичност на уметничкото образование и се воведува униформен научен модел кој не е соодветен за сите области.

Во врска со одредбите од Нацрт-законот за високо образование (членови 162–169), во делот на уметничките области, може да се подвлече една општа забелешка за неприменливоста на научниот модел во уметничките дејности. Имено, предложените одредби за избор и напредување во наставно-научни и наставно-уметнички звања во полето на уметностите, содржани во членовите 162–169, во суштина механички го преземаат моделот на научните дисциплини и го применуваат врз уметничките области, без да се земат предвид нивната суштинска специфичност, традиција и меѓународна практика. Уметничкото творештво, за разлика од научно-истражувачката дејност, се темели на авторско дело, уметничка практика, јавна рецепција, критичка валоризација и институционално признавање, а не на класични научни индикатори.

Исто така, мора да се потенцира фактот за непостоење на доктори на науки (доктори на уметности) во конкретни уметнички дисциплини. Во Р.С. Македонија, но и пошироко – на европско и светско ниво, многу ретки се наставниците со докторска титула од низа суштински уметнички и применети уметнички области, како што се: филмска и ТВ камера, филмска и ТВ монтажа, актерска игра, режија (во практично-уметничка смисла), сценографија, костимографија, сценско движење и сл. Во овие области, највисокото меѓународно признание не се стекнува преку докторски труд, туку преку значајни авторски дела, учество и награди на релевантни меѓународни фестивали, долгорочна професионална практика, влијание врз националната и мешународната културна сцена и тн. Оттука, барањето задеолжително да се поседува научен степен доктор на науки од конкретната област (член 162, ставови 1-3) е објективно неприменливо и води кон исклучување на најрелевантните и најреномирани уемтници од наставниот процес.

Во уметничките дисциплини, нивната уметничка и професионална валоризација се манифестира преку авторски и уметнички дела, а не преку импакт-фактори. Овде, во прв ред е ставена уметничка критика, селекција и јавна презентација. Затоа, критериумите за број на рецензирани научни трудови, објавување во списанија со меѓународен уредувачки одбор, како и научно-истражувачки проекти во класична смисла, се тотално неприменливи за уметничките области и создаваат правна и институционална нефункционалност.

Ваквото нормативно решение создава ризик и може да се отвори опасност од формализам и девалвација на уметничкото образование, бидејќи ќе се воспостави практика наставниот кадар да се бира според формално исполнување на неостварливи критериуми, наместо според реален уметнички квалитет, искуство и меѓународен углед. Тоа, директно ќе го загрози квалитетот на уметничкото високо образование, автономијата на уметничките академии, конкурентноста на македонските уметнички институции во европскиот простор на високо образование.

Во поглед на меѓународната практика и компаративните решенија, може да се забележи дека во најголем број европски земји, изборот во наставно-уметнички звања се врши врз основа на портфолио на авторски дела, јавно прикажани, изведени или реализирани уметнички проекти, позитивни критички осврти, награди и признанија, како и педагошко и менторско искуство, а не исклучиво преку научни публикации или докторски титули. Овој заклучок е донесен врз основа на истражувањето и анализата на повеќе европски модели за избор во наставно-научни звања, како што се оние во Германија, Франција, Италија, Австрија, Холандија, Белгија, Обединето кралство, Словенија, Хрватска и Србија.

Заради сето ова, овој Закон за високо образование ќе има многу поголема успешност доколку се направи јасно раздвојување на наставно-научните и наставно-уметничките критериуми и доколку се воведе посебен режим за уметничките дејности, заснован на уметнички референци наместо научни индекси. Исто така, неговата функционалност ќе биде на повисоко ниво доколку се примени признавање на еквивалентност на врвни уметнички остварувања со научни квалификации, но и доколку на уметничките факултети и академии им се овозможи поголема автономија при дефинирање на критериумите за избор. Најдобро ќе биде доколку критериумот за  задолжителна докторска титула кај уметничките области се замени со магистерска титула, а исто така пожелно е задржување на одребите за избор во насловни звања (насловен доцент) – можност која новиот Нацр-закон не ја предвидува.

Во сегашната форма, дел од предложените одредби од Нацрт-законот за високо образование во делот на уметничките области се структурно несоодветни, методолошки погрешни и практично неприменливи, и доколку останат непроменети, ќе доведат до сериозни последици по уметничкото високо образование.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

to top